Connect with us

интервју

Даниел Лорер: Бугарија ќе бара, а нема да чека инвестиции

Даниел Лорер, министер за иновации и раст на Бугарија

објавено

на

Даниел Лорер е министер за иновации и раст во кабинетот на Кирил Петков. Министерството е новоформирано и ќе биде одговорно за активности кои досега беа во надлежност на Министерството за економија и Министерството за финансии – како што се привлекување инвестиции преку Бугарската агенција за инвестиции и управување со Фондот на средства и Бугарската банка за развој. Пред да стане министер, Лорер работел  како партнер во фондот за ризичен капитал BrightCap. Тој има диплома по компјутерски науки и бизнис администрација на Универзитетот во Тел Авив. Деновиве даде интервју за софиски Капитал, што ви го пренесуваме во целост.

До неодамна, пред да станете министер, бевте инвеститор. Од таква гледна точка, која е причината големите инвестиции да не стигнат до Бугарија, туку да одат во Грција, Србија и Романија?

Морам да признам дека како инвеститор имав привилегија да инвестирам во сектор од економијата којшто е најмалку погоден од географијата и состојбата со корупцијата и владеењето на правото. Во областа на високата технологија, бидејќи нема физички средства, а активностите се интелектуални и мобилни, можностите за корупција се толку мали што Бугарија немаше проблем со оваа тема. Во оваа линија на размислување, не можам да кажам дека ја доживеав оваа страна на нашата реалност на свои плеќи, но знам доволно такви случаи каде што тоа се случило. Нема тајни, кажавме во кампањата – главна пречка е неизвесниот правен амбиент: дали ќе ви бараат поткуп, кој ќе ве праша, кога ќе ве прашаат.

Еден од главните проблеми во оваа  средина не е корупцијата сама по себе, туку видот на корупција. Ако замислиме совршена диктатура во која единствениот корумпиран е на врвот на пирамидата, корупцијата може да доведе дури и до одредена ефикасност. Плаќате што е потребно за да го остварите нешто  и тоа ќе го достигне врвот на пирамидата.

Тогаш корупцијата би била само еден вид данок …

Некаков вид на данок, да. Меѓутоа, кога корупцијата е децентрализирана и за да се изгради индустриски парк потребни ви се 200 дозволи и секоја е издадена од различна  институција која нема мотив  да го направи тоа без да биде потплатена, тогаш инвеститорите се соочуваат со реален проблем. Тие не можат да предвидат колку треба да биде овој поткуп, не можат да предвидат, ако го дадат со огромен ризик за нивната корпоративна дисциплина, дали ќе има позитивен резултат или следниот во низата нема да им каже „аха, ти даде на првата станица, сега и мене ќе ми дадеш“. Ова е клучот зошто климата во нашата земја е толку токсична за инвестирање во физички средства. Ова е и главната работа што сакаме да ја промениме: создавање правна предвидливост и казнивост кога се случуваат такви работи.

Како може да се борите  против таквата децентрализирана корупција?

Ние сме си ја завршиле „многу добро“ работата  изминативе  30 години создавајќи  правосуден систем кој не дава права, туку ги распределува правата на избрани луѓе. Ние не бараме кривична одговорност, напротив, таа е потисната и им помага на „нашите“ луѓе да го завршат својот дел од зделките. Како што милуваат да кажат во Русија: „Ние имаме договори за пријатели, имаме закони за непријатели“. Сè додека системот работи селективно на овој начин, нема шанси некој да ги бара и добие  своите права. Кога не се гарантирани правата на сопственост, ништо не може да се направи.
Рецептот е релативно едноставен, но бара парламентарно мнозинство, во некои случаи и уставно мнозинство. Антикорупциска комисија да гони и разоткрива  случаи на шокантна корупција и казнениот систем, обвинителството да го подготви предметот за судење за да помине и да го осуди сторителот. Звучи едноставно, но ќе ни треба извесно време.

