економија
Дигитализацијата бара нови вештини – неформалното образование станува сè поважно
Работни места на иднината

Какви се перспективите за работата и работните места, во глобален и локален, македонски контекст и како може да се стекнат нови вештини во областа на формалното и неформалното образование беа главните теми на настанот „Иднината на работните места“ што неодамна го организираше Стартап Македонија во соработка со Македонски Телеком и со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Програмата за зголемување на пазарната вработливост, во рамки на овогодишната Глобална недела на претприемништвото.
Податоците од најновиот извештај на Светскиот Економски Форум – The future of jobs report година најавуваат дека работните места ќе бидат многу различни во наредните 10 години. Се смета дека дури 50% од работните места ќе бидат заменети со автоматизација на истите. Овој податок не мора да значи дека работните позиции ќе бидат заменети со компјутери, туку дека вработените ќе работат заедно со напредни машини што се развиваат многу брзо.
Настаните од почетокот на пандемијата во 2020 година досега, драматично го забрзаа темпото на дигиталната трансформација на општествата во целина. Автоматизацијата во време на глобална пандемија се чини како нужен и неопходен чекор, а завршувањето на работата побезбедно и поефикасно се само дел од предностите на истата. Во Европа, индустрии со најголем ризик за губење на работни места како последица од КОВИД-19 вирусот и автоматизација се: трговија на големо и мало, производство, хотелиерство и угостителство и градежништво, според анализата на МекКинси (McKinsey).
Токму затоа, преквалификациите на работниците ќе бидат клучни во наредниот период, затоа што проценките на светските истражувања се дека 90% од работните места за 10 години од сега ќе бараат поседување на дигитални вештини.
Какви се перспективите за работата и работните места, во глобален и локален, македонски контекст и како може да се стекнат нови вештини во областа на формалното и неформалното образование беа главните теми на настанот „Иднината на работните места“ што неодамна го организираше Стартап Македонија во соработка со Македонски Телеком и со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Програмата за зголемување на пазарната вработливост, во рамки на овогодишната Глобална недела на претприемништвото.
Настанот имаше три панел дискусии со осврт на главното прашање „Кои се во иднина потребните професии и кариери коишто во моментов недостигаат на пазарот на труд“, анализирано од три засегнати страни: Академија – универзитети; неформални центри за образование и Интрапретприемништво во компаниите, со препораки за тоа како да изградиме капацитети за претприемачи во Македонија.
Потребна е поголема соработка меѓу самите универзитети, но и меѓу нив и бизнис секторот

Претставници на универзитетите од земјава истакнаа дека постојано се обидуваат да ги прилагодат наставните програми кон потребите на пазарот на труд, но дека регулативата во тој поглед е прилично ригидна, па процесите за акредитација на одредени курикулуми знаат да траат и по 2-3 години.
„Се соочуваме со прилично неадекватен Закон за високо образование којшто не дава можност да се биде флексибилен и во тек со барањата што ги бара индустријата. Ако ја видите мапата на високообразовни институции во земјава, немало никогаш повеќе од сега. Ако пак ги прашате компаниите кои им се најголеми предизвици, ќе ви кажат дека тешко наоѓаат соодветно квалификувани кадри. Како е можна оваа дискрепанција?“, вели професорот Азир Алиу од приватниот Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово.
Тој додаде дека единствена можност за надминување на овој јаз, е креирање на модел каде што многу често и во ист амбиент ќе соработуваат високообразовните институции, бизнисите, владините и невладините организации.
Професорот Владимир Трајковиќ од Факултетот за информатички науки – ФИНКИ, при државниот универзитет „Кирил и Методиј“, рече дека на неговиот факултет веќе успеале да поттикнат претприемачка култура кај студентите, и имаат неколку успешни примери на стартапи креирани од студенти.
„Зошто ова е можно? Затоа што мајндсетот на ФИНКИ е малку поразличен. Околу 30% од професорите имаат сопствени компании и затоа е полесно да се формира трансфер на знаење. Пристапот кон студентите е малку поразличен. Тие не само што имаат прилика да стекнуваат знаења и искуство во стартапите основани од професори, туку можат да бидат партнери со нив или да формираат свои стартапи. Еве, на пример, еден од студентските стартапи, каде што основачи се двајца мои дипломци, штотуку успеа да добие финансирање во рана фаза од половина милион долари“, истакна Трајковиќ.

