Connect with us

економија

Деспотовски: Расте бројот на вработени во ТИРЗ, ја надминавме  бројката од 17.000

Како работеа технолошко – индустриските зони годинава

објавено

на

Само во првата половина од 2023 постигнати се нови договори во ТИРЗ со вкупен обем на инвестиции од речиси 280 милиони евра. Во завршна фаза на преговори се уште 4 инвестиции од вкупно 150 милиони евра, а се’ уште во преговори се инвестиции од исто толкав обем, рече директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Над 17.000 вработени во Зоните, постигнати договори за инвестиции од над 280 милиони евра меѓу кои и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата од 205 милиони евра со тајванскиот електро-гигант Јагео,  се клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава.

„Ја надминавме бројката од 17.000 вработени во Зоните. Имаме над 800 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се должи пред се’ на засилената динамика на вработување, односно на ангажирање на луѓе кои што се реализираат заради новите договори кои што се потпишани во изминатите години. Очекувам ваквиот тренд да продолжи и до крајот на годинава“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на презентација на резултатите од работењето на Дирекцијата во првите 6 месеци од 2023.

Анализата на ТИРЗ покажува дека бројот на вработени во првото полугодие оваа година во компаниите е поголем за пет отсто, додека споредено со јуни минатата година е регистриран пораст од 14%.

Стабилен раст на извозот

Деспотовски нагласи дека продолжува и стабилниот раст на извозот.

„Податоците се охрабрувачки и тие ги поткрепуваат нашите очекувања дека растот ќе продолжи. Извозот во првите шест месеци достигна близу 2 милијарди евра што претставува пораст од 12% во однос на истиот период лани. Моите очекувања се дека оваа година ќе стигнеме близу 4 милијарди евра извоз заради тоа што дел од капацитетите со кои минатата година потпишавме договори ќе започнат со производство и извозот ќе го задржи стабилниот тренд на пораст,“ посочи Деспотовски.

Анализата покажува пак благ пад на увозот од три проценти што пак влијае на пораст на нето извозот. Заклучно со јуни годинава нето извозот е 24%, што е највисоко ниво досега.

„Заради овие бројки и заради зголемениот раст на работни места, уплатите од компаниите од ТИРЗ само на име на придонеси се над 25 милиони евра. Доколку продолжи ваквиот тренд, очекувам до крајот на годинава компаниите по основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка да биде околу 100 милиони евра, што доста го надминува она што го исплаќа државата,“ посочи Деспотовски.

Кампања: “Европски работни места дома“

Директорот на ТИРЗ додаде дека од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.

Деспотовски очекува и забрзување на неопходните реформи, односно усвојување на законските измени за ТИРЗ и Индустриски зони, како и институционалната реформа, односно интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во ТИРЗ, со што и реално ќе се создаде една точка за инвеститори.

ТИРЗ почнува и кампања за промоција на европски работни места дома, која е посебно насочена кон младите.

„Целта е да поттикнеме поголем интерес за работните места што се отвораат во зоните преку споделување позитивни примери на луѓе кои веќе работат. Да ја приближиме приказната дека сето она што го добиваат како плата, работни услови и слично во западните земји, дека може да го добијат и дома. Ова е еден придонес во рамки на идните напори на Владата, ако не да го спречи, барем да го ублажи трендот на иселување,“ нагласи Деспотовски.

Во однос на актуелната политичка ситуација и влијанието врз инвеститорите Деспотовски посочи дека „не треба да бидеме заложници на политичките процеси во државата. Чекаме и се надеваме дека уставните измени успешно ќе се реализираат. Земјава во очите посебно на странските големи инвеститори, е стабилна и безбедна држава, што е многу важно. Имајќи го предвид тоа, да се обидеме заеднички тој впечаток да го зајакнеме“, порача Деспотовски.


Само двајца инвеститори од зоните реагирале на Законот за данок на солидарност

Деспотовски не смета дека врз странските инвеститори во зоните негативно ќе се одрази евентуалното донесување на законот за данок на солидарност со европско знаменце. Според него, по разговорите со засегнатите компании минатата година, кога законот беше најавен, реакција имало само во еден или во два случаја.

Како што рече денеска Деспотовски на брифинг со новинарите, реакцијата кај бизнисот во однос на овој закон која посебно се интензивираше деновиве од страна на Стопанската комора, беше заради тоа што „не е кажано со време“.

„Со дел од компаниите кои се засегнати, разговаравме минатата година, кога имаше најави за законот. Освен во еден или во два случаја, кај другите немаше реакции, имајќи предвид дека станува збор за еднократно решение. Не е ова закон што ќе остане и што дополнително ќе ги оптовари финансиските текови на компаниите. Се очекува, по стабилизирање на јавните финансии во тој сегмент, дека нема да има потреба од натамошна таква интервенција. Реакцијата беше зошто не е кажано со време. Ќе повторам, само во еден или во два случаја лани, кога се најави, имаше реакција. Потоа иницијативата за комуникација си ја презема Министерството за финансии, кое комуницираше и комуницира со Стопанската комора. Во овој момент не можам да кажам дека кај нас ќе има некакво црвено знаменце поврзано со тоа“, истакна Деспотовски.

Според него, од Министерството за финансии во неколку наврати дел од компаниите активни преку Стопанската комора биле повикани и имале разговори.

„Не мислам дека законот значително ќе влијае, дека ќе има негативно влијание врз интересот на инвеститорите, ниту врз оние што работат во државата. Бројките ги видовте, доста се солидни“, рече директорот на ТИРЗ. 

 Стопанска комора деновиве од прес-конференција уште еднаш апелираше Владата, која веќе го повлече Предлог-законот за данок на солидарност на доработување, целосно да го стопира неговото донесување. 

Споредба – број на вработени јуни 2023 /2022, 2021, 2020

Извор: Дирекција за ТИРЗ

Споредба на ТИРЗ извоз прво полугодие 2023/ претходни години

Извор: Дирекција за ТИРЗ

Споредба на ТИРЗ извоз во јуни 2023/претходни години, во мил. Евра

Извор: Дирекција за ТИРЗ

Нето извоз по години (заклучно со јуни 2023)

Извор: Дирекција за ТИРЗ

економија6 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки24 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас