Connect with us

свет

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

Израел и Палестина во нова војна

објавено

на

Нема ништо досега невидено во објаснувањата за заднината на новиот хорор на Блискиот исток каде судирите ескалираа со огромна брзина во последната недела – додека семејства бројат загинати и ранети, во политичките и воени елити се бројат добиени карти за зацврстување на политичките позиции.

„Тоа што луѓето сè уште го немаат научено е како да се однесуваат со другите човечки суштества. Мора да најдеме начин да коегзистираме заедно, без да се повредуваме и да си нанесуваме зло едни на други. И ова треба да важи насекаде, без разлика дали сме во САД или на Блискиот исток, на африканскиот континент или во Азија, или на кое било друго место на планетата“. 

Овие зборови на великанот Мартин Лутер Кинг се чинат така далечни за нивото на човековата еволуција во 2021 година кога светот е шокиран од вестите за ескалација на судирите и војната што буквално преку ноќ се разгоре на Блискиот исток, помеѓу Израел и Палестина. Читателите можеби ќе си помислат дека нема многу простор за шокираност што оружјето го има главниот збор во овој дел од светот (од „дивата“ Газа ништо ново), но, ако се има предвид дека човештвото веќе втора година се бори со пандемија на смртоносен вирус (коронавирусот), очекувањата и на закоравените песимисти сигурно се движеа во насока не само на затишје на воените судири ширум планетата, туку и на едно созревање за човековата природа кон толеранција, почит и прифаќање наместо угнетување на различните.

Но, по се изгледа светот е далеку од созревање – катастрофални вести за стотици ранети и мртви, крв и солзи, напади на цивили и злоупотреба на воена сила за зацврстување на политичките позиции – ова се вестите од Израел и Палестина деновиве. Во морето на информации што ги пласираат светските медиумски агенции и големите медиумски куќи со свои дописништва од местата на конфликтот лесно се одвојува веста од пропагандата, за оние кои се занимаваат со медиумска работа, но за граѓаните тоа е прилично ѓаволски тешко оти злоупотребата на емоциите на публиката и читателите преку пласирање на потресни сведоштва и слики, но и безобразно играње на картата на веќе вкоренетите предрасуди особено кон исламскиот свет изгледа како правило во етерот и целокупниот наратив.

Ние се одлучивме да пренесеме една сеопфатна анализа од Њујорк Тајмс, редок медиумски напис кој ги исцртува изворите на конфликтот – борба за политичка власт и одржување на сопствените политички позиции.

Во сите војни губитници се граѓаните 

Најлошите борби меѓу Израелците и Палестинците во последните седум години се засилија во вторникот вечерта, откако израелските воздушни напади започнаа да се насочуваат кон канцелариите на Хамас во градот Газа, а милитантите во Газа истрелаа ракети кон метрополата Тел Авив, јужниот град Ашкелон и главниот аеродром во Израел.

Во Газа, најмалку триесет и пет Палестинци, од кои десет деца, се убиени до вторникот вечерта, а преку двеста се ранети, според здравствените власти. Во Израел, пет лица беа убиени во нападите на Тел Авив, Ашкелон и Лод, а најмалку сто се ранети.

Далеку од воениот конфликт, бран граѓански немири се прошири и низ арапските населби, додека палестинските граѓани на Израел изразија бес за убиствата во Газа повторувајќи ги долгогодишните поплаки за дискриминација и репресија внатре во самиот Израел.

Додека напливот на демонстрации, најсилен од 2014 година, донесе страв кај милиони граѓани и во Газа и во Израел, Хамас, исламистичката милитантна група што управува со појасот Газа и премиерот Бенјамин Нетанјаху од Израел се чини дека допрва ќе го разгоруваат огнот.

На Хамас, новиов конфликт му овозможи да ги ревитализира своите тврдења за апсолутно раководството на палестинскиот отпор. Ги врами своите ракети како директен одговор на неколку рации на израелската полиција врз џамијата Акса, религиозно место во источен Ерусалим, свето за муслиманите и за Евреите. Во тој процес, групата се претстави како заштитник на палестинските демонстранти и верници во градот. 

За премиерот Нетанјаху, расеаноста на војната и поделбите што ги создава меѓу различните опозициски партии кои моментално преговараат за коалиција за негово соборување од власт, му дадоа поволна шанса да остане на функцијата, само неколку дена откако се чинеше дека можеби конечно ќе биде испратен во политичката историја.

Аналитичарите велат дека овие ескалации не се ништо ново во својата суштина – нов е само бројот на нови загинати и ранети.

