економија
Економијата пост-ковид закрепнува повеќе одејќи отколку трчајќи
Економскиот раст годинава меѓу 3,7% и 4,1%

Од 3,7% до 4,1% е распонот на прогнозираниот економски раст за годинава, така што која проценка и да се оствари, нема да биде доволна да ја надомести загубата на бруто домашниот производ лани којшто во екот на пандемијата се намали за 4,5% на годишно ниво. Преткризните економски нивоа сепак, ќе се достигнат дури во 2022 година, доколку не се случат други непријатни изненадувања. Иако се очекуваше поголем постпандемиски бум на економијата, со нагло зголемување на потрошувачката и зголемена инвестициска активност, сепак пролонгирањето на пандемијата и одолговлекувањето на имунизацијата го издишаа надуваниот оптимизам.

Од 3,7% до 4,1% е распонот на прогнозираниот економски раст за годинава, така што која проценка и да се оствари, нема да биде доволна да ја надомести загубата на бруто домашниот производ лани којшто во екот на пандемијата се намали за 4,5% на годишно ниво. Преткризните економски нивоа сепак, ќе се достигнат дури во 2022 година, доколку не се случат други непријатни изненадувања.
Иако се очекуваше поголем постпандемиски бум на економијата, со нагло зголемување на потрошувачката и зголемена инвестициска активност, сепак пролонгирањето на пандемијата и одолговлекувањето на имунизацијата го издишаа надуваниот оптимизам.
„Економското опоравување е во тек, реалниот раст на БДП се предвидува да достигне 3,8% во 2021 година, поддржан од зголемената стапка на вакцинација, по првичниот недостиг од вакцини на почетокот од годинава. Побрзата дистрибуција на вакцините од очекуваната, и нивната употреба, е можно да ги зголеми прогнозите за растот, додека, пак, појавата на нови соеви на вирусот може да доведе до помал раст“, заклучи Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Берглјот Баркбу, која одржа виртуелни состаноци со властите за да ги дискутира најновите економски случувања и политики.
„На краток рок, главен приоритет останува да биде решавањето на здравствената криза. Фискалната политика треба да продолжи да го поддржува заживувањето на економскиот раст, да поттикнува создавање работни места и да обезбеди заштита на ранливите категории. Владата донесе закон за продолжување на мерките за поддршка и во 2021 година, вклучително и субвенционирање на платите, стимулации за инвестиции и поддршка на ликвидноста на фирмите. Врз основа на тоа, мисијата проектира дефицитот да достигне 5,4% од БДП во 2021 година. Доколку е потребно, понатамошната тагретирана поддршка кон домаќинствата кои имаат најголема потреба од тоа и кон фирмите, во форма на привремени инвестициски кредити и субвенции за вработување може да помогне во закрепнувањето“, истакна шефицата на Мисијата на ММФ, Баркбу.
Според ММФ, постоењето на кредибилна среднорочна фискална стратегија може да помогне во решавањето на потребите од инвестиции во државата, истовремено создавајќи простор за фискален маневар.
„Инвестицискиот план на Владата е амбициозен и истиот треба да биде придружуван од дополнителни подобрувања во управувањето со јавните инвестиции, во насока на решавање на „тесните грла“, подобрување на ефикасноста на трошењата и ограничување на фискалните ризици. Напорите за подобрување на наплатата на приходите би овозможиле простор за подобрување на продуктивните трошоци во области како што се здравство, образование и инфраструктура. Постоењето на успешни јавни инвестиции ќе го поттикне растот и ќе помогне во трансформирање на економијата, но за да се заштити одржливоста на долгот, од суштинско значење е да се има сеопфатна фискална стратегија која, меѓу другото, ќе биде изградена врз реални претпоставки за раст“, додаде Баркбу од ММФ.
Во однос на монетарната политика ММФ оценува дека останува соодветна. Банкарскиот систем во целина е добро капитализиран и ликвиден. Предупредување има за наплатата на кредитите.
„Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат определено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строги правила за класификација на ризикот и за издвојување на резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби. Привременото нераспределување на дивиденда од страна на банките треба да го поддржи овој процес“, потенцираат од ММФ.
