регион
Десет години во ЕУ – што доби, а што загуби Хрватска: Декада на економски напредок и одлив на население
Десет години во ЕУ – што доби, а што загуби Хрватска

Пред десет години, на 1 јули 2013, Хрватска стана 28-ма членка на Европската унија. Време да се подвлече линија, да се води колку и што е сторено, дали можело подобро и повеќе, односно дали влезот во ЕУ бил вистинска одлука. Она што е јасно е дека се реализирани стратешки проекти за земјата, постигнат е економски напредок, но отворените европски врати си го зедоа и својот данок: Хрватска загуби 10% од своето население, коешто се исели во поразвиените членки на Унијата.
Деновиве е актуелна најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), направена во април-мај годинава, каде што граѓаните се изјаснуваат за состојбата во Македонија, довербата во политичарите и системот, како и за европските перспективи на државата. Речиси 80% од граѓаните се изјасниле дека се за членство во ЕУ, но половина граѓани не го поддржуваат моменталниот преговарачки процес, што подразбира вметнување на бугарското малцинство во Уставот и евентуални други отстапки што ќе ги побара Бугарија. Оваа поддршка за членството во ЕУ континуирано се движи околу 80-85% последниве 5-6 години, иако за волја на вистината во 2010 година дури 90% од македонските граѓани се изјаснувале позитивно за членството на земјата во ЕУ. И додека патувањето на Македонија кон европскиот клуб се претвори во вистинска одисеја, имајќи предвид дека кандидатскиот статус е добиен уште во 2005 година, Хрватска, некогашната наша „братска република“ од поранешната југословенска федерација, во јули годинава слави 10 години откако стана 28-ма членка на ЕУ.
Оттогаш Хрватска ги исполни своите најважни стратешки цели и донекаде го намали развојниот јаз со „старите“ членки, но поради отворањето на европските врати за своите работници , трпи и голем одлив на жители.
Влезот во ЕУ е еден од најважните настани во историјата на Хрватска, кој заедно со членството во НАТО, кое успеа да го постигне четири години претходно, беше нејзината главна надворешнополитичка цел од осамостојувањето.
Десет години во чекалната
Хрватска аплицираше за членство на 21 февруари 2003 година. Комисијата го оцени барањето како позитивно во април 2004 година.
Веќе два месеци подоцна, на 18 јуни 2004 година, Хрватска доби официјален статус на кандидат за членство и преговорите требаше да започнат во март 2005 година, но со услов за целосна соработка со Хашкиот суд, кој инсистираше на апсење на тогашниот бегалец, генерал Анте Готовина.
Поради тоа преговорите беа одложени за неколку месеци. Тие конечно започнаа на 3 октомври 2005 година, откако главната хашка обвинителка Карла дел Понте ја потврди целосната соработка на Хрватска со Хашкиот суд.
Хрватските преговори траеја долго, пет години и девет месеци, подолго од која било сегашна земја – членка. Последните поглавја беа затворени на 30 јуни 2011 година, а по потпишувањето на пристапниот договор и ратификацијата во земјите членки, Хрватска влезе во ЕУ на 1 јули 2013 година.
Преговорите беа оптоварени со соработката со Хашкиот суд и словенечката блокада поради билатералниот спор за границата, но и од заморот од проширувањето во тогашните земји – членки. Уште тогаш беше јасно дека Хрватска го фати последниот воз и дека после неа долго време нема да има проширување.
Претходното проширување од 2004 година, кога се приклучија 10 земји одеднаш, а одложеното пристапување на Бугарија и Романија три години подоцна може да се смета за дел од него, беше повеќе геополитички проект за обединување на Европа по крајот на Студената војна, така што имаше помалку инсистирање за исполнување на критериумите, а повеќе се прогледуваше низ прсти за повисока цел.
Хрватска ја немаше оваа предност, па беше мерена со многу построг аршин, а во ЕУ не брзаа преговорите што поскоро да се завршат.

Уникатно прво претседателство
Хрватска во последната година од својата декада во ЕУ ги постигна сите цели за европска интеграција – од 1 јануари оваа година е членка на еврозоната и на Шенген зоната. Со помош на Европската унија, Хрватска во оваа деценија ја поврза својата територија со изградбата на Пељешкиот мост, кој стана еден од највидливите симболи на членството.
Во првата деценија од членството, Хрватска успешно го имаше и првото претседавање со Советот на ЕУ во првата половина на 2020 година, иако беше „случаен претседател“.
