Connect with us

економија

Економско заздравување во “V“ израз

2021 ќе го тестира имунитетот и на вакцините и на економијата

објавено

на

Кривата што го одразува движењето на бруто домашниот производ (БДП) преку податоците за 2019 година како преткризно ниво на развој, потоа исклучително лошите економски перформанси во 2020 година во услови на пандемија што предизвика рецесија, па до оптимистичките прогнози за 2021 година, јасно го исцртува таканаречениот “V“ израз, којшто настанува вообичаено по големи економски кризи. Она на што се крстат и економистите, не само лекарите, и ги темелат своите оптимистички прогнози, е одобрувањето на вакцината против коронавирусот и масовна имунизација на почетокот на следната година како предуслов за враќање на општествата во нормала. Освен Владата која што вообичаено има оптимистички поглед на економските текови, позитивни сигнали дека 2021 година ќе биде своевидно достигнување по исклучително тешката 2020 година доаѓаат и од реалниот сектор, но и од банкарите чија диоптрија за скенирање е прилично остра. Народната банка проценува дека економијата во 2021 година ќе порасне 3,9%. На иста линија се речиси сите други прогнози на меѓународните финансиски институции.

Растечките бројки на нови случаи инфицирани со коронавирус на дневна основа, од денешна перспектива се уште не може да ја расчистат замаглената слика за идната година, иако одобрувањето на две вакцини што гарантираат имунитет над 90% само по 10 месеци од избувнувањето на пандемијата, веќе протнуваат зраци на надеж дека во 2021 може целосно да се вратиме во старата нормала.

Меѓутоа, погледот наназад кон годината што измина е мрачен за милиони луѓе ширум светот, па и за многумина во земјава, преживувајќи ја најлошата година веројатно во нашето постоење, односно од Втората светска војна наваму.

Сурови се последиците што ги направи пандемијата со коронавирусот годинава, мерени преку огромниот број на заразени и починати граѓани досега, но и низ призмата на најбитните макроекономски индикатори што ја отсликуваат економската состојба.

Податоците што ни се досега познати, се запрепастувачки. Во вториот квартал годинава, периодот од април до јуни кога забрзано се прошири вирусот а властите воведоа полициски час во обид да се запре ширењето на заразата, имаме историски најдлабок пад на бруто домашниот производ (БДП) од 14,9%. Потоа во текот на летните месеци, од јули до септември, кога се почувствува одредено релаксирање и низ извештаите на Министерството за здравство кое на дневна основа не информираше за бројот на новозаразени и починати, соодветно на тоа и олабавувањето на рестриктивните мерки, очигледно е и ублажувањето на економскиот пад на 3,3%.

Меѓутоа, вториот бран на пандемијата повторно покажа „заби“ од октомври, па иако властите одолеаја на воведување локдаун како најголем број од земјите во светот, сепак, економските резултати се влошуваат главно како последица на огромна воздржаност и на бизнис секторот да инвестира, но и на граѓаните помалку да трошат.

Со оглед на тоа што податоците за движењето на БДП последниот квартал од годинава, ќе се знаат дури следната година, неколку показатели навестуваат дека наместо очекуваното благо закрепнување, сосема извесно е дека ќе продолжи трендот на намалување на економската активност со пад од околу 2%.

Кон тоа упатува намалувањето на индустриското производство, кое во октомври бележи пад од 5,2%, што е повторно продлабочување споредено со месецот претходно.

Надворешната трговска размена, пак, во октомври бележи одредено закрепнување, со раст од 2,3%, при зголемување на извозот за 5,6% и намалување на увозот за 0,1%.

Меѓутоа, првичните податоци покажуваат дека и во овој квартал продолжува намалената инвестициска активност и послаба приватна потрошувачка.