Ова е фундаменталниот проблем на Бугарија, поради кој доаѓаат многу инвеститори, им се допаѓа она што  го гледаат – прекрасна природа, паметни луѓе, вкусна храна, четири годишни времиња, планини, мориња, ИТ инженери, машински инженери, туризам – но секогаш постои прашањето: ако ги вложам моите пари, што ќе ми се случи. Помалку атрактивни места како Грција, Србија и Романија лесно победуваат на натпреварот бидејќи имаат попредвидлива инвестициска клима.

Има аргумент од некои инвеститори дека нивото на корупција во балканскиот регион е горе-долу исто. И покрај тоа, во Србија годинава (интервјуто е направено на 23 декември 2021 година – н.з.) гледаме милијарди евра вредни инвестиции, а ние во последните години ниту деветцифрени немавме

Само оваа прва недела разговаравме со следните потенцијални инвеститори: производител на електрични автомобили од Азија, кој се прашува дали да изгради фабрика во Европа, производители на соларни панели, производители на индустриски водород во експериментални количини, стартап кој собра 100 милиони  долари инвестиции од САД и Европа, како и академски центар кој сака да создаде програма за докторанди по вештачка интелигенција, поврзана со врвни универзитети во Европа. Сето ова се случи за една недела. Некои од нив се потенцијални, други реални.

Во голема мера, пораката беше она што веќе ви го кажав, плус уште една работа што звучи едноставно, но всушност е фрапантна: нема со кого да разговарате. На ниво на министри, заменици министри, на ниво на премиер, во Бугарија со години нема со кого да се разговара. Дури и  да зборуваш, ништо не следи, ништо не се случува, администрацијата не помага и бизнисот си вели: ем ќе ме рекетираат, ем  ако се случи нешто, оваа администрација очигледно не ја интересира. Во Србија ланецот е јасен.

Сепак, има нешто друго. Главната причина зошто Бугарија ја загуби инвестицијата на Фолксваген, на пример, беше тоа што Турците едноставно дадоа повеќе директни пари за покривање на дел од инвестицијата. Дали вашата администрација има намера да даде повеќе пари за директна помош за бизнисите кои сакаат да дојдат овде?

Администрацијата има и јас имам, но морам да објаснам  пред Министерството за финансии, Советот на министри и Националното собрание зошто го правиме тоа. За нас е важно не само да привлечеме инвестиции, туку да привлечеме попаметни инвестиции. Тие не значат само фабрики, туку и центри за истражување и развој, и финансиски центри,  и развој на интелектуалната сопственост, така што ова што се случува овде да остане подолго во земјата. Ако го можеме тоа, мислам дека лесно можеме да оправдаме  посериозни суми. Можам да ви дадам неколку бројки.

Ние даваме релативно мали суми за да ги охрабриме инвеститорите според актуелниот закон. Како фиксни суми се во рамките на 10-15 милиони годишно, што не е ништо значајно, но сепак и без промена на законот имаме можност за дополнителни трансакции по меморандум, сличен на оној со Next.e.GO.

 Односно, кога Бугарија ќе стане поактивна, имаме механизми да издвоиме многу позначајни средства за промоција. Ова ќе биде една од мисиите на новото министерство. Ќе бидеме активни во потрага по инвестиции. Досега ги чекавме – ако дојде Фолксваген, ако дојде Шкода, ако дојде некој, ќе најдеме една ледина и ќе направиме нешто.

Со оглед на поделбата на министерствата, ако дојдат Фолксваген или Шкода, во вашето министерство ли ќе се обратат?

Прво не сакам да дојдат, сакаме ние да ги најдеме. За да ги најдеме, Бугарската агенција за инвестиции (БАИ) мора проактивно да ги профилира  типовите на инвеститори и бизниси што сакаме да ги привлечеме, да воспостави врска со нив и да ги привлече. Бидејќи БАИ е кај нас, ние ќе бидеме првиот чекор на патот на инвеститорите. Тие потоа ќе одлучат каде да се позиционираат. Доколку се позиционирани во државните индустриски зони, кои припаѓаат на Министерството за економија (одделот со министерката Корнелија Нинова – н.з.), ги вклучуваме во процесот. Така, на ниво на Советот на министри, изненадувачки, работиме како многу добро координиран тим.

