Connect with us

свет

Додека „вештачки интелигентниот“ ChatGPT крева прашина, неговите творци најавуваат и „супер – интелигенција“

Корисна алатка или опасност за човештвото?

објавено

на

Од неговото лансирање во ноември 2022, четботот ChatGPT, а сега и неговата подобрена верзија GPT-4,  базирани  на вештачка интелигенција,  предизвикуваат големо воодушевување, доживувани се како  потенцијално многу корисна алатки, но предизвикуваат  и загриженост дека може да им одземат многу работни места на луѓето.  Исто така, би можеле да станат опасно оружје за ширење дезинформации, лажни вести и малициозни компјутерски вируси.

Сем Алтман, директорот на американската компанија OpenAI, која стои зад развојот на големиот јазичен модел   ChatGPT, неговиот наследник GPT-4 и моделот за креирање слики DALL-E, неодамна на блогот на компанијата го објави својот план за развој на вештачка општа интелигенција.

За почеток, накратко да се потсетиме што значат горенаведените термини – ChatGPT, DALL-E и  вештачка општа интелигенција (AGI).

Што е ChatGPT?

ChatGPT е голем јазичен модел (Large Language Model – LLM) кој користи вештачка интелигенција и т.н. длабоко учење (deep learning) за да одговара на прашања, да пишува текстови и да разговара со луѓе на начин што е колку што е можно повеќе сличен на човечкиот разговор. Тој е обучен за голем сет на податоци, може да комуницира на многу јазици, вклучително и македонски, и може да пишува есеи на дадени теми, да врши помалку напорно кодирање, да преведува, па дури и да решава одредени училишни задачи и тестови.

Моделот се здоби со огромна популарност за многу краток временски период. Веќе во првите пет дена по лансирањето во ноември имаше повеќе од еден милион корисници, а во јануари надмина 100 милиони.

Во светот на крајот на 2022 година предизвика големо воодушевување, беше доживеан  како потенцијално многу корисна алатка, но предизвика и загриженост дека може да им одземе многу работни места на луѓето, како, на пример, кодирање, пишување текстови, одговарање на прашања во службите за грижа на корисници, пишување поедноставни медиумски вести и подготовка на правни документи.

ChatGPT исто така започна голем натпревар меѓу конкурентите во развојот и примената на јазичните модели. Google, на пример, неодамна го претстави Bard – неговиот AI chatbot – кој работи со сопствен јазичен механизам наречен Language Model for Dialogue Applications (LaMDA).

Што е GPT-4?

GPT-4 е подобрена верзија на ChatGPT базирана на GPT-3.5. Покрај текст, може да прифаќа и слики и видеа како влезни информации. Така, на пример, може да препорача различни рецепти врз основа на фотографии од храната што луѓето ја имаат во нивниот фрижидер.

Тој значително е подобрен во општите знаења и способностите за решавање проблеми. За илустрација, OpenAI тврди дека ChatGPT на единствениот американски правосуден испит Uniform Bar Exam (UBE), којшто ги проверува знаењето и вештините што секој адвокат би требал да ги има пред да стекне лиценца за извршување адвокатска дејност, остварил успех меѓу 10% најлоши, а GPT-4 меѓу 10% најдобри резултати.

Што е DALL-E?

DALL-E е генеративен модел на вештачка интелигенција кој користи длабоко учење за да креира слики од текст. На пример, ако на тој модел му го дадете текстуалниот опис „нацртај поле со булки во стилот на Ван Гог“, тој ќе создаде слика што одговара на тој опис.

DALL-E има потенцијал за примена во различни области, вклучувајќи дизајн, уметност и архитектура. Во овој контекст, тој би можел да се користи како алатка, но може да стане и замена за луѓето во некои области од овие професии.

ChatGPT е голем јазичен модел (Large Language Model – LLM) кој користи вештачка интелигенција и т.н. длабоко учење (deep learning) за да одговара на прашања, да пишува текстови и да разговара со луѓе на начин што е колку што е можно повеќе сличен на човечкиот разговор. Тој е обучен за голем сет на податоци, може да комуницира на многу јазици, вклучително и македонски, и може да пишува есеи на дадени теми, да врши помалку напорно кодирање, да преведува, па дури и да решава одредени училишни задачи и тестови.

Што е вештачка општа интелигенција (AGI)?

Терминот вештачка општа интелигенција (Artificial General Intelligence – AGI) се однесува на вештачка интелигенција која би била способна да извршува широк опсег на задачи слични на оние што ги извршуваат луѓето. Ова би вклучувало способност за учење, прилагодување на нови ситуации, препознавање шеми, донесување одлуки, логично и креативно размислување, итн. AGI се разликува од вештачката специјализирана интелигенција (ASI), којашто се фокусира на решавање на специфичен вид проблеми, како што е на пример играње шах или решавање математички задачи.

