Connect with us

интервју

Гордан Георгиев: Не смееме да ја изневериме извојуваната слобода!

Гордан Георгиев, политиколог

објавено

на

Со Георгиев разговаравме за демократскиот крах на македонското Собрание во светлото на новата „доза“ партиски уцени, закани и блокади, но ги начнавме и големите теми за функционалноста на македонската демократија воопшто, загрозена не само од теророт на бирократијата (што се чини особено видлив во пандемија), туку и од некадарноста да се обезбеди терен за чиста политичка битка на ставови, ослободена од евтини интриги и еден малограѓански дух, просто навредлив за граѓанинот. Кога се открива пак дека оваа некадарност всушност е партиска стратегија за исполнување на дадена цел по која било цена (вклучително и на јавниот интерес или на самата држава!) лесен е одговорот на прашањето зошто политиката е одбивна за способни и за чесни луѓе и кому таа одбивност му одговара. Поранешниот пратеник и потпретседател на СДСМ е брутален во констатациите за колапсот на дадени алки од системот, но еднакво е убеден дека не е сè изгубено и дека и покрај целото оправдано разочарување од тие промени што не дојдоа или од дадени репетитивни поведенија, не смееме да заборавиме оти слободата е тука и оти имаме обврска да ја негуваме… И искористиме!

Последните настани во македонскиот Парламент ги запрепастија не само граѓаните, туку и оние кои долги години го следат работењето на пратениците или алармираат за нефункционалноста на таа институција. Вие сте и политиколог, но сте биле и пратеник. Како го коментирате односот во и кон Собранието, тој однос за којшто „театар“ или „циркус“ личат на еуфемизми?

Парламентот навистина претставува некаков екстракт на народот, но тој е и седимент на изборот на раководствата на политичките партии. Тешко во тој просек ќе најдеме натпросек.

Но, тоа не треба така да биде. И народот, и раководствата на партиите, и гласачите имаат споделена одговорност за тоа кого бираат. Сегашниот изборен модел не гарантира претерана расцутеност на парламентот, па затоа и очекувањата треба да ни бидат соодветни. Да не заборавиме, во 2017 токму парламентот, симболично и фактички, доживеа атентат и беше тешко ранет. Не очекувајте брзо закрепнување од тешко ранет пациент. Затоа, парламентот денес и пратениците во него всушност ја силуваат стварноста. Вжештуваат реторика до усвитување, а самите пратеници не се ни автори на таа реторика, ниту актери на политичката игра. Да не се појавеше пратеничката во скафандер, парламентот немаше да „дознае“ дека во Македонија ни се случува Ковид19.

Тој е внесен и занесен во меѓупартиската игра и не разбира што се случува надвор од таа огромна стаклена купола. Го знам тоа чувство, сум го изодел. Лош е тој пат, редовно завршува во дополнителна делегитимација на политичките елити, од двете или четирите спротивставени страни.

И не е ова само порив да се биде неутрален или непристрасен, туку едноставно во таква спрега се поставени партиските табори што невозможно е да се очекува смирување на тензиите или премостување на разликите.

Во 2017 Парламентот, симболично и фактички, доживеа атентат и беше тешко ранет. Не очекувајте брзо зарепнување од тешко ранет пациент. Затоа, денес и тој и пратениците во него всушност ја силуваат стварноста. Вжештуваат реторика до усвитување, а самите пратеници не се ни автори на таа реторика, ниту актери на политичката игра. Тој е внесен и занесен во меѓупартиската игра и не разбира што се случува надвор од таа огромна стаклена купола. Го знам тоа чувство, сум го изодел. Лош е тој пат, редовно завршува во дополнителна делегитимација на политичките елити, од двете или четирите спротивставени страни.

Изборниот систем помага пратениците да бидат „рачно“ одбрани во цутот на полтронството

-Го делите ли мислењето дека од година в година имаме сè послаб пратенички состав? Невпечатливи настапи и говори, напишани реплики и контра-реплики, никаква изворна политичка енергија, пратенички имиња познати само на партиските кулоари…

Не знам, веројатно. Но, тоа оди и со падот на општата перцепција на граѓаните околу смислата на претставувањето т.е. кој сакаме да нè претставува на агората. Кој ме претставува, дали се идентификувам со неа/него…се помалку ни значи тоа. Падот на гласачите на ВМРО/СДСМ го отсликува тоа исто така. Едно знам, не би се чувствувал удобно во ваков парламент, иако моето друштво од 2011 година беше подобро.