Инфлацијата се зголемува

Во последните месеци, растот на глобалните цени на енергијата и храната ја зголеми инфлацијата. Иако е веројатно дека ќе има некои пренесени ефекти, инфлацијата се очекува да се намали во втората половина од годината, во услови на нецелосно искористување на потенцијалот на економијата.
„Потрошувачките цени се очекува да растат со умерено темпо од 2,2% во просек во 2021 година. Последното зголемување на инфлацијата најмногу се должи на глобалните фактори и тоа се очекува да биде привремено“, оценија од ММФ.
Иста проценка за движењето на инфлацијата има и Народната банка која што ја корегираше стапката од првично очекуваната 1,5% на 2,2%.
„Генерално очекуваме инфлација да остане умерена на среден рок. За оваа година правиме умерена нагорна ревизија имајќи ги предвид поизразените нагорни корекции на цените на примарните производи на светските берзи, пред се нафтата и храната, а за 2022 и 2023 година ја задржуваме проекцијата за инфлација од 2%“, посочуваат од НБМ.
Дополнително, според НБМ очекуваното закрепнување на домашната побарувачка нема да создаде позначителни притисоци врз цените, при оцени за мал позитивен производствен јаз во периодот на проекцијата. Ризиците за проектираната патека на инфлација се главно поврзани со неизвесноста околу увезените цени на примарните производи кои се многу променливи, можните ограничувања на понудата поврзани со пандемијата, како и евентуалниот побрз и поцелосен пренос на растот на цените на инпутите врз финалните цени на производите.
Растот би можел да биде и помал
По падот на бруто домашниот производ (БДП) од 4,5% минатата година, оваа година Народната банка предвидува постепено закрепнување со раст од 3,9%. Тоа значи дека централната банка ја задржа истата проекција за растот како и во октомври лани.
На среден рок се предвидува натамошно закрепнување, односно економскиот раст да биде ист и догодина, а потоа во 2023 да достигне 4%.
„Оваа динамика на раст сепак значи дека економијата би се вратила на преткризното ниво во текот на 2022 година, исто како во октомвриските проекци“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Во однос на структурата на растот, како и при октомвриските проекции се очекува позитивен придонес на домашната побарувачка, а негативен на нето-извозот
Во рамки на домашната побарувачка најголем позитивен придонес се предвидува од инвестициите, кои по високиот пад од 10% изминатата година се очекува да растат во просек оваа и наредната година за 9,4%, како резултат на раст на странските директни инвестиции (СДИ), интензивирање на државните и приватните домашни инвестиции при постабилен амбиент и натамошна солидна кредитна поддршка.
Личната потрошувачка исто така, по падот од 5,4% минатата година, се предвидува да расте во просек 3,7%, при зголемена склоност за потрошувачка со засилување на процесот на имунизација, пораст на расположливиот доход како резултат на поповолни движења и на пазарот на трудот, како и натамошна кредитна поддршка.
Во однос на извозот, по падот од 11% минатата година, НБМ очекува оваа и наредната година просечен раст од 7% во услови на закрепнување на странската побарувачка и позитивни ефекти од капацитетите со странски капитал, но и од дел од традиционалниот извозен сектор при поволна ценовна конјунктура.
Растот на извозот и домашната побарувачка (кои имаат голема увозна компонента) ќе доведат и до раст на увозот, со што нето-извозот ќе има негативен придонес
„Ризиците за растот и натаму се надолни и поврзани со справувањето со пандемијата. Нашето алтернативно сценарио покажува побавно закрепнување и понизок раст на домашната економија во 2021 и 2022 во просек за околу 1 п.п., во споредба со основната проекција“, потенцираше гувернерката.
Светот се надева на постпандемиски бум

Здравствената криза доведе до севкупна економска криза, која истовремено ги погоди сите економии во светот и тоа со интензитет од невидени размери.
Но, според процените на ММФ, интензитетот ќе беше и до трипати поголем доколку не беше обезбедена монетарна и фискална поддршка, како и мерки во финансискиот сектор, кои во оваа криза беа значајно повисоки од периодот на големата финансиска криза.
