технологии / компании
Државите ги бранат своите граници од невидливи ентитети и туѓи технологии
Технонационализам

Европската унија малку, малку, па војува со Apple, сега поради стандардизацијата на УСБ каблите, а постојано им ги покажува забите и на останатите технолошки џинови. Неодамна и малата Литванија ја обвини кинеската компанија Xiaomi за цензура и ги советуваше своите граѓани да ги фрлат мобилните телефони од овој бренд. Судирите, колку и да се софистицирани, нема туку така да престанат, затоа што влогот е преголем.
Нов инструмент на политичкиот притисок е технологијата, со која како со оружје во глобалниот пазарен натпревар се служат двете најголеми светски економски сили, САД и Кина, а ги следат и оние помалку влијателни и повеќе наклонети кон Америка. Додека овие две држави ги одмеруваат силите, многу индустрии се спрепнуваат во нередот што зад себе го оставаат, а што моментално се гледа преку недостигот на микрочипови, на пример. Демократскиот свет не ѝ е наклонет на Кина поради проблеми со човековите права, поради што дури и министерството за одбрана на малата балтичка држава Литванија, инаку членка на ЕУ, ги предупреди своите граѓани да не купуваат мобилни телефони од кинеската компанија Xiaomi, а оние што ги имаат да ги фрлат, затоа што може да им бидат цензурирани пораките. Влијанието на новите технологии, особено на социјалните мрежи, наголемо се вплеткува и во политиката во Америка, што се покажа на последните претседателски избори.
Жесток двобој САД – Кина
Двобојот е жесток и засега не му се гледа крајот. На пример, штом Америка покрена светска кампања за блокирање на усвојувањето на 5Г безжичната технологија произведена од кинескиот телекомуникациски гигант Huawei, којшто ја искористи државната поддршка и стана најголем светски производител на телекомуникациска опрема и работи во 170 земји, а има преку 180 илјади вработени, меѓу кои 10 илјади инженери, Кина возврати со наредба до јавните институции и државни агенции да престанат да користат компјутери и софтвер од странски производители, односно американски. Со цел да се спротивстави на доминантната пазарна позиција на Huawei во безжичната технологија, САД истражува начини за финансирање на Nokia и Ericsson, два големи конкуренти на Huawei. Во меѓувреме и Јапонија повлече два важни потези: му забрани на Huawei пристап до националната телекомуникациска инфраструктура, а на својата крајбрежна стража ѝ забрани користење на авиони од кинеско производство поради загриженост за националната безбедност.
Иако го вметна Huawei во категоријата на високо ризични добавувачи на телекомуникациска опрема, Европската унија, склона кон компромиси, не го забрани неговото работење на својата територија, и покрај инсистирањата на САД, која ја смета оваа компанија за шпионска. Но, ЕУ има уште некои правила што не им се допаѓаат на американските технолошки компании, особено на Apple, а се работи за одлуката сите мобилни телефони и таблети, независно од производителот, да имаат единствен USB влез од типот C, што е предуслов за универзален полнач. Освен тоа, еден од проблемите е што американските технолошки компании не ја почитуваат регулативата за заштита на личните податоци, GDPR. Ни Велика Британија не е сосема исклучива кога се работи за Huawei, па британските телекоми може да имаат до 35% опрема што оваа фирма ја испорачува.
Па така, на крилата на технологијата, а во служба на политиката е скован нов термин – технонационализам, којшто не застана на лингвистичка основа, туку еволуираше во сериозна опасност и ги замрси плановите и ја отежна стратегијата на глобализацијата, којашто со либерализација на пазарите системски го вовлече светот во своевидно ропство кон големите светски корпорации, меѓу коишто најмногу американски.