AGI генерално се смета за крајна цел во развојот на вештачката интелигенција бидејќи таков систем може да биде исклучително сестран  и корисен за решавање на широк спектар на проблеми.

Како OpenAI го најави развојот на вештачката општа интелигенција?

Како што наведовме на самиот почеток, на крајот на февруари 2023 година, Алтман објави во својот блог план за развој на вештачка општа интелигенција.

Во него, тој зборува многу општо за чекорите и насоките што OpenAI има намера да ги преземе во развојот на вештачката општа интелигенција. Во самиот вовед, тој наведува дека мисијата на компанијата е „да се погрижи вештачката општа интелигенција – системи за вештачка интелигенција кои се генерално попаметни од луѓето – да бидат корисни за целото човештво“.

Авторот ја уверува јавноста дека тоа ќе се прави многу внимателно бидејќи AGI, покрај големите придобивки, ќе има и потенцијал за „сериозни ризици од злоупотреба, несреќи и социјални нарушувања“.

„Бидејќи предноста на AGI е толку голема, не веруваме дека е можно или пожелно општеството засекогаш да го запре нејзиниот развој; ​​наместо тоа, општеството и развивачите на AGI мора да смислат  како да го направат правилно“, истакнува Алтман.

Потоа  тој накратко ги презентира основните принципи на OpenAI на патот кон AGI.

„Иако не можеме да предвидиме што точно ќе се случи и, се разбира, нашиот сегашен напредок може да удри во ѕид, можеме да ги артикулираме принципите за кои најмногу се грижиме:

1. Сакаме AGI да го поттикне човештвото да постигне максимален напредок во се’. Не очекуваме иднината да биде безусловна утопија, но сакаме да го максимизираме доброто и да го минимизираме лошото, и да се осигуриме дека AGI е зајакнувач на човештвото.

2. Сакаме придобивките, пристапот и управувањето на AGI да бидат широко и правично споделени.

3. Сакаме успешно да управуваме со огромните ризици. Соочени со овие ризици, препознаваме дека она што во теорија изгледа правилно во пракса е често почудно од очекуваното. Веруваме дека мора постојано да учиме и да се прилагодуваме со воведување помалку моќни верзии на технологија за да ги минимизираме сценаријата каде што ни останува само една опција да ги исправиме работите“, пишува Алтман.

Технолошка утопија

На почетокот, сè во оваа објава може да изгледа прекрасно.  Развојот на AGI ќе овозможи невиден напредок на многу полиња, вклучително науката, технологијата и медицината, а со тоа и невиденa благосостојба.

OpenAI ќе се погрижи овој развој да се случи постепено и на одговорен начин за сите да можат подеднакво да имаат корист од AGI и да не предизвикува „сериозни ризици од злоупотреба,  несреќи и социјални нарушувања“. Со други зборови, OpenAI ќе се погрижи да не се случи најлошото сценарио, во кое луѓето масовно би останале без работа, јазот меѓу богатите и сиромашните би се зголемил до незамисливи размери, маси на луѓе би биле лишени од  економско, а со тоа и од политичко влијание, AGI да  се користи за злонамерни цели, итн.

Практично може да замислиме дека OpenAI ќе создаде технолошка утопија (Алтман ја спомнува, иако предупредува дека таа нема да биде безусловна, што и да значи тоа), во којашто луѓето ќе работат помалку и ќе имаат повеќе време за себе, за бавење со креативни и интересни работи што ги сакаат. Притоа AGI ќе им овозможува во комбинација со роботите и автоматите доволно средства за удобен живот.

Но, како што предупредува нашиот наслов, има неколку многу сериозни проблеми со ваквата објава. Овде накратко ќе се обидеме да претставиме некои од клучните.

Првиот проблем е што, врз основа на она што го видовме досега, немаме многу причини да веруваме во добронамерноста и филантропијата на Алтман и OpenAI.

Имено, критичарите истакнуваат дека OpenAI денес е сè што вети дека никогаш нема да биде – стана корпоративна, затворена во смисла на криење на својата технологија и кодови и ориентирана кон профит.

Ова не е во согласност со оригиналните принципи прокламирани од компанијата. Напротив, таа е основана како непрофитна истражувачка организација во 2015 година од бројни лидери во истражувањето на вештачката интелигенција, вклучувајќи го и веќе спомнатиот  инвеститор и програмер Сем Алтман; моментално најбогатиот човек на светот, сопственик на Tesla и SpaceX, Илон Маск; милијардерот,  ко-основач на PayPal и инвеститор во  Facebook Питер Тиел; и ко-основачот на LinkedIn, Рид Хофман.

