интервју
д-р Маја Стевкова – Штериева: Домашните банки се подготвени за новата регулатива во платежните услуги
д-р Маја Стевкова – Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација

„Новиот Закон за платежни услуги и платни системи ќе се применува од почетокот на 2023 година, а неговата имплементација низ разни сегменти во банкарскиот сектор ќе предизвика потреба од усогласувања, прилагодување на процесите за работа, едукација на вработените и клиентите со цел непречено функционирање на активностите. Она што е важно да се каже е дека банките во изминатиот период активно работеа на имплементација на Законот и дека искуството на крајниот корисник од аспект на секојдневните финансиски активности нема да претрпи никакви промени, ниту тешкотии. “
Од почетокот на 2023 година стартува новата регулатива во делот на платежните услуги и системи, што треба да донесе влез на нови играчи во оваа област, односно банките ќе добијат конкуренција. За тоа што всушност ќе значи новиот Закон за платежни услуги за потрошувачите и банкарскиот сектор, и какви квалитативни промени ќе донесе, разговаравме со претседателката на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова – Штериева, која е и финансов директор на Комерцијална банка и член на Управниот одбор. Со неа продискутиравме и околу резултатите на македонскиот банкарски сектор годинава, како и за предизвиците за следната година, за целата економија, вклучително и за самите банки.
Г-ѓа Штериева, изминува уште една исклучително тешка година на економски план, по двете пандемиски претходно… Како банкарскиот сектор ја поднесе оваа кризна година? Судејќи според резултатите на најголемите банки, би се рекло прилично солидно.
Неспорно е дека ако се цени по објавените резултати со септември, може да се очекува банките кои работат во нашата земја да ја завршат годината успешно со солидни нето добивки. Работењето на банките во голема мера е одраз на состојбите во економијата. Ако се земе предвид дека еден од најголемите ризици во банкарското работење е кредитниот ризик, а македонските банки во фокусот на своето работење го имаат ставено кредитирањето на населението и на компаниите, очекувано е добивките на банките да бидат под најголемо влијание на каматните приходи и т.н. резервации, односно расходи кои зависат од способноста на клиентите уредно да ги подмируваат своите обврски. Со последниот објавен податок процентот на нефункционални кредити изнесува 3,3 % на ниво на банкарски систем и упатува на заклучок дека кредитокорисниците релативно уредно ги сервисираат своите обврски и дека и покрај влошените економски услови во текот на 2022 година сѐ уште успеваат успешно да работат.

Постојано се истакнува дека стабилен банкарски сектор е клучен за секоја економија, од друга страна, во услови на криза, македонските банки бележат рекордни профити. Кај јавноста се создава некаква негативна атмосфера и перцепција дека само за нив “нема зима“ додека другите бизниси намалуваат активности, отпуштаат вработени и сл. Што би ѝ порачале Вие на јавноста како банкарски топ менаџер и претседател на струковата асоцијација во врска со банките и нивното место во економијата и општеството?
Стабилноста на банкарскиот сектор во голема мера произлегува од неговата капитализираност, која е во директна зависност со остварената добивка и со делот кој од добивката се издвојува во резерви. На тој начин се зголемува капитализираноста, која најчесто не се врши само за да се задоволат регулаторните барања, туку и да се постигне стабилен банкарски систем. Доколку тоа не е доволно, централните банки ги повикуваат акционерите да извршат докапитализација. Поради широката база на засегнати страни, својата транспарентност и обелоденувањата кои ги спроведуваат за сите суштински податоци, банките се најчесто на удар на јавноста, при што многу малку се зема предвид нивната уникатна улога во економијата. Во последно време, освен при референцирање на трудовите на годинашните Нобеловци за економија, кои меѓу другото пишуваат за значајната улога на банките како посредници меѓу субјектите кои имаат вишоци на финансиски средства и субјектите кои имаа недостиг и потреба од финансиски средства, во јавноста речиси и не може да се сретне афирмативен текст за банките.
Од друга страна, сведоци сме дека населението како најголем финансиски суфицитарен сектор е најсигурно ако улогата на посредници во употребата на парите им ја додели на банките и дека граѓаните ретко вложуваат во акции или други хартии од вредност издадени од компаниите кои имаат потреба од финансиски средства.
Истовремено, компаниите во земјава, иако имаат на располагање функционален пазар на капитал во сите изминати години и посветеност на учесниците на пазарот на капитал, не се особено активни на тој пазар. Сѐ уште нема компанија која направила успешна иницијална јавна понуда, а емисиите на акции кај постојните акционерски друштва се исклучително ретки. Тоа зборува дека сите тие учесници на пазарот како прв избор ги имаат банките и дека тоа е сигурно најповолниот начин на управување со финансиите од многу аспекти, и од страна на депонентите и од страна на кредитокорисниците.
