коментари
Дуалното образование, Мицковски и Македонија …

Паметните рекле дека „здравјето на еден човек влегува преку устата“. Здравјето на нацијата во основа влегува прекуобразованието, па потоа преку медиумите (секојдневно ги консумираме). Секако, и преку здрава и демократска политичка сцена која знае низ вистински суштински реформи каде ја движи земјата. Во сите случаи овде фали визија …
Ќе искоментирам две работи од неделава: првата е навидум неважна, а всушност многу важна. Втората е навидум многу важна, а всушност небитна работа.
Прво. Деновиве напишав фејсбук статус. Да посочам дека не е само партиската политика темата на денот која треба да го окупира и совладува ова наше општество по долината на Вардар.
Клучни паралелни и суштински процеси ни бегаат од раце. На пример, секојдневно се прашуваме зошто млади луѓе образовани во Македонија бегаат во огромна бројка, порачувајќи дека нема иднина овде во општество на корупција, без адекватен правен систем, без здравство и образование, девастирани компании од транзицијата, без истражувачки центри и наука, фабрики кои кубурат и на чии сопственици ни на крај памет не им е да ангажираат млади луѓе … и ред така …
Но, ова ни се теми кои ние како папагали ги рецитираме како цитати од политичари кои ги кажале на прес конференции. Никој од нас не навлегува подлабоко, дури и самите не се слушаме на кој начин ние разговараме и промислуваме за овие теми. Зарем треба политичарите од власта и опозицијата, Македонци и Албанци да ни кажуваат што се случува!?

Кој им дозволил узурпација на јавниот простор јавно да ја промовираат својата мрзливост и некомпетенција. Кои се, на пример, таквите уредници и новинари … било на кој медиум!?
МН: Не може со примитивни народни приказни да одиме напред
Значи на утринска програма на Македонското радио (прва програма) оди емисија со вакви поенти:
Тема одлично одбрана. Дуално образование. Многу важна тема, иако се сомневам дека и уредништвото на радиото и водителката суштински ја разбираат … Некој им ја наметнал сигурно.
На темата интелигентна млада девојка средношколка зборува за тоа како, по прв пат, по долго време, се организирале средношколци со иницијатива да поканат производствени фирми (фабрики) со цел да одржат обуки, пошироки едукации … за одблиску дечкиве да научат како се работи во струката.
Поканиле дури и еден рудник во иницијативата. Менаџерите од компанијата која го работи рудникот позитивно одговориле … Средношколката, девојче полна со енергија, жива во објаснување, полна со ентузијазам, раскажува за оваа иницијатива, која, замислете им успеала бе … Се радува детето …
И сега погледнете водителката на утринската програма што прави …!?
Таа, онака, откинато од прва и вели – и ние кога бевме како вас вака се мачевме … Многу се мачевме. Одевме на пракса и тогаш, кога видовме што не’ чека во животот, јас и сите ние решивме да се запишеме на факултет …!?!?! Оваа неинтелигентна водителка го остави без зборови девојчето … го пресече … и разговорот за три секунди заврши. Тоа е тој заостанат памет, деструктивна мисла и менталитет со кој сме опкружени овде. И како да се оди напред, да се излезе од оваа чаура со „шушумига“ која го лапнала микрофонот рано по сабајле и тресе зелени.
Оттука, мора да се внимава и кого ангажираме за модератори и водители на утрински програми и воопшто радио и видео проекти. Суштински важно за јавниот став или ставови е процесот како тие ставови се генерираат. Низ каков процес на дебата или едукација и образование се креираат ставови.
Медиумите имаат клучно значење. Оти не може со примитивни утрински програми на телевизија и радио, поспани и неподготвени водители (секоја чест на малиот број убави случаи), не може со јавувањата во живо на пензионери гласачи на политички партии, притоа кои не читаат и живеат од едно јавување до друго јавување во програма во живо, не бива со нив да се гради јавно мислење. Секоја чест на годините но, не бива тие да се генератори на рејтинг на партиите.
Не бива со примитивни „македонски народни приказни“ кои одат на сите важни телевизии и тоа половина ден, да се движиме напред. Во нив македонскиот човек е прикажан како сиромашен, необразован селанец кој моли за леб, и пошто нема за јадење од сиромаштија оди на печалба, научил итроштини (Итар Пејо синдром кај сценаристите). Произведуваме неспособни губитнички нови генерации. Или такви ни требаат за по митинзи.