Нова теорија
Технонационализмот е нов начин на меркантилистичко размислување којшто ги поврзува технолошките иновации и способности директно со националната безбедност, економскиот просперитет и стабилноста на државите. Според оваа теорија државата мора да интервенира и да се чува од опортунистички или непријателски државни и недржавни актери. Технонационализмот настојува да постигне конкурентска предност за своите актери, локално и глобално, а таа предност да се искористи за геополитичка добивка.
Изграден е на претпоставката дека светот влегол во нова фаза на системски натпревар помеѓу моделот laissez faire (пуштете работите да одат по својот природен тек) односно концептот на слободно пазарно општество на Западот и кинескиот капитализам насочен кон државата. Разликата во идеолошките вредности помагаат во забрзаното усвојување на конкурентни технонационалистички политики. Демократиите и диктатурите настојуваат да имплементираат технолошки овозможени механизми коишто применуваат и зајакнуваат сосема различни стандарди во поглед на приватноста на податоците, надзорот, цензурата, транспарентноста, дигиталните пари и интелектуалната сопственост. Конкурентските идеологии на технонационализмот, затоа би можеле да го растурат меѓународниот систем на начини коишто не се видени од времето на студената војна помеѓу САД и Русија.
Технологијата ќе стане политика
Стручњаците имаат различни мислења за влијанието на технонационализмот: едни сметаат дека во технолошки воден свет протекционистички стојалишта за технолошките иновации не може да опстанат во пракса, а други тврдат дека нема да помине ниту деценија додека технологијата не стане исто што и политиката.
„Феномените на глобализацијата не се реверзибилни. Чувството на еднополарен или биполарен свет повеќе не постои. Сега е мултиполарен свет. Што се однесува на технологијата, вештачката интелигенција, 5Г и блокчеин ќе продолжат да растат со експоненцијална брзина“, вели Џајрар Наир, главен технолошки директор на компанијата Wipro. Мишел Затлин, ко-основачка на Cloudflare, компанија за кибернетска сигурност, порачува дека технологијата во следните десет години би можела да стане само политика, па повикува на дијалог помеѓу сопствениците на технологијата и политичарите со цел избегнување на технонационалистичката напнатост.
Џијафенг Пан, претседател на Институтот за наука и развој при Кинеската академија на науки, вели дека Кина го осетила влијанието на растечкиот технонационализам во последниве две години откако е отежната размената на луѓе и увозот на високо вредни суровини. Според него, појавата на технонационализмот е резултат на нерамномерниот развој на глобализацијата и треба да се стави акцент на соработка со обострана корист, истовремено почитувајќи ги безбедносните прашања.
„Мора да преземеме контрола над технологијата и да се служиме со неа заради задоволување на најдобриот интерес на луѓето и сите земји, а не со неа да затвораме врата“, вели Џијафенг.
Но, изјавите и пораките не можат да ги решат проблемите настанати со недостигот на микрочипови, со чиешто производство доминира Кина. Поради недостигот на микрочипови само автомобилската индустрија загуби во последниве неколку месеци десетици милијарди долари. На пример, јапонска Honda ја намали продажбата на возила, Suzuki го стопираше производството во фабриката во Јапонија, Subaru и Toyota го намалија производството во фабриките во САД, а и најголемите американски производители Ford и General Motors ги стопираа производствата. Исто така и европските производители, како Volkswagen, Renault и другите, бележат страшни загуби поради недостигот на чипови, а погодени се и другите индустрии, затоа што чиповите се во сите електронски уреди.

Недостигот на чипови го вклучи алармот
Поради недостигот на чипови светот конечно ги отвори очите и сфати дека тие имаат клучна улога во речиси сите сектори на индустријата и дека не е добро што производството на чипови е несразмерно концентрирано во Азија, особено на Тајван, затоа што ланците на снабдување од еден извор се ранливи. Како што се заострува геополитичкиот натпревар, САД и Кина имаат иста цел – да го локализираат производство на чипови. Се’ поконкурентната Кина ги принуди САД и нивните сојузници, пред се’ ЕУ, на забрзан развој на индустријата на чипови и стратешка технолошка независност.
Сепак, Америка технонационализмот ѝ го припишува на Кина, а прави сe’ за да остане светски технолошки лидер, меѓу другото, и оневозможувајќи им на најголемите кинески технолошки компании да работат на нејзиниот пазар, и барајќи го тоа и од своите сојузници. Светот е се’ повеќе поделен помеѓу соперничките технолошки сфери на информациската и комуникациската технологија, во распон од хардвер и софтвер до банкарски и платни системи, темелните институции на животот на секој поединец.
Технологијата е присутна во секој аспект на животот, а на држава која поседува врвна технологија ѝ пружа голема економска, воена и геополитичка моќ. Кинеските конкуренти нема да ѝ допуштат на Кина светско лидерство во технологијата, но за победа над така моќна држава треба големо вложување во иновации. Кина со државни пари финансира иновации и го поттикнува растот на технолошките компании, што е предност за неа, а западниот свет ги финансира со банкарски кредити и приватни инвестиции. Со оглед на глобалното значење на САД и Кина, во случај на заострување на напнатоста колатерални жртви ќе бидат помалите земји, а глобалното геополитичко окружување ќе биде фокусирано на битката на силите за технолошко лидерство во светот.
Lider.media