интервју
д-р Силвана Мојсовска и д-р Златко Ветеровски: Македонските компании мора да се подготват за новата ЕУ регулатива околу увозот на јаглеродно – интензивни производи
д-р Силвана Мојсовска и д-р Златко Ветеровски, економски експерти

„Прилагодувањето на производството со цел намалување на емисиите на јаглерод треба да се третира како инвестиција, а не како трошок. Македонските компании засегнати од овој механизам кои ќе применат проактивен пристап и брзо ќе ги направат потребните прилагодувања ќе обезбедат непречен извоз на пазарот на ЕУ и (поголемо) вклучување во глобалните синџири на снабдување.“
Заради борба против климатските промени Европската унија од 2026 година ќе почне да наплаќа т.н. јаглеродна давачка при увоз на стоки чие производство е поврзано со високи емисии на СО2. Со оваа регулатива ќе бидат засегнати и неколку домашни извозни гранки, најмногу челичната индустрија, за што економските експерти, проф. д-р Силвана Мојсовска од Економскиот институт при УКИМ и д-р Златко Ветеровски, економски експерт, направија анализа.
Со нив разговаравме околу импликациите од оваа нова ЕУ регулатива за македонската индустрија и што ние како држава и реален сектор може да направиме за поспремно да ги дочекаме овие промени.
Што значи механизмот CBAM, да појасниме за нашите читатели што всушност ќе се случува од 2026 во ЕУ во областа на увозот на јаглеродно – интензивни производи? И зошто всушност ЕУ ги презема овие чекори?
Мојсовска: Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (анг. Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) е нова регулатива на Европската унија, донесена во јуни 2022 година и претставува мерка за справување со климатските промени. Со оваа регулатива се воведува т.н. јаглеродна давачка при увоз на производи во ЕУ чие производство е поврзано со високи емисии на јаглерод диоксид. Иницијално, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување се однесува на пет групи производи: железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво и електрична енергија. Регулативата ќе започне да се применува во јануари 2023 година и ќе опфати подготвителен период од три години во кој ќе се врши пресметување на давачката, но нема да има финансиски импликации за увозниците. Од јануари 2026 година е планирано да започне плаќањето на јаглеродната давачка при увоз на споменатите производи во ЕУ.

„Македонските компании кои ќе бидат најмногу засегнати од механизмот за јаглеродно гранично прилагодување се производителите на железо и челик. Според податоците од Царинската управа, вкупниот извоз на железо и челик изнесувал 740 милиони евра во 2021 година и покажува тенденција на раст, споредено со 345 милиони евра во 2017 година. Ефектот врз металната индустрија од механизмот за јаглеродно гранично прилагодување ќе биде значителен, имајќи предвид дека најголем дел од извозот се пласира на пазарот на Европската унија.“
Се очекува овој механизам значително да придонесе за реализирање на целите на ЕУ од областа на климатските промени и тоа: 1) намалување на емисијата на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година, споредено со нивото од 1990 година и 2) постигнување на климатска неутралност на ЕУ до 2050 година. Климатската неутралност подразбира елиминирање на емисиите на јаглерод и на други штетни гасови.
Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) е комплементарен со системот за тргување со емисии на стакленички гасови (ETS) кој ЕУ го воведе во 2005 година. Во овој систем се определува вкупна горна гранична вредност на јаглерод и други штетни гасови што може да се емитува од страна на производителите регистрирани во системот. Во рамките на определената гранична вредност, компаниите од ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка на аукции купуваат емисии на јаглерод и други штетни гасови што може да ги емитуваат при своите производни процеси. Вкупната вредност на приходите собрани на аукциите во периодот од 2012 година до 30 јуни 2020 надминала 57 милијарди евра. Според европското законодавство, најмалку 50% од овие приходи треба да се искористат за подобрување на состојбите во областите енергетика и климатски промени во Унијата. На тој начин, системот за тргување на емисии на стакленички гасови придонесува во борбата против климатските промени.