Загрижувачка дисторзија има на пазарот на труд, каде што заклучно со октомври, бројот на невработени годинава е зголемен за речиси 52 илјади луѓе. Од Агенцијата за вработување, пак имаат поинакво објаснување, според кое бројот на граѓани што на сопствена кожа ја почувствувале корона – кризата и добиле отказ, е 15.858, а вкупниот број на невработени бил зголемен поради поголем интерес за пријавување во Агенцијата од страна на невработените поради спроведување на социјални реформи односно право на одредена социјална помош, а имало и граѓани што се вратиле од странство и останале, па биле исто така евидентирани како нови невработени.

Сумирано, се проценува оваа година да заврши со пад на економската активност од 4,9% според последните проценки на Народната банка, до најмногу 5,4%, колку што прогнозира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според прогнозите на Народната банка, ќе има пад кај сите компоненти на БДП во 2020 година, освен кај јавната потрошувачка, и тоа најголем пад кај бруто-инвестициите од 12,8% во услови на намалени странски директни инвестиции и послаби домашни инвестиции од страна на приватниот и јавниот сектор; потоа намалување на личната потрошувачка за околу 4% во услови на пад на расположливиот доход на населението, при неповолни поместувања на пазарот на труд и помали приватни трансфери, но и поголема воздржаност од потрошувачка; извозот ќе забележи пад од 11,7%, поради намалена странска побарувачка и привремен застој во глобалните синџири на снабдување; а намалената лична и инвестициска побарувачка, заедно со падот на извозот ќе доведат и до помали увозни притисоци, односно увозот ќе се намали за околу 12%.

„Се работи за синхронизирана економска криза којашто истовремено ги погодува речиси сите економии во светот ‒ се очекува дека само околу 26 земји ќе имаат мала позитивна стапка на економски раст. Се работи за криза којашто за разлика од големата економска криза од 2008 година не е резултат на слаби економски фундаменти или слабости на финансискиот систем, туку е здравствена криза којашто брзо се прелеа во реалниот сектор. Општо земено, правиме надолна ревизија на економските проекции при понеповолно надворешно окружување, односно поизразен пад на странската побарувачка оваа година и зголемена неизвесност и од домашното окружување со појавата на вториот бран на коронавирусот, којшто се очекува да има продолжени економски ефекти врз потрошувачката и приватните инвестиции и во првата половина на наредната година“, истакна гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Според проценките на Народната банка, се очекува дека странската побарувачка за нашите стоки и услуги ќе се намали за 6,3% оваа година што е подлабок пад и од 2008 во екот на финансиската криза, а потоа НБМ очекува раст во наредните 2 години  од 4,6% и 3% во 2021 и 2022 година, соодветно.

„Надолната корекција за оваа година се објаснува со послабите очекувања кај речиси сите наши значајни трговски партнери, при најголем придонес од германската економија, којашто е наш најзначаен трговски партнер. Ризиците за проекциите за растот на странската побарувачка се главно надолни, условени од времетраењето на пандемијата, мерките за справување со вирусот, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирање на очекувањата“, потенцираше Ангеловска Бежоска.

Претседателот на Владата Зоран Заев на прес конференција на која беа претставени достигнувањата на Владата за првите 100 дена, истакна дека БДП паѓа и заради падот на европска економија, но дека стабилноста на буџетот е евидентна и дека пакетите економски мерки за борба со Ковид – кризата ги дале очекуваните резултати.

„Влегувањето во Европската Унија е и наша економска мотивација и нема друг пат. Сите наши сили сега се насочени кон одблокирање на ветото но интензивно продолжуваме со реформите – правни и економски. Падот на БДП од 4,4%  е очекуван. Државата заклучно со декември ќе има вратено 1,146 милијарди евра.  Буџетот е стабилен со приливот од најголемите даноци – ДДВ,  данокот на добивка и данокот на личен доход – овие приливи се исполнуваат најоптимистички. Првите десет дена од декември, на пример забележуваме поголема наплата  од даноци во споредба со истиов месец минатата година“, истакна премиерот обидувајќи се да внесе оптимизам за економските перформанси во периодот што следува.

