интервју
Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични решенија по системот “клуч на рака“
Горан Паунов, сопственик и директор на Квазар и Пиксел, компании за фотоволтаични системи
Фото: Богдан Глишиќ

„Со оглед на тоа што само минатата година се изградија околу 160 мегавати капацитет од фотоволтаици, Еол Квазар како компанија којашто ги има изведено работите по систем ‘клуч на рака’, изгради повеќе од 45 мегавати, значи речиси 30% од пазарот во Македонија го држиме ние како компанија. Ова зборувам само за сегментот фотонапонски централи. Тоа уште повеќе не’ зацврсти на лидерската позиција, колку и да звучи нескромно. Многу компании сакаат да се пофалат кој колку направил, дури кажуваат и за тоа што не го направиле дека е нивни проект, но пред фактите и боговите молчат, зар не?“
На периферијата на Скопје, во кругот на некогашните погони на МЗТ, сместени се компаниите на Горан Паунов, КМГ Еол Квазар и Пиксел. Првата специјализирана веќе 17 години за трговија со фотоволтаични панели и нивна инсталација по системот „клуч на рака“, а Пиксел е своевиден логичен след, односно заокружување на процесот, каде што фотоволтаиците всушност се произведуваат, односно склопуваат.
Пиксел особено стана актуелна поради поврзаноста со актуелниот премиер Димитар Ковачевски, којшто е всушност нејзин ко-основач и бизнис партнер на Паунов со кого делат долгогодишно пријателство и кумска врска, но по преземањето на неговите политички функции, тој е излезен сосема од сопственоста. Во јавноста доста бучно беше коментирано околу евентуалното профитирање на Пиксел поради овие околности, но нашиот соговорник во ова интервју Паунов, категорично демантира и вели дека, напротив, условно повеќе штета има компанијата поради таа претходна сопственичка поврзаност, одошто некаков бенефит.
„Јас свесно одбегнувам аплицирање за проекти каде што има целосно или делумно финансирање од државата, иако моите компании би ги исполниле сите услови на тендерот и веројатно би биле најдобар избор, токму поради евентуалните подоцнежни обвинувања и сомнежи дека нешто е наместено. Бизнисот и на Квазар и на Пиксел оди одлично и без тие зделки, така што дополнителни главоболки не ми се потребни“, вели Паунов.
Со него разговаравме околу моменталната позиција на пазарот на неговите компании, од коишто „помладата“ е единствен производител на фотоволтаични панели во Македонија и пошироко, неговиот поглед на потенцијалите на фотоволтаиците и предизвиците во енергетиката, како и визијата за идниот развој на Квазар и Пиксел.
Г-дин Паунов, објаснете ни малку подетално со што точно се занимаваат вашите компании?
Сопственик и управител сум на две компании, КМГ Еол Квазар, за увоз, трговија и инсталација на фотоволтаични панели, како и на Пиксел, компанија што се занимава со производство, односно, склопување на фотоволтаични панели. Со оваа втората, ние сме единствени производители на фотоволтаични панели во земјава, а според нашите сознанија, следната ваква фабрика во регионот е на 1.200 км оддалеченост од Скопје.
Еол Квазар ја формирав во 2006 година, и да не беше таа, немаше да биде ни Пиксел, која што ја формиравме заедно со мојот партнер, актуелниот премиер Димитар Ковачевски пред пет години, но тој откако ја презеде политичката функција, прво заменик министер за финансии, излезе од сопственоста.
Пиксел ја формиравме, затоа што сметавме дека после повеќегодишно искуство што го имав јас со трговијата, односно инсталацијата на фотоволтаични решенија во Македонија, созреан е моментот да почнеме да ги склопуваме фотоволтаичните панели кај нас. Технологијата не е измислување топла вода, позната е во светот, секако дека ништо револуционерно не сме пронашле, но е нешто што е тренд, практично најново во оваа област и по ништо не заостануваме од останатите производители во светот. Во моментот се’ што произведува Пиксел не заостанува по квалитет и по перформанси, имаме добиено сертификати за сите продукти и тие се по најновите техничко – технолошки стандарди.
Каков беше развојниот пат на ЕОЛ Квазар и Пиксел досега?
Во 2006-07 година, бевме само тројца вработени, како претставништво на украинската фирма Квазар, се бавевме со увоз и инсталација на помали соларни системи. Се сеќавате, тогаш интересот за фотоволтаиците не беше како што е денес, и ние се обидувавме да ја информираме јавноста за тоа што ќе биде иднината на енергетиката, односно обновливите извори. Па, предизвикувавме внимание во јавноста со инсталација на првите семафори што се напојуваат на сончева енергија, соларно осветлување, или пак помали системи за складирање и потрошувачка на електрична енергија добиена од сонце што ги инсталиравме на станбени згради, чиишто инвеститори тогаш беа пионери во практикувањето на енергетската ефикасност, односно обновливите извори на енергија во земјава.