Од друга страна, парламентот после 27 април е во состојба на шок, на политичка исхемија. Тој не може нормално да функционира, бидејќи е роден во пазувите на еден тежок конфликт. Таков каков што е, несмасен, неедуциран, без манири и базичен етос, и редовно на најтенка линија на функционално мнозинство, тој мора(ше) да биде составен од екстремно лојални гласачи (пардон, пратеници), кои мораа да ги гласаат сите историски (во буквална смисла!) одлуки и да си ги натоварат сите попатни контроверзии кои одеа со нив. Фала му на Бога, тука дарежливо помага и изборниот систем кој овозможува пратениците да бидат „рачно“ одбрани, уште во самиот цут на сопственото полтронството.  Сепак, не можеме да генерализираме сосема, има неколкумина добри пратеници и пред се’ добар претседател (наспроти се’), како и добра и непристрасна администрација и секретаријат. А тие се крвотокот на еден парламент. За жал, пратениците не можеме да „ги бираме“ ние!?.

Кога моите колеги или јавноста ја критикуваат работата на пратениците, обично тоа се прави низ призмата на нивните отсуства од работа, парламентарен молк (голем дел од нив ретко или никогаш не се јавуваат за збор), патни трошоци или гласање исклучително низ призмата на партискиот интерес. Но, ако подобро се погледнат анализите сфаќаме дека проблемот со македонскиот Парламент е многу подлабок. Дури и кога навидум има дебата тоа е надвор од потребниот демократски минимум – размената не е на аргументи или на одржливи тези, туку на чиста демагогија, честопати и на лаги, зачинети со меѓусебни лични навреди. Ова заедно со немањето на капацитет на Собранието да биде вистински коректив на владините идеи го прави очигледно прашањето – што ќе ни е глумење на парламентарна демократија?

Ние мораме да продолжиме да „глумиме“ парламентарна демократија, парламентот не смее да „падне“, и покрај се’. Всушност, кога ќе размислите малку подлабоко, само парламентот може да не’ спаси. Тој, заедно со развивање на една граѓанска свест за поголем и постојан надворешен притисок кон системот, се двете состојки кои ја прават демократијата функционална.

И затоа, мораме да работиме на подобрување на работата на парламентот и подобрување на квалитетот и интегритетот на пратениците. Тоа партиите нема да го направат, освен ако не почувствуваат одлучен притисок од надвор, надвор од нивните удобни орбити.  А политичките партии треба да престанат да глумат дека се грижат околу здравјето на парламентарната демократија.

 Едноставно е, нека ги тргнат сите партиски калкулации на страна (бидејќи тие калкулации ја контаминираат дебатата и ја прават невозможна) и нека седнат со граѓанството и експертската јавност и нека утврдат кој изборен модел најдобро и најверодостојно ги претставува интересите на граѓаните.

И тоа не само на партиските „граѓани“ туку и на оние кои не гласаат за ниту една партија. Секое друго меѓу – партиско договарање за изборниот модел е дил -ориентирано, а најголемите партии во Македонија постојано оперираат во рамките на таканаречениот „премолчен консензус“.

Да не ги заборавиме и лидерските средби. Колку тој формат влијае(л) на дефакторизацијата на Собранието?

Па не можат лидерските средби да влијаат на дефакторизација на Собранието бидејќи главните учесници на лидерските средби (имено, лидерите) се среќаваат токму затоа што веќе претходно го биле дефакторизирале Собранието.

Собранието е редовно една перверзна колективна љубовна предигра која го постила теренот за главните дилови, главно зад затворени очи на јавноста. Токму таа клучна разлика (собранието е јавно, лидерските средби се тајни по содржина, иако јавни заради ПР потребите) го прави овој политички театар апсурден, и наместен, и неверодостоен…токму толку колку да ни ја убие секоја желба за учество во јавниот живот (полисот).

Лидерски средби во елаборираните демократии се редовна појава, речиси седмична, но тие служат за координирање на важни прашања и приоритети чиишто одлуки потоа секако одат назад во парламентот на дебата па дури потоа на одлучување.