„Тоа е приказна како и секоја претходна војна меѓу Израел и Хамас“, вели Гасан Хатиб, експерт за политика на универзитетот Бирзејт на окупираниот Западен брег. Двете влади излегуваат од него победнички, а граѓаните на Газа излегуваат како губитници“.

Двете страни ја искористија симболиката на светиот град. Израелската војска го кодираше своето дело „Чувари на ѕидовите“, што е упатување на античките бедеми на Стариот град Ерусалим. 
Палестинците имаат свое кодно име: Ерусалимски меч. 

За разлика од величественоста на имињата, за жртвите на насилството, првите 36 часа од обновениот конфликт донесоа само терор и загуба. Палестинците и израелската војска се нерамноправни – првите вооружени со ракети, вторите со борбени авиони и софистициран антиракетен одбранбен систем, „Железната купола“, делумно финансирана од САД. 

Израелските воздушни напади имаат за цел стратешки цели во густо населената Газа, убивајќи цивили дури и кога Израел јавно инсистира на тоа дека презема мерки за да ги избегне тие жртви. Од друга страна, и ракетите на Хамас имаат за цел центри на цивилно население, но честопати ја промашуваат целта.

Осама Собох е 31-годишен државен службеник во градот Газа, кој ја изгуби својата мајка, Амира и братот Абделрахман, во израелскиот напад врз нивниот станбен блок.

„Ова е мајка ми“, рече господинот Собох по телефон во вторникот попладне. „Многу е тешко да се збогувате со најскапоцената личност што ја имате на земјата“.

Г-дин Собо се прашува зошто Израел имал насочено напад кон цивилна зграда. „Тоа не е воена касарна, не претставува никаква опасност за Израел“, рече тој. „Ова беше стара жена со дете со церебрална парализа“.

Тринаесет милји на север, во заспаното предградие на Ашкелон, во Израел, една баба гази низ стаклените парчиња и ситните остатоци оставени од ракетата на Хамас, која се пробила низ нејзиниот станбен блок.

„Што згрешив? “ прашува таа, Марија Нагив (61), поранешен војник, родена во Украина. „Јас не направив ништо и тие сè уште ни испраќаат бомби“.

Г-ѓа Нагив малку знае за настаните во комплексот Акса кои претходеа на нападот и всушност беа почеток на судирите.

„Што всушност се случи во Ерусалим?“ – прашува додека крцкаат парчиња стакло под нејзините нозе. „Не следев ништо во врска со тоа“. 

Подоцна истиот ден, член на Градскиот совет во Ашкелон, Амичаи Сибони, истрчува низ улиците на градот, барајќи избезумено засолниште за бомби, додека сирените за  бомбите звучат над глава.

„Сега има сирена“, вели тој додека му го раскажуваше своето искуство на еден израелски медиум. „Барам безбедна просторија во супермаркет. Гледам околу мене постари купувачи како се симнуваат на подот. Тие се вознемирени и се држат едни на други на земја “.

Во Газа и Израел, ракетите и воздушните напади достигнаа интензитет што се смета за редок за оваа рана фаза во конфликтот тука.

Во Газа, израелските пилоти бргу се префрлија од единствено воени цели, свртувајќи се во вторникот кон станбениот блок за кој се вели дека е дом на водечки милитант и во кула блокирани канцеларии на неколку претставници на Хамас. 

Израелскиот воен портпарол, потполковник Joнатан Конрикус, рано во вторникот изјави дека 15 милитанти биле убиени во удари на авиони и беспилотни летала.

Една ракета погоди училиште во Ашкелон. Ама, училиштето беше празно затоа што израелските власти наредија да се затворат сите училишта на 25 милји од Газа во пресрет на ракети. 

Немири избувнаа и меѓу палестинските државјани на Израел, кои беа лути од ударите во Газа, рацијата во комплексот Акса и претстојното протерување на неколку палестински семејства од нивните домови во Ерусалим. Демонстрантите кои вееја палестински знамиња се собраа во неколку арапски градови низ Израел, од кои некои палеа автомобили и еврејски имоти.

Палестинците демонстрираа и во етнички мешаниот град Лод, каде рано во среда беше прогласена вонредна состојба. Демонстрантите запалија една синагога и десетици автомобили. Еден Палестинец беше смртно застрелан во овие немири.

