македонија
Државата ќе се задолжува поевтино кај граѓаните
За првпат народни обврзници на македонскиот финансиски пазар

Од Министерството за финансии деновиве најавија издавање на т.н. народна или граѓанска обврзница, наменета исклучиво за физички лица, коишто за тоа ќе добијат камата. Најверојатно ќе биде двегодишна обврзница, а најмалиот износ кој ќе може да се уплати е 10 илјади денари, како и за постојните обврзници и записи.
Наскоро и граѓаните во Македонија ќе можат да инвестираат во таканаречени граѓански или народни обврзници што ќе ги издаде Министерството за финансии и за тоа да добијат соодветен надомест, односно камата. Оваа новина пред хрватските инвеститори пред неколку денови ја најавија од Министерството за финансии, во рамки на настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонска берза и Загрепска берза, кој примарно беше наменет за хрватските инвеститори и финансиски посредници кои доаѓаат во Скопје.
„Планираме да издадеме она што Хрватска веќе го направи, граѓанска обврзница. Нашата намера е тоа најверојатно да биде пред летните одмори. Ќе се обидеме да ги убедиме нашите граѓани да имаат доверба во државата и инвестираат во сигурни хартии од вредност и за тоа да добијат сигурен прилив“, рече Дејан Николовски, првиот човек во одделот за јавен долг во Министерството за финансии.
Тој додаде дека тоа ќе биде најверојатно двегодишна обврзница, а најмалиот износ кој ќе може да се уплати е 10 илјади денари, како и за постојните обврзници и запис, додека обврзницата ќе биде наменета само за индивидуи, односно за граѓаните.
До крајот на годинава и проектна обврзница, а во најава и зелени обврзници

Инаку, Хрватска во почетокот на годинава издаде граѓански обврзници кои на тамошниот пазар на капитал се покажаа многу успешни, надминувајќи го повеќе од двојно планот државата на овој начин да се задолжи за околу 500 милиони евра, односно, граѓаните во Хрватска запишаа државни обврзници во вредност од над милијарда евра. Средствата собрани со издавањето на оваа обврзница, како што изјавија хрватски официјални лица, во најголема мера ќе се искористат за прилагодување на структурата на јавниот долг со цел, долгорочна одржливост на долгот, но исто така и за минимизирање на долгорочните трошоци за задолжување.
Поконкретно, со тој износ Хрватска ќе ги рефинансира долговите кои доспеваат годинава. Таму минималниот депозит за граѓаните беше 500 евра, минималната каматна стапка е 3,25 отсто годишно, а рокот на достасување на обврзницата е 2025 година.
Од Министерството за финансии не прецизираа колкава ќе биде емисијата на македонската граѓанска обврзница, односно колку пари планира државата да собере од граѓаните, како и која ќе биде каматата.
Зборувајќи за каматните стапки за другите видови државни записи и обврзници кои што се издадени, Николовски од Министерството рече дека каматата за 12 месечните краткорочни хартии од вредност е 4 отсто годишно, а за оние на 15 години е 5,9 отсто. За другите, каматите се помеѓу овие две вредности.
Македонија во почетокот на март се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто. Рокот на отплата е четири години.
„За другите инвеститори планираме до крајот на годинава на домашниот пазар да воведеме проектна обврзница, која ќе многу атрактивна, а за прв пат исто така планираме да почнеме и со подготовки за издавање на зелени обврзници“, рече Николовски.
Тој посочи дека зелените обврзници се тренд кон кој што треба да се вклучиме и ние. За таа цел потребни се одредени подготовки за издавање на зелени обврзници кој трае шест до осум месеци. Николовски исто така додаде дека кај инвеститорите веќе постои заинтересираност за ваков вид хартија од вредност и очекуваат што побрзо нашата држава да се појави на пазарот и со ваква обврзница.
Една од новините е и промена на платформата за издавање на примарни државни записи и обврзници, односно премин кон платформата на Блумберг, така што се планира наредните издавања на хартии од вредност на примарниот пазар да биде преку оваа платформа.
Во Хрватска еден процент од жителите веќе купиле народни обврзници

Во интервју за МИА, пак, директорката на Загрепска берза, Ивана Гажиќ, вели дека издавањето народни обврзници би бил добар тест за пазарот, да се испита како размислуваат граѓаните и инвеститорите, да се задолжи државата на домашен терен, да се испита колкава доверба имаат граѓаните во државата, а верува дека ќе има интерес.
Гажиќ ги споделува позитивните искуства во Хрватска со овој инструмент, истакнувајќи дека повеќе од 43 000 луѓе, односно повеќе од еден процент од целокупната популација, инвестирале во народната обврзница.
„Прогнозите беа дека интересот на јавноста ќе биде околу 500 милиони евра, додека остатокот од една милијарда евра беше планиран за институционални инвеститори. Она што се случи при самото запишување ги изненади сите. Имено, само граѓаните запишаа 1,35 милијарди евра, а фондовите запишаа дополнителни 500 милиони евра. Најмладиот инвеститор има 19 години, а најстариот 99 години“, објаснува Гажиќ.
Една од важните цели за државата во оваа проблематика бил секако приносот да остане кај хрватските инвеститори кои може дополнително да го инвестираат или да го потрошат во својата татковина, додава директорката Гажиќ, при што истовремено на државата и стои на располагање стабилна инвестициска база на која може да смета.
„Во Хрватска веќе е најавено дека вакви емисии ќе продолжат да се издаваат и во иднина, а ние со нетрпение го очекуваме тоа.“
Како до повеќе инвеститори од странство на домашната берза
Инаку, настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонската и Загрепската берза на едно место собра преку 50 претставници на хрватските и македонските брокерски куќи и банки, инвестициски и пензиски фондови, котирани компании, регулатори, депозитари и други учесници на пазарот.
Со оглед на сопственичката поврзаност на Македонската и Загрепската берза (берзата од Хрватска има 30% удел во Македонската берза) и интенцијата за продлабочување на билатералната стратешка соработка, примарната цел на настанот беше учесниците на хрватскиот пазар на капитал детално да се запознаат со македонскиот пазар, со што ќе се олесни нивниот пристап до македонскиот пазар.
Настанот со воведни обраќања го отворија претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити, претседателката на Управниот одбор на Загрепска берза, Ивана Гажиќ и главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев.
„Свесни сме дека меѓусебното информирање за двата пазара моравме да го подигнеме на едно повисоко ниво затоа што ако сакаме да се вратат повеќе странски портфолио инвеститори мора тие да се запознаат со нашите продукти, со нашата инфраструктура и да најдат бизнис интерес и можности за инвестиции на нашиот пазар. Изминатите години имавме неколку добри години, но сепак основен двигател на пазарот се македонските инвеститори и во добар дел македонските физички лица. Тоа е добро и посакувано, но не е идеална структура на прометот. Ние би сакале да имаме повеќе инвеститори од странство, тие да донесат и нов промет и нови практики“, изјави главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев.
„Македонскиот пазар нуди исклучително интересни можности за инвестирање и преку овој настан сакавме да ги доближиме уште повеќе до учесниците на хрватскиот пазар на капитал. Имаме долга историја на висококвалитетна соработка со Македонската берза. Со оглед на сопственичката поврзаност, сакаме да ја продлабочиме оваа соработка на обострано задоволство со цел да обезбедиме поголема видливост на регионалниот пазар и на сите наши компании на глобалната инвестициска карта“, истакна Ивана Гажиќ.