Лузните врз сопствена кожа

Како што може да се заклучи и од макроекономските статистички податоци кои се всушност збир од илјадници поединечни случаи во различни сектори во економијата, најголем дел од фирмите почувствуваа сериозни проблеми во водењето бизнис во услови на пандемија и сите нејзини пропратни последици.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески смета дека добра работа во целата таа неволја било што одлично се изреагирало со отворањето на транспортните коридори уште на самиот почеток  на кризата, за да можат суровините да стигнат до домашните фабрики.

„Многу добро го изменаџиравме првиот удар на кризата и практично до летото просто и да немаше директен удар, освен во дејностите што се врзани со движење – угостителството и туризмот, сообраќајот и транспортот. Никој, па и ние, не го предвидовме наглото враќање на пандемијата на почетокот на септември, па тој период може да се оцени со ‘добро’. Што не направивме најдобро? Не го искористивме летото за повеќе активности, кои есенва доведоа до ширење на пандемијата и со тоа оставија последици врз економијата.“, смета Азески како претставник на бизнис секторот.

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, го истакнува фактот дека македонската економија во трите квартали годинава бележи пад од 5,7% предизвикано од пандемијата, која доведе до значително забавување и според неа, “извесно е дека ефектите од здравствено економската криза ќе се прелеат во 2021година“.

„Нашата мала и кревка економија во голема мера е зависна од трговијата и инвестициите од ЕУ. Стапките на невработеност повторно се зголемија и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, тоа дополнително ќе ги усложни состојбите, а без конкретни и добро таргетирани мерки следи повторно тежок период. Проекциите се дека годинава ќе ја завршиме со пад на БДП од 4,9%, додека за следната година доколку нема некои посериозни движења и системски решенија проекциите за раст се околу 4% имајќи ја предвид споредбата со нотираниот стрмен пад годинава“, потенцира Арсовска.  

Меѓутоа, не сите индустрии беа еднакво погодени од оваа криза.

Анета Пешева, претседател на Управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), вели дека како и сите други индустрии и ИКТ индустријата е засегната и затекната од оваа пандемија, но според неа, овие компании успеале полесно да се адаптираат на „новата нормалност“ токму поради дигитализацијата која што е нивен основен бизнис.

„Ми се чини дека целокупното општество увиде дека на сите нас ни е потребно да се влеземе во процес на комплетна дигитализиција во сите сектори вклучително и државатa со една и единствена цел да се олесни работата пред се на институциите и да се олесни состојбата на граѓаните кои во овој момент се најзасегнати од ситуацијата со Ковид 19. Секако и ИКТ индустријата се соочи со одредени проблеми во својата работа, кои беа особено изразени во делот на обезбедување на работната сила, делумно намалување на обемот на работа, застои во делот на обновување на договорите за работа, особено со странство, итн.  Со овие предизвици компаниите многу бргу се справија. Имајќи предвид дека се работи за релативно млади и адаптибилни компании, после првиот шок, веќе после месец или два работите почнаа да се нормализираат, ако под нормално се подразбира оваа “нова нормалност”, објаснува Пешева. 

Таа додава дека компаниите од ИКТ индустријата на крај годината ќе ја завршат во позитива, со можеби евентуално малку намалени економски резултати.

„Ова уште еднаш го потенцира она што цело време го говориме, дека на Македонија и треба да има ваков тип на индустрии, модерни, адаптибилни и секако многу поподготвени за ваков тип на кризни турбуленции во економијата“, потенцира Пешева.

Генералниот директор на компанијата Витаминка од прехранбената индустрија, Сашо Наумоски, вели дека „2020 година беше година на неочекуван пресврт, на постојано очекување нови бранови на пандемија, нови мерки. Со еден збор година на неочекувани промени кон негативно. И покрај тоа што зборот негативен е позитивна вест оваа година во светот, како компанија успеавме да одржиме баланс и да останеме позитивни во делот на деловното работење. Успеавме да научиме многу и како тим покажавме дека сме силна компанија со одлични механизми за справување со пандемијата“, вели Наумоски.

Виктор Петков, генерален директор на компанијата Випро од Гевгелија, вели дека годинава не успеале да стекнат нови купувачи, меѓутоа, ја одржале добрата соработка со нивните постојани парнери од повеќе извозни пазари.

„Во 2020 година, имаме вообичаен раст како и претходните години над 5%. Среќа е што работиме во област која што спаѓа во неопходните потреби на граѓаните и вп услови на пандемија. Но тоа не значи дека имаме автоматски загарантирано место на пазарите каде што извезуваме, напротив, секоја година мора повторно да се докажуваме“, објаснува Петков.

Појак имунитет кај финансискиот сектор

Еден од секторите што покажа поголема отпорност на оваа криза е финансискиот. Банкарите, иако признаваат дека се соочиле со неочекувани предизвици годинава, сепак, се задоволни од своето работење.

Маја Стевкова Штериева, главен финансиски директор на Комерцијална банка и претседател на Македонската банкарска асоцијација, вели дека од сегашна перспектива може да оцени дека банкарскиот сектор одлично се справил со целиот предизвик на континуитет на работењето во услови на пандемија.

Таа додава дека неспорна вистина е дека пандемијата го забрзала процесот на дигитализација и „можеме само да бидеме благодарни што ја имаме привилегијата да се поврзуваме компјутерски или со мобилни телефони, да работиме и комуницираме виртуелно и при тоа сите активности да се одвиваат непречено. Според јавно достапните податоци на ниво на банкарски систем, во првата половина на 2020, споредено со истиот период претходната година, може да се забележи значајна промена во учеството на електронски наспроти хартиени налози во платниот промет од 3 процентни поени во полза на електронските трансфери. Во истиот извештаен  период, плаќањата преку мобилен телефон се зголемени за над 50%, а вкупните плаќања со платежни картички за 11%“, потенцира Стевкова Штериева.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Антонио Аргир, вели дека оваа година светот се соочи со една од најголемите рецесии поради здравствената криза која многу брзо се прелеа и во реалниот сектор. Тој гледа на 2020 како година во која сите се соочивме со предизвици од невидени размери кои го изменија начинот на секојдневното живеење и работење, а справувањето и закрепнувањето несомнено ќе трае подолг временски период.

„Она што е позитивно е дека банкарскиот сектор генерално ја дочека кризата високо-ликвиден и високо-капитализиран. НЛБ како Банка во кризата, исто така, влезе подготвена со висока ликвидност и висока капитализираност и квалитетни кредитни портфолија. Како втора системски најзначајна банка со силна позиција на пазарот, успешно се справивме со предизвиците и одговоривмесо сите расположливи ресурси. Останавме постојано отворени, во континуитет и без престан ги опслужувавме нашите клиенти, ги поддржавме и надградивме сите иницијативи за поддршка на најранливите категории“, вели Аргир и додава дека во однос на клучните индикатори на работењето, „НЛБ Банка оствари исклучително позитивни финансиски резултати. Остварениот поврат на капиталот РОЕ, заклучно со 30.9.2020 година по локална методологија, изнесува 14,8% на годишна основа, а повратот на активата за истиот период по локална методологија изнесува 1,9% на годишна основа. Учеството на оперативните трошоци во вкупните нето приходи изнесува 42,4% додека учеството на некаматните приходи во вкупните нето приходи изнесува 33,4%“, потенцира некои од клучните показатели за работењето на НЛБ Банка, претседателот на Управниот одбор, Аргир.

Според генералниот директор за корпоративно банкарство во Стопанска банка, Тони Стојановски, 2020 била една од најтешките години во современата историја на човештвото која донесе исклучителни предизвици, големи неизвесности и потреба од многу напори за да се одржат тековите на секојдневното живеење, бизнисите и економиите. 

