македонија
Доминација на трговците меѓу 100-те најголеми, производителите во втор план
Кој е кој меѓу најголемите компании во Македонија

Во структурата на дејностите на најголемите компании во Македонија доминираат трговските фирми. Трговци со нафтени деривати, трговци со текстил на големо и мало, трговци со електрична енергија, трговци со тутун, трговци со лекови, трговци со цигари и алкохол и нивни дистрибутери… Компании што се бават со трговија и дистрибуција на најразлични производи има вкупно 53 меѓу најголемите 100. Ако не ги сметаме фабриките на странските инвеститори коишто се добавувачи претежно на автомобилската индустрија во Европа, најмногу Германија, производни компании меѓу 100-те најголеми има уште едвај 15-тина, од коишто добар дел се производители на суровини или полупроизводи, како челик, метали, цемент, итн.
Изминува уште една тешка година за македонските компании, полна со турбуленции и предизвици. Ако 2020 беше година кога пандемијата на коронавирусот ги наруши сите можни процеси во работењето на бизнисите на планетарно ниво и ги преврти нашите животи наопаку, во 2021 вирусот сè уште правеше проблеми и се чувствуваа последиците, оваа 2022 како капак на се’ дојде војната во Украина, која ги отежни дополнително и онака проблематичните синџири на снабдување и предизвика поскапување на енергенсите и на едно чудо суровини и репроматеријали.
Сето ова секако дека имаше влијание и врз македонските компании, и оние што се целосно во сопственост на домашни бизнисмени, и странските инвестиции, и таму каде што е мешана сопственичка структура – сите тие се соочија со предизвиците на инфлацијата, високите цени на горивото, струјата и останатите инпути за производство и услуги.
Се разбира, од друга страна, некои бизниси поради природата на производот или услугите што ги нудат, остварија и поголеми приходи и добивки во време на здравствената, а потоа и ценовната криза, како што се здравствени услуги, трговија со струја, трговија со нафтени деривати, итн.
Во вакви услови решивме да направиме едно рангирање на компаниите во Македонија според приходите и добивките, да анализираме малку кој како работел изминатиов период, кој како се соочил со предизвиците и неизвесноста.
Прво, да објасниме неколку работи. Рангирањето на топ 100 компании според приход и според добивка го направивме врз основа на податоците за 2021 година. Тоа се најнови релевантни податоци за годишните финансиски резултати на компаниите што постојат во моментов, затоа што 2022 штотуку завршува, и комплетните бројки за оваа година ќе бидат на располагање многу подоцна.
Второ, треба да се има предвид дека компаниите во 2021 година имаа значителен скок на резултатите споредено со 2020, кога поради локдауните предизвикани од пандемијата, нивната активност беше намалена, а некое време и целосно сопрена. Второ, во 2021 ја немаше инфлацијата и ценовните шокови во енергетиката карактеристични за оваа година. Така што 2020 не е баш најдобра година за вршење споредба, и треба да ги почекаме финалните бројки за оваа тековна 2022, за да видиме всушност како најголемите македонски компании работеле во кризата.