Точно е дека стартап екосистемот во земјава во принцип се врзува со ИТ секторот и оттаму не е ни чудно што студентски претприемачки напори се лоцирани токму на ФИНКИ и слични факултети, па се наметнува прашањето како овој мајндсет да се прошири и на останатите академски институции, како да се прошири сферата на стартапите од претежно технички и во други области.
Проф. Трајковиќ смета дека клучот е во соработката.
„Не е идејата да соработуваме само помеѓу различни факултети во рамки на еден универзитет, туку и помеѓу различни универзитети. Дали знаете дека полесно е како студент да остварите мобилност, односно да поминете семестар на универзитет во странство, одошто да поминете семестар на друг универзитет во Македонија и тие предмети што ќе ги положите да ви бидат признаени на вашиот матичен универзитет? Истото важи и за професорите. Мобилноста е исклучително тешка поради ригидната регулатива.“, вели Трајковиќ.
И тој и неговите колеги од Универзитетот на ЈИЕ, како и од Универзитетот Гоце Делчев и Балканскиот универзитет, учесници на панелот, се согласија дека младите луѓе се во принцип многу отворени за соработка, многу креативни, дека голем број сакаат да отворат компании и своите идеи да ги преточат во комерцијализација на продукт или услуга, но дека често им фалат вештини и алатки што можеби не ги добиваат во академската средина, им фали практична работа во приватниот сектор, фали соработка помеѓу образовните институции, итн.
„Треба да се стремиме кон покомпактен број на студиски програми, полесен процес на акредитација на наставни програми, на пример, јас би предложил, веќе после втора, трета година, да имаме простор на постоечките студиски програми да може да се менува дел од курикулумот со многу полесни одлуки донесени на ниво на универзитет. Тоа би ни дало извесна слобода да може побргу да реагираме на промените што се случуваат на пазарот на труд.“, смета проф. Мишко Џидров од Универзитетот Гоце Делчев во Штип.
Неформалното образование станува сè поважно за новите професии на дигитализацијата

Оние пак што можат да си дозволат флексибилност и полесно прилагодување кон пазарните потреби се центрите за неформално образование, коишто пак од своја перспектива дискутираа за предизвиците што на пазарот на труд ги наметнува дигитализацијата и „новото нормално“ после пандемијата.
Весна Ивановска од Сеавус едукативниот центар којшто функционира повеќе од 10 години, истакна дека континуирано бележат раст на интересот за сите специјализирани програми што ги нудат, се разбира со фокус на ИТ вештините.
„Традиционално, најбарани се академиите за програмирање, односно стандардните full stack, beck end девелопери, како и една понова ситуација што е во тренд, а тоа се т.н. DevOps инженери, а исто така бележиме сè поголем интерес и за софтвер тестери, многу интересна дисциплина, којашто е всушност најбрзиот и најелегантниот начин за влез во ИТ индустријата за оние што немаат доволно предзнаења. Тука мора да го споменеме и data science профилот, исто така мега тренд на светско ниво, за кого што немаме се’ уште доволно докази колку е апликативен во домашната индустрија, но самиот факт што за една година е удвоена бројката на студенти на академијата за data science доволно зборува за актуелноста на оваа дисциплина.“, објасни Ивановска.
Во однос на тоа што се бара најмногу на глобално ниво, таа ги истакна податоците со коишто располага, дека се’ уште доминираат позициите на Java Script, HTML, SQL програмери, веќе споменатата DevOps позиција, cloud технологиите, вештачка интелигенција, во поново време блокчеин технологијата, data science…
„Што е најбитно за нас? Дека и понатаму ќе фалат програмери, и дека 80% од професионалците за човечки ресурси велат дека своите идни вработени ќе ги бараат меѓу кандидатите со неформално образование. Тоа е релевантно за нас и не значи дека ние сме замена за формалното академско образование, но значи дека сме многу важни во процесите на доквалификација и преквалификација и носиме голем товар“, додаде Ивановска од Сеавус едукативниот центар.
Таа истакнува дека дигитализацијата на глобално ниво ќе наметне потреба од најмалку 150 милиони работни места што ќе изискуваат дигитални алатки, што значи многу работа за неформалните центри за образование.
„Новата генерација сака гејмифицирано учење, сака e-learning, малку augmented reality, малку virtual reality, се’ се тоа мега трендови и звучат ‘кул’, но имаме голем таргет на луѓе кои не се во категоријата млади, туку нешто постари, коишто менуваат кариери и се потрадиционални консументи на знаење. Затоа ние треба да балансираме помеѓу сите овие потреби и најголемиот наш предизвик е одговорно предавање, т.н. responsible teaching, кое што треба да е библија за сите неформални центри за учење на планетава. Индустријата сака да креирате кадар брзо, поевтино, квалитетно, додека луѓето што посетуваат обуки сакаат веднаш применливо знаење, веднаш да се вработат…Сето ова не става во една многу одговорна позиција и мора да бидеме иновативни.“, објасни Ивановска.