„Во такви околности, Стопанска банка АД – Скопје ги презеде сите можни активности и мерки, пред се, за заштита на здравјето на своите вработени и клиентите. Паралелно, на дневна основа се преземаа низа активности за да се овозможи континуитет на достапност на услугите и производите за сите граѓани и компании поради воведените значајни ограничувања за движењето на граѓаните и користењето на филијалите. Работевме и на подобрување на дигиталните услуги, достапни за нашите клиенти уште од 2004 година. Радува фактот што се забележува значително поместување во навиките на граѓаните во насока на посамостојно користење на банкарските услуги достапни 24/7. Банката ги прилагоди очекувањата од 2020 година согласно на реалните услови, при што, во дадените околности, очекуваме годината да ја завршиме со солиден финансиски резултат“, оценува Стојановски и додава дека Стопанска банка останува да има високи перформанси, највисок капитал и профитабилност како и најголемо кредитно портфолио во нашиот банкарски сектор. 

Главниот извршен директор на Халкбанк, Билал Суџубаши, вели дека иако на почетокот на пандемијата со Ковид 19 имало стравување дека таа може да има негативни ефекти врз банкарскиот сектор, сепак, тој останал стабилен.

„Македонскиот банкарски сектор е добро капитализиран, поставен на добри фундаменти, што се покажа како многу важно сега која пандемијата удри силно по сите сегменти на нормалниот живот и работа. Банките во ваква ситуација, поддржани секако со соодветни мерки и активности на НБРСМ, успеаја да одговорат на предизвиците, да излезат во пресрет на граѓаните и компаниите со пролонгирање на нивните кредитни обврски и дополнително, да продолжат со  кредитирањето. Централната банка, за разлика од кризата во 2008 година, во оваа криза водеше релаксирана монетарна политика за да го поддржи економското закрепнување што овозможи да продолжи, па дури и да се засили кредитирањето. Халкбанк и во вакви кризни услови работеше добро, со остварен значителен раст како во сегментот на кредитирање, така и во делот на депозитите“, вели Суџубаши и додава дека банката бележи раст и на активата која надминала една милијарда евра, и на сопствените средства коишто по докапитализацијата од страна на матичната банка од Турција, до половината на годината достигнале 140 милиони евра.

Меѓутоа, корона – кризата се одразила на финансискиот резултат.

„Навистина, кризата се одрази на севкупните финансиски резултати, односно на крајот на октомври профитот на Халкбанк изнесуваше нешто над 7 милиони евра, додека ланската година е завршена со профит од 11,4 милиони евра. Сепак, треба да се знае дека ова се должи на фактот што многу наши клиенти и во делот на население и во корпоративниот сектор ја користеа мерката за одложено плаќање на кредитните обврски, така што и не се реален приказ на успешноста на работењето“, објаснува Суџубаши.

Дигитализацијата клучна предност во ковид – кризата

Од менаџментот на УНИБанка, пак, велат дека пандемијата го сменила начинот на размислување и функционирање на структурите на целото општество а банката одлично се прилагодила на новонастанатите услови за работа.

„Последица на тоа се одличните резултати кои Банката ги постигна во 2020 година: остварување на најголемата годишна добивка во своето постоење; највисока адекватност на капиталот во 26 годишното постоење на македонскиот банкарски пазар; ниво на ликвидност отпорно на екстремни стрес-тест сценарија; висок процент на стабилно депозитно јадро (над 80%); и едно од најниските нивоа на лоши пласмани во банкарскиот систем со покриеност од 90%. Земајќи ги предвид условите на пандемија во кои функционираше Банката и разнишаната доверба во банкарскиот систем заради затварањето на една од банките, задоволни сме со сите постигнувања, а пред се, со тоа што покажавме сигурност, стабилност и профитабилност во своето функционирање и отпорност на сценаријата од стрес-тестовите“, вели Здравко Здравески, главен директор за ризици во УНИБанка.

Од Шпаркасе банка, оценуваат дека како и останатите економски субјекти, делувала во новонастаната криза преку прилагодување на своето работење во насока на забрзана дигитализација како неминовна за да се задржи и зголеми достапноста за клиентите.

„Очекуваме солиден диверзифициран финансиски резултат за 2020 остварен со прудентно работење особено во делот на проценките за кредитен ризик. И покрај издвојувањето на значително поголеми резервации во однос на претходната година, профитабилноста остана солидна. Тоа ќе овозможи натамошно кредитирање на компаниите и населението. Со присутниот континуиран опаѓачки тренд на каматните стапки, приходите мора да се диверзифицираат преку користење на зголемена палета на банкарски некредитни услуги, од друга страна и оперативните трошоци од тековното рaботење се значително намалени споредено со нормални услови на деловна активност. Сето ова придонесе да се одржи здрав профит кој претставува основен извор на капитал и во година на криза предизвикана од екстерни фактори“, вели Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка.

Тој додава дека „мора да се потенцира фактот што на колективниот шок што го предизвика пандемијата се случи и соодветен колективен одговор од сите носители на политиките, вклучително и банките како финансиски посредници во економијата преку донесување и имплементирање на комплементарни мерки. Се покажа дека работењето во кризна состојба може да биде успешно со усогласена и координирана активност со креаторите на макроекономските политики, која треба да продолжи и во наредниот период за да се осигури нормален тек на финансиските активности и успешност во надминување на последиците и за населението и реалниот сектор“, потенцира Бишев од Шпаркасе банка.

Од менаџментот на ПроКредит Банка, коментираат дека динамиката на работењето во текот на годината останала непроменета и покрај комплексните услови за работа. Па така, годинава банката бележи најголем пораст на кредитно портфолио од 50 милиони евра што претставува рекорд споредено со годините наназад, велат од банката.

„Гужвите и редиците не беа случај во нашите филијали како во останатите традиционални банки, затоа што уште од 2015 година започнавме со комплетна дигитализација и автоматизација на сите услуги и работењето со нашите клиенти се одвива по пат на дигитални канали. Нашите клиенти се во можност сите операции со Банката, како што се плаќања, штедење, менувачко работење и електронско потпишување договори да ги извршуваат од нивните канцеларии или од дома, без да се изложуваат на непотребни здравствени ризици со физичка посета во Банката. Со гордост може да кажеме дека сите трансакции во платниот промет се одвиваат по електронски пат“, вели Стевче Кузмановски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка.

Според него, банката очекува да го реализира планираниот финансиски резултат во услови на зголемена кредитна активност и квалитет на портфолио на ниво од 1,6% до октомври.

„Нашите очекувања се дека и покрај неизвесноста во периодот кој следи, нема да имаме значително влошување на овој показател. Сепак ги следиме и правиме редовни анализи на клиентите и сегментите погодени од кризата. Иако во моментот кај најголем дел од нив нема знаци на влошување во клучните параметри од работењето, спремни сме заедно да преземеме мерки со цел да овозможиме поддршка и континуитет во работата кај овие компании“, додава Кузмановски од ПроКредит Банка.

Претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка, Драгољуб Арсовски, оценувајќи ја 2020 година, вели дека „појавата на пандемијата со Ковид 19, беше тивка, ама особено на почетокот, додека се наместија коцките, таа беше разорна, агресивна и се движеше со огромна брзина на негативната страна за економијата. За сите нас, предизвиците беа нешто ново и неочекувано“, вели Арсовски.

„Ние знаевме дека во такви услови само одбран и мобилен менаџмент кој е обучен и спремен да работи во услови на стрес и под висок притисок, можеше да даде резултати. Така и се поставивме. Нашиот одбран тим, преку секојдневната, постојаната и интензивна мобилност, успеваше тековно и навремено да ги пресретне, открие, осознае, анализира, измери и управува со сите видови ризици од материјален, финансиски и кадровски карактер. Во вакви сложени економски услови и специфична организираност,ТТК Банка успеа за забележи добар резултат. На еден месец пред самиот крај на годината генериравме позитивен финансиски резултат во износ 91,5 милиони денари. Овој резултат е далеку подобар од ревидираниот на почетокот на здравствената криза, во март оваа година, и е со зајакнат квалитет бидејќи најмногу претставува резултат од ефектите од редовните приходи на Банката, со што ја потврдува одржливоста на деловниот модел и успешното управување. Исто така, на годишно ниво, Банката реализира позитивни трендови на раст на кредитната и депозитната активност“, вели Арсовски.

Ѓорѓе Војновиќ, генералниот директор на Триглав осигурување, вели дека како што пандемијата имаше влијание врз целокупниот деловен и социјален живот во земјата, секако дека била погодена и  осигурителната индустрија, особено во сегментите чии индустрии се најпогодени од пандемијата, како и сегментите во кои што нашите животи најмногу се променија.

„Во трите квартали од 2020 година, Триглав Осигурување работеше добро, следејќи ги внимателно стратешките насоки на групацијата и успешно справувајќи се со предизвиците предизвикани од вонредните услови на пандемијата. Во доменот на неживотно осигурување, Триглав оствари подобар резултат кај комбинираниот количник во споредба со истиот период минатата година, што укажува на профитабилноста во доменот на неживотното и здравственото осигурување. Во сегментот на неживотно осигурување постигнавме раст кај доброволното здравствено осигурување, карго осигурувањето и осигурувањето од одговорност.“, вели Војновиќ.

За следната година тој најавува дека компанијата ќе продолжи да развива дигитални алатки за поедноставување на процесите и унапредување на услугите и да воведува нови продажни канали, како и иновативни решенија за производи, во согласност со развојот на индустријата и со потребите на пазарот и на клиентите.

Ѕирка светло во тунелот

Ако се погледне кривата што ја одразува движењето на бруто домашниот производ (БДП) преку податоците за 2020 и прогнозите за 2021 година, јасно се исцртува таканаречениот V израз, односно огромен пад на економијата проследен со силно закрепнување потоа.

Она на што се крстат и економистите и ги темелат своите оптимистички прогнози, не само лекарите, е одобрувањето на вакцината против коронавирусот и масовна имунизација на почетокот на следната година како предуслов за враќање во нормала на општествата.

„Побрзиот напредок во третманот на коронавирусот, како и во развојот на вакцина се фактори на оптимистичката страна. Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната економска активност“, оценува Народната банка.

Според нивните проценки, на среден рок се предвидува постепено, но поумерено закрепнување со стапки на раст од 3,9% во 2021, 3,6% во 2022 и 4% во 2023 година.

Оваа патека на раст значи дека економијата би се вратила на преткризното ниво во текот на 2022 година.

„Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Макроекономското сценарио и ризиците околу него во најголема мерка се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти. Засега, имајќи предвид дека ковид-шокот е од неекономска природа, не се очекува тој да има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за економски раст“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска.

Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.

Се’ паѓа, освен јавната потрошувачка. Властите преку контрациклична фискална политика, односно зголемено трошење се обидуваат да ги ублажат последиците од корона – кризата.

Јавната потрошувачка во третиот квартал е зголемена за дури 13,5% со што е ублажен падот кај финалната потрошувачка, а во исто време и поради зголемувањето на јавните капитални инвестиции, статистички е регистриран раст на бруто инвестициите во овој период од 4,2%.

Досега се донесени четири пакети антикризни мерки, кои според проценките вредат околу една милијарда евра. Меѓутоа, како што информираше вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, досега се реализирани околу 300 милиони евра.

