македонија
Дебата на студентите на УАКС со пет амбасадори на ЕУ членки

На настанот студенти на УАКС ќе имаат прилика да дебатираат со пет амбасадори во земјава на земји членки на ЕУ – четирите членки на Вишеградската група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска), како и Словенија, актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
На 2 декември, четврток, во просториите на Универзитетот Американ Колеџ Скопје – УАКС, ќе се одржи конференција на тема „Иднината на Европа – перспектива од земја кандидат за ЕУ“.
На настанот студенти на УАКС ќе имаат прилика да дебатираат со пет амбасадори во земјава на земји членки на ЕУ – четирите членки на Вишеградската група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска), како и Словенија, актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Настанот ќе се одржи од 11:00 – 12:30 CET, Амфитеатар 1, Универзитет Американ Колеџ Скопје, а можете да се приклучите и онлајн: https://uacs.webex.com/uacs/j.php…
Со амбасадорот на Унгарија во Северна Македонија, Н.Е. Ласло Дукс направивме кратко интервју во повод настанот.

-Г-дин амбасадоре, какво е значењето на Конференцијата за Иднината на Европа?
Европската унија помина низ неколку различни кризи изминативе години, и се појавија разлики и поделби помеѓу земјите членки. Конференцијата за Иднината на Европа беше иницирана од владите на Франција и Германија со цел заеднички да се адресираат овие предизвици и да се размисли за иднината на ЕУ; кои реформи се потребни, кои прашања бараат поголем ангажман од ЕУ и кои прашања може да бидат менаџирани подобро на ниво на земји членки. Принципот на овој процес е да се слушаат граѓаните, особено младите луѓе колку што е можно повеќе, околу тоа што очекуваат од европската соработка, кои се најважните проблеми за нив и како ЕУ може да помогне да се адресираат.
-Зошто унгарското претседателство со Вишеградската група ја организира оваа дебата со студентите на УАКС во Скопје?
Унгарија, заедно со останатите три членки на Вишеградската група на земји (Чешка, Словачка и Полска) е силен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ, и затоа ние уште на почетокот се залагавме да се вклучат земјите кандидатки во Конференцијата за Иднината на Европа, со оглед дека нивните граѓани еден ден исто така ќе бидат граѓани на ЕУ. Иако на крајот, земјите кандидатки не беа вклучени формално, веруваме дека е секако многу битно да се слушнат нивните идеи и ставови. Ова особено важи за младите луѓе, коишто како Европејци, и идни ЕУ граѓани , мора да имаат свој глас во овој процес. Ние сме многу благодарни на наставниот кадар и студентите на УАКС за учеството во овој настан, и сигурни сме дека нивните идеи ќе придонесат за успешна дебата со амбасадорите на В4 земјите, како и Словенија, актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
-Кои се клучните пораки што Вишеградската група сака да ги упати во однос на идното проширување на ЕУ?
Земјите кандидатки имаат ветување од ЕУ дека штом ги исполнат критериумите, може да ѝ се приклучат на организацијата. Вишеградската група на земји смета дека ЕУ треба да го почитува ова ветување и да го одржи кредибилен процесот на проширување. Нашите земји ѝ се придружија на ЕУ во 2004 година, ние досега имавме голем бенефит од членството и убедени сме дека земјите од Западен Балкан би имале исто така. Земјите од Вишеградската група на сите форуми досега се залагале за старт на преговорите за членство со Република Северна Македонија, како и со Албанија, без понатамошни одлагања. Се надеваме дека одлука за ова се уште може да се донесе за време на претседателството на Словенија до крајот на оваа година.