Connect with us

интервју

Д-р Крсте Шајноски, АСО: Бележиме одличен период за осигурувањето, пазарот расте во сите сегменти

Д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти, Агенција за супервизија на осигурувањето

објавено

на

Резултатите постигнати во 2023 година заокружуваат процес на континуиран тригодишен раст на осигурителната индустрија. Растат вложувањата во осигурување, расте исплатата на штети, како во број така и во обем на исплатени средства. Расте и бројот на компании за осигурување. Пазарот расте во сите аспекти, а тоа за нас како регулатори кои се надлежни и одговорни да се грижат за финансиското здравје на компаниите значи повеќе посветеност и будност, но и сатисфакција од досегашната работа.

Минатата, 2023 година, осигурителната индустрија ги надмина рекордните резултати од претходната, со раст на пазарот во сите аспекти, како што вели д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти при  Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), којашто е регулатор на осигурителниот пазар.  Со него направивме анализа на најбитните бројки за осигурителниот пазар, но и преглед на клучните постигнувања на АСО откако тој ја предводи, како и кои новитети може да ги очекуваат граѓаните во периодот што следи.

Ги сумирате резултатите на осигурителниот пазар во 2023 година. Што ја одбележа годината што измина и кои се клучните заклучоци што може да се извлечат?

Фактите покажуваат дека зад нас ја имаме најдобрата година во историјата на осигурувањето како корпоративен бизнис во Македонија. Податоците покажуваат дека 2023 година е рекордна според вредноста на вложувањата во осигурување.
Вкупните вложувања во двете групи осигурувања: неживот и животни осигурувања надминаа 233 милиони евра. Тоа е највисока годишна вредност на вложувања во осигурување во нашата земја на сите времиња. Вложувањата во осигурување во 2023 се поголеми за 25 милиони евра во однос на 2022 година.

Она што е поважно за нас во АСО како регулатори на овој бизнис  е тоа што 2023 година е најдобра е и од аспект на исплатени штети. Сите компании кои работат во индустријата (неживот и живот), а во 2023 година ги има вкупно 17, на своите осигуреници исплатиле 94,7 милиони евра обесштетувања покриени со нивните осигурувања.

Станува збор за повеќе од 132.000 осигуреници – граѓани, компании, институции кои добиле обесштетување покриено со нивното осигурување. Бројот на сервисирани штети e за 23 отсто поголем во споредба со 2022 година. При тоа најголемата штета е исплатени за осигурен имот и нејзината вредност надминува 2 милиони евра. Тоа е случај во кој бил опожарен имот на компанија. Обесштетувањето во целост ја покри штетата.

Расте бројот на исплатени штети, а воедно е зголемена и вкупна сума исплатени за штети. Ова укажува дека компаниите за осигурување ги сервисираат нивните обврски и се подготвени на соодветно ниво да одговорат на предизвикот што го носи растот на пазарот за осигурување.

Пазарната експанзија е проследена и со зголемување на активата на друштвата за осигурување и за нас како регулатори тоа значи дека одиме во добар правец. Податоците на крај на 2023 година покажуваат дека вкупната актива на друштвата за неживотно осигурување пораснала за 11 отсто и достигнала 339 милиони евра. Кај компаниите што осигуруваат живот активата достигнала 212,8 милиони евра што е за 13 отсто повеќе во однос на 2022 година.

Резултатите постигнати во 2023 година заокружуваат процес на континуиран тригодишен раст на осигурителната индустрија. Растат вложувањата во осигурување, расте исплатата на штети, како во број така и во обем на исплатени средства. Расте и бројот на компании за осигурување. Сегментот на осигурување живот во последниот квартал на 2023 година е збогатен за уште една компанија и сега на овој сегмент конкурираат шест компании. Се очекува и во сегментот неживот годинава да стартува со работа уште една компанија.  

Од аспект на пазарната конкуренција треба да се каже дека лани започна, а годинава успешно ќе заврши процесот на спојување на две осигурителни друштва во сегментот на неживотно осигурување. Тоа се АДОР „Македонија осигурување – ВИГ“ и „Винер ВИГ“. Тој процес треба да ја подобри нивната ефикасност, а што е најважно за осигурениците да ја зголеми конкурентноста и квалитетот на услуги.

Пазарот расте во сите аспекти, а тоа за нас како регулатори кои се надлежни и одговорни да се грижат за финансиското здравје на компаниите значи повеќе посветеност и будност, но и сатисфакција од досегашната работа.