„Токму поради силната монетарна и фискална поддршка, ММФ проценува дека оваа криза (во споредба со 2008) ќе остави помали долготрајни последици врз билансите на реалниот сектор и ќе овозможи релативно побрзо закрепнување, особено кај економиите со подобри основи кои обезбедија поголема поддршка“, анализираат од Народната банка.
Ова е видливо, велат тие, и преку подобрите остварувања измината година, односно глобалната економија забележа пад од 3,3%, наспроти претходно очекуваниот пад од 4,4%, рефлектирајќи ги подобрите остварувања во втората половина од годината.
За 2021 и 2022 година сега се проектира раст од 6% и 4,4%, соодветно (наспроти 5,2% и 4,2% во октомври), поради подобри остварувања изминатата година, очекувана зголемена фискална поддршка, особено во САД и ЕУ и забрзан процес на масовна имунизација.
„Притоа, се очекува нееднаква динамика на закрепнувањето – прилично голема дивергенција по земји, но генерално побрзо кај брзорастечките земји (просечен раст од 5,9%), а послабо кај развиените земји (просечен раст од 4,4%). Главни ризици остануваат да бидат побавен процес на имунизација против Ковид-19 (поради кој може да се очекува понизок раст оваа година за 1.5 п.п. и 1 п.п. следната година), прерано повлекување на монетарната и фискалната поддршка што би резултирало со поголеми и потрајни ефекти врз економиите и позначајно затегнување на меѓународните финансиските пазари“, оценуваат од Народната банка.
Движењето на глобалната економија, а особено на европската е критичен за нас поради влијанието врз трговската размена.
По падот на побарувачката од околу 5% минатата година (сличен пад како и во 2009 година), се очекува постепено закрепнување од 3,6% оваа година и 4,1% наредната година, што претставува умерена надолна корекција за оваа година и нагорна корекција за наредната година (за по околу 1 п.п. за двете години).
„Корекциите во најголема мера се должат на очекувањата за германската економија, која е наш најзначаен трговски партнер (околу 50% од нашиот извоз) за која се очекува нешто помал раст за оваа година, а повисок наредната година (3,6% раст оваа година и 3,9% раст во 2022 година). Притоа, помал раст се очекува во услужниот сектор, а не во индустријата којашто е од клучно значење поради вклученоста во германските синџири на производство на автомобили“, оценува Народната банка.
Ризиците за проекциите за растот на странската побарувачка се главно надолни (условени од времетраењето на пандемијата, спроведувањето на процесот на вакцинација, продолжувањето на мерките за поддршка на економиите, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирање на очекувањата кај потрошувачите и инвеститорите).
Солидниот раст на странската побарувачка за оваа и наредната година, има позитивни ефекти врз закрепнувањето на извозот, којшто има позитивни мултипликативни ефекти врз повеќе сегменти во нашата економија.
Оптимизам и во Европа

Европската Комисија очекува економското опоравување на земјава, кое нагло запре во 2020 година, бидејќи пандемијата ја погоди домашната и странската побарувачка, во текот на 2021 и 2022 година, да добие цврста основа. Според пролетните проекции на Комисијата, реалниот раст на БДП во просек би изнесувал 3,7%, а во 2022 ќе биде 3,8%.
Како што брифираат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, додека закрепнувањето се очекува да се забрза во текот на годинава, што се должи главно на домашната побарувачка, производството се очекува да ги надмине вредносите од преткризниот период дури следната 2022 година. Со понатамошно укинување на мерките за ограничување, трошоците на домаќинствата се предвидува да се зацврстат со зголемена брзина во 2021 и 2022 година, поткрепени со понатамошно зголемување на платите, зголемување на вработеноста и заживување на дознаките.