Со системот за тргување на емисии на стакленички гасови не се опфатени производите што се увезуваат во ЕУ, со што се создава конкурентска предност за производителите од трети земји. Со механизмот за јаглеродно гранично прилагодување се врши регулирање на оваа област. Двата системи ќе се применуваат паралелно и нивната примена ќе значи дека сите производи од наведените пет групи кои се продаваат на пазарот на ЕУ, независно дали се од домашно производство или од увоз, ќе бидат предмет на плаќање на јаглеродни давачки. Последователно, компаниите од ЕУ се обесхрабруваат да вршат селење на производството на јаглеродно – интензивни производи во земји со помалку ригорозна регулатива за заштита на животната средина. Истовремено, производителите од трети земји се соочуваат со предизвици за обезбедување на почисто производство за да бидат конкурентни на пазарот на ЕУ.
Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување е предвидено да функционира на следниот начин: Увозниците од ЕУ при увоз на производите од споменатите пет групи ќе купуваат јаглеродни сертификати кои ќе соодветствуваат на цената на јаглеродот која би се платила доколку производот е произведен според ценовните правила на ЕУ. Доколку за производот што се увезува, производителот има валиден сертификат дека веќе платил јаглеродна давачка во земјата на производство, платената давачка целосно се признава и се одзема од трошоците на увозникот во ЕУ. Ова ќе значи дека увозниците од ЕУ ќе преферираат производители со регулирани јаглеродни давачки или (по)ниски емисии на јаглерод содржани во производите зашто тоа ќе ги намали нивните трошоци при увозот. За производителите од трети земји, механизмот ќе повлече поскапување на нивниот извоз во ЕУ заради плаќање на јаглеродните давачки и ќе наметне неопходност од инвестиции за намалување на емисиите на јаглерод.
Кои домашни индустрии се најзасегнати од овие промени?
Мојсовска: Македонските компании кои ќе бидат најмногу засегнати од механизмот за јаглеродно гранично прилагодување се производителите на железо и челик. Според податоците од Царинската управа, вкупниот извоз на железо и челик изнесувал 740 милиони евра во 2021 година и покажува тенденција на раст, споредено со 345 милиони евра во 2017 година. Ефектот врз металната индустрија од механизмот за јаглеродно гранично прилагодување ќе биде значителен, имајќи предвид дека најголем дел од извозот се пласира на пазарот на Европската унија. Оваа индустрија е посебно важна зашто претставува столб на домашната индустрија, а железото и челикот се најизвезуваните домашни производи во надворешно – трговската структура на земјата. Оттаму, потребен е проактивен пристап од страна на државата и компаниите за да не дојде до големо намалување на конкурентноста на македонските производи на пазарот на ЕУ.
Покрај врз металната индустрија, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување ќе има ефекти и врз индустријата за цемент и алуминиум, чиј извоз во 2021 година изнесувал околу 20 милиони евра по индустрија. Иако извозот од овие индустрии е многу помал споредено со извозот на железо и челик, сепак, пазарот на ЕУ претставува најважна дестинација и за овие индустрии. Во таа смисла, потребно е навремено приспособување и на овие компании кон барањата што ги поставува механизмот за јаглеродно гранично прилагодување со цел да се задржи ЕУ како извозна дестинација.
Како во моментов извезуваат нашите компании во ЕУ и како CBAM може да го компликува (поскапи) нивниот извоз?

„За да се подготват за примената и влијанието на механизмот на јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), македонските компании ќе треба да преземат чекори за да ја проценат нивната почетна точка и да изградат стратешки пакет со алатки. Ќе мора навремено да го разберат влијанието на регулативата за јаглеродно гранично прилагодување. Компаниите ќе треба да пресметаат како граничната јаглеродна давачка ќе влијае на нив низ синџирот на вредност во однос на приходите, трошоците и средствата.“
Ветеровски: Економските оператори од нашата држава во моментов при извоз на јаглеродно – интензивни производи не подлежат на никакви финансиски оптоварувања. Согласно одредбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, сите производи со македонско потекло се ослободени од плаќање на царина и увозни давачки при увозот во ЕУ. За одредени производи од железо и челик постојат одредени количински ограничувања (квоти).
Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) ќе се спроведува во фази. Од јануари 2023 година до декември 2025 година ќе се применува преодна фаза. Во овој период, увозниците од ЕУ на железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво и електрична енергија ќе треба да ги пресметаат и пријават емисиите на јаглерод од нивниот увоз, но, нема да мора да плаќаат давачка на јаглерод при увозот на овие производи. Во втората фаза на примена на оваа регулатива, од јануари 2026 година, компаниите ќе треба да добијат увозни дозволи преку системот на јаглеродни сертификати. Дополнително, ЕУ може да ја прошири листата на производи што треба да подлежат на плаќање на јаглеродна давачка при увозот во ЕУ.
Иако целосното финансиско влијание нема да се случи до 2026 година, увозниците во ЕУ на производи со висока содржина на јаглерод, како и производителите (извозниците) од Северна Македонија, ќе почнат да се соочуваат со значителни административни оптоварувања веќе од јануари 2023 година. Производителите (извозниците) ќе треба да развијат механизми за пресметување на емисиите содржани во нивните производи и тие ќе имаат обврска овие податоци да ги проверат од независно тело. Кога не може да се применат веродостојни податоци за земјата, ќе се користи методот на пресметка.
Дополнително, компаниите ќе треба да се погрижат емисиите да бидат соодветно декларирани до соодветните органи. Увозниците ќе бидат одговорни доколку не ги следат правилата на Механизмот на јаглеродна гранична давачка (CBAM), односно нема да можат да ја увезат стоката на пазарот на ЕУ.
Ефектот ќе го почувствуваат не само производителите што не се членки на ЕУ и увозниците од ЕУ, туку и индустриите во ЕУ што користат производи што ќе бидат оданочени. Првичните проценки сугерираат дека оваа давачка ќе има најголемо влијание врз синџирите на снабдување во индустриските сектори како што се автомобилската индустрија, градежништвото и стоките за широка потрошувачка. Овие трошоци ќе ги зголемат индустриските трошоци за клучните инпути како што се челикот и алуминиумот, а компаниите ќе треба да преземат мерки за да останат конкурентни на пазарот. Ова ќе доведе до глобална прераспределба на глобалниот синџир на снабдување, што значи дека оние земји производители на производи со ниска содржина на јаглерод што се наведени во механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) ќе бидат поконкурентни за влез на единствениот пазар на ЕУ.
Овој механизам ќе има влијание и на производителите и извозниците од Северна Македонија, со оглед на тоа што најголем дел од извозот на производи од железо и челик се пласира на пазарот на Европската унија.
Што треба македонските компании да сторат во меѓувреме, за да го дочекаат поспремни почетокот на функционирањето на CBAM?
Ветеровски: За да се подготват за примената и влијанието на механизмот на јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), македонските компании ќе треба да преземат чекори за да ја проценат нивната почетна точка и да изградат стратешки пакет со алатки. Тие треба да го земат предвид следново:
– Навремено да се разбере влијанието на регулативата за јаглеродно гранично прилагодување. Компаниите ќе треба да пресметаат како граничната јаглеродна давачка ќе влијае на нив низ синџирот на вредност во однос на приходите, трошоците и средствата. Сите производители и извозници во Северна Македонија треба да го проценат и одредат нивото на влез на јаглерод од нивните добавувачи (дали тие доаѓаат од „еколошки“ нации или региони или потекнуваат од земји и региони со високо загадување и високо влијание на јаглерод). Првично, производителите и извозниците што имаат инпути од ЕУ и САД ќе бидат помалку погодени и во поповолна позиција во споредба со оние кои имаат инпути од Азија;
– Да се постигне соодветно разбирање за динамиката на воведувањето на граничната јаглеродна давачка. Секој производител и извозник мора да стане целосно свесен за процесот на мерење и проценка на содржината на јаглерод (без разлика дали се мери од независен орган или со примена на просечното мерење утврдено од ЕУ). Врз основа на овие проценки, економските оператори треба да ги формулираат своите политики за набавки;
– Увозниците од ЕУ треба да ги добијат потребните информации од нивните партнери (извозници) што не се членки на ЕУ, вклучително и од Северна Македонија за да можат правилно да го користат новиот систем. Македонските производители и извозници на производи со висока јаглеродна компонента треба да се погрижат да имаат соодветно мерење на емисиите на јаглерод, одобрено од независно регулаторно тело, или да се запознаат со просечната стандардна процедура за мерење;
– Да се предвидат сценарија и политики за извозот во Европската Унија во иднина и методите за справувањето со конкуренцијата. И покрај тоа што извозот од Северна Македонија е бесцарински врз основа на одредбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, новиот Механизам на гранично јаглеродно прилагодување (CBAM) ќе наметне извесни увозни даноци во ЕУ за македонскиот извоз кој е категоризиран како јаглеродно – интензивен. Во таа насока, треба да се направи (пре)формулирање на јавната политика за декарбонизација на домашното производство што ќе ги засегне македонските компании, а во насока на приспособување кон барањата на новата регулатива на ЕУ.
