Connect with us

интервју

Д-р Маја Стевкова Штериева: Целината и успехот се создаваат тогаш кога сме сите заедно

Д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје

објавено

на

„Секој од нас е само дел од процесот, но целината и успехот се создаваат тогаш кога сме сите заедно. Не случајно слоганот на Банката е ‘Полесно е заедно’, а тоа подеднакво се однесува и на клиентите и на вработените и на сите соработници на Комерцијална банка.“

Г-ѓо Штериева, имаме многу поводи за ова интервју, но јас би сакал да почнеме со јубилејната награда „Банка на годината за 2023“ од престижниот магазин The Banker, која Комерцијална банка ја добива по 10-ти пат. Ова е навистина импресивен успех. Ви честитам за наградата и би сакал да ни кажете како во Комерцијална банка го доживувате признанието „Банка на година“ по 10-ти пат?   

Иако е неспорно задоволството од наградата и чувството на гордост дека ни е доделено едно престижно признание, тоа што мене лично најмногу ме израдува и ме импресионираше беше брзината со која вработените на Банката на своите профили ја споделија информацијата за добиената награда.

Тоа зборува за гордоста и радоста која ја имаа нашите вработени во моментот на објавување на информацијата, особено што тие се основата на нашиот успех. Како член на Управниот одбор на Банката можам да бидам среќна и задоволна од постигнатото, можеме да се гордееме со тоа што го испорачуваме на акционерите и заедницата, но секако посебно задоволство е ако вработените се гордеат со заедничкиот успех. Тоа е дел од формулата за успешност.

Секој од нас е само дел од процесот, но целината и успехот се создаваат тогаш кога сме сите заедно. Не случајно слоганот на Банката е “Полесно е заедно”, а тоа подеднакво се однесува и на клиентите и на вработените и на сите соработници на Комерцијална банка. Верувам дека и покрај тоа што успешноста на Банката се мери низ квантитативните показатели за раст на капиталот, активата, повратот на капитал или нивото на трошоци, информации кои се доставуваат до жирито за наградување во Лондон, сепак за успешноста зборуваат и довербата на клиентите, нивниот избор на банка со која соработуваат, иновациите и новите производи, фер третманот на потрошувачите итн.

Годинава навистина имате повеќе причини за задоволство, а секако она што најмногу побуди интерес во јавноста врзано за работењето на Комерцијална банка е профитот од речиси 50 милиони евра за девет месеци. Ова е невиден резултат досега. На што се должи овој фантастичен резултат и колкава добивка може да очекуваме за целата 2023 година?

Ви благодарам за убавите зборови. Заклучно со октомври Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари, со што е остварен планираниот профит за 2023 година. Соодветно на тоа, логично е да се претпостави дека со крајот на годината ќе има надминување на планските квантификации.

Иако свое влијание на зголемениот каматен приход имаат приходите од камата на правните лица и населението, сепак најзначајната промена во однос на претходните години не потекнува од овие позиции, туку од промената на каматните стапки на вишокот ликвидни средства  пласирани во државни и централно-банкарски хартии од вредност, како и кај странски банки. Впрочем, таму се забележуваат и најголемите промени на висината на каматните стапки, додека зголемувањето на каматните стапки е многу помало кај активните каматните стапки на кредитите на правните лица и на населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 56 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност.

За жал јавноста често профитот на банките не го перципира многу позитивно и не се цени фактот дека кај многу банки, вклучително и Комерцијална банка, значаен дел од тој профит оди во резерви, со што банките се докапитализираат, се зголемуваат сигурноста и стабилноста и тоа влијае на јакнење на довербата во банките. Притоа, да го имаме предвид и фактот дека Комерцијална банка е акционерско друштво со над 5.000 акционери, претежно македонски физички и правни лица, и профитот на Банката преку дивидендата се редистрибуира кај македонските граѓани.

Дали постои простор за оптимизам и за целокупниот економски амбиент во земјата? И оваа година беше кризна за економијата, со многу предизвици за компаниите и за граѓаните. Како тоа се одрази врз понудата и побарувачката на банкарски производи?

Ако се земат предвид големината и отвореноста на македонската економија, бројните турбуленции на меѓународната политичка и економска сцена, како и карактеристиките на економскиот и правниот систем на Македонија, би рекла дека економските активности се подобри од очекуваното, што веројатно е одраз на издржливоста и посветеноста на македонските компании, кои децениски стопанисуваат во релативно кризни околности. Следејќи ја општата состојба, во кредитирањето не се евидентирани значајни промени во фреквенцијата и обемот на барања за кредити, кои би упатувале на промени – забавување на економската активност и инверзија на деловниот циклус.