Сите овие параметри покажуваат дека АСО како независен регулатор добро ја врши својата работа за надзор и контрола и создава услови за раст на пазарот на осигурување. Тоа го покажуваат резултатите за кои зборувавме досега. Дополнителен аргумент кој потврдува дека АСО придонесува во создавање поволна деловна клима за осигурувањето е фактот што се основани две нови друштва за осигурување. Нивните акционери процениле дека вреди да вложат најмалку седум милиони евра кои влегуваат во нашата економија.

Што ја одбележа 2023 година од аспект на неживотното осигурување?

Неживотните осигурувања, вкупно 18 класи во националната класификација, во 2023 година во вкупната продажба на осигурителни полиси учествувале со 82,6 отсто. Според расположливите податоци од компаниите во 2023 година вложувањата во неживотно осигурување достигнаа 193 милиони евра. Тоа е за 22 милиони евра повеќе од вложувања во осигурување од 2022 година.

Овој податок укажува дека компаниите активно работат на раст на пазарот за неживотни осигурувања. Она што за нас е многу важно е дека расте свесноста кај осигурениците за доброволните класи на осигурување.  Тука предничат осигурувањето имот, каско осигурувањето моторни возила, приватното здравствено осигурување и патничкото осигурување.

Од друга страна нивото на исплатени штети го следи во чекор односно во иста мерка  растот на вложувањата во осигурување. Компаниите од сегментот неживот лани на своите клиенти исплатиле 81 милион евра обесштетување од осигурување. Тоа е 13 отсто односно 9 милиони евра повеќе од 2022 година. Сервисирањето на штетите, за нас како регулатори е главен индикатор за тоа како работи секоја осигурителна компанија. Растот на износите за исплатени штети е позитивен и важен сигнал дека пазарот се движи во вистинската насока.

Тука сакам да истакнам една важна новина кај најмасовната класа – осигурувањето од незгода. Тоа во принцип е релативно евтино колективно осигурување кое го користат институции и компании за своите вработени, но и училиштата за учениците и градинките за дечињата како и други установи за своите потреби за вработени. Тоа е осигурување кое обесштетува од повреди при незгоди и несреќи. На почетокот на 2023 година направиме унификација на таблицата која ги утврдува минималните коефициенти за пресметка на штети. Унификацијата АСО ја направи откако утврди случаи во кои компании исплаќаа различни износи за исти повреди. Реагиравме затоа што износите на исплати на штети имаа тренд на намалување. По примената на унифицираната таблица утврдивме дека во 2023 година не само што го прекинавме трендот со кој паѓаше вредноста на исплатените штети од претходните години, туку и дека нивото на исплати забележа мал, но значаен раст. Се надеваме дека годинава тој тренд ќе продолжи и ќе биде уште поочигледен.

Од доброволните осигурителни класи вреди да се истакне дека кај каско осигурувањето премијата достигна 19,2 милиони евра. Тоа е за 19 отсто повеќе од 2022 година. Во одредена мерка растот на вредноста на вложувањата во ова осигурување се должат на растот на цените. Зголемувањето е последица на инфлациските притисоци врз цените на автоделовите и работната рака на автосервисите. Но во значајна мерка растот е резултат и на зголемувањето на бројот на осигуреници кои одлучиле да платат каско осигурување за своите возила. На таков заклучок наведува фактот дека лани е зголемен бројот на склучени договори за каско осигурување во однос на 2022 година.

Кај оваа класа е значајно тоа што вредноста на исплатените штети процентуално е поголема од растот на вредноста на продадени полиси. Лани се исплатени 11,6 милиони евра каско осигурени штети што е за 31% повеќе од 2022 година. Тука мора да кажеме дека компаниите за осигурување во изминативе две години се под голем притисок заради зголемени трошоците кои произлегуваа од поскапувањето на резервните делови и услугите за поправки. Сепак тие успешно се справуваат со овие предизвици, а тоа не е на штета на осигурениците што за нас како регулатори е најважно.

Најголема доброволна класа и понатаму останува да биде осигурувањето имот. Лани се вложени 38 милиони евра во осигурување имот што е за 11 отсто повеќе од 2022 година. Растот е комбинација на зголемен број на осигуреници и зголемени цени на осигурување заради инфлациските притисоци при исплатите на штети во претходната година.