Една од критиките, поточно коментарите што ги слушнавме во разговорите со нашите извори беше дека самата БАИ нема доволно финансии и кадар. Дали мислите дека сегашните ресурси се  доволни  за таа да биде проактивна?

Најпрвин би сакал да го покажеме максимумот со она што го имаме во моментов – има доволно луѓе во агенцијата, има доволно луѓе во министерството. Да го подигнеме нивото на инвестиции значително во однос на минатата година за да можеме да бараме повеќе средства. Ова е мојата стратегија во сè.

Истото важи и за уште еден интересен аспект од нашата национална политика – инвестирањето во науката. Имаме мала алатка наречена Национален фонд за иновации (НИФ) која е дизајнирана за корпоративни научни иновации. Што значи тоа? Кога една компанија има идеја за научно истражување  што ќе ѝ помогне во бизнисот, тоа научно  истражување е поврзано  со одреден ризик. Може да функционира или не може да функционира. Компаниите немаат капацитет сами да го направат тоа и бараат соработка со академска заедница. Ова е доста популарно ширум светот: Израел инвестираше стотици милиони во текот на децениите за да ја изгради оваа дисциплина и навика во локалните компании, т.е. кога имаат проблем, да бараат соработка со универзитет, да најдат решение  и да добијат  интелектуална сопственост. Таму оваа работа се прави со децении со многу пари.

Во Финска, буџетот за ова е околу 500 милиони евра секоја година. Нашиот буџет за предметната НИФ програма е 5 милиони евра. Освен тоа, имаме разни европски програми, но националната посветеност е нереално мала и навистина сакам овој простор  да се зголеми за бугарските компании да се навикнат на тоа дека постои начин да прават научни истражувања не само со сопствени сили,  но и со академијата. Замислете Финска да инвестира 500 милиони во една година, па следната 500 – веќе има една милијарда евра пред нас, додека ние имаме пет, а потоа уште пет и уште пет. Имаме многу што да стигнеме, а Финска како БДП е можеби пет пати поголема од Бугарија. Односно, разликата таму не е меѓу 5 и 500. Прашањето е национален фокус. За да не бидеме силни само на зборови, ние сакаме да покажеме резултати, односно што станало со тие пари, и постепено тој праг да се зголемува.

Истовремено, многу сакам ова министерство тесно да соработува со Министерството за образование и наука. Друга причина зошто компаниите не доаѓаат во нашата земја е немањето висококвалитетен човечки капитал. Создаваме инженери, програмери, механичари, но ни недостасуваат академски центри за напредни технологии. Ако ви треба исклучителен капацитет – доктор по вештачка интелигенција, нанотехнологија, биохемија, ДНК анализа, ние ги немаме. Можеби имаме поединци кои студирале во странство и се вратиле во нашата земја со ентузијазам да создадат катедра на факултет и сл., но немаме квантитет. За да може една компанија да дојде овде и да прави истражувања и развој  со висок интензитет, треба многу докторанди, многу магистри да дојдат и да работат таму. Додека ние не ги произведуваме овде, кај нас ќе доаѓаат фирми на кои не им се потребни.

Затоа, многу би сакал Министерството за образование и наука да ги приспособи нашите политики и буџети, особено според европските програми за вакви центри, а потоа да почне да произведува висококвалитетен кадар и наука. Тогаш фирмите ќе си речат: аха, нешто се случува овде во Бугарија. Одеднаш има истражување, има научни трудови, има докторанди. Зошто да не се изгради лабораторија, друга до неа, ќе излезе спиноф, ќе ја финансира Државниот фонд за иновации, ќе стане компанија, потоа ќе ја преземе Фондот, ќе стане стартап, па ќе даде БДБ заем и ќе оди во странство. И така нагоре по  синџирот на исхрана.

Задолжително е да имате  врска со Министерството за образование и наука, бидејќи од фирмите не слушаме дека добиваат готов кадар од нашите универзитети …

Мојот следен сон, повторно инспириран од Израел, е идејата за водечки научник кој ги следи иновациите во областа на одредено министерство, а потоа, ако сакаат, да се финансираат преку владини програми. Сакам ние, Министерството за иновации и раст, да имаме експерти за различни теми, за кога некој од енергетскиот сектор ќе дојде со некоја интересна идеја, да дознаеме дали е добра и ако е така – каде може да се вклопи во економскиот циклус. Истото со земјоделството, туризмот …

Спомнувајќи ги науката и лабораториите, има ли место во оваа шема „Sofia Tech Park“? Тој требаше да стане тоа што го објаснувате, но не испадна така.