Иако нашите почетоци беа скромни, ние сепак ѝ укажавме на јавноста дека обновливите извори се иднината, и дека Македонија со својот голем број на сончеви денови во годината, и тоа како е погодно тло за инсталирање на фотоволтаични системи и добивање електрична енергија од сонцето.
Енергетската криза која почна некаде пред две години, а чии што последици се’ уште се чувствуваат и ден денес, најдобро покажа колку се потребни обновливите извори на енергија. Затоа што колку и да е се’ уште релативно скромно учеството, на пример на фотоволтаиците, во вкупниот енергетски биланс на државата, нивното значење од ден на ден станува се’ поголемо и токму за време на кризата се изведоа големи проекти на фотоволтаични централи за добивање на струја.
Компанијата Квазар во моментов има околу 65 вработени, Пиксел 35, значи стотина луѓе вкупно. Имаме реална потреба да ја зголемиме бројката на вработени наредниот период, имаме проекти за блиска иднина и мислам дека и оваа и следната година сме со исполнет капацитет. И според завршните сметки, и по биланси, добивка, ликвидност, сме сосема во ред. Особено Еол Квазар е добро етаблирана на македонскиот пазар, особено во делот на проектирање и изведба на фотоволтаични системи.

Енергетската криза која почна некаде пред две години, а чии што последици се’ уште се чувствуваат и ден денес, најдобро покажа колку се потребни обновливите извори на енергија. Затоа што колку и да е се’ уште релативно скромно учеството, на пример на фотоволтаиците, во вкупниот енергетски биланс на државата, нивното значење од ден на ден станува се’ поголемо и токму за време на кризата се изведоа големи проекти на фотоволтаични централи за добивање на струја.
Работите што би се рекло по системот „клуч на рака“?
Да, на пример, вие сте компанија сакате да поставите фотоволтаичен систем за ваши потреби за струја, доаѓате кај нас во Квазар, потпишуваме договор за проектирање и изведба и ние ве водиме низ целиот процес – од проектирање, набавка на материјали, инсталација, па се’ до крајот, сме ваш консултант за добивање сите потребни одобренија и лиценци, за тој систем на крај биде ставен во функција според сите законски прописи и енергетски регулативи.
Да појасниме за читателите, дека во бизнисот со фотоволтаици има два сегменти: инсталирани панели за сопствени потреби на компании и домаќинства, и т.н. фотонапонски централи, каде што се работи за поголеми системи наменети исклучиво за комерцијално производство. Како се позиционирани вашите компании во овој вториов сегмент, каде што интересот за инвестирање особено се зголеми последниве 2-3 години?
Ние сме фирма којашто сме направиле реална сегментација на пазарот – што се гради, за што во моментов има потреба и што во перспектива треба да се гради. Со оглед на тоа што само минатата година се изградија околу 160 мегавати капацитет од фотоволтаици, Еол Квазар како компанија којашто ги има изведено работите по систем ‘клуч на рака’, изгради повеќе од 45 мегавати, значи речиси 30% од пазарот во Македонија го држиме ние како компанија. Ова зборувам само за сегментот фотонапонски централи. Тоа уште повеќе не’ зацврсти на лидерската позиција, колку и да звучи нескромно. Многу компании сакаат да се пофалат кој колку направил, дури кажуваат и за тоа што не го направиле дека е нивни проект, но пред фактите и боговите молчат, зар не? Ние сега во моментов работиме проект со капацитет од 4,2 мегавати за ЕВН, еден мегават за ГС Солар, 1,3 мегават завршуваме во Делчево, за Алпико завршивме 1,5 мегавати, итн. Мојата компанија гради и 3,3 мегавати проект во месноста Балван. Значи во моментот само градиме објекти со капацитет над 10 мегавати, и до крајот на октомври треба да ги завршиме. Во најава имаме договори за инсталации од вкупно 30 мегавати, но тоа дали ќе се реализира зависи и од други фактори, не само од нас.
Кога всушност донесовте одлука за формирање и на Пиксел, сакавте да го заокружите целиот процес, да бидете поефикасни?
