интервју
Горан Бабушку: Технологијата не ги прави паметните градови, туку луѓето
Горан Бабушку, одговорен за развојот на концептот на паметен град во Стонингтон, Мелбурн, Австралија

„Крајната цел на паметните градови не е повеќе технологија, туку повеќе можности за благосостојба на луѓето. Кога овој процес е мотивиран од профит, технологијата го зголемува егзистенцијалниот ризик. Кога со технологијата управуваат луѓето, таа му служи на општеството и може да овозможи поголема придобивка за сите.“
Тој е електроинженер по вокација, доста време работел во ИТ секторот во Македонија и во Австралија, каде што се преселил пред повеќе од 20 години, но последниве неколку години е преокупиран со концептот на паметни градови или „smart cities”. „Сфатив дека со овој концепт којшто се базира на ‘интернет на нештата (IoT – Internet of Things)’ може да помогнете на многу поголем број луѓе да ги искористат придобивките од дигитализацијата“, вели Бабушку кого што го „уловивме“ за време на неговиот кус престој во Скопје деновиве. Не случајно предложив разговорот да го направиме на една од “паметните клупи“ во центарот на Скопје поставена пред година или две од градската администрација, за да го доловиме симболично контекстот на нашиот разговор. Се разбира, “паметен град“ е многу повеќе од клупа на која може да си го наполните телефонот или да добиете безжичен интернет, за што подетално ни објаснува самиот Бабушку во ова интервју.
Г-дин Бабушку, Ве молам претставете ја за читателите на Капитал вашата позиција во моментов во градската администрација на Мелбурн и професионалниот бекграунд што водеше кон интересот за концептот на паметни градови?
Јас сум Горан Бабушку, вработен во општина Стонингтон во Мелбурн како Smart City Delivery Lead (одговорен за развој на концептот паметен град). Во електрониката и телекомуникации се вљубив уште за време на основното училиште како член на Народна Техника. Средното училиште „Орце Николов„ и Електротехничкиот факултет ги завршив поради интересот за применетата електроника. Во меѓувреме се појавија компјутерите кои заедно со компјутерските мрежи сакав да ги искористам за поврзување на луѓе и објекти. Како вработен во ИТ индустријата во Мелбурн Австралија, IoT (Internet of Things) секогаш ми беше од интерес како додатна мрежа која поврзува електронски уреди и сензори. Сега научив дека IoT е далеку повеќе од само технологија, тоа е само дел од концептот на smart city, паметен град.
Во оваа позиција на Smart City Delivery Lead почнав во 2020. Од тогаш применивме неколку тест технологии, како на пример далечинска контрола на јавно осветлување, паметни клупи (smart benches) и сензори за мерење на број на пешаци, велосипедисти, скејтери и возила во фреквентни јавни места на активности и подземни сензори за места за паркирање. Сега се работи на проширување на овие пилот проекти на други места.
Мојата задача е за почеток да им помогнам на моите колеги за сите прашања поврзани со технологијата, унифицирање и централизирање на софтверот и хардверот за полесно управување со јавните средства. Моите колеги се експерти во одржување на паркови и зеленило, управување со паркинзи, конзервирање на вода, процесирање на сметот но понекогаш не се експерти и во примената на различни нови технологии кои моментално ги имаме на располагање. Затоа тука се луѓето како мене да им помогнеме за тие да бидат уште поефективни во нивната работа, со примена на модерни технологии и нови начини на работа.
Истовремено моја задача е заедно со тимовите во општината да стапиме и активно да бидеме во постојан контакт со различните локални заедници (пешаци, велосипедисти, трговски здруженија, економски загрозени семејства, млади, стари и др.) за да можеме да ги разбереме нивните проблеми и потреби.
Концептот на паметен град, не се заснова на натпревар туку на соработка меѓу општините, градовите и индустријата. Заедно со претставници од 5 други општини јас активно работев на формирање на група со кои заеднички ќе работиме на решавање на проблемите на граѓаните, соработка со јавните претпријатија како водовод и електродистрибуција и друго.
Ова е work in progress, концептот на паметни градови постојано и брзо еволуира. Можно е До крајот на ова интервју некаде во светот да дизајнираат некој уред или апликација која утре ќе стане mainstream, така да концептот на паметни градови е генерациски пренослив и постојано надградлив.

Што всушност значи „паметен град“ (и во рамки на тоа терминот „дигитална инклузија“ или „дигитална еднаквост“ како што се среќава) и дали во моментов во светот веќе има градови што функционираат со имплементиран поголем дел од потребните елементи за да бидат вистински “smart cities”?
Концептот на паметни градови се популаризира од пред 10-ина години но како што спомнав тоа е концепт кој еволуира истовремено меѓу сегашните и новите генерации.
Дефиниции за smart cities има неколку, сублимирано – smart city е место каде технологијата, податоците (big data) и иновациите се спојуваат со цел да се подобри животот на локалните заедници преку подобрување на локалните економии, одржливиот живот (sustainability), безбедност и resilience (отпорност и флексибилност).