Вредноста на исплатените штети лани е 12,4 милиони евра и тоа е на исто ниво како и претходната година. Во нашата редовна комуникација со компаниите за осигурување постојано ги стимулираме и укажуваме дека треба да го развиваат овој сегмент од осигурувањето кој има голем потенцијал за работа. Тие се претпазливи, но наша работа е да ги охрабруваме и да бидеме нивни партнери со цел да креираат продукти за осигурување имот кои се полезни за граѓаните. Во овој сегмент заедно со индустријата се трудиме да работиме и на едукација и подигање на свеста кај граѓаните за осигурување имот. Во смисла на тоа сите како потенцијални осигуреници да сфатиме дека сумата за еден семеен ручек не може да биде поважна од цената што би ја платиле за годишно осигурување на домот.

Приватното здравствено осигурување од корона криза наваму е бест-бај односно убедливо осигурување со најбрз раст на продажба од сите осигурителни продукти. Како ги сервисираа трошоците за медицински услуги компаниите во 2023 година?

Осигурување со највисока стапка на раст на продажба и лани, трета година по ред, е дополнителното (приватното) здравствено осигурување. Очигледно е дека со овој производ компаниите за осигурување направија продукт што е баран и неговата продажба најбрзо расте. Осигурениците лани вложиле 16,3 милиони евра што е 48% повеќе од 2022 година. Од аспект на осигурениците, но и за нас како регулатори, е поважно тоа што за своите медицински трошоци осигурениците од нивните осигурителни компании наплатиле 10, 7 милиони евра, а тоа е 55 отсто повеќе од 2022 година.

Повеќе од 68.000 граѓани – осигуреници во 2023 година од осигурителите наплатиле пари за покривање на нивните медицински трошоци. Компаниите за осигурување исплатиле односно сервисирале 20.000 штети повеќе од 2022 година. Тоа е раст од 43 отсто за една година на бројот на сервисирани штети. Тоа е добро за имиџот на осигурувањето. А воедно е и добар основ да се зголеми довербата кај клиентите кои потоа би купиле и други продукти од компаниите за осигурување.  

И за ова треба да им се даде признание. Особено затоа што осигурителните друштва лани работеа во динамично и непредвидливо деловно опкружување. Односно нивните партнери – приватни болници или дел од нив извршија неколкукратно зголемување на цените на здравствените услуги откако склучија договори за соработка врз основа на кои друштвата за осигурување ги утврдија цените на осигурителните полиси. И покрај тоа што потегот на некои од приватните болници не е најетички, компаниите за осигурување успеаја да се справат со тоа.

Потврда за нивниот успех во сервисирањето на штетите за здравствено осигурување има во тоа што поплаките за здравствено осигурување од незадоволни осигурениците до АСО се мери во промили како во однос на бројот на продадени полиси така и во однос на бројот на исплатени штети.

Ова осигурување има голем импакт врз работата на осигурителните компании. Тоа што направија многу продаван продукт веќе дел од нив наведе да размислуваат за да инвестираат со свои партнери во приватни болници кои ќе даваат услуги на нивни осигуреници.

А тоа е добро од аспект на подобрување на медицинските услуги воопшто во македонското здравство. Како и од аспект на вложувања во земјава, отворање нови работни места во медицинската дејност. Конкуренцијата во крајна линија треба да го подигне квалитетот на услугите во целиот здравствен систем.

Дали граѓаните осигуруваат живот најчесто кога мораат односно кога подигнуваат кредит од деловните банки што е поврзано со обезбедување на кредити? Кои се трендовите кај осигурувањето живот кои ја одбележаа годината?

Осигурувањето живот кај развиените економии и општества на висок степен на технолошки и општествен развој е застапено со една третина во вкупното осигурување. Кај нас осигурувањето живот во вкупното осигурување учествува со помалку од 20 отсто. Тоа значи можност односно потенцијал за раст на осигурувањето. Тоа е голем простор на можности кој осигурителните компании треба да го искористат.

Во 2023 година имаме над 300.000 лица кои имаат осигурување живот и тоа не е малку, но секогаш може подобро. Што се однесува до вложувањата во осигурување живот лани тие се на ниво од 40 милиони евра што е 3,4 милиони евра повеќе од 2022 година.

Податоците за осигурувањето живот покажуваат дека во структурата доминира осигурувањето со штедна компонента. Кај овој производ суштинска е материјалната заштита за членовите на семејството на осигуреникот во случај на негова смрт. А дополнителен бенефит е тоа што вложените средства всушност се заштеда доколку осигуреникот го доживее истекот на осигурувањето. А на заштедата има и принос кој е однапред дефиниран. Ова е најстар продукт што на нашиот пазар за животно осигурување се продава безмалку 20 години.

