свет
Доларот со највисока вредност во последниве 20 години

Еврото е под притисок бидејќи рускиот енергетски гигант Газпром во петокот објави дека нема да продолжи со испораките на природен гас за Германија преку Северен тек 1 поради истекување нафта. А тоа може да ја продлабочи енергетската криза во еврозоната и да ја турне економијата во рецесија.
На азиските берзи денеска се тргуваше внимателно бидејќи развојот на ситуацијата во повеќето економии во светот не поддржува поризични инвестиции, додека вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна ново највисоко ниво во последните 20 години. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,4 отсто околу 6:30 часот по европско време.
Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослаби за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Австралија и Шангај се зголемени за 0,1 отсто. На азиските берзи има претпазливост бидејќи новите макроекономски податоци укажуваат на натамошно забавување на растот на кинеската економија, што може да има негативно влијание врз другите економии во регионот.
Покрај тоа, инвеститорите се загрижени за ситуацијата во Европа, каде енергетската криза може да предизвика рецесија. За време на викендот, Германија објави дека планира да потроши 65 милијарди евра за заштита на граѓаните и бизнисите од зголемените трошоци, додека Финска и Шведска понудија финансиски гаранции за да ги одржат енергетските компании отворени.
Сето тоа е последица на недостигот на енергија и силното зголемување на нивните цени поради војната во Украина. Дополнително, поради високата инфлација, се очекува дополнително агресивно зголемување на каматните стапки и во САД и во Европа, што дополнително ќе го забави растот на економиите.
Еврото под притисок
А, на валутниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути дополнително порасна, откако растеше три недели по ред, достигнувајќи ново 20-годишно ниво. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава достигна 110,08 поени, додека во петокот навечер беше 109,50 поени.
Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 140,12 на 140,20 јени, што е ново највисоко ниво во последните 24 години. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9903 долари, блиску до најниското ниво во последните 20 години.
Еврото е под притисок бидејќи рускиот енергетски гигант Газпром во петокот објави дека нема да продолжи со испораките на природен гас за Германија преку Северен тек 1 поради истекување нафта. А тоа може да ја продлабочи енергетската криза во еврозоната и да ја турне економијата во рецесија. Од друга страна, рекордно високата инфлација во тој блок ја притиска Европската централна банка за агресивно заострување на монетарната политика.
Цените на нафтата, пак, пораснаа по минатонеделниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 1,75 долари, на 94,75 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се покачи за 1,65 долари, на 88,50 долари.
Трговците ќе се фокусираат на состанокот на членките и партнерите на ОПЕК денеска, понеделник. Се очекува дека ОПЕК ќе го задржи производството на сегашното ниво, но можно е и малку да го намали за да ги поддржи цените, велат аналитичарите.