„Sofia Tech Park“ требаше да биде физичка инкарнација на сите овие работи на едно место и допрва треба да ја исполни  својата мисија. Низ годините  се уверивме дека државата има проблем да форсира нештата да се случуваат.  Sofia Tech Park е релативно полн со стартапи во моментов, но поинтересни работи би можеле да се случуваат во  целата оваа област. Сè уште немам одговор на прашањето дали државата треба да е  вистинскиот сопственик на овој простор или некако треба да се управува заеднички со приватни оператори. Мораме да размислиме за тоа.

Веќе спомнавте дека имате намера да бидете проактивни во потрагата по компании. Овде се поставува прашањето како тоа ќе се случи, кои компании, од кој сектор, па дури и од каде – на пример, им велиме „дојдете во Бугарија“ или „знаеме дека имаме проблеми во Софија, па дојдете во Видин“? Како би им пристапиле на компаниите и што би им понудиле?

Имаме многу интересни идеи овде. Прво  е она што го гледаме на пазарот. Од оваа недела, тоа што ви кажав што ми се случи, одлично илустрира за она што ни доаѓа во моментов. Накусо кажано – зелено и дигитално. Ова се главните насоки на Европа за финансирање според новата оперативна програма и воопшто како идеологија на Европската Унија. Ќе бараме од  овие две области бидејќи се очигледни.

Следен приоритет се добавувачите на постоечките компании во нашата земја. Ова е исто така релативно јасен пат по кој можеме да одиме. Тие самите доаѓаат кај нас, па ние можеме само да им помогнеме. Имате фабрика за автоделови, па зошто да ги немате вашите добавувачи во близина? Особено во денешното геополитичко опкружување, кога носењето работи од Далечниот Исток е скапо и со нејасна перспектива.

Следниот аспект што ќе го бараме се постоечките компании кои сакаат да го надградат своето производство со нови линии или истражување и развој  на нив.

И на крајот  се целосно нови инвеститори кои ќе се појават околу секторите кои се веќе тука. Кога имаш еден производител на автомобили, друг сака да дојде. Кога имаш една софтверска компанија во „Младост“, друга сака да дојде. Кога имаш еден туристички центар во Варна, уште еден сака да дојде. Тие се привлекуваат взаемно.

Го спомнавте ИТ секторот, со кој сте доста запознаени. Планирате ли да  барате инвестиција од некој  од петте гиганти – Apple, Facebook, Google, Amazon, Microsoft? Apple можеби е малку преголем залак, но чисто софтверските компании имаат присуство околу нас. Тие се во Романија, Полска, Грција, но не и во Бугарија …

Во интерес на вистината, титаните од блиското минато како ХП имаат сериозно присуство кај нас. Google всушност има добар центар за податоци овде, иако не многу познат. Мораме да разговараме со многу од нив, бидејќи голема инвестиција од која било од нив е значајна за секоја земја. Очигледно сме во конкуренција со сите други земји во регионот и треба да одлучиме каде е нашата предност. Ми се чини дека многу од нив сакаат да работат со државата и сакаат да работат на регионално ниво, бидејќи секој наш пазар е релативно мал. За Google Бугарија е мала, за Amazon Грција е мала, за Microsoft  Србија е мала. Секој од овие пазари сам по себе не е многу интересен. Прашање е кој ќе може да привлече регионален центар на  некој од овие големи играчи.

Од нашите неформални разговори со овие гиганти тие го кажуваат следново: прво, Бугарија има огромен проблем со имиџот како корумпирана земја и, второ, ако Бугарија има шанса за нешто, тогаш тоа се центри за податоци. Проблемот е што  кога имаш центар во Романија, не ти треба во Бугарија. Како да им кажеме: не одете во Романија или Грција, туку дојдете кај нас?