Голема вработливост за специјализациите во ИТ секторот
Нејзиниот колега Петар Ниновски, основач и директор на центарот за неформално образование Бреинстер, истакна дека кај нив е слична понудата и побарувачката за неколкуте клучни специјализации што ги бара дигитализацијата.
„Почнавме во 2015 година со обуки и академии во области поврзани со програмирање, дигитален маркетинг, софтвер тестирање, но и други профили што поради побарувачката ги формиравме, како business intelligence, проект менаџмент, итн. Целта ни беше да им помогнеме на луѓето да се обучат за потребните вештини што ги бара пазарот, но и да им помогнеме и при самиот процес на наоѓање работа, а со тоа им помагаме и на компаниите да дојдат до потребниот кадар“, вели Ниновски.
Тој истакнува дека секој од центрите за обука во Бреинстер има свои уникатности, прво, методологијата на предавање, која уште од самите почетоци пред шест години значи учење преку работа на реални проекти.
„Студентите работат на реални проблеми на компаниите и уште од најрана фаза се поврзуваат со своите потенцијални работодавци. За тоа се грижи посебен тим во нашата компанија, односно тимот за вработување.“, вели Ниновски.
Тој додава дека само оваа година, досега се вработени во домашни и меѓународни компании над 200 студенти на Бреинстер, а центарот има 116 компании партнери во моментов, каде што студентите може да работат на проекти и да најдат постојано вработување после обуката.
И Ивановска и Ниновски истакнаа дека степенот на вработливост на кадрите што излегуваат од нивните академии е исклучително висок и постојано расте.
„Некои од студентите на академиите дури и пред завршувањето на академската година постигнуваат вработливост, од 60-70%. На пример, академијата за cloud технологии, иако не е меѓу најатрактивните, сепак она што го имаме како продуциран кадар е комплетно ‘распродаден’ уште пред да ги земат своите дипломи.“, вели Ивановска од Сеавус академија.
Ниновски се надоврзува дека постојано го мерат процентот на вработливост како индикатор за нивната успешна работа и дека во последниве две години тој бележи голем пораст.
„Делумно поради тоа што ние стануваме поискусни и се подобруваме, делумно и дека компаниите стануваат поотворени за соработка со тренинг центрите за неформално образование, затоа што докажуваме дека може да испорачаме квалитетен кадар.“
Тој додава дека неколку компании моментално имаат ексклузивно партнерство со Бреинстер и вработуваат кадри од кај нив, по 10-15 луѓе годишно секоја компанија. Овој број постојано расте, и моментално процентот на луѓе што се вработуваат во период до 6 месеци по завршувањето на обуката е повеќе од 70%.