македонија
Градоначалничката Арсовска ќе поднесе кривична против Цементарница Усје поради загадување

Арсовска рече дека по извршените мерења 26 и 27 декември лани и на 3 и 4 јануари оваа година утврдено е повеќе од двојно надминување на граничните вредности на азотни оксиди.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, објави дека поднесува кривична пријава против скопската цементарница „Титан – Усје“ поради загадувањето на воздухот.
Причината, рече таа, се резултатите од мерењата во фабриката кои покажеле трипати поголеми количини испуст на гасови од дозволеното.
„Конкретно во декември минатата година измерени се три пати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаа, а слични резултати добивме и при мерењата на почетокот на овој месец. Станува збор за испуштање три пати поголеми количини од дозволените на кубен метар на час. Инспекторите од Град Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина, извршија увид во работниот процес при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената интегрирана еколошка дозвола која ја издава токму министерството. При последното мерење констатирано е дополнително загадување од котларницата за загревање на цементарницата. Утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711 милиграми на кубен метар“, рече Арсовска на вонредна прес-конференција.
Од тие причини, рече градоначалничката, презела иницијатива за покренување кривична постапка против Цементарницата според членовите 218, 230 и 234 од Кривичниот законик, односно за непридржување кон прописите за заштита и животната средина со што се загадува воздухот, почвата, водата во поголем обем и со што се предизвикува опасност по животот и здравјето на луѓето.
„Граѓаните на Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина обидувајќи се со донации по општините, со коруптивно однесување, со најразличен вид на влијанија да се амнестираат за одговорноста за загадувањето на животната средина од која илјадници наши сограѓани страдаат од многубројни заболувања“,рече градоначалничката.
Контролите на инспекторите од градскиот и државниот инспекторат, што ги споменува Арсовска, биле направени на 26 и 27 декември лани и на 3 и 4 јануари оваа година.
За резултатите вчера информираше и Државниот инспекторат за животна средина кој наведе дека имало надминување на параметрите за азотни оксиди посочувајќи ги истите бројки како Арсовска – од дозволените 350 милиграми, биле измерени 711.
Меѓутоа, од Државниот инспекторат наведоа дека е почната постапка за спогодување, па доколку не се спогодат тогаш ќе има судска постапка.
„Согласно извршените мерења на концентрации на загадувачки супстанции, цврсти честички и прашина од емитер Подготовка печки бр. 3 и 4 (енергенс петрол кокс) како и загадувачки супстанции и чаднокатрански број од котел од Котларница за загревање на простории (енергенс мазут), е утврдено дека кај производните Печки бр. 3 и 4 нема надминување на ГВЕ (граничните вредности на емисија)“;
„Кај котелот од котларницата за загревање на просториите утврдено е дека има надминување на ГВЕ за параметарот азотни оксиди NOx и од дозволената ГВЕ-350 резултатот е 711,9 милиграми/метар кубен“;
„Поради утврден прекршок од III категорија, согласно член 212-ж став (1) точка 3 од Законот за животната средина, започната е постапка за спогодување за која правниот субјект треба да се изјасни во законски предвидениот рок и доколку се согласи постапката ќе ја води Комисијата за спогодување при МЖСПП, во спротивно ќе се води судска постапка. За сторениот прекршок, глобата за големи трговци изнесува180.000-200.000 евра во денарска противвредност“,гласеше вчерашната објава од Државниот инспекторат.