Во делот на очекувањата во инвестициите, како што истакна на средба со новинари Фрејк Јанмаат, раководител на Сектор за економски прашања во Делегацијата на ЕУ во Скопје, се очекува тие да бидат поттикнати со барем делумно реализирање на амбициозните планови на Владата да инвестира во патна, железничка и комунална инфраструктура. Закрепнувањето на странската побарувачка, особено од Германија и Кина, поддржано од обновување на синџирите на снабдување, според него, го поттикнува растот на извозот. Сепак, надворешната рамнотежа веројатно ќе го намали растот во двете години, како резултат на силната побарувачка за увоз, како одраз на зголемената домашна побарувачка и извозното производство зависно од увозот.
Кога станува збор за пазарот на трудот, се оценува дека тој се покажал отпорен во текот на целата година, поради владини субвенции за плати и придонеси. Загубите на работните места останаа ограничени, но растат секој квартал, а работната сила се намалува последователно. Со заздравувањето кое се зацврстува во 2021 година, и ако владината поддршка за работодавачите и работниците продолжи барем оваа година, како што е предвидено во петтиот владин пакет усвоен од Парламентот во април, вработувањето, се посочува, најверојатно ќе расте со забрзано темпо во однос на прогнозата.
Проценката е и дека се зголемува притисокот врз потрошувачките цени како резултат на инфлацијата. Имено, таа се зголеми во втората половина на годината, водена од растот на цените на храната, горивата, вклучително и повисоките акцизи за нафтените производи и законскиот пораст на цената на електричната енергија во август. Додека зголемувањето на цените на храната се очекува да се смири, основниот ефект од цените на електричната енергија продолжува во првата половина на 2021 година. Двете, зголемувањето на увозните цени на стоките и засилувањето на домашната побарувачка, како што беше посочено, се очекува да ја одредат динамиката на инфлација.
Нивото на долгот се зголеми, како резултат на големите финансиски барања поврзани со кризата. Јавните финансии се влошија во 2020 година, откако се активираа автоматските стабилизатори, а владата спроведе мерки на дискреција за поддршка во вкупна вредност од околу 3% од БДП. Опоравувањето на даночните приходи во последниот квартал на 2020 година, делумно се должи на приливот на одложени плаќања за данок на доход, а се зголемија и социјалните придонеси од државните субвенции во споредба со претходната година. За да се помогне во финансирање на повисоки трансфери, капиталните расходи беа намалени. Во однос на БДП, тој излезе скоро непроменет од претходната година, од 3,1%.
Во согласност со економското закрепнување, јавните финансии се очекува да се подобрат во текот на прогнозираниот временски хоризонт. Трансферите и трошоците поврзани со кризата за стоки и услуги се предвидува постепено да опаѓаат, додека капиталните трошоци, кои силно ја реализираа својата цел во 2020 година, се очекува значително да пораснат.
„Враќањето на јавните приходи веројатно ќе биде поддржано со постојани подобрувања во управувањето со јавните финансии, како што е спроведувањето на Стратегијата за реформа на даночниот систем, усвоена од Владата во декември, што може да ја зајакне мобилизацијата на приходите. Додека Владата планира да се врати на фискалната консолидација од 2021 година, таа не претстави конкретни мерки за поткрепа на ова. Сè уште високите фискални дефицити и плановите за позајмување во 2021 година со цел да ги надополнат депозитите во централната банка, веројатно ќе го зголемат нивото на долг понатаму, особено во 2021 година“, оценуваат од ЕК.
Во однос на ризиците за прогнозираните вредности, се наведува дека неизвесноста за текот на пандемијата може да ги намали очекувањата за порастот, особено во врска со дознаките и автомобилските ланци за снабдување. Негативните случувања што создаваат потреба за понатамошни мерки за поддршка, исто така, ќе предизвикаат ризици за фискалните изгледи. Покрај тоа,се додава, прогнозата за приходите, може да биде оспорена од слабата посветеност на реформите за мобилизација на приходите, како што се плановите за нови намалувања на даноци и изземања од даноци. Од друга страна, брзото спроведување на клучните одредби од новиот закон за органски буџет и спроведувањето на неодамнешниот Акциски план за управување со јавни инвестиции може да ги подобри изгледите.
ЕК четири пати годишно излегува со прогнози за економскиот раст во земјите кандидати за членство и во земјите аспиранти за членство во ЕУ.