Зошто Пиксел се појави? Затоа што наместо да чекаме од Кина цело време увоз на панели, со мојот тогашен бизнис партнер дојдовме до идеја да почнеме производство, затоа што ја знаеме технологијата. Јас би се пофалил дека сум прилично добар познавач на оваа проблематика (магистер сум по електротехнички науки, сега докторанд и предавач – експерт за потребите на проектите на УСАИД, УНДП, итн.) и еден од пионерите во оваа област во земјава, и сум зборувал за соларна енергија и фотоволтаични системи уште пред дваесетина години кога малкумина знаеја за овие работи во Македонија.

За мене како инженер, неприфатлив е аргументот или тезата за вишок на енергија. Не може да имате вишок на енергија во економија која што повеќе од 40% е увозно зависна од електрична енергија. Тука имате друг проблем: вие не знаете да управувате со енергијата. Ако знаете да управувате со неа, тогаш не може да велите дека немаме технички перформанс да ја прибереме енергијата што ќе се собере во фотоволтаиците. Па затоа, мрежата не може да ја прими и сега да се фокусираме на батерии. Да, јас и претходно реков, батериите се иднината, но само во контекст на стабилизирање на фотоволтаикот како извор на енергија. Само во тој контекст.
Тоа што го кажував тогаш, сега се преточува во пракса, а тоа е дека фотоволтаиците се неминовност на оваа држава и во перспектива треба многу посериозно да пристапиме кон сето ова. Со изобилството на сончеви денови во ова поднебје тоа е многу сигурен извор на енергија, а единствена мана е непостојаноста, односно складирањето на енергијата е предизвик. Во перспектива моментот на складирање ќе се вклопи во проектите за фотоволтаици, затоа што кога и да е, батериите ќе бидат неизбежен дел од комплетирањето на опремата.
Тогаш фотоволтаикот ќе биде идеален – ќе испорачува енергија тогаш кога ќе ти треба, додека сега се испорачува и се троши енергија на дневна основа, тогаш кога произведува панелот. Добар дел можеш да ја користиш за себе и тогаш фотоволтаикот е најисплатлив. Затоа, нашите препораки за клиентите се, особено оние што работат претежно денски, да не размислуваат воопшто дали да инсталираат фотоволтаици, туку веднаш да го направат тоа. Но, ако вие инсталирате фотоволтаик, а најголем дел од енергијата давате во трансфер, односно пренос, а потоа ја користите онаа енергија од дистрибутерот навечер или во оние часови кога фотоволтаикот не работи, нормално дека тогаш искористливоста и исплатливоста е со помала вредност.
Дали успевате сите овие проекти што ги реализирате да „ги покриете“ со панели од вашето производство или чувствувате потреба од зголемување на капацитетот на погоните?
Најголем дел ги покриваме со наши панели, и тоа е всушност намерата. Затоа и го основавме Пиксел. За да немаме застои во реализацијата на проектите, бидејќи знаеме што сме нарачале, знаеме кој тип на панел може да го произведеме и во секој момент да побарате панели од Пиксел имаме од мегават до два капацитет на лагер. Затоа кај нас кога ќе кажеме проект клуч на рака, реализација три месеци, реално е три месеци. Ние може да чекаме за трафостаница, затоа што ја набавуваме од други, или за инвертер на пример. Во суштина гледаме да ги почитуваме роковите. Лани во целата таа трка што се случи за што побргу инсталирање фотоволтаици, реализиравме 184 проекти по системот клуч на рака. Да ги изменаџирате сите тие проекти од почеток до крај, сепак е за почит и како успех треба да се нотира. Сите проекти не се со иста специфична тежина, сме имале проекти од 10, 20, 40 или 100 киловати, но сме имале и еден мегават или повеќе.
Кај физички лица, односно домаќинства, каков е интересот за инсталирање фотоволтаици ?
Отприлика се 30 домаќинства досега во Македонија што инсталирале фотоволтаици, од нив кај 26-7 сме инсталирале ние. Тоа се мали системи, од 4, до 6 киловати. Ова е област што едвај е чепната. По наши некои истражувања, земјава има потенцијал, ако имаме 700 илјади броила, односно домаќинства, од коишто половина се станови, половина куќи, од тие 350 илјади куќи, барем 10% имаат минимум технички карактеристики за да се стават фотоволтаици кај нив. Тоа е значи околу 35.000 објекти, а како што ви кажав, досега инсталирале само триесетина. Па видете сега, колкав е потенцијалот на оваа работа… Ако почне, нема завршување во следните 10 години и тоа се проекти што треба секоја влада да ги земе предвид во своите програми, да се влијае со едукација, се помогне со субвенции и сл. Тоа е бенефит за сите, за целото општество, не само за нас како фирми, или за клиентите.
Од каде доаѓаат најголем дел на компонентите за фотоволтаиците, дали покрај Кина постои некој друг голем играч на овој пазар?
