свет
Големите шефови околу големите предизвици
Што велат директорите на големите корпорации за ковид ситуацијата, американските избори и економијата

Лидерите на Microsoft, Coca – Cola, American Airlines и други големи американски и меѓународни компании ги споделуваат своите размислувања за тоа како бизнисот се менува за време на пандемијава.
Wall Street Journal направи селекција од изјавите на неколкумина директори на најголемите американски и светски корпорации околу прашања како што се Ковид – 19, па се’ до американските претседателски избори.
Пандемијата

Лиза Су, извршен директор на Advanced Micro Devices (AMD)
„На нашиот клучен бизнис му оди добро. Ако погледнете во некои од сегментите, на пример, пазарот за персонални компјутери е во силен подем сега. Сета оваа ситуација со работата од дома, онлајн настава од дома и сл., се разбира помогна во тоа годинава.“
Мајк Џексон, извршен директор на AutoNation Inc.
„Она што се случува сега е реалокација и давање приоритет на одредени ставки во домашниот буџет на граѓаните. Американците сега го велат и прават следново: ‘Знаете што, сакам да се оттргнам од преголемата густина. Сакам повеќе простор дома. Можеби во иднина ќе работам повеќе од дома одошто сум мислел/а. И патем, ја сакам независноста во одлучувањето кога ќе се движам наоколу и како ќе се движам,и не сум многу возбуден/а околу возењето со јавен превоз повторно.’ Фактот што имаме многу атрактивни каматни стапки е мултиплицирачки ефект на оваа реалокација на семејниот буџет.“
Ре-отворањето на САД

Џејмс Квинси, извршен директор на Coca- Cola
„Напредок се гледа и понатаму, но окружувањето останува динамично, и не е праволиниско закрепнување во целиот свет… Важно е да се запомни дека светот е во ранлива ситуација сега. Гледаме некакви скромни знаци на ре – отворање, но и на стагнација периодов, со тоа што рестрикциите повторно се зголемуваат во некои земји. Има потенцијал за зголемени регионални локдауни, како што навлегуваме во зимската сезона на Северната Хемисфера. Се подготвуваме за повторно намалување на економската активност.“
Брајан Никол, извршен директор на Chipotle Mexican Grill
„Се приближуваме кон перформансите од пред Ковид кризата, иако се’ уште се наоѓаме во Ковид окружување. И, јасно, структурата на нашите продажби е различна, и сега доаѓа се’ повеќе преку дигиталните канали.“
Едвард Бастијан, извршен директор на Delta Airlines
„За да забележиме значаен чекор напред во побарувачката во нашата индустрија, треба патувањата, и туристички и бизнис, да се усовршат, локалните карантини да завршат и меѓународните рестрикции да се укинат. Тоа може да се случи само со нашироко распространети придобивки од страна на медицинската заедница, како и со повторното отворање на компаниите, односно нивниот канцелариски простор, што може да очекуваме да се случи во првата половина од следната година.“
Даг Паркер, извршен директор на American Airlines
„Секако, ќе може да се забележи подобар амбиент одошто денес, независно од тоа што може или не може да се случи поврзано со пандемијата сама по себе, затоа што луѓето стануваат се’ повеќе спокојни во врска со патувањата. А и градовите се отвораат, и бизнисот како, така, се враќа. Па, за шест месеци од сега, мислам дека ќе биде доста подобро.“
Тед Сарандос, ко – извршен директор на Netflix
„Видете, мислам дека она што се случува со желбата на потрошувачите да гледаат филмови дома е всушност раст, и ние сме задоволни. И мислам дека тоа е природна миграција што веќе се случуваше, а пандемијата ја забрза до некое ниво. Но, мислам и дека во некој момент, и кино салите ќе отворат пак и луѓето повторно ќе одат да гледаат филмови. Се надевам.“
Економијата