Велика Британија, која требаше да претседава во втората половина на 2017 година, објави дека се откажува од претседателството по референдумската одлука за напуштање на ЕУ. Затоа, претходно утврдениот редослед на претседателството беше променет и наместо втората половина на 2026 година, Хрватска ја доби првата половина од 2020 година.
Првото хрватско претседателство ќе остане запаметено по пандемијата на коронавирус, што предизвика откажување на многу планирани состаноци што требаше да се одржат во земјата.
Беше уникатно претседателство затоа што работата на Советот требаше да се прилагоди на новите околности, пред се’, обврската за социјално дистанцирање ги оневозможи физичките состаноци, па се премина на виртуелни состаноци.
Голем напредок, но европскиот просек сè уште далеку
Пред влезот во ЕУ, хрватската економија падна во рецесија која траеше повеќе од шест години. Вкупниот пад на реалниот БДП во периодот од 2009 до 2014 година изнесуваше 12,6 отсто. Дури во 2019 година БДП го надмина нивото од 2008 година, што значи дека се изгубени десет години.
Од 2015 година, БДП почна да расте до 2020 година, кога беше забележан голем пад од 8,6 отсто поради пандемијата на коронавирус. Сепак, хрватската економија брзо закрепна и во 2021 година е забележан спектакуларен раст од 13,1 отсто, а во 2022 година растот забави на 6,3 отсто.
Хрватска најбрзо закрепна од пандемијата и во однос на предпандемиската 2019 година имаше раст од 11,8 отсто, поради што е прва во ЕУ пред Полска која имаше раст од 11,2 отсто.
Другите членки во тој период имале едноцифрен раст – Словенија 7,8 отсто, Данска 7,6 отсто, итн. Просечниот раст на БДП во ЕУ во тој период изнесувал 2,9 отсто.
Во 2013 година хрватскиот БДП по глава на жител изнесуваше 61 отсто од просекот на ЕУ, а лани достигна 73 отсто од европскиот просек.
Во годината на пристапување во ЕУ, Хрватите имаа БДП по глава на жител од 10.440 евра, а според проценката за 2022 година тој се искачи на 17.240 евра.
Во однос на БДП по глава на жител, Хрватска е подобра од Словачка и Грција кои се со 68 отсто од европскиот просек и Бугарија со 59 отсто.
Според реалната индивидуална потрошувачка (SIP), со која Евростат го мери стандардот на граѓаните, Хрватска во 2022 година е на 75 отсто од европскиот просек.
SIP покажува колку стоки и услуги потрошиле поединците, без разлика дали самите платиле за нив или трошокот ги сноси државата или непрофитните организации, а изразено со стандардот на куповната моќ, ги елиминира разликите во цените меѓу земјите.
Така, Хрватска се оддалечува од опашката на ЕУ и според тој критериум. Ги надмина Словачка, која е со 73 отсто од европскиот просек, и Унгарија (72 отсто), додека претходно беше подобра само од Бугарија (67 отсто).
Во исто време, според SIP, се приближува до Грција (78 проценти) и Естонија (79 проценти). Според SIP, Хрватска пораснала за 10 процентни поени во последните десет години – во 2013 година таа била 65 отсто од европскиот просек.
Сепак, Романија имаше многу поголем раст на SIP, од 48 отсто во 2013 година на 88 отсто во 2022 година, а Полска од 51 отсто на 86 отсто.

Предности од членството
За да го достигне европскиот просек во некое догледно време, Хрватска треба да расте многу побрзо од досега.
Така, на пример, ако БДП по глава на жител порасне за два процентни поени годишно побрзо од европскиот просек, тој би достигнал 100 отсто од просекот на ЕУ за 13,5 години. Раст од два отсто побрзо од просекот не е невозможен, но тоа би било крајно напорна цел и би требало значително да се подигне потенцијалот за раст за да може економијата брзо да се развива и по престанувањето на реките од пари што се истураат од европските фондови, што во голема мера ги турка сегашните стапки на раст.
На потенцијалниот раст негативно влијае падот на бројот на жители и ниската продуктивност, но реформите кои би воделе до поефикасна јавна администрација и подобро судство би имале позитивен ефект.
Предностите од членството во ЕУ се уште позабележителни кога Хрватска ќе се спореди со некои земји од поранешна Југославија. На пример, БДП на Србија по глава на жител беше 40 отсто од просекот на ЕУ во 2013 година и 44 отсто во 2022 година. Босна и Херцеговина отиде од 30 отсто во 2013 година на 35 отсто во 2022 година.
На Хрватска и според другите показатели и оди добро, има стапка на невработеност која никогаш не била помала, во мај годинава стапката на регистрирана невработеност изнесувала 5,6 отсто, што е најниска стапка од 1989 година.
