интервју
Дарко Гацов: Горди сме што гигант од нашата индустрија го препозна квалитетот и потенцијалот што го имаме
Дарко Гацов, оперативен директор на Singular

Singular, компанијата што македонскиот претприемач Дарко Гацов ја формираше со интернационални партнери, и која што преку своите канцеларии во Скопје, Грузија и Малта развива софтверски платформи за потребите на т.н. iGaming индустрија, од неодамна е дел од британската корпорација Flutter Entertainment, водечки играч во сегментот на онлајн казината и обложувањето.
Дарков Гацов, роден Скопјанец, има несекојдневна претприемачка сторија за споделување – од студентските денови во Виена, преку бизнис потфатите во Грузија, партнерството во компанијата Singular специјализирана за софтверски платформи за потребите на онлајн казина и спортски обложувалници, растот и развојот на стартапот, се’ до моментот кога глобалниот гигант во сегментот на т.н. iGaming, британската корпорација Flutter увидува дека потенцијалот на Singular е голем, па решава преку аквизиција да ги стави под својата капа. Токму овој најнов успех на Singular беше повод за ова интервју, па деновиве поминав неколку часа во прекрасен разговор со Гацов, при што го „покривме“ неговиот пат до успехот, фаза по фаза, колку што се можеше во тој ограничен тајминг, со надеж дека ќе извадиме инспиративни поенти за сите млади претприемачи или оние што размислуваат кој пат допрва да го фатат во својата кариера во ИТ секторот.
Како што вели Дарко, македонскиот ИТ сектор е многу светол пример за успех и е гранка која овозможува здрава почва за надеж.
„Надеж дека без разлика на сите регионални, пазарни и политички комплексности во државата и регионот, луѓето со своите идеи, едукација, посветена работа и претприемачки дух, можат да направат големи исчекори – не само за себе и многу луѓе околу нив туку и за целата наша земја.“

Дарко, раскажете ве молам, како почнува приказната на Singular? Од каде токму во Грузија?
Приказната почнува со другарство на двајца странци во Виена, студенти на Webster University, едниот од Скопје, Македонија, другиот од Тбилиси, Грузија.
Да, едниот сум јас, а другиот е еден прекрасен човек Ото Шаликашвили. Јас слепо амбициозен, академски посветен да бркам просек, бидејќи имав стипендија, а Ото прагматичен со цел да извлече знаење од факултетот, но само во теми за кои има интерес.
Двајцата делевме глад за знаење, пасија за филозофија, за предизвикување на статус кво во сите работи и неуморно дебатиравме за тоа што преставува животот и кои вредности го прават човека човек. Преку заедничка работа на факултетските проекти, многу работа и неспани ноќи увидовме и дека делиме пасија за создавање вредност. Секако, тоа не беше од филантропски мотиви, бидејќи во Виена студентскиот живот е скап и истражувавме како преку претприемништво може да си обезбедиме покомотен живот во градот.
За време на нашето школување, пробавме да направиме многу проекти, некои успешни, повеќето неуспешни. Секако тоа не ни беше причина да кренеме раце од идејата да создадеме вредност. Кога дипломиравме Ото одлучи една година да ја истражува Виена, а јас почнав да работам за General Motors. Нашето дружење и нашите дебати, не престанаа.
Речиси една година подоцна, беше сабота и седнавме на појадок во 15/16, место во Виена омилено и на двајцата каде отворивме една друга дебата за животот – овој пат за врските со нашите родители. Двајцата констатиравме дека веќе сме едноставно возрасни и дека треба вистински да поминеме време со нашите фамилии, што резултираше со одлука тој да се врати во Грузија, а јас во Македонија. Одлуката “падна“ уште на самиот појадок, но во 15/16 тоа саботно утро, не “падна“ само одлука, туку и ветување кое подоцна ни ги смени животите.
Констатацијата која водеше кон ветувањето беше дека “Еден ден, ние мора да работиме заедно. Може да е утре, може да е после 5 години, но кога на едниот ќе му се создаде можност, треба да му се јави на другиот, а другиот, доколку можноста е подобра од тогашната негова работа, не смее да каже не.“ Ветување? Ветување!
