економија
Европската централна банка со досега невидено зголемување на каматната стапка, поради високата инфлација

Референтната стапка за 19-те земји кои го користат еврото сега ќе биде 0,75 отсто, откако во јули каматната стапка се качи на 0 проценти, по долгогодишниот период на негативни каматни стапки во еврозоната.
Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми своите референтни каматни стапки денеска за досега рекордни 75 базични поени (0,75 процентни поени) и вети понатамошни зголемувања, давајќи ѝ приоритет на битката против инфлацијата.
Поради оваа промена, референтната стапка за 19-те земји кои го користат еврото сега ќе биде 0,75 отсто. Ова доаѓа по првото зголемување на каматните стапки од централната банка од 2011 година наваму, што се случи сега во јули, кога стапките беа подигнати на нула откако беа во негативна територија со години.
„Очекуваме дополнително да ги зголемиме каматните стапки бидејќи инфлацијата останува премногу висока и веројатно ќе остане над нашата прогноза подолг временски период“, рече шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, додавајќи дека одлуката од денеска е едногласна.
Инфлацијата во еврозоната достигна 9,1% во август, главно поттикната од вртоглавото зголемување на трошоците за енергија и зголемените трошоци за храна.
Од руската инвазија на Украина во февруари, Европа работи напорно за да ги замени фосилните горива што ги обезбедува Русија. Како одговор, Москва го намали количеството на природен гас што се испраќа во Германија и другите земји во Европската унија, зголемувајќи ги цените и принудувајќи ги владите да потрошат стотици милијарди евра за субвенционирање на трошоците за енергија за компаниите и луѓето.
Одлуката за зголемување на каматните стапки беше во неизвесност неколку недели, при што креаторите на политиката се колебаа помеѓу порастот од 50 и 75 базични поени. Сепак, неодамнешниот скок и на главната и на основната инфлација веројатно ја реши дебатата. Лагард постојано тврдеше дека сегашното високо ниво е едноставно неприфатливо.
На прашањето за можните идни промени, г-ѓа Лагард одговори дека поместувањето од 75 базични поени не е норма и дека можните идни потези може да бидат помали; но, таа не ја исклучи можноста за потег кој е подеднакво радикален во иднина.
Денска, четврток, 8 септември, европските пазари го завршија денот во зелено, само неколку часа откако Европската централна банка објави дека ќе ги зголеми каматните стапки за 75 базични поени.