македонија
Димитров: Не се повлеков сам, имав сериозна битка во Владата околу блокадата од Бугарија

На новинарското прашање зошто сега и дали ова е реакција на револт оти не е поканет во новата влада, Димитров рече дека ако му било за функција тој добил многу привлечна понуда за амбасадор, не само во Вашингтон туку каде сака да бира, но тоа за него е обид да го тргнат од тука и замолчат.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на денешната прес конференција рече дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи, истакнувајќи дека во неговите напори гледа мотив да се донесе решение за блокадата од Бугарија по секоја цена.
„Сметам дека тоа не е продуктивно и е опасно. Можеби и грешам, се надевам дека грешам, но моја граѓанска должност, како човек кој со години работи на оваа кауза е да бидам буден и да го следам процесот и јавно и гласно ќе алармирам кога ќе мислам дека работите одат во лош правец“, рече Димитров.
Димитров на својата последна прес конференција пред примопредавањето на функцијата на неговиот наследник Бојан Маричиќ, демантираше дека сам се повлекол од неа.
„Не си поднесов оставка затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат.“, рече Димитров и додаде дека имал сериозна битка внатре во Владата, особено во последната година, во однос и на дефинирањето на националните позиции, нивната суштина, но и на стратегијата, односно текот на самите преговори.
„Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни и во јавните пораки. Во два наврати кога таа битка кулминираше, за што јавноста не знае, еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажав дека преку поставените граници нема да дозволам да се помине по каква било цена, а најмалку по цена на мојата позиција во Владата, давајќи до знаење дека со мене внатре за некои работи едноставно нема разговор.“
На новинарското прашање зошто сега и дали ова е реакција на револт оти не е поканет во новата влада, Димитров рече дека ако му било за функција тој добил многу привлечна понуда за амбасадор, не само во Вашингтон туку каде сака да бира, но тоа за него е обид да го тргнат од тука и замолчат.
„Заедно со фактот што за моите позиции немаше простор во оваа влада, не ме изненади понудата што ја добив. Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот – знаете дека дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома. Кога го одбив Вашингтон по пат добив и понуда – да бирам која сакам држава за амбасадор – сфатив дека очигледно нечиј влог за да си одам, а со тоа и да ослабат и гласовите кои се на линијата во преговорите за којашто јас се борам, е голем.“, рече Димитров.