Што очекувате во 2023 година, дали ќе се намалуваат пополека неизвесноста, инфлацијата и сл., или пак сѐ уште сме во опасност од рецесија? Како тоа би се одразило врз граѓаните и компаниите, а после тоа и врз самите банки?

За да го коментираме наредниот период добро би било да направиме и ретроспектива на изминатата година, пред сѐ од аспект на ризиците и состојбите на економските оператори во земјата. Иако предизвикана од сосема различни причинители, состојбата споредена со изминатата 2021 година речиси и да не се разликува – неизвесноста е многу висока, а со тоа и ризиците се големи. Пазарите се нарушени и понудата и побарувачката за голем број производи се во дебаланс, што предизвикува постојана нестабилност на цените. Во сите анализи и стрес-тестирања кои се работат, ризикот од пандемијата е заменет со ризик од инфлација и проблеми во синџирите на снабдување со енергија, што предизвикува зголемување на цената.
Ова, секако, може да влијае на влошување на платежната способност на сите субјекти. Сѐ ова налага и во годината пред нас да се посвети големо внимание на управувањето со ризиците во банките, но сега би истакнала дека ова мора да биде понагласен приоритет и на останатите субјекти. Засега не се забележува влошување на кредитното портфолио на ниво на банкарски систем, но податоците кои ги анализираме се однесуваат на септември 2022 година. Притоа треба да се смета дека тие рефлектираат состојби од претходните месеци и да се има предвид дека кај кредитното портфолио состојбите се согледуваат во пролонгиран период.
Според сите проекции, под влијание на геополитичките фактори изгледите за раст на БДП и за позначајно намалување на инфлацијата се неповолни. Ако растот на глобалната економија за наредната година е проектиран да се движи меѓу 2,7 % и 3,2 %, во Македонија овој раст ќе биде помал и во голема мерка под влијание на глобалниот амбиент. И понатаму ќе се соочуваме со раст на цените на енергенсите, затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари, веројатно забавување на извозната динамика, но и со намалена лична потрошувачка на домашниот пазар како резултат на помал реален расположив доход. Во банкарскиот сектор се очекува и понатаму да има раст на кредитирањето, но со забавена динамика, особено ако се земе предвид дека кредитите во изминатиот период имаа пораст, кој се доближи до 10 %. Се очекува во услови на зголемени каматни стапки да се реализира понатамошен раст на депозитите.
Кои се според вас најголемите слабости на македонскиот корпоративен сектор во моментов, коишто ги зголемуваат ризиците на кредитно изложените компании?
Една од најголемите слабости на македонските компании е општото ниво на слаба капитализираност. Кај многу компании се забележуваат минимално ниво на капитал и резерви, најчесто само во износи потребни да се задоволат законските минимуми, слаби готовински текови и недоволна посветеност на финансиското работење. Сето тоа ги прави ранливи во кризи и неотпорни на шокови, какви што се пандемијата и тековната инфлаторна криза. Секако дека има и одлични компании, кои се добро капитализирани, со многу квалитетен финансиски менаџмент и со одлично управување, кои брзо и лесно се адаптираат.
Тоа што особено загрижува е што се среќаваат менаџери кои во добри времиња настојуваат да исплатат колку што е можно повеќе од добивката во дивиденди или во други користи за основачите, а во лоши времиња со така исцрпени резерви чекаат помош од државата или од банките.
Колку инфлацијата, и соодветните мерки од Народната банка, ги поскапеа кредитите досега? Дали актуелните кредитокорисници веќе го чувствуваат тоа во своите месечни ануитети?
Инфлацијата сама по себе не влијае на каматните стапки и не ги поскапува кредитите. Каматните стапки не се формираат врз основа на понудата и побарувачката за кредити, како што впрочем се случува со струјата (ако ги изолираме шпекулативните поскапувања), ниту пак цената на чинење е значајна компонента при моменталното формирање на каматните стапки. Во моментот главен фактор се мерките на монетарната политика.
Во таа смисла, каматните стапки како во Европа така и кај нас се зголемуваат под влијание на рестриктивната монетарна политика со која централните банки се обидуваат да влијаат на намалување на инфлаторните притисоци. За жал, зголемувањето на каматните стапки од страна на централните банки никогаш не дава инстантни резултати на макроекономски план и тоа е инструмент на монетарната политика за чие дејствување е потребно време. Впрочем и реакцијата на банките во трансмисијата за зголемување на каматните стапки се одвиваше во еден подолг период и со побавна динамика споредено со зголемувањата од страна на НБРСМ, а соодветно на тоа може да се очекува да го има поширокиот ефект.