Џенифер Пипзек, финансиски директор на JPMorgan Chase
„Изминатиов квартал забележавме подем на спојувања и преземања, и објавените суми се враќаат на нивото од пред Ковид, како што компаниите почнуваат да го преместуваат својот фокус од дневни активности кон повеќе стратешко размислување и барање прилики.“
Ленс Фриц, извршен директор на Union Pacific
„Забележително беше закрепнувањето на економијата овој квартал. Прилично брзо се случи скок, па потоа растот беше побавен, малку како тргни – застани темпо.“
Алан Џоуп, извршен директор на Unilever
„Се поместивме од фазата на првична реакција кон фазата живот со Ковид 19.
Но окружувањето во коешто работиме останува крајно непредвидливо, и ние веруваме дека економски пад е неизбежен. Сметаме дека да се планира брзо макроекономско закрепнување е премногу оптимистички, и не очекуваме да сведочиме на забрзан раст во блиска иднина.“
Хозе Сил, извршен директор на Restaurant Brands International
„Нашите гости се уште се соочени со голема несигурност околу развојот на пандемијата и соодветните мерки на одговор, како и за импликациите по економијата и евентуалниот пакет стимулативни мерки.“
Подемот на дигиталната ера

Сатја Надела, извршен директор на Microsoft
„Генерално, она што го сфативме изминативе девет месеци е дека најдобриот начин за секој бизнис да создаде отпорност, како и добро да „плива“ и се трансформира, и да работи во услови на разни ограничувања што пандемијата ги наметна – е дигиталната технологија. Па така, било дали е инфраструктура, дали се податоци или софтвер како услуга, стапката на прифаќање на овие категории постојано расте.“
Марк Шнајдер, извршен директор на Nestle
„Доаѓа ера кога дигиталното ќе владее кај храната и пијалоците.“
Синџирите на снабдување

Лиза Су, извршен директор на Advanced Micro Devices (AMD)
„Второто полугодие за нас навистина беше многу силен период, и резултатите беа подобри одошто планиравме. Ние соработувавме тесно со нашите дистрибутери за да ја подобриме состојбата со нарачките. Но, морам да кажам, дека и покрај тоа, побарувачката се’ уште ја надминува понуда во извесни сегменти. Работиме тоа да се подобри, но остануваат области каде што би сакале понудата да биде подобра.“
Сатја Надела, извршен директор на Microsoft
„На страната на понудата, завршивме добра работа. На почетокот се соочивме со огромен раст на побарувачката што не’ натера да се потрудиме околу синџирот на снабдување. Сега сме многу задоволни околу тоа како функционира понудата со цел да ја поддржи побарувачката.
Алан Џоуп, извршен директор на Unilever
„Има една налудничава заложба дека давањето национален карактер на вашиот синџир на снабдување креира поголема отпорност на бизнисот. Не е точно. Треба да имате глобално поврзан синџир на снабдување со повеќе точки на бекап.“
Политиката

Кејти Ворден, извршен директор на Northrop Grumman Corp.
„Очекуваме и понатаму силна, и од двете партии поддршка за националната безбедност, како што се навестува веќе и со планот за 740 милијарди долари во буџетот за 2021. Ние се спремаме за различни буџетски сценарија, но трошоците за одбрана се во голема мера придвижувани од степенот на закана. А, денес заканувачкото окружување бара силна одбранбена способност. Се интензивира зголемувањето на опасностите и ние веруваме дека и двете политички партии се посветени кон ефективна процена на овие опасности.“
Ленс Фриц, извршен директор на Union Pacific Corp.
„Она на што сметаме, без оглед кој е во администрацијата, без оглед кој го контролира Конгресот, е избраните политичари да се фокусираат на слободна, фер и отворена трговија. Сакаме да бидат фокусирани на помагање на индустријата да расте и да се развива во САД. Тоа значи солидна инфраструктура и добра даночна политика.“
Гери Кели, извршен директор на Southwest Airlines
„Свесни сме за тоа какви се погледите на актуелнава администрација околу воведувањето карантини. Она што не знаеме е, доколку добиеме нова администрација, што тие ќе бараат? Едноставно не знаеме. А тоа ќе биде многу важно и секако ќе влијае врз закрепнувањето на авиопревозот, доколку воведете карантин, тогаш ништо од шансите да се спаси нешто.
Дејвид Дено, извршен директор на Bloomin’ Brands
(Околу предлогот на претседателскиот кандидат Џо Бајден за зголемување на минималната саатница на 15 долари) „Не знаеме политиките во кој правец ќе одат… Ќе бидеме спремни што и да се случи. Голем дел од нашите вработени заработуваат над 15 долари на час. Така што, ние ќе бидеме спремни, и ќе продолжиме понатаму.“