Паметните рекле дека „здравјето на еден човек влегува преку устата“. Здравјето на нацијата во основа влегува преку образованието, па потоа преку медиумите (секојдневно ги консумираме). Секако, и преку здрава и демократска политичка сцена која знае низ вистински суштински реформи каде ја движи земјата. Во сите случаи овде фали визија …
Свесно ги поврзав овде медиумите и политиката затоа што тие две сфери рака под рака го движат општеството.
Затоа МРТВ тргнете ги од програма овие што времето ги згазило, а дигестивниот тракт на политичката сцена треба истото да го стори со политичарите кои дневно калкулираат за рејтинг кој треба да им го направат таргетите од народ кои ги опишав погоре. Кои гледаат глупави утрински програми, ги интересира ставот на пензионерите на телефон и уживаат во примитивните македонски приказни. Ах заборавив и документарците за Александар Македонски снимени до 2015 година…
МН: Свесно промашена тема
Второ. Лидерската средба на претседателите на сите парламентарни партии одржана пред два, три дена во собранието. Ништо спектакуларно не се случи ни на едната ниту на другата страна. Овде само кратко ќе потенцирам едно мое размислување, со напомена дека подготвувам поголем текст на темава.
ВМРО ДПМНЕ преку својот лидер Христијан Мицковски порача да не го викаат повеќе на вакви средби се додека реципрочно Бугарија не ги признае правата на Македонците таму (отприлика парафразиран неговиот став по состанокот на лидерите).
Нема да навлегувам во суштината на ова барање иако тоа си има свои фалинки поради не објавувањето на тоа – кои се тие права за Македонците таму, а за Бугарите овде (ова е повеќе лансирана флоскула на опозицијата на која треба да се налепат националистички таргети, да се „драпа“ темата и понатаму до нивните замислени ако може предвремени избори)!? Некако станува нормално во последно време и Павле Трајанов да се залепи за ставот на Мицковски … и така. Левица и Беса кокетираа со проблемот. Ништо ново.
Сакам да порачам дека опозицијата свесно ја промашува темата, затоа што темата не е нечии права, туку македонските преговори со ЕУ за наше полноправно членство во Унијата. На тој пат на преговори, за да слободно ги водиме преговорите без пречки, ние сме договориле Бугарите да ги запишеме во македонскиот устав (заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите, и веројатно Египќаните).
Мислам дека се им е јасно во опозицијата. Само кокетираат со овој проблем, затоа што во блиското минато (летово кога сето ова се договараше) отидоа предалеку со национализмот по ова прашање, кокетираа и со некои екстремни бугарски провокатори за нечии туѓи агенди од север и краен север, ставајќи се во „подредена позиција на алатка во рацете на туги интереси за дестабилизација„. И пред се играат на факторот време до избори. Им требаат брзи предвремени избори затоа што секој поминат ден трошат националистичко гориво кое е многу скапо.
Како, на друг начин да се толкува и објасни ваква нелогична и деструктивна политика на опозицијата, уште зачинета со отворена порака дека, внимавајте ЕУ не мора да е единствениот пат. Има и други опции!? Хм. Од кој дел од српската политичка сцена овие добиваат брифинзи?
Но, проблемот на Мицковски е што само и тоа му останува како варијанта за доаѓање на власт на ВМРО ДПМНЕ и за задржување на лидерската позиција во партијата. Мислам дека влогот во оваа партија покер му е преголем. И крупието нема можност да го изменаџира како тој сака.
Не е исклучено пензионерите кои гледаат утрински програми на национални фреквенции и се јавуваат во живо со кукање дека ништо не чини, и оние што се потонати во македонските приказни додека децата им заминуваат на гурбет во ЕУ, а родителите им се против Западот и навиваат за Русија во оваа војна, … е не е исклучено тие да се целта на Мицковски на следните избори.
Легитимно секако … Но, јас велам само тие …
Мицковски секако не може да го закочи патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Таман и античките Македонци да му дадат 61 пратеник, без партнерство со широката македонска интелигенција и без албански коалиционен партнер пак нема игра … Едноставно нема влада.
Античките Македонци ќе останат покрај телевизорите да гледаат народни прикаски, додека „Александар д грејт“ залегнат во спалните низ Будимпешта ќе моли бога Мицковски да остане уште малку лидер на ВМРО ДПМНЕ во опозиција, затоа што едноставно така треба.