Џонсон Мети со неговите катализатори неприкосновен на првото место
Да почнеме од самиот врв, од компанијата што имала најголеми приходи во 2021. Тронот повеќе години по ред го држи фабриката крај Скопје на британскиот производител за автомобилски компоненти Џонсон Мети. Лани имала вкупни приходи од 2,1 милијарди евра и неприкосновено е на првото место, пред Окта, која е втора со 424,9 милиони евра приходи и Макпетрол на третото место со 364,9 милиони евра остварени од продажба.
Џонсон Мети е практично и најголем извозник од државава, но и најголем увозник истовремено, поради скапите суровини и репроматеријали што ги набавува за производство на автомобилските катализатори. За да ја претставиме доминацијата на оваа компанија меѓу најголемите бизниси во Македонија, ќе кажеме само дека нејзиниот приход е речиси 20% или една петтина од вкупниот приход на сите 100 најголеми компании заедно, којшто изнесува без малку 11 милијарди евра. Во делот пак на вкупниот извоз од земјава во износ од 6,92 милијарди евра, компанијата учествува со без малку 30%.
Само пред околу месец дена Џонсон Мети се пофали дека го произвеле 120 милионитиот катализатор на глобално ниво во нивната македонска фабрика. Секое трето тешко или лесно возило во Европа има парче произведено во земјава, истакнаа тогаш од компанијата.
Од секторот на производство на опрема и делови за автомобилската индустрија меѓу најголемите 100 компании во Македонија според приход, има уште шест компании, што ги предводи германската инвестиција Кромберг и Шуберт со приход од 210,5 милиони евра, додека останатите компании се во рангот од 50 до 100 милион евра годишен приход во 2021година. Во оваа група се фабриките на мултинационалните компании Маркарт, Костал, Џојсон Сејфти Системс, Дрекслмајер и Леар Корпорејшн. Сите овие шест компании заедно имаат приход од нешто над 590 милиони евра, а заедно со Џонсон Мети остваруваат речиси една четвртина од целиот приход на 100-те најголеми фирми.
Повеќе од половина од Топ 100 се трговски компании
Инаку, во структурата на дејностите на најголемите компании во Македонија доминираат трговските фирми. Трговци со нафтени деривати, трговци со текстил на големо и мало, трговци со електрична енергија, трговци со тутун, трговци со лекови, трговци со цигари и алкохол и нивни дистрибутери… Компании што се бават со трговија и дистрибуција на најразлични производи има вкупно 53 меѓу најголемите 100.
Најголем приход има Окта, трговец со нафтени деривати на големо, од 424,9 милиони евра, што е за речиси 70% повеќе во однос на 2020 година. Следи Макпетрол, компанија во делот трговија со горива на мало, со приход од 364 милиони евра во 2021, и пораст од 34%.
На трето место меѓу трговците е ЕВН Хоме, компанија за трговија со електрична енергија, со приход од 335 милиони евра и пораст од 21% минатата година во однос на 2020.
Најголем раст на приходите во оваа категорија бизниси има Алпик Енергија, трговец со електрична енергија, од 361%, а веднаш зад оваа компанија се уште три други компании во истиот бизнис, Терна Енерџи Трејдинг, државното претпријатие ЕСМ продажба и Ген – И, со пораст на приходите од 347, 302 и 164% респективно. Очигледно е дека поскапувањата на електричната енергија на европските берзи значително се чувствувала уште во 2021, за кулминацијата да ја достигне годинава.
Сите заедно, трговските компании имаат приход од 4,36 милијарди евра, што е над 40% од вкупниот приход на сите топ 100 компании на листата.
Малку домашни фабрики за готови производи меѓу Топ 100
Ако не ги сметаме фабриките на странските инвеститори коишто се добавувачи претежно на автомобилската индустрија во Европа, најмногу Германија, производни компании меѓу 100-те најголеми има уште едвај 15-тина, од коишто добар дел се производители на суровини или полупроизводи, како челик, метали, цемент, итн. И меѓу овие компании доминираат оние со странски капитал, како што се Еуроникел Индустри, којшто има и најголем приход во оваа група, од 232 милиони евра во 2021, потоа тука се Либерти, производителот на челик и феролегури, со 173 милиони евра, Макстил, исто така во челичната индустрија, со 119 милиони евра, цементарницата Усје со 87,5 милиони евра, Пивара Скопје со 80,5 милиони евра, итн.
Најголема компанија од производната дејност што е целосно во раце на македонски бизнисмени и менаџмент е кавадаречкиот производител на челични цевки и профили ИГМ – Трејд, со 182,4 милиони евра приход. Во оваа група се и фармацевтскиот производител Алкалоид, со 163 милиони евра , производителот на месни преработки, Пекабеско, којшто има и активности во дистрибуција на други стоки, со 79 милиони евра, прилепската фабрика за прехранбени производи Витаминка со 49,5 милиони евра Конти Хидропласт од Гевгелија, производител на цевки и профили од пластични маси, со 48,6 милиони евра. Покрај Пекабеско, од прехранбената индустрија меѓу стоте најголеми фирми во земјава е и Млекара Битола со 39,7 милиони евра.
Интересно е што меѓу 100-те најголеми фирми во Македонија се наоѓаат и пет компании од дејноста игри на среќа, коцкање и обложување, каде што лидер е Про-Бетинг со речиси 94 милиони евра приход во 2021, пред Спорт-Лајф Трејд со 83 милиони и Државна видеолотарија со 67,3 милиони евра. Сите заедно овие 5 компании имаат приход од 324 милиони евра, што е околу 3% од вкупниот приход на сите 100 најголеми компании.