Што се случи подоцна? Како ви се вкрстија патиштата повторно?
Речиси две години подоцна, јас вработен во Про Агенс, Ексел отворен на два монитори, правам систем за алокација на трошоци за Македонска Пошта кога ми го носат канцеларискиот телефон, бидејќи “Некој од странство ме бара“. Кревам една веѓа со што давам на знаење и на себе и на подавачот на телефонот дека не очекувам некој да ме бара, уште помалку тој некој да е од странство.
- Ало?
- Hey man wassup? Just to let you know, I got married!
Од таа страна Ото, кој го немав слушнато долго време, само што ми кажа дека се оженил уште пред да ми каже здраво. После моите честитки и паралелното правење на математика како да стигнам до Тбилиси на свадба, Ото доста непосредно ми кажа дека свадбата била пред 6 месеци и дека ме бара да ме праша дали ми текнува на ветувањето од 15/16? Мислам дека и тоа прашање беше реторичко, бидејќи уште немав одговорено, а тој тргна да ми објаснува што се случило кај него.
“Еден многу богат бизнисмен, има идеја да почне онлајн казино. Тој има физичко казино кое е познат бренд, но сака да отвори онлајн. Ме побара мене да го водам бизнисот, но јас знаеш дека сум маркетолог и му кажав дека јас нема да можам да го водам бизнисот туку дека ќе водам маркетинг. Но, исто му кажав дека знам кој може да го води бизнисот и дека ќе се нафатам на работата доколку тој те викне тука и заедно да работиме. Туку за ветувањето – сигурен сум дека оваа можност е подобра од екселите пред тебе, па си земав слобода да ти извадам авионска карта и да ти кажам дека за 14 дена леташ за Тбилиси, а јас ќе те чекам на аеродром. Се гледаме за две недели.“
Повикот делуваше повеќе како монолог на Ото, затоа што бев повеќе од збунет. Како го затворив телефонот, 10 минути останав да гледам во една точка и да ги консолидирам мислите. Па јас, ќе треба со 100 евра во џеб да летам за Тбилиси?! Нејсе, после рефлексијата од 10 минути станав и влегов во канцеларијата на директорот на Про Агенс на кого му ги раскажав и ветувањето и содржината на телефонскиот повик.
- И? Мислиш да одиш за 14 дена?
- Па, се мислам, да.
- Даркич, ветување си е ветување. Од мене имаш целосна поддршка, а твоето биро ќе го чувам празно се додека не ми се јавиш дека се е во ред во Тбилиси и дека се испаднало како што си очекувал.
Со тој ветар во грб од директорот на Про Агенс, така и бидна.
За 14 дена, на 1ви април 2011, стигнав во Тбилиси и со Ото го почнавме проектот adjarabet.com во стан од 50 квадрати на улица Абашидзе. Што поради пожртвувана работа и бескомпромисна посветеност, што поради вистинско време и место, аdjarabet.com уште истата година стана најбрзо растечкиот бизнис во нашата индустрија во последните 5 години на светско ниво.
Дали онлајн казиното во Грузија беше појдовната точка за Singular подоцна?

Додека го градевме бизнисот, увидов дека во индустријата на онлајн игри на среќа, технологијата игра клучна улога и е тесно поврзана со успехот. Единствен начин да се има брз time-to-market и да може креативата во бизнисот да се преточи во реалност е со силен оперативен тим и со флексибилна технологија посветена на бизнисот. Тогаш веќе знаев дека за компанијата да има долгорочен успех, треба да го најдеме токму тоа парче кое тогаш недостасуваше и оваа цел ја споделив со една колешка. Таа не губеше време и веднаш ми сподели дека познава двајца млади момци кои студирале во Лондон, пред скоро време се вратиле во Грузија и отвориле фирма за технологија која прави игри за социјални медиуми.
Така, летото во 2011 ги сретнав Акаки и Џорџ, прекрасни луѓе со брилијантни умови кои подоцна кон крајот на годината ми стануваат партнери во Singular. Акаки, екстровертен и самоуверен, тврдеше дека се’ што може да се смисли, може и да се направи. Џорџ, потивок и аналитичен, дофрлуваше поконкретни механизми на реализација. Уште на првиот состанок утврдивме неколку проекти кои тие ќе ги развиваат за остварување на моите планови во adjarabet.com. Проектите беа комплицирани, а времето за нивна реализација беше многу кратко, но и покрај сите овие неприлики Акаки и Џорџ испорачаа производи и решенија со многу висок квалитет.
Тогаш јас веќе бев сигурен дека ја остварив целта да најдам добар партнер за технологија на adjarabet.com. Од друга страна Акаки и Џорџ биле сигурни дека сакаат да им станам партнер во Singular и да ја промениме главната дејност на компанијата од игри за социјални медиуми во игри на среќа. При крајот на 2011 тие ме повикаа на ручек и ми соопштија дека одлучиле да ми понудат партнерство во нивната компанија за заедно да ја развиваме во оваа индустрија. Поставивме цел уште на истиот ручек – да ги направиме најмодерните, најмодуларните и најагилните решенија што индустријата ги видела додека притоа користиме само нови технологии.
Никогаш не сум рекол ‘не’ на предизвик, а особено немав намера да одбијам предизвик кој имаше за цел да разбранува една цела индустрија која впрочем е многу динамична и бескомпромисна и во која професионално се идентификував.
Како течеше развојот на компанијата? Кои се клучните моменти пресвртници?
После овој состанок следеа неколку епохи во развојот на Сингулар.
Првата беше создавање и развој на основите и траеше скоро 4 години. Тие четири години се работеше и дење и ноќе и беше еден од можеби најнапорните периоди во мојата професионална кариера. Но млад, полн со енергија, амбициозен и воден од визија во која се идентификував, не ми беше тешко. Главното прашање не ни беше кое е најдоброто решение кое го има направено индустријата или нашите идни конкуренти, туку како да направиме комплетно нов технолошки екосистем кој ќе ги реши и проблемите на иднината (no legacy – scalable – modular – future proof tech).
Најпрво отворивме центар за развој на технологии во Скопје и дел по дел ги направивме сите најважни технолошки вертикали, iGaming платформа, спортско обложување, казино платформите и P2P платформа и engine. Сите овие технологии беа ставени во пракса во adjarabet.com и истите покажаа перформанси кои претходно не беа забележани на глобалниот пазар. Singular почна да добива препознавање, но истото беше најмногу од локалниот пазар. Важно е да се истакне дека кога фирма за технологии работи на свои производи, развојот и иновацијата никогаш не престануваат. Производите и решенијата не се дестинација, тие се процес кој постојано и неуморно мора да се надградува.
Цело ова време ја водев adjarabet.com и паралелно работев за Singular. Откако основите беа поставени, за наредните поглавја, мораше да се посветам само на една од тие две приказни.
Со моето заминување од adjarabet.com, некаде во средината на 2015, почна втората епоха на Singular. Целта на оваа фаза беше еднаква ако не и повеќе амбициозна од првата –нашите технологии и решенија да се пробијат на меѓународен пазар и да добијат признание на глобално ниво. Оваа цел, како и првата, не се прави преку ноќ. Првиот чекор беше инкорпорација на Singular и во Малта која е препознатлива во Европа како центар за iGaming. Со тоа почна еден процес на патувања, меѓународни конференции и излагања на истите, средби на различни континенти со потенцијални клиенти и повеќе “пичови“ и демоа на производот од што можам да избројам. Приказната се развиваше чекор по чекор и почна со помали и понестабилни клиенти, но продолжи со посериозни проекти каде Singular и учеше и имаше можност да се докаже.
Неколку години подоцна, работејќи кон остварување на оваа цел, Singular порасна повеќекратно и почна да станува препознатлив бренд во индустријата. Цел овој период Singular растеше исклучиво органски и јас, Акаки и Џорџ уште од првиот ден не прекршивме еден постулат – дека сета материјална вредност која ќе ја направи компанијата ќе биде повторно искористена за нејзин раст, односно дека сопствениците нема да зимаат дивиденди од компанијата.
Во ИКТ секторот, посебно во фирми кои работат на свој производ и тој е enterprise производ, доаѓа период каде производот е со докажана вредност на пазарот и за забрзано растење на фирмата е потребен капитал поголем од оној кој фирмата може органски да го обезбеди. Секако тоа е можно да се направи и органски, но за да се постигнат истите резултати ќе биде потребно повеќе време. Во нашиот случај доколку имавме пристап до екстерен капитал ќе можевме наместо за 8 години, целите да ги постигнеме за 3 години.
Така во 2020 доаѓа третата епоха на Singular во која јас, Акаки и Џорџ се согласуваме да ја отвориме приказната за екстерни инвестиции кои ќе овозможат забрзан раст и побрзо стигнување до целта. Сите фази си носеа свој предизвик, но воедно и можности за учење на нови работи. Можноста за учење е и движечката сила во мојата кариера. За да ги направиме првите чекори во оваа фаза, потребно беше да се документира се што Singular има направено и да се конкретизира вредноста, како сегашната, така и идната, на сите наши решенија и цели.
Како дојде до моментот Flutter да се заинтересира за вас и да направи аквизиција?
Во дискусиите со различните светски компании патот ни се вкрсти со Flutter Entertainment, која е најголемата компанија во светот во оваа индустрија. Таа истата фирма во раните месеци на 2019 купува контролен удел и во adjarabet.com. Во дискусијата со нив ние сретнавме ентитет кој не само што ја препозна нашата вредност и можноста на нашите технологии, туку е компанија која дели многу блиски вредности со нашите и е центар на експерти и знаење што овозможува да продолжиме да се надградуваме и учиме. Иако целта на оваа фаза беше инвестиција за раст, во разговорите со Flutter препознавме посилна симбиоза и поголема вредност од она што го очекувавме и процесот резултираше со аквизиција на Singular.
Ова секако е успех и на целиот тим на вработени во Сингулар во Македонија, во Грузија и Малта и воедно и признание за нивната стручност и посветеност, за сите кои се или некогаш биле дел од оваа приказна. Производот кој заедно го изградивме е нешто што одекна на светскиот пазар. Откако станавме дел од Flutter за Сингулар почнува нова епоха, како дел од најголемата компанија во индустријата. Отворени сме за нови предизвици како и за искористување на нови големи можности кои ги нуди глобалниот пазар низ призмата и искуството на Flutter и спремни сме да направиме нови исчекори и многу поголеми успеси.
Колкава е големината на спортското обложување и онлајн игрите во рамки на глобалниот онлајн пазар, за колкави бројки на приходи зборуваме годишно?

Бројките се значителни бидејќи ова е една сериозна индустрија која е исто така строго регулирана од локални или меѓународни регулаторни тела. Важно е да се истакне дека бројките и претпоставките се темелат на она кое може да се види преку регулираниот пазар. Имаме и ситуации кои биле обелоденети за многу земји каде онлајн игрите на среќа не се регулирани дури и пазари каде се нелегални, но сепак такви услуги се приредуваат од странски или домашни компании и истите им се достапни на граѓаните на тие земји. Согласно на тоа верувам дека бројките и потенцијалот се уште поголеми од оние кои ни се достапни во проекциите денес. Да се направи некоја квантификација, претпоставката е дека во наредните 5 години пазарот ќе биде околу 130 милијарди евра бруто приходи од игри.
Како сте задоволен од развојот на македонскиот ИТ сектор и неговата позиционираност во глобален контекст? Кои се според вас клучните доблести, а кои се слабости на домашната ИТ индустрија?
Јас сум по природа човек што секогаш гледа како работите може да бидат направени уште подобро. За ова тргнувам најпрво од себе, а потоа за луѓето и работите околу мене, што често прави да изгледам критичен дури и кога работите резултирале дека се добри.
Македонскиот ИТ сектор е многу светол пример за успех и е гранка која овозможува здрава почва за надеж. Надеж дека без разлика на сите регионални, пазарни и политички комплексности во државата и регионот, луѓето со своите идеи, едукација, посветена работа и претприемачки дух, можат да направат големи исчекори – не само за себе и многу луѓе околу нив туку и за целата наша земја. Од тој аспект, не можам да кажам дека не сум задоволен, бидејќи овој сектор е една од причините поради кои многу способни луѓе кои ги познавам одлучиле да не отпатуваат во странство туку да ги градат своите иднини и оние на нивните фамилии дома. Но секако, работите може да се уште подобри и ИТ секторот има потенцијал за поголем успех од оној кој до сега сме го оствариле.
Да тргнеме вертикално, каде можело и може да се направи поголема вредност. Во правење на посилен и попрактичен образовен систем и создавање на центри на знаење, бидејќи и побарувањето и луѓето спремни да помогнат се тука. Во регулативата, од еден агол даночната за привлекување на големи технолошки фирми, од друг за онаа која ќе помогне за младите полесно да направат своја претприемачка приказна, од трет за прогресивни модели кои ќе излезат од комфорна и конзервативна регулативна позиција. Нема прогрес во комфорна позиција, а посебно во онаа која треба да е носечка во државата.
Во охрабрување на бизнис модели кои помалку ќе се фокусираат на создавање на интелектуална сопственост на странски outsource компании, а повеќе на нешто што ќе даде долгорочна вредност на домашниот ИТ сектор. Во градење домашни брендови кои ќе одекнат во странство. Во истражувачки дејности и апликативни решенија за подобрување на домашниот пазар, па доколку успееме во тоа и во примената на тие решенија за подобрување и на странските пазари. Во создавањето наши продукти и услуги.
Дека ова веќе се прави е точно, но дали може да е уште подобро – секако да и тоа многу.
Како млад човек и менаџер соочен со реалноста на (пост)пандемичното доба, кои се според вас клучните предизвици со коишто допрва ќе се бориме на планетава?
Секоја генерација си има свои предизвици. Секоја наредна ги доживува своите како потешки од претходните – јас не сум исклучок. Дури мислам дека проблемите и предизвиците на наредните генерации ќе бидат уште поголеми од нашите денес.
Ова прашање има и филозофска тежина. Како што стануваме се’ повеќе луѓе на ова парче во сончевиот систем, комплексноста на проблемите се’ додека нема значителна промена на просекот на свеста во нагорна линија, ќе биде се’ поголема. Еден клучен предизвик е менување на системот за образование. Како цивилизација одамна го имаме надминато системот во кој цел е се научат информации, бидејќи тие се веќе достапни на секого во секое време и во мера поголема од што може да ги обработи нашиот ум.
Веќе немаме потреба за униформна подготовка на луѓе за да имаме конзистентност од една држава во друга. Имаме потреба за нови решенија и креација, за разбирање на комплексни системи, за градење на објективни и аналитички умови, кои ќе имаат за цел тоа што го прават да биде во баланс со природата. Имаме потреба за разбирање што значи градење на соживот и како тоа што го правиме за нас ќе се одразува и за тие околу нас и тие после нас. Колку поскоро направиме целосна промена на образовниот систем, толку побрзо ќе овозможиме проблемите на идните генерации да се помали од оние на претходните.
Друг клучен предизвик е адаптирање на економскиот систем. Во ограничено парче земја, не може да засноваме систем кој се потпира на константен раст – тоа едноставно и пркоси на логиката.
Уште еден клучен предизвик е адаптирање на политичките системи, чувствителна тема која веќе тие за кои е осетлива се свесни за потребата на менување.
Клучни предизвици има многу, но луѓе кои ќе се спремни да жртвуваат време и енергија и да го посветат своето битие за да ги решат, ќе има повеќе.