Во говорот снимен во Катар и емитуван на телевизиски канал поврзан со Хамас, високиот политички лидер на Хамас, Исмаил Ханија изјави:

„Успеавме да создадеме равенка што ги поврзува фронтовите на Ерусалим и Газа“, рече тој. „Тие се неразделни. Ерусалим и Газа се едно. ”

Нетанјаху се бори да остане на власт, Хамас си зацврстува позиции

За Хамас, аналитичарите изјавија дека новата рунда борби ѝ дава на групата можност да врати дел од сјајот што го имаше како движење на отпор, кое избледе по повеќе години владеење со Појасот Газа. Од доаѓањето на власт во 2007 година, Хамас ја изгуби популарноста поради, според многумина во Газа, неговиот авторитарен пристап и лошото управување.

Но, нејзиното самопретставување како бранител на Ерусалим повторно и дозволи на групата да добие на сила и поддршка преку раширениот гнев од израелското полициско однесување во комплексот Акса. И, исто така, и ’беше дозволено на групата да вози ковчези на кампањата за спречување на иселување на палестинските семејства од  Шеик Арара, населба во источен Ерусалим.

Маката на семејствата одекна широко, бидејќи ги отелотвори пошироките напори за отстранување на Палестинците од делови на Источен Ерусалим и минатото раселување на Арапите на окупираните територии и во рамките на Израел.

Ракетниот оган исто така му овозможува на Хамас да го надмине претседателот Махмуд Абас од палестинските власти, што врши делумна автономија во делови на Западниот брег. Г-дин Абас неодамна ги откажа првите избори во Палестина во последните 15 години, негирајќи ја шансата на Хамас да се легитимира преку изборен успех.

Сега Хамас сака да ја докаже својата важност преку други средства, анализира Мхајмар Абусада, политиколог на универзитетот Ал Акса во Газа.

„Дефинитивно, она што се случува е индиректна порака до палестинските власти и до Абас“, рече г-дин Абусада. „Ако тој не е подготвен да ја реорганизира палестинската внатрешна куќа, тоа е уште една причина зошто Хамас ескалира“.

Војната, исто така, му дава и на Нетанјаху политички простор за дишење.

Противниците на Нетанјаху имаат три недели да создадат коалиција – и нивниот успех зависи од крајно десничарските еврејски политичари и арапските исламисти кои ќе ги остават настрана фундаменталните разлики за да ги здружат силите во владата.

Но, војната со Газа го прави ова помалку веројатно, бидејќи на арапските политичари кои се противат на конфронтациите со Газа им станува многу потешко да најдат заедничка кауза со десничарите кои цврсто ги поддржуваат воените дејствија.

Мансур Абас, исламистички политичар чија партија одржува рамнотежа на парламентарната моќ, ги откажа коалициските разговори во понеделникот, бидејќи воената ескалација се појави како неизбежна. И министерот за одбрана Бени Ганц, кој вети дека ќе го симне Нетанјаху, сега е преокупиран со воените напори. 

Нетанјаху, во изјавите е пркосен и триумфалистички – вели дека борбите може да не завршат наскоро:

„Хамас и исламски џихад платија и ќе платат многу тешка цена за нивната агресија“, изјави тој во обраќањето доцна во ноќта. „Ова ќе потрае.“

Она што е јасно е дека ќе потрае на штета на цивилите оставени тажни и престрашени од конфликтот, луѓе за кои овие политички прашања не значат ништо. 

Во Бејт Ханун, северна Газа, семејството ал-Масри погреба две млади момчиња кои беа убиени во понеделникот вечерта.

Ибрахим (11) и Марван (7) играле надвор од нивниот дом кога удрила ракета, според нивниот вујко, Башир ал-Масри (25).

За г-дин ал-Масри, нападот покажа дека Израел не се грижи за цивилниот живот.

„Тие се насочени кон згради со деца, имаат за цел амбуланти, имаат за цел училишта“, рече тој по телефон. „И целиот свет, почнувајќи од Америка, вели дека луѓето во Газа се терористи. Но, ние не сме терористи. Ние само сакаме да живееме во мир “. 

Во вторникот вечерта беше невозможно да се предвиди кога мирот може да се очекува да дојде. Брзата ескалација до напади на цели со висока вредност може да значи дека секоја страна тргнува кон поголем конфликт, иако некои аналитичари сметаат дека тоа исто така може да значи дека секој се обидува да даде моќна завршна изјава пред да завршат борбите.

Но, полковникот Конрикус во вторникот рече дека воздушната кампања на војската е сè уште во „рана фаза“, па оттука тежината сепак преовладува кај оние проценки кои говорат дека светот е на прагот на една крвава и болна војна, несфатлива за вредностите на 21 век. 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

банки3 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите