lifestyle
Голем број компаниски шефови се уште имаат испран мозок
Марк Бениоф, основач и директор на Salesforce
објавено
на
автор:
Редакција Капитал
Првиот човек на американскиот софтверски гигант Salesforce се залага за нова, попрогресивна форма на капитализмот.
Марк Бениоф е препознатлив по блескавите облакодери што ги одбира за седишта на својата компанија, контроверзните говори што ги дава во Давос и екстравагантните корпоративни конференции. Но, за време на локдаунот поради пандемијата, ноќите ги поминува на ист начин како и милиони други на планетава: забави со пијачки преку Zoom.
„Имав некои приватни коктел ноќи со дел од моите клиенти, да поразговараме, како им оди и сл.“, му кажал Бениоф на лондонски Telegraph деновиве.

Бениоф, милијардер, основач и главен извршен директор на американскиот софтверски гигант Salesforce, ретко ги избегнува рефлекторите на јавноста. Но, коронавирусот годинава ја откажа неговата фамозна годишна собиранка наречена Dreamforce, којашто ја одржува во Сан Фанциско, каде што е и седиштето на Salesforce, а минатата година гости беа и Барак Обама, бендот Флитвуд Мек, како и 30 будистички свештеници.
Наместо тоа, тој сега организира онлајн муабети со ликови како тапанарот на Металика, Ларс Улрих, на пример, а знае и да им се јави на телефон на колеги големи директори и политичари, за да издејствува заштитна опрема за здравствените работници, вредна милиони долари, произведена во Кина.
Бениоф, којшто има контакт и со духовни водачи, како и со светски лидери, и има поставено т.н. „mindfulness zones“ (посебни катчиња каде што вработените можат да ги остават за момент своите телефони и лаптопи и да си ги средат мислите, да медитираат и сл., н.з.) на секој кат од канцеларискиот простор на Salesforce, себеси се претставува како поинаков тип на директор, фокусиран на филантропија и заштита на животната средина, исто колку и на повратот на средствата за акционерите.
Според него, актуелнава криза пружа шанса да се воведе во пракса подобар модел на капитализмот. “Мислам дека ова е можност за бизнисите да го извадат најдоброто од себе“, вели тој.
„Отсега ќе биде природно за нас во Salesforce да ги правиме нештата како што ги правевме откако почна кризата.“
Милијардер што не го мирисаат другите милијардери