Интенција на особен и силен раст има кај ризико осигурувањето – продукт што нема штедна компонента. Кај ова осигурување се осигурување само животот во определен временски рок. Доколку не се случи ризикот компанијата ги задржува сите вложени средства. Ова осигурување бележи голем раст како обезбедување на банкарските кредити кои ги подигаат граѓаните.

Значаен раст во последните три години бележи осигурувањето со учество во добивката кое има инвестициска компонента. Тоа е популарно познато како јунит линкд (Unit Linked) осигурување. Кај овој продукт дел од средствата се вложуваат во финансиски инструменти (удели во фондови и акции) чии цени се променливи, пазарни и зависат од берзите.

Токму заради тоа што вредноста на вложувањата зависи од берзанските цени, а ризикот од ценовни варијации го носи осигуреникот, ние како регулатори креиравме Правилник со кој ја унапредуваме заштитата на осигурениците. Со тој акт ги задолживме компаниите кои го продаваат да ја зголемат транспарентности, квантитетот и квалитетот на информации кои мора да ги има клиентот пред да купи ваков тип на осигурување.

Кај осигурувањето живот вреди да се истакне и тоа што во периодот што следи компаниите ќе имаат нови можности за раст за прием во осигурување на сегашни и идни пензионери од вториот задолжителен пензиски столб. Затоа што акумулацијата и вложувањата на нивните заштеди од тој столб се потенцијал и за компаниите за осигурување живот. Можеби ова беше тригер и за отворање на нова, шеста по ред, осигурителна компанија на нашиот пазар.

Со кои предизвици и проблеми се соочивте како раководен тим на Агенцијата за супервизија на осигурување и како ги решавате?

Искрено, на најголем тест, како индустријата за осигурување, така и ние како регулатори бевме ставени во тек на корона кризата. Бројните неизвесности предизвикаа проблеми и предизвици во работата. Рапидното намалување на мобилноста, бројните ограничувања, забрани за патувања негативно и во голема мерка се одразија на работата на индустријата.

Прво што моравме да направиме е прилагодување, оптимизација и консолидација. Во тој временски период ги променивме условите за работа со цел да им олесниме на компаниите, а индиректно и на осигурениците. Гледано од оваа перспектива АСО креираше сет од мерки со тоа компаниите успешно ја пребродија кризата. Така придонесовме во создавање и одржување деловна клима која беше рамка за раст на осигурителниот пазар. Резултатот е евидентен преку континуиран раст на: вложувања во осигурување, износи и број на исплатени штети, број на осигурени лица и договори.

Друг предизвик беше тоа што соочивме со состојба на недостиг на актуари – професија исклучително важна за дејноста осигурување. Се зафативме да организираме обука и полагање испит за актуари. Тоа е сложен процес што трае подолго од две години. Првата двегодишна обука ја стартувавме во 2021 година и таа лани во јуни произведе 14 актуари за нашиот осигурителен пазар. Тоа е речиси половина од вкупниот број на лиценцирани актуари кои работеа во земјава. Минатата година започнавме уште една обука која треба да заврши идната година.  Овој специфичен и високо профилиран кадар ќе ја зајакне дејноста осигурување. Затоа што нивната основна дејност е да креираат математички модели за проценка и управување со ризиците кои ги превземаат осигурителните компании.

АСО како регулатор е надлежен да се грижи за финансиското здравје на осигурителните компании. Наједноставно кажано тие да можат ликвидно и солвентно во секој момент без проблем да се справат со обврските што ги превземаат. За да ја исполниме таа цел во целиот мандат Советот на експерти на АСО, што го предводам, се стреми да делува превентивно и да ги препознаваме и анулираме ризиците навремено.

Топ тема во осигурувањето во периодот што следи ќе биде либерализацијата на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Што значи овој процес, како треба да се подготви индустријата и што ние граѓаните кои воедно сме осигуреници треба да очекуваме?

Ова е важен и комплексен процес кој е дел од условите за наше интегрирање во Европската унија. Наједноставно кажано либерализацијата на пазарот за автомобилско осигурување значи дерегулација на цената на полисите за ова осигурување. Односно сегашната регулирана државна цена за автомобилско осигурувањето ќе ја заменат пазарните цени за осигурување. Цените на услугата ќе произлезат од конкуренцијата меѓу компаниите на пазарот, нивните финансиски и управувачки капацитети. Тоа значи дека ова осигурување и понатаму ќе биде задолжително за сите возила кои учествуваат во сообраќајот, но цената на полисата ќе ја утврдува секоја компанија врз основа на повеќе фактори. Еден од тие клучни фактори, на пример, ќе биде и возачката историја на секој потенцијален осигуреник. Односно дали бил совесен и внимателен возач или предизвикувал сообраќајни незгоди.