Не можеме да им кажеме да не одат во Романија или Грција, но можеме да им кажеме: прво, ова е географијата на Бугарија. Особено за центрите за податоци, зоните на земјотреси и климата се нешто што тие го земаат предвид. Втората работа што можеме да им ја кажеме: ваква е даночната состојба кај нас. Третата работа што можеме да им ја кажеме: ова е човечкиот  капитал кај нас. Четврто: Бугарија денес не е она што беше лани. Тоа ќе го покажеме со промена на индексите кои ја мерат корупцијата кај нас, но ќе треба време за да се акумулира метриката. Во меѓувреме,  во оваа насока ќе биде и целата порака од администрацијата. Многу сум среќен што го видов тоа по средбите со амбасадорите и претставниците на компаниите кои можат да разговараат со луѓето од другата страна на масата. Ова е исклучително освежувачко за нив и претпоставувам дека ќе функционира на среден рок.

Но, сега другата гледна точка: дали навистина сакаме Google или Amazon да отворат центри  во Бугарија, со оглед на тоа што ова може да вшмука  многу персонал, главно од помалите компании?

“Не само тоа.  Дали сакаме Google или Amazon  да отворат голем центар за податоци ако тоа ќе ја чини државната каса субвенции  што не можеме да си ги  дозволиме? Очигледно треба да се калибрира проект со џин од ваков размер за да ѝ помогне на Бугарија да расте, а не да цица. Ниту човечки ниту финансиски ресурси. Ова е дел од нашата мисија овде. Едноставно изградбата на центар од 1 милијарда долари кој ќе јаде струја и луѓе за да му служи на локалниот пазар е од мал интерес. Ги бараме оние работи кои додаваат вредност – истражување и развој, услуги, производи. Ова треба да биде пакетот што го нуди секој од нив.

Рековте дека во седмицата  откако ја презедовте функцијата, се појавија компании кои прашуваа за Бугарија. Звучи како да чекаат на стартната линија. Дали претходно споделија со вас дека се двоумеле?

Така нешто. Не би рекол ни дека беа на стартната линија, попрво кружеа околу нас. Некои од нив ги видовме летото. Тие се вртат околу Бугарија бидејќи имаат интереси и бизниси кои бараат ваков тип на инвестиции. Бидејќи тоа не се одлуки од денес за утре, тие се вртат околу териториите што ги интересираат и следат што се случува. Во Бугарија почнаа да се слушаат интересни вести и уште тогаш добивме прашања – слушаме дека нешто се случува со вас, дека работите се менуваат, но дали можеме да го видиме овој министер (Кирил Петков – н.з.)? Тогаш немавме одговор, бидејќи не знаевме што ќе правиме. Сега имаме. Во Бугарија работите се случуваат и ако останете ќе ги видите. Така што, да, ова се инвеститори кои долго време кружат наоколу и сега конечно би сакале да направат чекор напред, вклучувајќи ја и фабриката за електрични велосипеди, за којашто најдовме локација во Пловдив.

Дали планирате да направите измени на сертификатите за промоција на инвестициите и промени на законско ниво воопшто?

Се договоривме со тимот да разговараме за Законот за поттикнување инвестиции на почетокот на следната година (2022 – н.з.) со цел да научиме од нивното искуство што може да се подобри во него. Не само како бројки, туку како законски формулации.

За Планот за закрепнување: како ќе се поклопи со  вашите планови и за што ќе одат најмногу пари?

Таму битката што се водеше летото беше како да се распределат парите – грантови или финансиски инструменти. Како човек во економијата, за мене нема сомнеж дека финансиските инструменти се оние кои создаваат финансиска дисциплина и одговорност во бизнисот. Во исто време, нашата економија има историја, затоа грантовите мора да продолжат. Нашата амбиција е да го оптимизираме односот на грантови и финансиски инструменти во насока на финансиски инструменти, за да создадеме услови и за гаранции и за финансирање со капитал во различни фази на развој на бизнисот – мали и растечки.

Интервјуто го направија Јоан Запријанов и Иглика Филипова

Капитал Софија

економија20 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

свет6 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор