економија
ДДВ-то го наполни буџетот за четвртина повеќе од лани
Буџетот закрепнува од корона – кризата

Приходите од даноци во првите десет месеци од годината се зголемени за 18,9% и изнесуваат 1,66 милијарди евра. По одделни видови на даноци, најголема е наплатата на ДДВ, од кое што во државната каса се слеале 1,17 милијарди евра, што е 22,3% повеќе отколку истиот период лани и покажува дека годинава има значително поголема економска активност отколку во екот на корона – кризата. Потоа следува персоналниот данок на доход од којшто се инкасирани 257,9 милиони евра, и тоа е зголемување за 9,8% на годишно ниво. Од данокот на добивка, пак, годинава наплатени се 151,5 милиони евра, или 80,4% повеќе отколку за десет месеци во 2020 година. Се’ на се, сите буџетски приходи и од даноци, и од придонеси, и од царини, во периодот од јануари до октомври годинава изнесуваат 2,9 милијарди евра, што е 15,5% повеќе отколку лани кога приливите во државната каса значително се намалија поради ненадејната рецесија.
Приходите од даноци во првите десет месеци од годината се зголемени за 18,9% и изнесуваат 1,66 милијарди евра. По одделни видови на даноци, најголема е наплатата на ДДВ, од кое што во државната каса се слеале 1,17 милијарди евра, што е 22,3% повеќе отколку истиот период лани и покажува дека годинава има значително поголема економска активност отколку во екот на корона – кризата. Потоа следува персоналниот данок на доход од којшто се инкасирани 257,9 милиони евра, и тоа е зголемување за 9,8% на годишно ниво. Од данокот на добивка, пак, годинава наплатени се 151,5 милиони евра, или 80,4% повеќе отколку за десет месеци во 2020 година.

Сè на се, сите буџетски приходи и од даноци, и од придонеси, и од царини, во периодот од јануари до октомври годинава изнесуваат 2,9 милијарди евра, што е 15,5% повеќе отколку лани кога приливите во државната каса значително се намалија поради ненадејната рецесија предизвикана од пандемијата и придружните мерки за запирање на ширењето на вирусот.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека освен закрепнувањето на економијата, подобрата даночна наплата се должи и на низа мерки во таа насока.
„Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи и меѓународните развојни партнери прави значаен чекор во обезбедувањето праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем којшто ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, а е во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Донесена е Стратегија за реформа на даночниот систем 2021-2025, која содржи пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите во состав кои ги администрираат јавните приходи заедно со нивните клучни активности, резултати, одговорни субјекти и клучни индикатори за учинок. Потоа донесен е и Акцискиот план за сузбивање на сивата економија, согласно кој, интензивно се работи на реализација на активностите од истиот, а меѓу кои клучна е дигитализацијата на процесите и мерки што ќе влијаат на зајакнување на даночната свест како и на мотивирање на економските субјекти да ги реализираат своите активности во формалната економија“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими на одбележувањето на Денот на даночните работници што го организира Управата за јавни приходи, а којшто претставува признание за посветеноста на даночните работници во ефикасното собирање на јавните приходи и во остварувањето на јавниот интерес којшто е од исклучителна важност за државата.
„Вашата успешна работа се гледа во добрата реализација на даночните приходи, без која не може да има непречено извршување на функциите на државата. Преку собраните пари се инвестира во изградба на патишта, мостови, училишта, градинки, подобри здравствени и социјални услуги, подобро образование“, рече министерот Бесими.
Уште поголем буџет догодина
Буџетот за 2022 година, пак, ќе изнесува околу 4,4 милијарди евра, а истовремено планира да обезбеди приходи од нешто помалку од 3,9 милијарди евра.
Тоа значи дека дефицитот е проектиран да изнесува околу 500 милиони евра, што е 4,3% од БДП – пари за кои државата ќе се задолжи.
„Дефицитот единствено ќе се користи за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими кој додаде дека за капиталните инвестиции државата дополнително ќе даде средства од сопствени приходи.

