економија
Две нови фабрики вредни над 200 милиони евра и речиси 4.000 нови вработувања
Тајвански „Јагео“ со најголема гринфилд инвестиција во Македонија досега

Позитивното искуство од работењето на „Кемет” на македонскиот пазар, кој пред две години стана сопственост на Тајванската групација била клучна за одлуката.
Делови и компоненти за „Тесла” и „Епл” произведени во С. Македонија. Тајванската групација „Јагео” ги обелодени плановите за проширување на инвестицијата во Македонија. Договорот кој беше потпишан во Тајпеј, го добива епитетот најголема гринфилд инвестиција во Македонија. Со вкупен износ од 205 милиони евра и план за отворање на 3.900 работни места во период од десет години. Позитивното искуство од работењето на „Кемет” на македонскиот пазар, кој пред две години стана сопственост на Тајванската групација била клучна за одлуката.
„Направивме многу истражувања во регионот, но две причини за нас беа пресудни да ја одбереме Македонија за оваа инвестиција. Првата беше досегашното 10 годишно искуство од работењето, но и позитивниот однос и поддршка што ја довивме од страна на владата. Дополнително за нас е важна стабилноста на државата, но исто така и квалитетот на работната сила”, изјави Дејвид Ванг, главен извршен директор на Јагео.
„Јагео” планира да изгради два нови производствени капацитета, Едниот во Скопје, а вториот во Штип. Првично, фокусот ќе биде зоната во непосредна близина на метрополата каде изградбата треба да стартува во текот на наредната година.
За првиот човек на ТИРЗ, инвестицијата е од големо значење, не само поради фактот што е досега најголема, туку и што е добиена во конкуренција со земјите од регионот.
Конкуренти Србија и Хрватска

„На почеток кога дојдоа за нас беше само сон, дека можеме да обезбедиме една волку голема инвестиција во земјата, да дојде кај нас. Процесот на преговори не беше лесен бидејќи од другата страна имавме сериозна компанија која знае што сака, а имавме и конкуренти од регионот, пред се од Србија и Хрватска. По една година со заеднички напор, не само на ТИРЗ, туку и на сите институции кои беа вклучени во процесот“, изјави Јован Деспотовски-директор на ТИРЗ
Потписот на договорот преку видео конференциска врска го поздрави и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој нагласи дека влезот на „Јагео” на македонскиот пазар е за доброто на сите граѓани и додаде дека концептот на привлекување на инвестиции дава резултати.
Инвестицијата на „Јагео” отвора можности и за домашните компании кои добиваат можност да станат дел од снабдувачкиот синџир на компанијата:
„Сакаме да привлечеме на македонскиот пазар да инвестираат наши глобални партнери, но исто така сме отворени за соработка и со домашни компании. Очекуваме од Владата да ни достави конкретен список на компании со кои би можеле да соработуваме. Но исто така сакаме да инвестираме и во човечкиот капитал. Планираме инвестиции во развој во соработка со домашните универзитети во насока на креирање додадена вредност“, изјави Андреас Мајер”, шеф за операции на компанијата.
„Јагео” е основана во 1977 година и се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електроника. Има 49 производствени капацитети на глобално ниво со 40.000 вработени, со годишен обрт од над 4 милијарди долари.
Рекорден прв квартал за извозот од ТИРЗ
Во првиот квартал од 2023 година извозот од индустриските зони достигна 951,6 милиони евра што е највисоко ниво досега во последниве пет години. Анализата на ТИРЗ покажува дека тоа е пораст од речиси 12% во однос на истиот период лани и над 22% во однос на 2021г. Во однос на првиот квартал од 2020 извозната активност на компаниите е зголемена за дури 59%, во однос на 2019 за 37%, односно за 72% во однос на 2018.
На месечно ниво вкупниот извоз од зоните во март достигна 345 милиони евра, што е за 31% повисоко споредено со март 2022.
И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе пет години. Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 770 милиони евра и е за 3,5% повисок од првиот квартал лани, и речиси 5% повисок споредено со првиот квартал во 2021 година. Дури 40% е порастот на увозот во однос на 2020, додека споредно со првиот квартал 2019 година увозот пораснал за 21%, односно 57% однос на 2018. Во зоните во март месечниот увоз во ТИРЗ е на ниво од 279 милиони што е за 17% повеќе во однос на март лани. Анализата покажува дека во третиот месец од годинава е регистрирано и високо ниво на нето извозот од 23,4%.
„Анализата покажува и дека продолжува растот на бројот на вработени кој во март достигна највисоко ниво досега. Во компаниите во ТИРЗ работат 16.650 наши сограѓани што е за речиси 15% повеќе во однос на истиот период лани. Само со почетокот на годинава над 260 наши сограѓани се вработиле во компаниите во ТИРЗ.“, истакнува директорот на ТИРЗ.
Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што ТИРЗ во последниве две години се постигнати договори во вкупен обем од над 620 милиони евра и истите треба да донесат над 5000 нови работни места.