Педесет и пет годишниот Бениоф ја основаше Salesforce во 1999 година, откако забележа вртоглав скок во хиерархијата на Oracle, уште еден софтверски гигант, но едноставно кариерата го „прегоре“ човекот.
Вели дека неговата трансформација се случила додека бил на одмор во Индија, да се лекува малку од стресот, и откако се запознал со хиндуистички духовен лидер, којшто му го покажал патот кон алтруизмот. Тоа е позицијата, како што смета Бениоф, кон која ќе се стреми и целиот корпоративен свет отсега па натаму.
Минатата година, на „бизнис тркалезната маса“, група на американски топ менаџери, Бениоф рекол дека компаниите мора да сторат повеќе одошто само креирање вредност за акционерите.
Периодов за време на пандемијата се слушаат стории за разни видови на погрешно однесување на корпорациите, а Бениоф смета дека можеби ќе треба смена на генерациите за да овој модел на „акционерски капитализам“ да стане минато.
„Голем број компаниски шефови се’ уште имаат прилично испран мозок мислејќи дека работата на еден бизнис е само бизнисот. Така ги научил Милтон Фридман, така се однесуваат и тоа е се’ што знаат да прават“, вели тој. „И за таквите директори, веројатно е дека никогаш нема да се променат; едноставно, ќе треба да почекаме да дојде нова генерација.“
Бениоф, за волја на вистината, ретко бил во ситуација да избира помеѓу потребите на акционерите и останатите интереси. Акциите на Salesforce се пораснати со вредноста за 45 пати откако компанијата излезе на берза во 2004 година, и сега нејзината пазарна капитализација е 160 милијарди долари. Уделот на Бениоф од 3,3%, како и уделите што ги има во меѓувреме во други бизниси, му носат богатство проценето на околу 7 милијарди долари.
Главната услуга на Salesforce е позната како софтвер за customer relationship management (CRM) – што им помага на компаниите да ги менаџираат информациите за нивните потрошувачи, како и комуникацијата со нив.
Огромна индустрија, CRM не беше нешто ново кога Бениоф ја основаше својата компанија, но иновативна беше неговата идеја софтверот да се користи онлајн и да се наплаќа месечен надомест за тоа.
Па така, Salesforce е пионер во тоа што се нарекува cloud services, што во меѓувреме прерасна во огромен бизнис – ќе ги споменеме само Netflix со својот видео стриминг сервис и Amazon со својата огромна Web Services дивизија, како примери.
Но, иако и самиот е милијардер, Бениоф не бил секогаш баш омилен кај останатите милијардери на светов. Во својот говор на Светскиот економски форум во Давос во 2018 година, тој ги обвини светските технолошки гиганти како Google и Facebook дека “абдицирале од одговорноста“, и побара поголема регулација на нивните бизниси, споредувајќи ги социјалните мрежи со цигарите. Вели дека овие ставови му донеле многу непријатели, но и дека скандалите како оној со Cambridge Analytica само покажале дека е бил во право.
„Се случуваше луѓе да врескаат по мене на различни настани и сл. Но, сега нештата се сменија, на луѓето им стана појасно за што тука се работи.“
А, дали тој лично се слуша со Марк Закербергер, на пример? „Сум имал многу разговори со многумина од директорите на социјалните мрежи“, вели бениоф.

Корона – кризата отвори големи можности за Salesforce
Како и да е, Бениоф признава дека социјалните мрежи добро се борат против лажните вести периодов за време на пандемијата. „Реагираат многу побрзо одошто во минатото, кога се работеше за политички информации, или информации во контекст на оружје и сл. Сега е моментот кога сметам дека сите сфаќаат колку е битна вистината и довербата.“

Како што коронавирусот ги натера канцелариските работници да седат дома и оттаму да работат, а бизнисите се борат да ги одржат релациите со своите потрошувачи, така расте и потребата за решенијата на Salesforce.
„Ова е огромна можност за нас“, вели Бениоф. Минатата недела компанијата промовираше нов софтвер дизајниран со цел да им помогне на луѓето да се вратат на своите работни места.
Софтверот овозможува персоналот во канцелариите, фабриките и продавниците ќе може да резервира место во лифт и да направи распоред на паузите за ручек со цел да се запази социјалното дистанцирање, а ќе може и да се пополнува прашалник секој ден со цел да се потврди дека вработениот нема симптоми на вирусот. Бениоф се надева дека неговите вработени ќе може да се вратат во своите канцеларии следниве 30 дена. Проверка на телесната температура и правење распоред на смените ќе биде нормално во зградата на Salesforce во Сан Франциско, како и во седиштето во Лондон, коешто се наоѓа во Heron Tower, највисоката зграда во Лондон.
Високите кули се дел од заштитниот знак на Бениоф, резултат од долгогодишната љубов кон облакодерите, наследство уште од времето кога неговиот дедо работел во зградата од 11 ката De Young, највисоката зграда на западниот брег на САД во 19 век.
Меѓутоа, тој имаше и проблеми во 2014 година, кога Градот Лондон не дозволи да се оствари намерата на Бениоф да ја преименува зградата каде што е компаниското седиште во Salesforce Tower, откако останатите корисници на канцеларискиот простор се побунија.
Претставниците на Salesforce го нарекоа тој потег на лондонската администрација „снобовски“, но Бениоф ја смирува топката.
„Мислам дека нашите намери во тој момент не беа добро разбрани. Ние не сакавме да ставиме некаков блескав знак на зградата и сл., туку да ја користиме повеќе како наша адреса и намера да се шириме во Европа оттаму. Мислам дека беше само недоразбирање.“
„Немам намера да се вклучам во политика“