Без малку се’ доаѓа од Кина, дури и на оние што се водат како европски брендови, фабриките им се во Кина. Не случајно го кажувам примерот со еден клиент, којшто доаѓаше овде и ни рече дека е претставник на германска фабрика за фотоволтаици и сакаше да ја види нашата фабрика. Јас му дозволив, и откако му направивме тура, тој ни предложи да работиме за нив по лон систем, да донесат материјали, а ние да склопуваме под нивниот бренд. Јас се согласив, само под еден услов. Да одам во Германија и да ја видам нивната фабрика. „Е па знаете како, во Германија ни е само седиштето, фабриката ни е во Кина“, ми рече тој.
А јас сум имал прилика, имам партнер во Кина, Just Solar, компанија што има годишно обрт од 250 милиони долари, прави еден гигават капацитет на панели, сум посетил и други компании коишто се водат како европски брендови, а фабриките им се таму. Многу западни брендови склопуваат производи во Кина наназад 30 и повеќе години и тоа не е ништо чудно среде целата оваа глобализација.
Многумина македонски бизнисмени, а и странски инвеститори, се заинтересирани за влез во производство на струја од фотоволтаици. Дали постои опасност таа еуфорија, да ја наречам “фотоволтаична треска“ да направи други проблеми на крајот, во врска со капацитетот на нашата мрежа да ги поднесе сите тие вишоци на струја и сл.?
Кај нас секогаш е проблем што работите не се планираат од почетокот како што треба. Тоа го кажувам секаде каде што имам прилика, па и на сегашниот премиер, иако и тој беше тука едно време инволвиран, и сфати кај се тесните грла, кај се проблемите. Проблемот е што секогаш тргнуваме од крајот, и не го ставаме на хартија она што е реална потреба на државата. Енергетиката навистина е мерлива категорија. Јас не велам дека од рака треба да кажеме колку фотоволтаици ни требаат, но дали некој измерил навистина колку фотоволтаици ни требаат како држава? Земете го графикот на производство на струја од домашните капацитети, земете го графикот на пренос и оној на потрошувачка. Преклопете ги и видете кои се потребите.
Кај се гради фотоволтаик? Тој се гради таму кај што има конзум, а не таму каде што има идеални услови. Можете да имате празни ледини колку сакате, но таму ако немате конзум попусто ќе ставате 5 или 10 мегавати и ќе ја туркате целата енергија во пренос. Но, за жал, така се направени работите кај нас. Јас и на претходниот премиер, и на тој пред него, им кажував според мое гледиште, и според странските искуства, дека еден генерален пристап е да направите една огромна електрана во централниот дел на Македонија, ќе земете земјиште од 5та, 6та категорија, кое за ништо друго не се користи. Таков потенцијал има Мариово на пример, може да инсталирате капацитет од еден гигават, ќе направите еден прстен околу него, трансфер исток – запад – север – југ приклучни точки и енергијата ја насочувате согласно вашите потреби. И таа инвестиција тогаш беше во рангот на една милијарда евра, сега е помалку, затоа што цените на фотоволтаиците паднаа во меѓувреме. И така ќе направевме фотонапонска централа најголема на Балканот, ќе ги задоволуваме сопствените потреби и во периодот кога имаме вишок на енергија ќе го продаваме на соседите и да профитираме како држава.
И сега доаѓаме до моментот од вашето прашање, дали настанува проблем со трансферот на енергија… За мене како инженер, неприфатлив е аргументот или тезата за вишок на енергија. Не може да имате вишок на енергија во економија која што повеќе од 40% е увозно зависна од електрична енергија. Тука имате друг проблем: вие не знаете да управувате со енергијата. Ако знаете да управувате со неа, тогаш не може да велите дека немаме технички перформанс да ја прибереме енергијата што ќе се собере во фотоволтаиците.
Па затоа, мрежата не може да ја прими и сега да се фокусираме на батерии. Да, јас и претходно реков, батериите се иднината, но само во контекст на стабилизирање на фотоволтаикот како извор на енергија. Само во тој контекст. Инаку, реално, ако ние знаеме да управуваме со енергијата, нас не ни требаат батерии. А тоа покажува, дека ние не сме имале реални параметри, како сме ги пресметувале точките на приклучок и каде се требало да се ставаат фотоволтаици. Но, тоа е отворање на Пандорината кутија и враќање на работите назад, од нешто што е добро, ние сме мајстори да направиме лошо сценарио.