Капиталните инвестиции ќе бидат зголемени за 27% во однос на буџетот од годинава, а тоа е 14% од сите јавни расходи.
Издвоени се 6 милијарди денари за патна инфраструктура: за Коридорот 8, за патот Тетово-Гостивар, Требениште-Струга и други, рече Бесими. Планирани се пари за железничката пруга на Коридорите 10 и 8, за инвестиции за гасификација, регионални енергетски капацитети, проекти во здравството за борба против Ковид-19, набавка на вакцини и други лекови, за проекти во образованието, земјоделието, рурална инфраструктура, програма за зелен развој.
Бесими наведе дека глобално се очекува да се вратат стапките на економски раст на ниво пред ковид пандемијата.
„Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27% во однос на 2021 година. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14% во вкупните расходи“, истакна министерот.
Тој додаде дека одлика на овој Буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.
Според него, парите ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
„За да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на КОВИД-19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и истите се планирани на ниво од 120 милиони евра. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против КОВИД-19; потоа за реконструкција на ЈЗУ; набавка на медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми“, рече Бесими.
Подобра ефикасност и ефективност во употребата на јавните пари ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамки на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем.
Потврда за тоа дека фокусот ќе биде на капиталните инвестиции е и кратењето на тековните расходи до ниво од 86% од вкупните расходи.
Со Предлог-буџетот тековните расходи се намалени за 2% на ниво од 3,8 милијарди евра. Притоа, кај расходите за стоки и услуги коишто се проектирани на ниво од 335 милиони евра има намалување за околу 6% како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот.
Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи.
Социјалните трансфери се проектирани во износ од над две милијарди евра, при што само за исплата на пензии наменети се повеќе од половина, односно 1,1 милијарди евра.
Продолжува поддршката на земјоделскиот сектор преку исплата на субвенции и средства од ИПАРД програмата, потоа поддршката на приватниот сектор, активните политики и мерки за вработување, а повеќе пари ќе имаат и општините преку реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
Во 2022 година се очекува забрзан раст, кој е проектиран на 4,6%, при зголемување на бруто инвестициите за 8,5% на реална основа. Проектирано е зголемување на финалната потрошувачка за 3,1%, на извозот за 8,3%, а се очекува и раст на бројот на вработени за 3,1%.
Исто така, се очекува стабилизација на стапката на инфлација којашто е проектирана на 2,4% во 2022 година, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината.
„Во 2022 година остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискалната консолидација, на тековните реформи, судство и евроитнеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, на развојот на човечки капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија и на зајакнувањето на институционалните капацитети“, истакна Бесими.
Даночна политика за одржливо финансирање
Најголем дел од одржливото финансирање е поврзано со народни пари односно доаѓа од даночни приходи и поради тоа треба да се размислува даночната политика да се прилагоди со цел да поддржи одржливо финансирање. Ова е дел од заклучоците првата студија која што се однесува на одржливото финансирање во Северна Македонија која што треба да ја отвори дебатата за финансирање на целите за одржливиот развој, изработена од Институтот за економски политики и истражувања Finance Think.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески, смета дека уште поважна компонента е како прибраните буџетски средства ќе се трошат со цел да го поддржат одржливиот развој.

„Северна Македонија не е исклучок од глобалните трендови и веќе буџетските финансии инкорпорираат буџетски линии кои се однесуваат на зелено финансирање, енергетска ефикасност, понатаму капитални инвестиции, јавно приватни партнерства, во инвестиции за одржлив развој“, рече Петрески, додавајќи дека и финансиските институции и приватниот сектор се клучни чинители во поддршка на одржливото финансирање и во инкорпорирање на стандардите за добро еколошко општествено и корпоративно управување.
Од друга страна, студијата сугерира фирмите во приватниот сектор да ги прилагодат своите основни бизнис модели со тоа што ќе ги инкорпорираат стандардите за добро, еколошко, општествено и корпоративно управување.
Петрески вели дека и во земјата постојат позитивни примери каде што банкарскиот сектор останува доминантен, меѓутоа, како што рече, со растечки удел преку примери на зелено финансирање, поддршка на енергетски ефикасни проекти итн.
Според него, вкупниот фонд на расположливо финансирање во студијата е проценет на околу 5,3 милијарди евра, односно близу 50% од БДП.
„Се разбира, сега е потребен и понатамошен напор да видиме ние во колкава мера тие средства се насочени за остварување на целите за одржлив развој на среден рок, да тежнееме што повеќе тој финансиски плик да биде насочен во остварување на одржливите цели“, рече Петрески.
Појасни дека тоа се средства кои доаѓаат од Буџетот, јавните претпријатија, од приватниот сектор.
„Значи тука се финансиските институции, се разбира делот на позајмувањето и делот којшто значи меѓународно приватно финансирање. Целиот тој контингент изнесува 5,3 милијарди евра на годишно ниво, но сега треба ние понатаму да анализираме во која мера тие средства се насочени кон одржливиот развој“, додаде Петрески.
Глигор Бишев, извршен директор и претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје изјави дека финансирањето на одржливиот раст базиран на чиста околина, на општествено одговорни вградени политики во однесувањето на банките и компаниите е голем предизвик за финансискиот сектор.
„Финансискиот сектор и во изминатиот период и во иднина ќе учествува во финансирањето и поддршката на овие проекти. Гледано од тој аспект, денеска се проценува дека 20 до 25 проценти од вкупниот раст на новите кредити е насочен во таа област. Ова учество се повеќе ќе се зголемува. Во банките од ЕУ овој процент е околу 30 до 45 проценти. И покрај сопствените средства со кои банките располагаат, исто така овде се кредитните линии од Зелениот фонд на Европа, исто така од Зелениот фонд за економска поддршка на Европската банка за обнова и развој. Досега овие средства ги користат четири банки. Тие се насочени кон подобрување на енергетската ефикасност, за помало загадување и заштеди на енергија и досега значителни средства од овие средства се насочени во компаниите и во населението“, рече Бишев.
Росана Дуџиак, постојан координатор, Обединети нации дополни дека денес истражуваат нови начини на кои земјата и различните партнери во заедницата – бизнисите од приватниот сектор, банките и Обединетите нации можат да работат заедно за да изнајдат иновативни начини за финансирање на одржливиот развој во земјата.