Кога колабира една држава, едно општество? Кога граѓаните комплетно ја губат доверба во институциите, кога се тотално апатични и не сакаат за ништо да знаат, кога НЕ протестираат за ништо, кога граѓанското општество е склеротично и не прави ништо т.е. нема импулс да направи било што. Кога имаме таква атмосфера, обично постојат две опции: или тивок распад и чмаење до недоглед, или општ бунт против целиот систем по системот на „вили и мотики“… И тогаш пред очи ми доаѓа Левица, и саркастично си велам: па можеби подобро е да пропаднеме.

Треба уште притисок, ама партиите се и допрва ќе се менуваат

Каде и како ја гледате тука улогата на партиите? Личи дека само тие се „супер – функционални“ во една клиентелистичка и пазарно – коруптивна смисла.  На ова прашање сакам да се задржам и од аспект на внатрепартиските реформи. Видовме еден обид од СДСМ за отворени избори, за волја на вистината со еден кандидат. Но, процесот се отвора, се наметнува таа тема за неопходност од внатрепартиски отворени битки на ставови, наместо византиски „колежи“, и ова важи за сите политички субјекти. Очигледно ова ќе бидат бавни процеси. Клиентелизмот е ли главната причина за тромавоста?

Проблемот со внатрепартиски избори е што има опасност претходните византиски „колежи“ да се претворат во внатрепартиски „масакр“ на отворена сцена, а тоа партиите не сакаат и веројатно и не треба да си го дозволат. Сепак, политичка партија е едно високо хиерархизирано суштество, со релативно строги внатрешни правила и авторитарни тенденции на лидерството. Имено, тоа и’ овозможува на партијата да обезбеди дисциплина и посветеност, а со тоа и подобар изборен резултат. Ние во Македонија нема да го решиме вечниот проблем и тензија меѓу партиската автократија и претензијата за извоз на демократија надвор од партијата.

Но, ќе ги решиме и ги решаваме полека полека некои од аспектите. Партиите денес се поотворени, поотчетни до некаде, се натпреваруваат за повеќе демократија, биваат предизвикани и од јавноста и од своите членови. Не е веќе така лесно и ќе станува се’ потешко. Ние им го гарантираме тоа. А тоа е за доброто на сите, верувајте.

Зборувавме за Парламентот, но факт е дека ваква ноншалантност кон улогата што институциите треба да ја имаат во системот е (повеќе или помалку) сеприсутна. Неодамна имавме трагичен настан со смртта на овчарот Златко Божиновски од кратовско, кој не ја доби навреме потребната помош, токму поради префрлање на одговорност помеѓу надлежните. Ако една институција (а ги има над 1300) не е во функција на јавниот интерес и на граѓаните, веројатно е наивно да прашаме кому служи (очигледно за задоволување на коалициски пазари и купување на партиски мир). Сепак, има друго прашање – дали ваквата поставеност на државниот апарат ја прави Македонија нефункционална?

Да се навратиме на системот. Кога колабира една држава, едно општество? Кога граѓаните комплетно ја губат доверба во институциите, кога се тотално апатични и не сакаат за ништо да знаат, кога НЕ протестираат за ништо, кога граѓанското општество е склеротично и не прави ништо т.е. нема импулс да направи било што.

Кога имаме таква атмосфера, обично постојат две опции: или тивок распад и чмаење до недоглед, или општ бунт против целиот систем по системот на „вили и мотики“… Ама тогаш пред очи ми доаѓа Левица, и саркастично си велам: па можеби подобро е да пропаднеме.

Имаме право да сме разочарани, но, тешко можеме да ја спориме извојуваната слобода – ова не е режимот на Груевски!

Пофалбите се тука дека сме успеале да ослободиме една заробена држава, но дали тежината на бирократијата е еднакво опасна по столбовите на функционалната демократија како и оние партиски стеги? 

Ние можеме да сме разочарани, имаме право да сме разочарани, но тешко дека можеме да ја спориме извојуваната слобода и потребата од нејзино негување.

Ова денес не е режимот на Груевски, и покрај нервозата што ја покажува понекогаш власта. И таа извојувана слобода не смееме да ја изневериме, треба постојано да се потсетуваме на неа.