Со задоволство можеме да констатираме дека правните лица имаа најголем интерес за кредитирање на инвестиции во зелена енергија од обновливи извори, претежно за изградба на фотоволтаични централи, односно производство на енергија, со оглед на движењето на цената на електричната енергија во последниот период. Се надеваме дека за македонските компании тоа ќе биде чекор поблиску и до зелената транзиција.

Покрај тоа, сѐ уште има несмален интерес за кредитирање на инвестиции во изградба на станбен и деловен простор наменет за продажба и за основни средства за сопствена употреба, за финансирање откуп на тутун и примарни земјоделски производи, финансирање останати инвестиции, тековно работење и за рефинансирање на постојни кредити со оглед на состојбите со каматните стапки на веќе одобрените кредити. Со состојба 30.09.2023 година, кредитното портфолио на нефинансиски правни лица во Комерцијална банка бележи раст од 1,75 % во однос на 31.12.2022 година.

Со затегнување на монетарната политика и зголемувањето на каматните стапки на финансиските пазари, голем број бонитетни и високоликвидни компании ја намалија кредитната изложеност поради зголемените трошоци на капиталот од овој извор на средства, односно ги вратија дел од своите кредити.

Во услови на раст на каматите на кредитите, наметнат од политиките на Народната банка поради борбата со инфлацијата, каква е состојбата со сервисирањето на кредитите од страна на компаниите и на населението? Дали има позначајни поместувања во овие сегменти и каде се најкарактеристичните промени?

Генерално нема некое позначително поместување во квалитетот на кредитното портфолио, ниту кај Комерцијална банка, ниту пак на ниво на банкарски систем.

Сепак, поврзано со квалитетот на портфолиото, влијанието на инфлацијата е евидентно кај поединечни стопански гранки. Со тешкотии се соочуваат, пред сѐ, производни компании, претежно во металопреработувачката индустрија, а во одредена мера и во прехранбената индустрија со оглед на генералниот раст на цените на инпутите во производството, вклучувајќи ги и трошоците за камати, а од друга страна лимитираната можност за пораст на цените на крајните производи било поради склучени подолгорочни договори со фиксни цени со крајните купувачи или поради ограничувања на цените/маржите од страна на државата како резултат на владините мерки за помош на населението.

Како влијае растот на каматните стапки на состојбата со депозитите? Колку зголемувањето на каматните стапки на штедните влогови дополнително ги натера граѓаните и фирмите да вложуваат во депозити?

Како што е познато, изминатиот период се карактеризираше со континуиран раст на референтните стапки, како на странскиот, така и на домашниот финансиски пазар. Со цел да се справи со притисоците врз инфлацијата и инфлациските очекувања, НБРМ водеше затегната монетарна политика и постојано ја зголемуваше каматната стапка на благајничките записи. Ваквата политика на НБРМ неминовно имаше влијание и врз политиките на деловните банки, кои следејќи ги сигналите на НБРМ интервенираа со зголемување не само на активните каматни стапки, туку и на каматните стапки на депозитите. Во таа насока и Комерцијална банка, особено во втората половина од годината, со цел да понуди конкурентни и каматни стапки кои ќе ги стимулираат штедачите да ги зголемат своите штедни влогови, во неколку наврати изврши зголемување на каматните стапки на депозитите и започна со промотивна кампања за повисоките каматни стапки на денарските и депозитите во евра за физички лица, која трае до крајот на годината.

Притоа, од почетокот на годината досега забележителен е пораст на вкупните депозити за околу 4,5 милијарди денари, од кои најголем дел или скоро 2 милијарди денари се однесуваат на домаќинствата, а околу 1,7 милијарди денари на нефинансиските друштва.

На овој пораст, покрај висината на каматните стапки, големо влијание има и високата репутација на Комерцијална банка како стабилен и сигурен партнер, како и воспоставената взаемна доверба со клиентите. Следено според големината на депозитите и бројот на клиенти, Комерцијална банка несомнено е првиот избор на најголем број штедачи во земјата и во континуитет ја зголемува својата депозитна база токму благодарение на воспоставените долгорочни релации со клиентите, исклучителната доверба што ја ужива кај населението и правните лица, како и иновативните решенија кои ги нуди, дополнителните бенефити, поддршката и советите од вработените за најдобрите одлуки на клиентите.