Би започнал со дигиталната еманципација или еднаквост како што Вие ја нарекувате (‘Digital empowerment’) значи да се има знаење и вештина да се владее интернетот, паметните уреди и другата дигитална технологија, која во служба на луѓето им овозможува на сите да просперираат во дигиталниот свет на cyber безбеден начин.
Дигиталната еманципација е клучно прашање за заедниците и луѓето кои одлучуваат за политиките за развој на глобално ниво, како последица или резултат на растечкото влијание на технологијата во општеството. Заради ова влијание, често се појавува предрасуда дека дигиталната инфраструктура, уредите, софтверот и податоците се единствените и најосновните единици за изградба на дигитално оспособено општество.
Напротив, искуството јасно покажува дека ЛУЃЕТО треба да бидат во центарот на дигиталниот и технолошкиот развој.
Во екот на дигиталната револуција, честопати концептот на дигиталната еманципација на заедниците е потценет. Пандемијата ова ни го покажа на многу брутален начин. Кога затворањето започна со полициските часови и во скоро цел свет луѓето беа принудени да живеат и да работат од дома, децата се префрлија на онлајн настава. Тука се покажа јазот помеѓу оние кои ја имаат технологијата и оние кои ја немаат, помеѓу оние кои знаат да ја користат и оние кои не знаат, и се покажаа заедници на луѓе кои немаат еднаквост со другите по ова прашање. И тука ќе се надоврзам на изјавата на извршниот директор за технолошки развој во канцеларијата во Њујорк, САД: „Ние признаваме дека дигиталната сиромаштија е сиромаштија. Точка.“
Дигиталната инклузија е процес со кој треба заедниците кои немаат лесен и едноставен пристап на модерните технологии да се внесат во дигиталната ера. Владите во целиот свет имаат обврска да им служат на сите членови на сите заедници, каде дигиталната инклузија е клучен процес во дигиталната еманципација, вклучувајќи ги ранливите категории на луѓе без разлика на нивната возраст.
Притоа мора да напомнам дека концептот на паметни градови е над политиката на локалните политички партии. Сите политички партии мора во целост да се заземат и пружат безрезервна поддршка на концептот на создавање паметни заедници, а администрацијата надпартиски континуирано да го обезбедува подобрувањето на животните услови на граѓаните.
Колку е Мелбурн (или делот од градот во чијашто администрација сте ангажиран) во моментов „смарт“? Кои се работите што веќе се постигнати, а што допрва треба да се направи?
Она што претходно го разграничивме, е дека еден паметен град го прави паметен е спојувањето, централизирањето и максималното искористување на технологиите за решавање на проблемите и потребите на граѓаните. City of Stonnington каде сум вработен е, преведено на македонски, општина во поширокиот Мелбурн . Како што реков во соработка со внатрешните тимови пробуваме со имплементација на неколку технологии и работиме на нивно проширување.
Други општини со кои активно соработуваме како на пример City of Casey се понапредни во имплементација на решенија за проблеми на граѓаните, така да во октомври 2021 тие го лансираа првиот план за дигиталната праведност наречен Digital Equity Framework во кој еден од приоритетите е унапредување на дигиталната еманципација во општината.
Овој план развиен во соработка со жителите на Casey, бизнисите и заедниците во Јуни 2021 ги постави насоките и активностите да се овозможат дигитални ресурси и инфраструктура за да се подобри пристапот до интернетот, самодовербата во неговото користење и подобрување на дигиталната писменост на жителите во општината.
Почетните активности во оваа сфера во Мелбурн, Стонингтон, Кејси и други општини вклучуваа зголемување на јавниот пристап до интернет, јавни бесплатни хот-спот точки вклучувајќи и соларни станици за полнење на телефони и електронски уреди.
Мелбурн и Кејси одат малку понатаму па податоците кои не вклучуваат лични информации (на пр. квалитет на воздух, број на пешаци и возила и сл.) јавно се споделуваат Овој план ги води и локалните власти и жителите како да ги користат податоците кои технологијата ги овозможува и да ги применат во градење на една поврзана, одржлива, инклузивна и иновативна општина. Многу од иновативните идеи се тестираа и почнаа да се применуваат, така да, би рекол дека да, Мелбурн е паметен град а соработката меѓу општините само ќе го забрза тој процес
Дали планирате понатаму да ги понудите искуствата од Мелбурн и на други градови во Австралија и пошироко?
Тоа се подразбира. Веќе кажав, процесите кои еден паметен град го прават паметен, не се натпревар туку соработка, базирана на размена на искуства, и добри и лоши, комуникација со сите граѓани и сите сектори кои се дел од една општина.
Запознаен ли сте со проектот “Скопје паметен град“, развиван од градската администрација и Телеком минатата година? Имаше доста коментари од граѓани проткаени со своевиден цинизам (во стилот на пр., дека ние ќе се удавиме во локви вода после дожд, или во ѓубре и сл., а ваму пропагираме некаков си “паметен град“)… Дали “паметните градови“ треба да се луксуз за развиените држави или тоа е голема заблуда?