Новосоздадена вредност од оваа реформа треба да биде квалитетот на услугата што ќе ја добиваат осигурениците во случај кога имаат штета и треба да им се исплати осигурување. Затоа што конкуренцијата меѓу, да речеме, повеќе од 10 компании за осигурување треба да направи осигуреникот да добива високо ниво на заштита односно квалитетна услуга за парите што ги дава. Компаниите за осигурување ќе добијат простор за креативност, оптимизација и ефикасно планирање за понуда на различни типови полиси кои се прилагодени на различни целни групи.

Нашите активности во овој процес ги координираме со Министерството за финансии, осигурителните компании и Националното биро за осигурување. Како подготовка за дерегулацијата на цените АСО иницираше спојување на зелената карта во осигурувањето за автомобилска одговорност.

Можно ли е спојување на зелената карта со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност како меѓуфаза во процесот на либерализација на пазарот?

Наша интенција е сите сопственици на автомобили да добијат можност да купат зелена карта што ќе биде од 70 до 80 отсто поевтина од зелена карта која сега чини 60, односно 90 евра. При тоа зелената карта нема да биде задолжително да се купи при регистрација како и до сега, туку само кога се патува во странство. Со ова решение би се обезбедило зголемување на употребата на зелената карта по многу пониска цена и таа би станала достапна на многу граѓани кои досега не можеле да си ја дозволат.  

Од друга страна тие намалени приходи кај компаниите треба макар и делумно да се надополнат од друга страна. Тука е неопходна и минимална промена на цените на полисите за автомобилска одговорност кои сега ги регулира државата. Инаку тие цени, кои не се менувани од 2008 година кога биле намалени за 30 отсто, сега и реално се значајно подјадени од инфлацијата.

Големо внимание се посветува на социјалниот баланс. Односно тие што можат да платат повеќе да понесат поголем дел од товарот од оние што можат да платат помалку. Тоа значи дека сопствениците на поскапи или луксузни возила ќе понесат поголем дел од товарот. А за сметка на тоа зголемување, пак,  и тие би имале сатисфакција во тоа што би добиле зелена карта по цена што е за 70 или 80 отсто пониска од сегашните тарифи.

При таа промена на цената ќе се посвети должно внимание на социјалната положба на осигурениците. Тоа значи тие што имаат помали и поевтини возила да имаат минимално зголемување на цената на осигурувањето. При тоа ќе добијат можност да добијат поевтина зелена карта.

Во овој концепт при спојувањето на зелената карта со задолжителното автомобилско осигурување се на располагање неколку варијации. Заеднички именител им е тоа што нудат полесна транзицијата од регулирана во пазарна цена на ова осигурување.

Веруваме дека во периодот по формирање на новата Влада ќе се создаде простор за операционализација и примена на некоја од варијациите на новиот концепт што предвидува спојување на двете осигурувања. Како преодна фаза кон крајната цел која предвидува дерегулација на цената за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.

На крај што ќе им препорачате на читателите, на што да обрнат внимание кога купуваат полиса и дали најниската цена треба да е најважниот критериум за избор на полиса?

Цената на полисата е важен, но не треба да биде клучен критериум при избор на осигурување. Осигурувањето не е трошок туку инвестиција во сопствена благосостојба. Тоа е основата на нашиот концепт за едукација со кој работиме за промена на свеста кај осигурениците. За да направат добар избор најпрвин осигурениците треба да ги прочитаат условите за осигурување, а при тоа особено да посветат внимание на исклучоците односно да видат кои ризици не се осигурени со полисата што им се нуди.

На пазарот има голем број на лиценцирани брокери и застапници во осигурување кои поседуваат стручни познавања за производите кои ги нудат осигурителните компании. Треба да се искористат нивните вештини со цел да се подобри разбирањето, перцепциите и очекувањата од осигурувањата кои се нудат, а осигурениците да добијат најмногу за вложените пари за купената полиса.

банки2 дена ago

Комерцијална банка прва во земјава воведе тактилни платежни картички прилагодени и за слепи лица

свет2 дена ago

Предлог акција за оваа недела: Orlen S.A.

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

менаџмент / маркетинг2 дена ago

Како да ги демотивирате вработените и избркате најдобрите

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

банки4 дена ago

Управната зграда на УНИБанка во Скопје сама ќе произведува струја од фотоволтаична централа