Годинава бевте особено активни и во делот на дигитализацијата, со електронската идентификација OneID како најзначајна промена, но и со други иновативни дигитални решенија потоа. Како реагираат клиентите на овие новитети, односно дали граѓаните и компаниите почнаа забрзано да ги прифаќаат дигиталните банкарски решенија или сѐ уште повеќе им веруваат на шалтерските работници?

Нашата визија и размислување како Банка се дека дигитализацијата е неизбежен процес на современото банкарство, наметната како од модерното живеење, така и од светските трендови во технологијата.

Корисниците – физички лица имаат можност за креирање електронска идентификација со користење на апликацијата OneID, која овозможува лесен, безбеден и брз пристап до повеќе банкарски производи и услуги, од кое било место во светот и во кое било време. Со тоа граѓаните  имаат можност за ажурирање податоци, далечинско отворање сметка и аплицирање за дебитна картичка, како и за активирање на услугата Интернет банка.

Со гордост можеме да кажеме дека Комерцијална банка е првата банка која во нашата држава им овозможи на корисниците целосно дигитално ажурирање на личните податоци, активирање електронска банка и, секако, отворање платежна сметка од далечина или т.н. Дигитален Onboarding на клиенти. Во изминатите 4 месеци, откако во земјава за првпат беше овозможен Дигитален Onboarding на клиенти, приближно 250 лица ја искористија оваа услуга и отворија сметка без посета на шалтер. Речиси 2.100 клиенти ги ажурираа своите лични податоци со електронска идентификација, додека 250 клиенти активираа Интернет банка од далечина. Како дел од процесот на дигитализација, од средината на 2023 година, на наше задоволство и на задоволство на корисниците во земјава беа овозможени и плаќањата преку Google Pay и Garmin Pay, за кои имаме одличен одѕив, особено од страна на помладата популација.

Тука се исто така дигитализираните експозитури на Банката, кои работат 24/7, дигиталните киосци и секако дигиталните канали, Интернет банка и мБанка. Поради бројните функционалности на електронската банка и мБанка, како увид во сметките, сите видови трансакции, можности за аплицирање за кредит или кредитна картичка, ажурирање лични податоци, промени на лимити за картички, брзи плаќања (подели сметка или плати на пријател) преку телефонски број и слично, тие навистина претставуваат замена на традиционалното банкарство и нудат 24/7 пристап до средствата.

Со цел подобрување на корисничкото искуство, Банката веќе работи на нивно унапредување, а наскоро ќе овозможи и склучување договори за дозволено пречекорување и за потрошувачки кредит преку Интернет банка и мБанка, со потпишување преку електронската идентификација. Дигиталните канали поради својата едноставност и достапност веќе долги години наназад се навистина одлично прифатени како од помладите, така и од повозрасните клиенти.

Кога станува збор за навиките на клиентите, свесни сме дека во нашата земја сѐ уште има клиенти (особено повозрасната популација, примателите на пензија) кои го избираат шалтерот како канал за вршење банкарски активности, но исто така со сигурност тврдиме дека голем број клиенти се веќе целосно дигитално ориентирани, а нивните реакции на сите овие новитети се навистина позитивни. Тие клиенти воопшто и не сакаат да ги посетуваат шалтерите. Овие корисници кои се млади, вработени, постојано во движење, во трка со времето – без оглед на тоа дали се работи за лични финансиски потреби или пак за бизнис потреби, на наше големо задоволство се сѐ повеќе насочени кон дигиталните канали и услуги.

Дигитализацијата во банкарското работење е процес кој не застанува, а Комерцијална банка како дигитално ориентирана банка и лидер во иновативни банкарски технологии, ќе продолжи и во иднина да креира современи дигитални решенија кои на корисниците ќе им го направат секојдневното живеење и работење со финансиите поедноставно.

Што сѐ всушност добиваат клиентите во моментов од дигиталното банкарство на Комерцијална банка и кои нови можности и бенефити од него може да ги очекуваат во иднина?

Дигиталното банкарство е најефикасниот, најбрзиот, најсигурниот и наједноставниот пристап до банкарските услуги, преку кое клиентите добиваат 24/7 пристап до нивните сметки од кое било место во светот, намалени трошоци за банкарски провизии, повеќе време за суштински активности и процеси на деловните субјекти, можност за завршување на банкарските услуги независно од работното време на експозитурите и филијалите на Банката.

Дигиталното банкарство овозможува трансфери и плаќања во земјата,  со 24/7 реализација на интерните плаќања, односно плаќања помеѓу сметки во Комерцијална банка, вклучително и плаќања кон картички, кредитни партии, од/кон денарски и девизни штедни влогови, управување со плаќањата и приливите од странство, купопродажба на девизи, подготовка и потпишување електронски налог за исплата на готовина ПП40. Истовремено, овозможува прилагодување на деловните потреби на клиентите преку користење комбинирана политика на потпишување, која вклучува и лимити по корисник, потпишување на налогот ПП53 (бруто исплата на плата) без ограничување на износот, а за потписници кои имаат поставено лимити во потпишувањето овозможува определување привилегии за креирање, потпишување и реализација на налози за плаќање по тип на налог за плаќање, управување со лимитите на деловните картички, пристап и бесплатни дигитални известувања до различни извештајни податоци, следење на трансакциите преку ПОС-терминали и електронска трговија и уште многу други погодности.

За сите правни лица овозможено е бесплатно и безбедно дигитално потпишување договори поврзани со банкарското работење, како и ажурирање податоци за идентификување на клиентот.

Со E-commerce услугата, која овозможува плаќање преку Интернет со картичка, со што корисниците стануваат достапни за сите заинтересирани купувачи од целиот свет и во секое време, Банката овозможува беспрекорен систем за процесирање трансакции и цел сет алатки за развој на продажбата.

Комерцијална банка во иднина секако планира проширување на палетата на производи и услуги кои ќе бидат достапни преку дигиталното банкарство, пред сѐ во насока на креирање електронска идентификација на правен субјект преку апликацијата OneID, и со тоа можност за далечинско отворање сметка на правниот субјект, како и подобрување на постојните перформанси на услугите кои Банката ги обезбедува на корисниците преку Интернет банка, мБанка и мБанкаКо.

Меѓу активностите со кои се истакна Комерцијална банка и оваа година беше општествената одговорност, во рамките на која обезбедивте и донација за реновирање на цел оддел на Детската клиника во Скопје. За овој проект и за останатите донации во јавното здравство во екот на пандемијата добивте и признание од АмЧам и Конект. Дали може да се очекува дека во оваа насока ќе продолжат општествено одговорните активности на Банката и во иднина?

Хуманоста, сочувството, солидарноста и грижата за квалитетот на животот на сите граѓани е наша постојана мисија во која се водиме од нашето мото дека заедно полесно се постигнуваат поголеми успеси. Како општествено одговорна компанија придонесуваме и помагаме за просперитет на целото општество со тоа што одговараме на потребите на општествените сегменти кои најмногу го засегаат квалитетот на животот на граѓаните, а здравјето на граѓаните дефинитивно заслужува поддршка и грижа како врвен приоритет.

Оттука и подготвеноста на Комерцијална банка ургентно да одговори на потребата од финансиска поддршка за реновирање и опремување на Одделот за кардиологија и ревматологија при Универзитетската клиника за детски болести. Уште од 2020 година, општествената одговорност на Банката е фокусирана на поддршка на јавното здравство, кое го понесе најголемиот товар во борбата со Covid-19. Но, на донацијата за целосно реновирање на детскиот Оддел за кардиологија и ревматологија сме особено горди бидејќи тоа значи подобра грижа за децата и помагање кога тие минуваат низ сериозни и непријатни моменти во нивниот живот.

Горди сме и што Американско македонската стопанска комора и Конект го избраа проектот на Банката, „Донираме за подобро јавно здравство“, меѓу шесте најдобри практики за корпоративна филантропија.

Грижата за подобро здравје на граѓаните треба да биде врвен приоритет на секоја институција во општеството, а Комерцијална банка како општествено одговорна компанија останува доследна на својата заложба да го помага јавното здравство за да можеме заедно и полесно да постигнеме подобро општество за сите.

Веруваме дека одговорноста, одржливоста и хуманоста се генералните вредности кои ќе придонесат за надминување на повеќето актуелни кризи и за трасирање нова траекторија по која ќе чекориме со нови искуства и со многу нови предизвици.

Г-ѓо Штериева, како банкарски менаџер и како претседател на Македонската банкарска асоцијација, какви се Вашите прогнози за тоа што ја очекува Македонија на економски план во 2024? Нѐ чека година на избори, битката со инфлацијата сѐ уште не е добиена, геополитичката неизвесност останува на високо ниво… Како сето тоа ќе се одрази врз состојбите во компаниите и врз стандардот на граѓаните, а следствено на тоа и врз перформансите на банкарскиот сектор?