Со проектот ‘Скопје паметен град’ не сум детално запознаен а би сакал, но некои елементи на паметен град ги забележувам низ Скопје, и не мислам дека е тоа луксуз за развиените држави или заблуда, тоа е иднината, тоа е функцијата на паметниот град: да се овозможи собирање на податоци кои понатаму ќе придонесат во решавањето на проблемите, да се понудат услови за создавање на чист, одржлив и град отпорен на климатските предизвици. Град со далечински контролирано јавно осветлување, град во кој пешаците, велосипедистите, скутери, луѓето со тешкотии со движење (disabilities) ќе имаат предност над возилата, каде сообраќајот се одвива непречено со паметни раскрсници град каде дрвјата ќе ја намалат урбаната жештина.
Примери за успешни паметни градови има низ цел свет како Барселона, Копенхаген, Базел, Филаделфија, Сеул, Сингапур, Лондон па и Мелбурн. Секој од нив има своја приказна базирана на проблемите со кои локалните населенија се соочуваат, и приказната за Скопје ќе биде индивидуална, а истото ќе важи и за другите градови во Македонија. Затоа треба соработка, технологијата ни ги дава сите потребни алатки, на нас е да ги употребиме. Оваа соработка во Македонија ја гледам на пример помеѓу локалните стартап компании како ДатаМајорис и други софтверски фирми со универзитетите и големите компании за развој на локални продукти, помеѓу организации како Донирај Компјутер и донаторите администрацијата, спонзорите и заедниците се’ со цел долгорочно унапредување на условите на граѓаните. Сработеното треба активно да се промовира и споделува со цел граѓаните да се запознаени со напредокот на нивните општини.

Од „Донирај компјутер“ се изненадени и воодушевени од сознанието, односно вашето укажување кон нив дека всушност нивната платформа е клучен дел на еден „паметен град“, односно дигиталната инклузија. Објаснете ни малку повеќе околу улогата на ДК во овие концепти и процеси?
Донирај компјутер ми привлече внимание со нивните активности, и во март 2022 споделив нивен пост на LinkedIN како еден позитивен пример за дигитална инклузија од толку мала земја како Македонија. Така стапивме во контакт, тие ми пишаа и се интересираа за процесот на дигитална инклузија, и така дојдовме до тука. Ми беше мило да споделам со моите колеги на работа како група волонтери во Македонија прават дигитална инклузија и ја имаат комуникацијата со локалните заедници и волонтерите (community engagement), со донаторите и партнерите (stakeholders engagement) и со медиумите (public relations). На пример во Австралија, и покрај тоа што е високо развиена земја, понекогаш имаме предизвици како лесно да пристапиме до локалните заедници и да го слушнеме нивниот глас, да се запознаеме со нивните потреби, проблеми за да им помогнеме во подигањето на нивниот стандард на живот и благосостојба.
Мораме сите да разбереме дека во момент на драстичен развој на технологиите многу е важно на сите граѓани да им биде овозможен пристап до модерните технологии. Неодамна Обединетите Нации се заложија за одржлив развој на заедниците вклучувајќи го пристапот кон модерните технологии, а активностите на Донирај компјутер се основен елемент во тој мозаик на дигитална инклузија. Тие веќе ја имаат поддршката од народот и дел од индустријата, имаат стратешки партнерства со неколку компании, едукативни институции, и тоа успешно го имплементираат во своите активности – преку 1700 семејства на кои им е дониран компјутер не е занемарлива цифра.
Овие активности не само дека треба да се пофалат туку активно да се поддржат и од властите, и остатокот од индустријата.
Како треба понатаму да се развива ДК и од кого се’ треба според Вас, да добие поддршка за да го зголеми уште повеќе својот придонес кон дигиталната инклузија и развојот на „паметните градови“?
Гледајте го ова вака: на загрозените семејства може им е потребен компјутер, но исто така им е потребен и поволен пристап на интернет и/или обука за безбедно пристапување на интернет.
Донирај Компјутер успеваат да обезбедат уреди, но за да се заокружи концептот на дигитална инклузија потребно е да се обезбедат и бесплатен или поволен интернет, на пример преку спонзорства од телекомуникациски компании или преку градење на бесплатни безжични мрежи од властите и индустријата. Истовремено во партнерство со соодветните владини агенции ДК може и да понуди обука за безбедно користење на интернетот, компјутерска писменост, олеснување на живеењето преку користење на онлајн услуги за граѓани од сите возрасти, а да не зборуваме за дигиталната едукација на децата,. Со тоа ДК би имале капацитет потполно да им помогнат на социјално загрозените семејства да станат дел од модерните продуктивни заедници.
Тука е важно да се спомне дека ДК со нивната идеа активно придонесуваат и за продолжување на животниот век на навидум застарената технологија со што се намалува електронскиот отпад што е во основа циркуларна економија (Circular Economy).
Запознавајќи ги Борче и Рената, ние почнавме некој трансфер на знаење кој јас им го ставив на располагање, и слушајќи ги нивните идеи и планови, заедно со моменталните активности, сигурен сум дека ДК има иднина и е битен дел од концептот на создавање паметни заедници. Од активностите на Донирај компјутер буквално сите имаат корист и сметам дека и локалната и централната власт треба да ги вклучат во креирањето на политиките за дигитална еманципација како битен процес од концептот на паметни градови.