Исто така, Хрватска никогаш немала повеќе вработени, во мај имало 1.635.429 вработени лица, но стапката на вработеност е сепак пониска од европскиот просек. Според податоците од 2021 година, стапката на вработеност во Хрватска била 68,2 отсто, додека европскиот просек е 73,1 отсто.
Има и добри фискални резултати, јавниот долг е на надолна траекторија и според владините проекции веќе следната година би требало да падне под 60 отсто, што е дозволено според критериумите од Мастрихт.
Отворените европски врати иселија 10% од населението
Хрватска, како и другите нови членки помалку развиени од европскиот просек, имаше голем одлив на население во изминатата деценија. Според пописот од 2021 година, Хрватска има 3.871.833 жители, што е за 413.056 жители или за 9,64 отсто помалку од десет години порано.
Делумно, ова е резултат на членството во ЕУ, бидејќи нема ограничувања за движењето на работната сила на единствениот европски пазар, а многу хрватски граѓани заминаа на работа и подобар живот во побогатите земји -членки.
Сепак, ова може да биде само дел од објаснувањето, бидејќи на пример Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија итн. исто така масовно го губат своето население, а еден од одговорите на прашањето зошто може да се најде во тоа што, на пример, во Германија моментално се непополнети повеќе од два милиони работни места и не е единствената земја со недостиг на работна сила.
Има неколку знаци дека е поминат пикот на иселувањето од Хрватска, дека трендот е забавен, но не запира.
Искуствата на другите земји покажуваат дека одливот престанува, односно доселувањето и иселувањето се изедначуваат откако ќе се достигне нивото на економски развој од околу 80 отсто од просекот на ЕУ, до кое Хрватска се приближува.
Сепак, уште поголем хрватски проблем е големата разлика во развојот на одделни делови од земјата. Така, градот Загреб веќе е на 131 отсто од просекот на ЕУ, а во источните жупании БДП е под 40 отсто од европскиот просек.
Според последниот извештај на Европската комисија за Хрватска, Загреб генерирал 34 отсто од националниот БДП во 2018 година, иако таму живее само 19,4 отсто од вкупното население. Поголемиот дел од населението, 67 отсто, живее во области каде БДП по глава на жител е под 60 отсто од европскиот просек.
Затоа, порамномерен развој на хрватските области е предуслов за запирање на иселувањето.
Кога ќе биде следното зачленување во ЕУ?
Десет години по последното проширување, ниту една од земјите кандидати не е ни блиску до членство и Хрватска би можела да остане најмладата членка уште десет или повеќе години.
Иако рускиот напад врз Украина донесе одредени промени во политиката на проширување и повторно се во игра геополитичките аспекти, тешко е да се очекува зголемување на бројот на членки според правилата според кои денес функционира Унијата, а нивната промена не е на хоризонтот.
Четири дена по почетокот на рускиот напад, на 28 февруари минатата година, Украина поднесе барање за членство, а неколку дена подоцна истото го побараа и Молдавија и Грузија. Европската комисија изрази мислење за овие барања и препорача Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус, а Грузија потенцијален кандидат.
Иако Украина претходно побара да ѝ се отвори европска перспектива, ЕУ не ја послуша до почетокот на војната. Откако земјата беше брутално нападната, ЕУ всушност немаше избор, бидејќи одбивањето на такво барање во тие околности политички ќе беше крајно несоодветно.
Со земјите од Западен Балкан, приказната е нешто поинаква. На самитот во Солун во 2003 година, ЕУ им вети на овие земји дека ќе станат членки кога ќе ги исполнат условите. Дваесет години подоцна, Хрватска е единствена во ЕУ
Официјално, ЕУ продолжува да нагласува дека е посветена на проширувањето, а земјите од Западен Балкан потенцираат дека тоа е нивна стратешка цел. Сепак, како тоа изгледа во пракса, можеби најдобро говори реченицата што често се слуша во Брисел: „Унијата се преправа дека навистина се грижи за проширувањето, додека земјите од Западен Балкан се преправаат дека ги спроведуваат потребните реформи“.
Сите земји од Западен Балкан имаат кандидатски статус освен Косово. Најдалеку отиде Црна Гора, која ги отвори преговорите во 2012 година и ги отвори сите преговарачки поглавја, но затвори само три, ниту едно во последните две години.
Србија ги започна преговорите во 2014 година, а досега има отворено само 18 поглавја и затвори две, а преговорите се практично замрзнати, иако за ова нема формална одлука.
По долго чекање, Северна Македонија и Албанија ги отворија преговорите дури во март 2020 година, но до денес немаат отворени поглавја.
Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември минатата година и допрва треба да ги исполни условите поставени за почеток на преговорите.

Хрватска обилно ги користи европските фондови
Во плус 10,7 милијарди евра
Зборувајќи за членството во ЕУ, министерот за регионален развој и фондови на ЕУ, Шиме Ерлиќ, рече дека Хрватска во последните години значително го забрзала процесот на повлекување пари од фондовите на ЕУ.
Според податоците на министерството, вкупно во тие десет години членство во ЕУ и користењето на нејзините механизми и средства, Хрватска има суфицит од 10,74 милијарди евра. Ова е разликата меѓу парите уплатени во заедничката каса на ЕУ и европските пари уплатени во државниот буџет, од кои 2,2 милијарди евра се однесуваат на Планот за опоравување и отпорност.
Државата има два огромни финансиски извори на располагање во оваа деценија – 15 милијарди евра од Повеќегодишната финансиска рамка и 10 милијарди евра од инструментот „Следна генерација на ЕУ“. Дополнителната една милијарда евра во голем дел веќе ја искористија за реконструкција по земјотресите.
За предноста од членството во ЕУ и искористувањето на паричните фондови, за Ал Џезира сведочеше и градоначалникот на Винковци, Иван Босанчиќ.
„Секој градски буџет, вклучително и на Винковци, е речиси 90 проценти однапред определен. Тоа значи и дека реализацијата на каков било значаен проект во градот би била невозможна доколку немаше средства од ЕУ или тие би се реализирале за 10-15 години. Фондовите на ЕУ ни овозможуваат да реализираме голем број значајни проекти кои ќе овозможат поквалитетен живот на граѓаните, но и ќе овозможат инфраструктурни проекти кои ќе доведат до нови инвестиции и отворање нови работни места. Без фондовите на ЕУ тоа не би било можно“, изјави Босанчиќ.

Порака за земјите – кандидатки
Во ЕУ не сте набљудувачи, туку играчи, но мора да ја преземете одговорноста за сопствените животи
Во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ), Тонино Пицула, хрватски социјалдемократски пратеник во Европскиот парламент и министер за надворешни работи во времето кога Хрватска ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија во февруари 2003 година, позитивно ги оценува десетте години членство, меѓу другото, поради политичката стабилност што ја донесе.
„Затоа што, да се запрашаме, што ќе се случеше да не влезевме“, прашува Пицула.
„Да не влезевме на 1 јули 2013 година, веројатно ќе ја следевме судбината и позицијата на земјите од Западен Балкан кои се уште се кандидати, за кои знаеме дека се карактеризираат со изразена политичка нестабилност, зајакнување на авторитарните тенденции, нестабилност во секое почитување и изложување на можноста некој сепак да ги блокира“, објаснува Пицула.
Тој смета дека е дојдено време кога има своевидна мода за блокади во меѓународните сојузи.
„Како што Бугарија ја блокираше Северна Македонија, Турција ја блокира Шведска во НАТО до ден-денес. Треба да бидеме внимателни овде, некои земји треба да внимаваат да не бидат блокирани од други и сите заедно да внимаваат да не се блокираат самите себе“, вели Пицула.
Потребно е поактивно учество, ова е пораката не само до земјите кандидати, туку и до Хрватска по десет години членство, вели Сенада Шело Шабиќ, виш научен соработник во Институтот за развој и меѓународни односи во Загреб, во изјава за РСЕ
„Консензусот во Хрватска за влез во ЕУ и сегашниот консензус за останување во Унијата треба да генерира и причини зошто сме таму каде што сме и треба да биде постојан придонес“, предлага Шабиќ.
„Ние не сме гледачи, туку играчи и така треба да ја перципираме ЕУ. Мислам дека на овој начин им даваме порака и на другите за тоа што ги чека. Затоа што, зборувајќи за тоа колку е убаво и постојано давајќи некакви пораки, а потоа во исто време имате европски институции кои овде пронаоѓаат корупција и криминал, а не ние, според мене е поразително. Ова е страшна порака што ја испраќаме до другите“, вели експертката.
Многумина во Хрватска го обвинуваат токму членството во ЕУ за одливот на работната сила, стагнацијата на хрватската индустрија и преплавувањето со увезена стока. Шабиќ не се согласува со тоа.
„Мораме да ја преземеме одговорноста за сопствените животи. Ваквото барање на некој друг за виновник е одраз на незрелост и неодговорност, и кога би го смениле тој начин на размислување и би презеле одговорност и грижа за благосостојбата на нашето општество и заедница, чувството на граѓаните за таа припадност би било поинакво“, сугерира таа.