Кој најмногу заработил во 2021
Што се однесува пак до остварената добивка во 2021 година, повторно лидер е Џонсон Мети со речиси 82 милиони евра добивка пред оданочување. На второ место е ИГМ – Трејд со 55,4 милиони евра добивка, пред рудниците Саса со 40 милиони евра, Македонски Телеком со 31 милион евра, ЕВН Македонија со 30,5 милиони евра, итн.
Вкупната добивка на сите 100 најуспешни е 840 милиони евра, при што само првите пет оствариле речиси 30% од неа, или околу 240 милиони евра.
Меѓу компаниите што најмногу заработиле од својот бизнис нема таква доминација на трговците, како во најголемите според приход, што значи дека сепак профитните маржи во трговијата се далеку пониски. Во групата со најголема добивка има 28 трговски компании, што е речиси двојно помалку од бројот на вакви бизниси меѓу најголемите според приход.
За сметка на тоа, меѓу најголемите според добивка се среќаваат доста компании од другите услужни сектори, како што се здравствените услуги, информатичкиот сектор, аутсорс услугите на повикувачките центри и сл. Има доста компании кои се наоѓаат меѓу најпрофитабилните, а ги нема меѓу најголемите според приход, што укажува на нивната повисока профитна маржа.
Па така имаме шест организации од здравствениот сектор меѓу оние 100 најголеми добивки минатата година, каде што предводи приватната болница Аџибадем Систина со 19,3 милиони евра добивка во 2021 година. Нејзината заработка е за речиси 200% поголема во однос на 2020 година. Двојно помала заработка има нивната конкуренција, приватната болница Жан Митрев, од речиси 10 милиони евра, или за 12% повеќе од претходната година. И лабораториите за анализа на крвта и други услуги заработиле добро во 2021 година, односно Авицена има нешто над три милиони евра добивка, додека Биотек е тука некаде, со 2,87 милиони евра. Очигледно ковид тестирањата и во 2021 година го „бустираа“ ќарот на приватните лаборатории.
Интересно е што меѓу првите 10 компании со најголема заработка во 2021 имаме вистинско шаренило на бизнис сектори и нема доминација на ниту еден, напротив, сите 10 фирми се од различна дејност. Па, така среќаваме производство на опрема и делови за автомобилска индустрија, производство на челични цевки и профили, рударство, телекомуникациски услуги, снабдување со електрична енергија, трговија со нафтени деривати, изградба на патишта (Јавното претпријатие за државни патишта има добивка од 24 милиони евра), производство на електрична енергија, фармацевтска индустрија и производство на цемент.

Трите најголеми банки со 80% од добивката во целиот сектор
За финансискиот сектор направивме посебни табели за најголемите играчи, односно деловните банки, плус ја вклучивме и државната Развојна банка, со што во секторот банкарство има вкупно 13 субјекти. Минатата година со најголем капитал и резерви ја завршила Стопанска банка- Скопје, со 321,3 милиони евра. Нејзините приходи биле 90,3 милиони евра. На второ место според капиталот и резервите е Комерцијална банка, со 240,8 милиони евра и приходи од 72,4 милиони евра, пред НЛБ Банка со капитал и резерви од 228,4 милиони евра и вкупни приходи од работење од 87,7 милиони евра.
Што се однесува до добивките, редоследот е ист, Стопанска банка – Скопје со 44,3 милиони евра е пред Комерцијална банка со 40,7 милиони евра и НЛБ Банка со 39,7 милиони евра. Сите банки заедно, со се’ Развојната банка имаат вкупна добивка од 163 милиони евра во 2021 година, од која што 77% отпаѓа на трите најголеми банки во државава.
Банките се соочуваат со промена на регулативата за платежните услуги и системи од почетокот на 2023, што значи можност за влегување и на небанкарски играчи во делот на платежните услуги. Претседателката на Македонската банкарска асоцијација д-р Маја Стевкова – Штериева објасни дека банките во изминатиот период активно работеле на имплементација на Законот и дека искуството на крајниот корисник од аспект на секојдневните финансиски активности нема да претрпи никакви промени, ниту тешкотии.
Повеќе околу новата регулатива и воопшто за состојбите во банкарскиот сектор може да прочитате во интервјуто со Стевкова – Штериева во овој број на Капитал.
100 најуспешни компании според остварена добивка


100 најуспешни компании според остварен приход

