банки
Дигиталната трансформација не е само модел за успех, туку и модел за опстанок
Што е иднината на банкарството?

Банките ќе мора да мигрираат кон дигитални канали за да овозможат беспрекорен и лесен пристап до банкарските услуги и сервиси за клиентите, користејќи вештачка интелигенција, машинско учење, како и блокчеин технологии. Клиентите ќе бараат сѐ повеќе персонализирани банкарски услуги, согласно нивните потреби, а концептот на “one size fits all” полека ќе исчезне.
Порастот на банкарските услуги што се нудат онлајн неповратно го промени банкарскиот сектор. Еден неодамнешен извештај за банкарската индустрија покажува дека можноста за отворање сметка преку интернет банкарство или мобилна апликација ја нудат 80% од т.н. дигитални лидери и речиси 70% од останатите банки, што ја прави без малку задолжителна услуга. За да остварат конкурентска предност банките мора да бараат начини да пружат дополнителни услуги, често и вон банкарски, за да направат вистинска разлика.
Затоа, и не изненадува што банките стануваат пазар кроен за потребите на клиентите, нудејќи нетрадиционални банкарски услуги, како што се купување карти за паркинг или превоз, дополнување на сметката за мобилните телефони, менаџер на лозинки, складирање на cloud, итн., коишто овозможуваат подобрено корисничко искуство, на крајот доведувајќи до персонализирана услуга за секој корисник врз основа на собраните податоци за него.
Како што кажа директорот одговорен за картички и платежни услуги во Комерцијална банка, Киро Чадиковски во интервјуто за Капитал, бенефитите од сето ова ќе бидат огромни, бидејќи повеќе нема да биде конкуренција само локалната или најблиската банка, туку понудата ќе биде поголема затоа што дистанцата нема повеќе да биде пречка за никого. Банките ќе имаат поголем притисок да се адаптираат на новите правила на игра, да бидат динамични системи кои во фокус ќе ги имаат само клиентот и неговите потреби. Тоа ќе биде најголемиот бенефит за клиентот бидејќи тој ќе биде во центарот на вниманието.
„Доколку сето ова го симплифицирам преку пример, иднината на банкарството значи дека ќе се логирате на ваша лична апликација, која ќе биде создадена врз основа на вас и вашите лични навики и потреби. Вашата апликација ќе биде различна од мојата. Ова ќе се случи многу наскоро, по мое мислење за најмногу две до четири години и ќе значи културолошка промена, како кај клиентите, така и кај банките.“, објасни Чадиковски.
Дали финтек е навистина финтек во Македонија?
А, како ќе се развива дигитализацијата на финансиските услуги во Македонија на среден рок? Банкарите со коишто разговаравме велат дека натамошната либерализација на пазарот на платежни услуги која сега ќе се овозможи преку донесување на новата регулатива е неизбежен процес, кој е поттикнат пред сè од „жедта“ на клиентите за едноставни, достапни, корисничко ориентирани производи во физичкиот и дигиталниот свет. И покрај тоа што во последната деценија традиционалните банки инвестираа големи средства во развојот на дигиталниот банкарски свет, се обидуваа да го трансформираат своето работење и својата стратегија кон потребите на клиентот, најчесто понудата e ограничена само на постоечките производи од физичкиот свет, но во дигитален облик.
Иднината на модерното банкарство е во прифаќање на моделот според кој функционира финтек секторот. Иднината му припаѓа на финтек банкарството, особено во делот на следење и задоволување на потребите на своите клиенти во дигиталниот свет, но и во делот на начинот и динамиката на комуникација со клиентите.
Меѓутоа, мора прво да разјасниме некои работи. Во Македонија гледаме дека епитетот „финтек“ го присвоија финансиските друштва што нудат т.н. брзи кредити, коишто веќе имаат проблематични аспекти во своето работење – безбедносни прашања, дискутабилни вкупни трошоци за одобрување кредити, итн. Во земјите на ЕУ, финтек компаниите се синоним за нови и поповолни иновативни дигитални финансиски услуги, а не понуда на екстремно скапи брзи кредити насочени кон финансиски презадолжени клиенти како што е случајот со поголемиот дел од компаниите во земјава што се самонарекуваат финтек.
Или, како што велат од Стопанска банка – Скопје, тоа се само компании што се ориентирани кон понуда на брзи кредити со критериуми и методи кои се недостојни за примена во банкарскиот сектор, како што се: отсуство на дигитален потпис на договорите за кредит, екстремни трошоци поврзани со кредитите и немање на обврска за проверка и почитување на горна граница на месечна задолженост кај клиентите (како што банките имаат обврска да го прават) – што за жал многу често тоа доведува до ситуации да нивна главна клиентска база стануваат презадолжените клиенти.
„Сепак, на среден рок, со ставањето во примена на Отвореното Банкарство, и отворените API-а (API – application programming interface, начин на којшто два или повеќе компјутерски програми комуницираа меѓусебно, н.з.) на банкарските системи, очекуваме и на нашиот пазар да се појават вистински финтек компании, со меѓународно искуство во западните економии, кои ќе придонесат за поголемо поттикнување на развојот и понудата на напредни дигитални финансиски решенија, како и понуда на комплементарни услуги во партнерство со банките.“, велат од Стопанска банка – Скопје.