Во својата основачка изјава, компанијата објави посветеност на истражувања  коишто нема да бидат водени од „потребата да се генерираат финансиски приноси“, со цел „да се унапреди дигиталната интелигенција со најголема веројатност да му служи на човештвото како целина“. На компанискиот блог тогаш пишуваше: „Бидејќи нашето истражување е ослободено од финансиски обврски, можеме подобро да се фокусираме на позитивното влијание врз луѓето“. Исто така, беше најавено дека  сите истражувачи на компанијата ќе бидат охрабрени да „споделуваат трудови, објави на блогови или кодови и патенти (ако ги има) со светот“.

Но, на почетокот на 2019 година, OpenAI го напушти својот непрофитен статус и воспостави сектор „ограничен профит“ каде што може да прима инвестиции и да им обезбеди на инвеститорите профит ограничен на 100 пати поголем од вложениот износ. Одлуката на компанијата најверојатно била резултат на желбата на менаџментот да се натпреварува со големите технолошки ривали како Google. Набргу потоа, компанијата доби инвестиција од милијарда долари од Microsoft. Кон крајот на март 2023 година, Microsoft  објави неодамна дека ќе продолжи да инвестира уште милијарди долари во системи како што се ChatGPT и DALL-E.

Конечно, користењето на GPT-4 не е бесплатно. Ако се користи преку ChatGPT Plus, претплатата е 20 долари месечно.

Сем Алтман (во средината), еден од основачите и сегашен директор на OpenAI, компанијата што го создаде ChatGPT, најави неодамна на корпоративниот блог дека ќе се погрижат  „вештачката општа интелигенција – системи за вештачка интелигенција кои се генерално попаметни од луѓето – да бидат корисни за целото човештво“. Меѓутоа, критичарите велат дека врз основа на тоа што го видовме досега, немаме многу причини да веруваме во добронамерноста и филантропијата на Алтман и OpenAI.

Можни последици од преголемите очекувања

Овде доаѓаме до вториот проблем, а тоа е дека OpenAI создаде нереални очекувања со својата рекламна кампања и фама, односно со претераното истакнување на можностите на ChatGPT, со што привлече огромни средства и огромен број корисници.

Дури и самиот Алтман го призна ова за StrictlyVC во јануари кога рече дека GPT-4, наследникот на GPT-3 моделот на OpenAI, на кој моментално се базира Chat-GPT, може да заврши како огромно разочарување, со оглед на огромното внимание и славата што компанијата ги добива во последно време.

Во едно интервју, тој рече дека „луѓето молат да бидат разочарани и ќе бидат“ разочарани од претстојниот јазичен модел. „Немаме вистинска [вештачка општа интелигенција], а тоа е нешто што се очекува од нас“, предупреди тој.

Преголемата фама што е создадена околу ChatGPT може да има повеќе сериозни последици.

Пред се’, разочарувањето што ќе следи може да има негативно влијание врз другите компании вклучени во развојот на вештачката интелигенција во разни други подрачја. Ова може да резултира со општо намалување на интересот за финансирање на развојот на вештачката интелигенција во сите сегменти. Таквата динамика е веќе видена и претходно и се нарекува „зима на вештачката интелигенција.“

Друга сериозна последица може да биде тоа што младите луѓе ќе го изгубат интересот за градење кариера во одредени области каде што  може да се очекува да станат заменливи со вештачка интелигенција.

На пример, младите луѓе може да го изгубат интересот за програмерска професија, што може да има негативен ефект врз ИТ секторот и другите индустрии. Имено, ChatGPT може да биде побрз во кодирањето на некои поедноставни програми бидејќи слични кодови веќе постојат и лесно може да ги репродуцира. Сепак, прашање е дали ChatGPT ќе може да најде решенија во ситуации кога се бара нешто сосема ново, некој сосема нов код за сосема нова функција. Ова сепак ќе бара искусни програмери. Тука се наметнува прашањето од каде ќе дојдат тие, доколку  младите програмери бидат бескорисни за решавање на поедноставните задачи на коишто би  требало  да  учат.

Истото може да важи и за новинарите и другите професии во кои вештачката интелигенција засега сè уште не е, или нема да стане рамна или подобра од сериозните професионалци, барем во понапорните варијанти на професијата.

На пример, ChatGPT ќе може релативно лесно да напише текст за спортски или политички настан за кој сите информации може лесно да се најдат на Интернет.