Како и да е, Бениоф минатата година ги засили своите операции во Британија, ангажирајќи го поранешниот шеф на British Telecom Гевин Патерсон да биде претседател на управниот одбор за Европа, Блиски Исток и Африка, а поранешниот директор на Virgin Money, Дејм Џејн – Ен Гадиа за шеф на операциите во Британија.
Директорувањето на Гадиа траеше кратко, помалку од шест месеци, затоа што таа кажа дека сака да се фокусира на нејзиниот стартап во финтек секторот, па Патерсон сега ја има позицијата на директор за меѓународни операции, што значи од два дена ангажман неделно премина на пет.
„Бев прилично разочаран поради заминувањето на Дејм Џејн – Ен. Сепак, имавме среќа што нашата релација со Гевин е толку добра и што тој се согласи да преземе поголема одговорност.“
Пред две години, Бениоф ја подели својата извршна функција со главниот оперативен директор Кит Блок, што некои го протолкуваа како знак дека можеби сака да истапи од раководната функција во компанијата. Еден месец подоцна, Бениоф само ги подгреа гласините кога тој и жена му Лин платија 190 милиони долари за да го купат Time магазинот, со што се придружија на листата милијардери од технолошкиот бизнис што преземаат медиуми, којашто ја започна Џеф Безос од Amazon кој што го купи Washington Post пред неколку години.
Бениоф исто така почна да лобира за покачување на корпоративните даноци во Сан Фанциско со цел да им се помогне на бездомните лица, што повторно го направи неомилен во технолошкиот бизнис сектор.
Но, и покрај неговата идеалистичка реторика, тој вели дека не планира да се впушта во политички води.
Некогаш републиканец, за последните избори собираше пари за кампањата на Хилари Клинтон, а сега седи во бизнис советот на Доналд Трамп задолжен за борба против коронавирусот, Бениоф тврди дека нема да се вклучи активно во политика, затоа што новата улога на сопственик на Time бара од него да биде неутрален.
Во февруари годинава, Блок истапи од ко-директорската функција, ставајќи крај на дуалната извршна структура во Salesforce, и враќајќи го Бениоф повторно на кормилото со целосна команда – иако многумина сметаа дека таа команда тој никогаш и не ја предал.
„Многу сум посветен на водењето на Salesforce. Тука е моето место и тоа е она што уживам да го правам секој божји ден“, вели тој.
Прочитај Уште...



A1 со нова понуда: 30 GB мобилен интернет за нов постпејд договор

Годината почнала со поголем извоз за 15,4% и увоз за 5,3%

„Џонсон Мети“ во Македонија доби нов директор

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

Приходите на хотелските компании и до 90% помали во 2020

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

Стравот од инфлација им пресуди на акциите

Македонската економија на среден и долг рок (6)

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

Стојче Тасков: Нашата мисија е да обезбедиме брзо и ефикасно управување со документи и информации

Ѓорги Самарџиев: Создадовме иновативно решение за многу поедноставна конструкција на кровни градини

Џулијан Васало: Одблизу ја следиме борбата со корупцијата и криминалот: Бараме опипливи резултати!

Позајмени 700 милиони евра по најниска камата досега

Се менува регулативата: полесен пристап до државна помош за нови инвестиции

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

Излегоа финансиските биланси: хотелските компании со приходи помали и за 90% лани

Стив Кејс: Упорноста не е гаранција дека ќе успеете во нешто, но без неа, сигурно нема да успеете.

Не поставуваат прашања само оние што интервјуираат. Еве што можете и вие да го прашате вашиот потенцијален работодавец