Следната година ќе почнеме да изложуваме на меѓународни саеми и ќе го претставиме и нашиот иновативен продукт, се вика бифацијален панел, да може да произведува струја и од двете страни. Ние правевме истражување и утврдивме дека ако направиме задната страна да ја игра улогата на стакло, ќе има подобар температурен коефициент, значи и од двете лица ќе произведува струја. Можеби ефикасноста ќелијата е намалена, но температурниот коефициент е подобар и тука имаме своевидна компензација на ефикасноста. Тоа ќе биде наша иновација, никој не го прави во светот.
Какви се плановите за понатамошен развој и раст на Пиксел и Еол Квазар?
Сега сме средно претпријатие по сите перформанси. Визијата е да не застанеме тука, да одиме во развој. Едно е да ги довршиме проектите што ги почнавме, сметаме дека сме го надминале нивото на овие, стандардни проекти, што сите веќе ги нудат, па сакаме да се фатиме во костец со еден проект што е во најава и ќе биде веројатно прв проект, 30 мегавати со батерии, да го реализираме тоа. Сакале или не, иднината е во батериските системи. Се работи за американски фонд, тие се инвеститори, во некои финални преговори сме за таа инвестиција во фотонапонска централа. А во делот на производството, ги следиме светските трендови и целта ни е да почнеме да се појавуваме како изложувачи на меѓународните саеми за соларна енергија. Следната година ни е во план тоа да го направиме на најголемиот ваков саем во Минхен и да ги изложиме нашите продукти.
На саемот во Минхен ќе го изложиме и нашиот иновативен продукт, се вика бифацијален панел, да може да произведува струја и од двете страни. Ние правевме истражување и утврдивме дека ако направиме задната страна да ја игра улогата на стакло, ќе има подобар температурен коефициент, значи и од двете лица ќе произведува струја. Можеби ефикасноста ќелијата е намалена, но температурниот коефициент е подобар и тука имаме своевидна компензација на ефикасноста. Тоа ќе биде наша иновација, никој не го прави во светот.
Обновливите извори се многу значајни и треба да внимаваме следниот период со каква стратегија ќе продолжиме да ги имплементираме тие системи, затоа што енергетиката е доста егзактна наука, знаете. Не можеме ние да не знаеме колку се енергетските потреби на државата, колку сме увозно зависни, колку можеме да добиеме сопствен капацитет од произведени наши централи, сето тоа е мерливо, само некој да седне убаво да го анализира и да каже стратегијата на државата следните 30 години ќе биде тоа и тоа, толку и толку фотоволтаици ќе се стават, и да не го заборавиме хидропотенцијалот и да се знае точно конечно дали ќе се гради Чебрен – Галиште. Од друга страна, зошто е значаен Чебрен – Галиште? Ако тој проект се реализира, многу полесно ќе се калкулира и ќе се знае каква е иднината и перспективата на фотоволтаиците.
За крај, малку околу она што ја брануваше јавноста изминатиот период, поточно поврзаноста на вашите компании со актуелниот премиер Димитар Ковачевски… Познато е дека ви е близок другар и ко-основач на Пиксел, па како ги коментирате шпекулациите за наводно профитирање на вашите бизниси од оваа релација?
Јас и Димитар Ковачевски сме другари од младински денови во СДММ пред повеќе од 25 години. Потоа бевме и во највисоките органи на партијата и тоа пријателство резултираше и со кумска релација, јас сум кум на премиерот. Таа наша кумска врска всушност ја користат во јавноста како повод за шпекулирање, но ние сме другари долго време, не откако Ковачевски е премиер.
Еол Квазар постои долго време пред тој да биде било каков партиски или државен функционер. Се’ она што се зборуваше досега за Квазар, дека е фирма на премиерот, е ноторна лага. Во Пиксел тој беше ко-основач, впрочем името на компанијата е кратенка од „Паунов и Ковачевски сел(cell =ќелија)“, но во првиот момент кога беше избран за функционер (прво заменик министер за финансии), го отстапи својот удел на мене во цел износ, излезе сосема од компанијата, јас сега сум и управител и сопственик стопроцентно. Сите обврски кон него биле исплатени, сите давачки кон државата по таа основа. И апсолутно сега Пиксел функционира со еден управител и еден сопственик. Само за илустрација: Колку имаше државни проекти за фотоволтаици, а колку од нив добил Квазар или Пиксел? Тоа може лесно да се провери и да се види дека единствена државна компанија со којашто имаме договорно обврзнички односи, е ЈП Стрежево, каде што треба да поставиме фотоволтаик од околу 500 киловати, добиен на меѓународен тендер и сега е во фаза на изведба. Се’ друго ни е со приватни клиенти. Мене ми е драго што најголем дел од нив препознале квалитет кај нас.