регион
Директорите на Македонска, Бугарска и Загрепска берза ќе зборуваат за регионална соработка на 25.11.

Регионалниот проект SEE link на 25.11. ќе организира тркалезна маса на тема „Регионална пазарна соработка, неискористени можности“.
Регионалниот проект SEE link на 25.11. ќе организира тркалезна маса на тема „Регионална пазарна соработка, неискористени можности“. На темата ќе дебатираат директорот на Македонска берза Иван Штериев, директорката на Загрепска берза Ивана Гажиќ и директорот на Бугарската берза, Мању Моравенов.
„Со заеднички напори, берзите ќе ја подобрат видливоста на регионот и ќе работат здружено на постигнувањето цели и надминувањето препреки што ќе донесе напредок на пазарите на капитал во југоисточна Европа. “, велат од организаторот на настанот.
Две клучни теми на коишто ќе се дискутира на тркалезната маса се: Актуелните случувања на регионалните пазари; и Очекувања, потенцијали и бенефити од регионална соработка.
Тркалезната маса ќе се одвива онлајн, со почеток во 12ч., а сите заинтересирани може да се приклучат на Zoom линкот: https://us06web.zoom.us/j/86166581294
Линкот за регистрација е https://lnkd.in/d4B6kqmn
SEE link е проект започнат од страна на Македонската, Бугарската и Загрепската берза со цел да се создаде регионална инфраструктура за тргување со хартии од вредност кои котираат на тие три пазари. Проектот е поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Идејата зад оваа прекугранична иницијатива е да се интегрираат регионалните пазари на капитал без спојување или корпоративна интеграција, користејќи само технологија која ќе им овозможи на берзите – учеснички да останат независни, но да се надополнуваат и да им овозможи на инвеститорите полесен и поефикасен пристап кон тие пазари преку локален брокер.
Со цел да му се даде на целиот проект формална рамка неопходна за успешна реализација, берзите во Бугарија, Македонија и Загреб во мај 2014 година ја основаа компанијата СЕЕ ЛИНК, со седиште во Македонија со трите берзи кои имаат еднаков дел од сопственоста.
На 1 април 2016 година, SEE Link започна да ги пресметува своите први два индекси на капитал, SEE LinX и SEE LinX EWI, во обид да ја подобри видливоста на регионалните пазари.
Индексите беа составени од 10-те најактивно тргувани регионални компании котирани на трите берзи учеснички: 5 од Хрватска, 3 од Бугарија и 2 од Македонија. Индексот SEE LinX е пондериран индекс на пазарна капитализација приспособен за free-float на секој конституент, додека SEE LinX EWI е подеднакво пондериран индекс со истите конституенти.
Индексите на SEE Link креираа поголема видливост за регионалните пазари на капитал, како и поголема транспарентност, овозможувајќи им на инвеститорите прецизно да ги следат движењата на цените на капиталот за полесно да донесат одлуки за инвестирање.
Белградската и Љубљанската берза се приклучија на платформата во декември 2016 година, зголемувајќи го бројот на пазари на пет. Во август 2017 година, Бања Лука и Сараевската берза се приклучија на SEE Link, зголемувајќи го вкупниот број на пазари на седум. Поврзувањето на секој пазар го прошири и составот на индексите на SEE Link кои во август 2017 година беа составени од 18 најактивно тргувани акционерски друштва од седумте берзи учеснички.