Што може надлежните органи да сторат за да им помогне во таа насока?
Ветеровски: Заради правилна примена на механизмот CBAM, потребен е координиран пристап од повеќе чинители. Дел од препораките вклучуваат:
– Проценка на влијанието на регулативата и поставување на приоритети од страна на надлежните институции за активностите кои државата треба да ги преземе за обезбедување на подобри услови за приспособување на реалниот сектор кон барањата на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување. Во таа смисла, неопходно е што поскоро да се направи проценка за влијанието на новата регулатива врз производството, вработеноста и извозот во соодветните сектори;
– Дефинирање на пакет на активности за усвојување и имплементација на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување во домашниот законодавен систем. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на институционалните аспекти на соодветно мерење на емисиите на јаглерод диоксид во индустриите што се предмет на граничната јаглеродна давачка;
– Интензивирање на дијалогот со ЕУ во однос на финансиските аспекти на инструментите за справување со климатските промени и спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан. Потребно е разгледување на можностите за финансиска поддршка од страна на ЕУ за декарбонизација на македонските производители, посебно во контекст на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување;
– Поставување и воспоставување на национално ниво на правила и регулативи за нивоата на CO2 што секоја индустрија ги емитува. Овие правила треба да бидат задолжителни за сите индустрии, особено за оние засегнати од механизмот за гранично јаглеродно прилагодување (CBAM).
Да спомнеме и кои би биле придобивките за македонските извозници доколку направат соодветно прилагодување на производните процеси кон крајната цел – нула јаглерод емисии?
Мојсовска: Се очекува механизмот на јаглеродно гранично прилагодување да резултира со брза промена на динамиката на конкуренција во петте избрани индустрии и нивните синџири на снабдување. Компаниите што би се поставиле во првите редови во борбата за намалување на емисиите на јаглерод, извесно е дека ќе имаат конкурентски предности на долг рок. Во тој контекст, македонските компании засегнати од овој механизам кои ќе применат проактивен пристап и брзо ќе ги направат потребните прилагодувања ќе обезбедат непречен извоз на пазарот на ЕУ и (поголемо) вклучување во глобалните синџири на снабдување.
Прилагодувањето на производството со цел намалување на емисиите на јаглерод треба да се третира како инвестиција, а не како трошок. Вообичаено, новите технологии на производство со еколошки предзнак се скапи, меѓутоа, тие се почесто се наметнуваат како детерминанта во цената на производот. Справувањето со климатските промени е процес кој се очекува допрва да се интензивира и да има влијание врз многу пазари, така што вложувањата во почисто производство би им отвориле нови можности на македонските компании.
*Ставовите на д-р Мојсовска и д-р Ветеровски изнесени во ова интервју се нивни лични ставови како економски експерти, и не ги одразуваат нужно ставовите на институциите каде што се вработени.