И нашата централна банка постапи на сличен начин како и Европската централна банка со зголемување на референтните каматни стапки, испраќајќи сигнал за монетарно затегнување, по што е нормално да се очекува зголемување на каматните стапки кај банките. Воедно тоа е и укажување дека економските субјекти треба што повнимателно да ги согледуваат ризиците со кои се соочуваат во работењето. Овој раст на каматните стапки не е линеарен и каматните стапки на банките генерално не раснат со динамика идентична на стапките на централната банка. Последните податоци покажуваат дека просечната пондерирана каматна стапка на денарските кредити изнесува 4,67 % и споредено со јануари 2022 година бележи зголемување од 0,05 процентни поени. Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи во месец декември, споредено со месец јануари 2022 година, е 3,5 процентни поени.

Од први јануари стартува новата регулатива за платежни услуги, што ќе овозможи влез и на други играчи освен банките, во делот на плаќањата. Многу неизвесности има, забуни и сл. Може ли да објасните за јавноста што всушност ќе се случи на пазарот за финансиски услуги?
Новиот Закон за платежни услуги и платни системи ќе се применува од почетокот на 2023 година, а неговата имплементација низ разни сегменти во банкарскиот сектор ќе предизвика потреба од усогласувања, прилагодување на процесите за работа, едукација на вработените и клиентите со цел непречено функционирање на активностите. Она што е важно да се каже е дека банките во изминатиот период активно работеа на имплементација на Законот и дека искуството на крајниот корисник од аспект на секојдневните финансиски активности нема да претрпи никакви промени, ниту тешкотии.
Една од карактеристиките на оваа регулатива е што крајниот корисник директно ќе се сретне со терминот „платежна сметка“, со кој постојниот термин „трансакциска сметка“ целосно се заменува и излегува од употреба. Банките во земјава, согласно регулативата, во својата понуда ќе вклучат и отворање платежна сметка со основни функции во денарска валута и на која ќе се пресметува месечен надомест регулиран со Законот.
Платежна сметка со основни функции се отвора на барање на клиентот, а овозможува извршување основни платежни активности и вклучува пет бесплатни безготовински трансакции кон сметки во истата банка. Корисникот кој сака да поседува сметка со основни функции не смее да поседува друга платежна сметка во истата или во друга банка во земјава. Може да се каже дека овој тип сметка е наменет повеќе за ранливи категории граѓани и за лица кои сакаат да користат минимум финансиски услуги од банките, на пример да примаат социјална помош, пензија и слично на оваа сметка, да вршат безготовински и готовински уплати и исплати од сметката, да имаат пристап до сметката преку дебитна картичка или електронско банкарство. Секоја платежна сметка, на барање на корисникот и доколку ги исполнува законски предвидените услови, понатаму може да се трансформира во платежна сметка со основни функции и обратно.
Дел од придобивките за корисниците од на оваа нова регулатива, во која се пренесуваат повеќе европски директиви од доменот на плаќањата и уредувањето на односите помеѓу давателите и корисниците на платежни услуги, се и терминолошките усогласувања на поимите, објавувањето на листа на најрепрезентативни услуги од банките и на компаративен документ на надоместоците на страницата на НБРСМ. Банките и другите даватели на платежни услуги за сите измени во работењето со сметките, вклучувајќи и измени во видот и висината на надоместоците, ќе ги известуваат потрошувачите 60 дена однапред.
Што ќе значи влегувањето на финтек компаниите за конкуренцијата на пазарот? Дали можат тие да „одгризат“ позначителен дел од колачот на банките во делот на платежните услуги?
Секој нов учесник на пазарот кој ќе придонесе за подобрување на производите и услугите за нашите корисници е добредојден. Новите учесници не само што може да дадат нови вредности за клиентите, туку се и поттик за постојните пазарни учесници, каде се вбројуваме и ние банките, за обезбедување нови, поквалитетни и подобри услуги за корисниците.
Во таа смисла сакам да ја истакнам новата услуга што во моментот ја нуди една од банките членки на МБА, а наскоро очекуваме да ја понудат и другите банки, а тоа е електронската идентификација OneID. На задоволство на клиентите и на наше огромно задоволство заедно влегуваме во новата димензија на дигиталните услуги. Електронската идентификација OneID претставува современо дигитално решение, кое се воведува преку соработка меѓу банките, Некстсенс и КИБС АД Скопје, а има за цел поголемо задоволство на клиентите. Преку OneID тие ќе го докажуваат својот идентитет без посета на шалтер, во движење, од канцеларија или од дома во кој било период од денот.
Преку онлајн пристап до сервисите се заштедува драгоцено време затоа што треба само еднаш да ја активираат електронската идентификација и да ја користат секогаш кога треба да се идентификуваат. Секоја банка што ја нуди оваа услуга им обезбедува на клиентите максимална приватност и заштита на личните информации благодарение на врвната дигитална технологија и професионално искуство и знаење, , а на клиентите останува да уживаат во привилегиите на едноставниот и безбеден дигитален свет. Оваа дигитална услуга е обезбедена благодарение на соработката со водечката компанија за дигитална трансформација Некстсенс, која заедно со КИБС АД Скопје ја разви и пласираше услугата OneID.