Но, како ќе ги замени истражувачките новинари кои имаат свои мрежи, свои извори и контакти на кои можат да се јават кога им требаат некои информации кои не се достапни на Интернет? Како ChatGPT ќе препознае што е валидна информација, која е нејзината важност и нејзиниот заклучок? Како ќе стекне социјални  вештини неопходни за одржување на мрежите и контактите клучни за истражувачкото новинарство. Како ќе ја заврши работата што бара да седне со некој на кафе во тајност? Овде се поставува прашањето како новинарот ќе стигне до фазата во која ќе стане незаменлив, ако нема можност да ја помине фазата на обука во којашто  ќе биде заменлив?

Некои компании, и покрај одредени слабости на ChatGPT и GPT-4, би можеле да им поделат  откази  на работниците кои ги сметаат за заменливи или би можеле да ја искористат фамата  за да ги уценуваат вработените терајќи ги   да работат понапорно за истите пари или исто за помалку пари.

На пример, германската медиумска групација Axel Springer, која ги поседува весниците Bild и Die Welt, на почетокот на март објави дека многу новинари се во опасност да ги загубат своите работни места бидејќи наскоро би можеле да бидат заменети со вештачка интелигенција како што е ChatGPT.

Каде е ChatGPT добар и сигурен?

Од она што досега го видовме од ChatGPT, тој се покажува добар во генерирање на кохезивен текст, текст кој е флуиден и ги почитува граматичките и семантичките правила на јазикот.

Текстот генериран на овој начин е често кохерентен, неговите делови се поврзани во логичка структура. Ова значи дека ChatGPT е навистина добар кога треба да генерирате текст на која било дадена тема, сè додека не е клучно тоа да е фактички или логички беспрекорен.

Се смета дека може да има голем број на апликации, најмногу во креативната индустрија.

Меѓутоа, ChatGPT не е сигурна алатка за пребарување на информации, иако многумина ја користат за оваа намена. Тоа е затоа што едноставно не е дизајнирана да генерира текст врз основа на конкретни и веродостојни извори на информации, ниту има способност да го процени кредибилитетот на изворите  или да го процени степенот на веродостојност на своите одговори. Тоа се сериозни ограничувања кои ќе треба да се надминат за да може таквите модели да се интегрираат во интернет пребарувачите без да се наруши довербата на корисниците.

На кои работни места GPT-4 би можел да ги замени луѓето?

Од појавувањето на ChatGPT во ноември 2022 година, многу се зборуваше за можноста неговите подобрени верзии да почнат да ги одземаат работните места кои бараат одредени когнитивни способности кои до неодамна се сметаа за резервирани за луѓето. За илустрација, кога Bing на Microsoft, кој веќе користи GPT-4, е прашан во кои работни места и вештини GPT-4 би можел да ги замени луѓето, тој одговара дека тоа би биле пишувањето на новинарски текстови; преведување текст; генерирање на кодови; пишување поезија; генерирање извештаи и заклучоци; пишување сценарија за филмови и ТВ емисии; креирање рекламни слогани и пораки; генерирање финансиски извештаи и анализа на пазари; пишување говори и презентации; развој на игри; развој на системи за препознавање слики; развој на системи за препознавање говор; итн. Со тоа, практично, вештачката интелигенција би ги заменила човечките способности за креативност, логика, анализа, реторика, разбирање на јазици, разбирање на кориснички потреби, разбирање говор, и многу други.

Ваквите најави веќе предизвикуваат одредено општествено вознемирување, како што споменавме претходно околу можните последици од преголемите очекувања. Значи, се чини дека OpenAI не се движи претпазливо, како што вети Алтман во објавата на блогот.

Многу експерти предупредуваат дека воведувањето на вештачката интелигенција треба да биде придружено со разни добро осмислени промени во образованието и политиките кои ќе обезбедат милиони луѓе да не се најдат без работа, на улица.

македонија6 часа ago

Десет проекти на Publicis Groupe Skopje беа наградени за најдобри маркетинг кампањи во Адриатик регионот

економија2 дена ago

Триглав Осигурување со нов производ за осигурување на дом, Мој дом

македонија4 дена ago

Случајот Анѓушев против Цветковска од ИРЛ повторно на суд

банки6 дена ago

УНИБанка успешно го одржа третиот тениски турнир „UNIBank Invitational 2023“

економија1 недела ago

Фероинвест/Централинвест изгради биогасна електрана

банки1 недела ago

ПроКредит холдингот со зголемен профит во првиот квартал

економија1 недела ago

Мукаетов за српски “Профит“: Глобализацијата на брендот „Алкалоид“ останува наш фокус

банки2 недели ago

„#ПроВозиСе со ПроКредит и Mastercard” и добиј нов градски велосипед

економија2 недели ago

Возилата на „Брако“ ќе го чистат Крит

македонија2 недели ago

Прогресив – единствена акредитирана академија за извршни менаџери во Македонија