Поголемата отчетност на институциите и респонзивност на системот денес е повеќе од очигледна во однос на вчера.

Од друга страна, системот е една комплицирана спрега на врзани садови, кои даваат сигнали од едно на друго место, а реципиентите на системот правилно ги препознаваат таквите сигнали и ги препраќаат на следната кота. Потоа системот претпоставува повратна спрега, каде што истите тие сигнали, или други сигнали повратно одат до првичните реципиенти. И така во еден релативно затворен круг на комуникација.

 Во политичкиот систем, како еден потсистем на општествениот систем, работите одат на следниот начин: власта, администрацијата, бирократскиот апарат, носителите на функции преку своето делување овозможуваат граѓаните да се чувствуваат комотно, на свое, на сигурно и безбедно… Со две крајни цели: да плаќаат даноци со што го хранат системот, и да му бидат лојални на системот легитимирајќи го буквално секој ден, а ставајќи му штембил на секои четири години.

 Системот дозволува дисторзии, како резултат на најразлични фактори. Но, тие се токму тоа, дисторзии.  Дисторзиите не можат да го загрозат системот како таков, бидејќи се поправливи. Но, кога системот ќе колабира, нема таков мајстор што може да го поправи.

Постојано се зборува за разорната поларизација во општеството, но паралелно со флоскулите што ни се нудат, гледаме и нови начини преку една дури и воодушевувачка креативност во нападите под појас кон политичкиот противник. Ако партиските челници вака ја разбираат и ја практикуваат политиката, не е ли преамбициозно да се очекува дека членствата нема да го следат тој пат на омраза и раздор? 

Поларизацијата нема да запре, барем не во некоја поблиска иднина. Влоговите кои ги диктираат лидерите на политичките партии едноставно се преголеми.

Кога некому му се заканувате со затвор, или со насилство, како очекувате да нема поларизација, или омраза. Не може да нема поларизација во општество или држава со ограничени ресурси.

Ограничени во поглед на распределба на богатството и капиталот, во поглед на работни места, во поглед на јазот помеѓу богатите и сиромашните.  Конечно, ограничени во поглед на поделбата на наши, ваши и останати.

Кога во партијата ќе кажете за некој „тој е наш“, тоа претставува код на препознавање, безмалку билет за влез во едно ексклузивно друштво, друштво кое исклучува. Поларизацијата стана дел од нашата политичка култура, и таа варијабла е бавно менлива.

Но, она што во последно време ме плаши и покажува една сурова и соголена вистина е дека поделбите во македонското општество не се по идеолошка линија, не се ни по линија СДСМ-ВМРО или ДУИ-Алијанса, не се ни по линија антиквизација – словенизација, не се ни по линија за и против ЕУ, не се ни по линија за и против криминал…

Поделбите се просто на оние кои се на власт и сакаат да се одржи власта и тие во неа, и оние останатите, кои се надвор од власта. Последново друштво е мешано и меѓусебно непомирливо.

Тоа се состои од оние што сакаат да дојдат на власт и да останат на власт, од оние што им е преку глава, од власта, но преку глава им е и од оние што сакаат да дојдат на власт, од оние кои се апатични, мрчатори, негативци, од оние кои не можат веќе да издржат во вакво општество… Па, бирајте друштво.

економија16 минути ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

македонија8 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

свет9 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија9 часа ago

Пандемијата стивна и економијата здивна

менаџмент / маркетинг9 часа ago

Рекоа за… успехот

менаџмент / маркетинг9 часа ago

Не работете додека сте на одмор. Сериозно.

свет9 часа ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

македонија9 часа ago

Градежниците и хотелиерите останаа најпогодени од кризата

интервју10 часа ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

македонија1 ден ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

македонија8 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

технологии / компании4 дена ago

Нова аквизиција на македонскиот ИТ пазар: Синами ја презема Еконет

македонија2 дена ago

Комерцијална банка ќе биде спонзор на ФФМ во наредните три години

економија1 ден ago

Утре почнува хакатонот за намалување на сивата економија во е-трговијата

македонија1 ден ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

интервју10 часа ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

свет9 часа ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

свет9 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија16 минути ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

економија9 часа ago

Пандемијата стивна и економијата здивна