Макроекономските услови во кои економските субјекти ќе ја остваруваат својата активност во текот на 2024 година во голема мера ќе бидат условени од домашните политички случувања, особено што имаме изборна година, а знаеме дека економската активност е многу сензитивна на избори. Воедно, сѐ уште остануваат и неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент и присутните ризици предизвикани од продолжената војна во Украина и дополнително од новиот воен конфликт Хамас – Израел, послабиот раст на кинеската економија како втора по големина во светот, натамошното затегнување на меѓународните финансиски услови и зголемениот финансиски стрес кај високо задолжените земји. Ваквиот амбиент создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција.

Високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатува на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2024 година, при што мора да се земат предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С. Македонија, ММФ и Светската банка.

Се очекува стапките на раст на БДП да изнесуваат 1,9 % за 2023 година и 3,0 % за 2024 година. Иако се очекува инвестициите да имаат најголем придонес поддржан од јавните и приватните инвестиции во услови на солидни странски директни инвестиции и кредитен раст, сепак сѐ ова ќе биде условено од вкупниот политички амбиент.

Впечатокот дека носителите на политиките се оптимисти и дека за 2024 година се очекува дополнително забавување на инфлацијата и нејзино сведување на ниво од 3,5 % до 4 %, па дури и до 2 % со крајот на годината, упатува на тоа дека, и покрај оптимизмот, мора да се има предвид дека нагорните ризици околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на побарувачката (расположливиот доход).

Се очекува банкарскиот систем и натаму да обезбедува солидна кредитна поддршка, но малку поумерена, во услови на затегнати монетарни услови и преземени макропрудентни мерки. Кредитниот раст до крајот на годината би бил околу 5,7 %, а во 2024 година 6,4 %. Како резултат на зајакнатата доверба и истовремено сѐ поголемите приноси кај штедењето, за што придонесуваат и преземените монетарни мерки, депозитите како најзначаен извор на финансирање се очекува до крајот на 2023 година да остварат посилен раст од очекуваниот, кој би изнесувал 8,4 %, а во 2024 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,6 %.

технологии / компании1 ден ago

Креативна вештачка интелигенција: Девет алатки што ќе ви ги сменат животот и работата

политика1 ден ago

Планот на Мишел за рушење на Фон дер Лајен

регион1 ден ago

Во Хрватска има неколку амбициозни проекти за развој на роботи

македонија1 ден ago

Двојна диплома на Универзитетот Католика од Милано и Универзитетот Американ Колеџ Скопје

економија1 ден ago

Балканската рута на трговија со фалсификувани производи

македонија1 ден ago

Мукаетов од Алкалоид и Ниновски од Бреинстер споделија искуства со младите

економија1 ден ago

Анализа МАСИТ: Речиси 1,5 милијарди евра приходи оствариле ИКТ компаниите лани

банки1 ден ago

Безготовинските плаќања зголемени за 30%, значителен раст на токенизираните трансакции

македонија1 ден ago

Delfino Mobility Group го лансира автомобилскиот бренд Geely во Македонија

економија1 ден ago

Специјален прилог: Топ 6 трендови во меѓународниот транспорт за 2024

коментари1 недела ago

Со АмЧам на тема…Балканската рута на трговија со фалсификувани производи

економија1 недела ago

Фортонмка успешно реализира продажба на објект од 9,5 милиони евра на ЛИДЛ

економија1 недела ago

ПроКредит Банка прави чекор напред во поддршка на малите и средните претпријатија – се одржа втората бизнис конференција „Дигитална еволуција“

Фасхион1 недела ago

„Божиновски“ ексклузивно ги претстави новитетите на Брајтлинг

македонија4 дена ago

УНИБанка го поддржа одбележувањето на 100 годишниот јубилеј на Светската Шаховска Федерација

македонија5 дена ago

Продолжуваат заедничките хуманитарни активности на „Алкалоид“ и „Црвен крст“: Заедно можеме повеќе!

економија3 дена ago

ССК: Зелената транзиција на македонските компании е без алтернатива

банки1 ден ago

Пет небанкарски компании веќе добиле дозвола за давање платежни услуги во Македонија и прекугранично

македонија1 ден ago

Delfino Mobility Group го лансира автомобилскиот бренд Geely во Македонија

регион1 ден ago

Европа ќе ја обновува природата со закон, земјоделците бесни