Економските трендови годинава не се изненадувачки за вицепремиерот Битиќи туку очекувани. Тој вели дека Владата уште во април најавила дека ова ќе биде година во рецесија, и не само кај нас туку и во најголем дел од земјите во Европа.

„Остануваме на проекциите дека крајот на годината ќе биде со пад од 4,4%. На неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на закрепнување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30% пад во вториот квартал, да имаме нагло одење во позитива во третиот квартал. Мислам дека се движиме во правец кој ни дава надеж дека следната година ќе можеме да имаме подобар старт“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Дел од оптимизмот се должи и на остварувањето во поглед на вакцините за што информираше дека за набавка на вакцините за ковид -19, обезбедени се околу 8,4 милиони евра, а доколку има потреба за дополнителни дози, ќе бидат обезбедени дополнителни средства.

„За првпат во државата ќе имаме ситуација во која поголем број на лица ќе треба да се вакцинираат. Над 400 илјади луѓе ќе се вакцинираат. Имаме донесено одлука за достапност на средства за набавка на вакцини околу 8,4 милиони евра. Остануваме на ставот дека ќе најдеме средства, доколку се потребни за дополнителен број вакцини во наредниот период“, рече Битиќи.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, истакна дека и покрај негативниот економски резултат во третото тримесечје, се гледа тенденција на подобрување.

„Бруто – инвестициите и јавната потрошувачка, по остриот пад во второто тримесечје, забележуваат раст, што укажува на тоа дека антикризните мерки кои се преземаат даваат резултати“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Бесими посочи дека и во наредниот период ќе продолжат да се спроведуваат мерките од четвртиот пакет со кој ќе се даде поддршка на стопанството, како финансиската поддршка на работодавачите за исплата на плати, бескаматната кредитна линија со грант компонента, но и државната гарантна шема кои ќе обезбедат подобар пристап до финансии.

Владините прогнози за следната година се прилично оптимистички.

Премиерот Заев рече дека со рационализација на непродуктивни трошења Владата ќе продолжи да ја помага економијата.

„Ако во периодот април-мај помине кризата, веројатно е да постигнеме раст од 4,1% во 2021 година. Очекуваме и да го стабилизираме јавниот долг и во периодот до 2025 година да го вратиме на износ под 60%, секако зависно од растот на БДП“, нагласи премиерот и најави дека Владата има намера да го дофинансира буџетот од продажба на капитал во државна сопственост.

Премиерот за наредната година најави и интензивна борба за сузбивање на сивата економија која значително ќе го дополни домашниот буџет. Освен Владата која што вообичаено има оптимистички поглед на економските текови, позитивни сигнали дека 2021 година ќе биде своевидно достигнување по исклучително тешката 2020 година доаѓаат и од реалниот сектор, но и од банкарите чија диоптрија за скенирање е прилично остра.

технологии / компании2 дена ago

Трендови на коишто треба да внимаваат огласувачите во 2022

македонија2 дена ago

Пет амбасадори на ЕУ земји дискутираа заедно со студентите на тема иднината на Европа – перспектива од земја кандидат

економија2 дена ago

ДДВ-то го наполни буџетот за четвртина повеќе од лани

македонија2 дена ago

Се менуваат алатките, не и новинарските вредности

економија2 дена ago

Просечната каматна стапка на кредити за компании се спушти до 3,55%, а за домаќинства до 5,23%

економија2 дена ago

И покрај моќните ефекти на пандемијата, побарувачката за кредити се врати

Business2 дена ago

Македонските угостители сакаат свој „биткоин“

start up2 дена ago

Топ 5 совети за успех на стартап бизниси

економија2 дена ago

Дигитализацијата бара нови вештини – неформалното образование станува сè поважно

економија2 дена ago

Развојната банка објави јавен повик за корисниците на ,,Ковид 3” кредитната линија, за дополнителен грејс период од 12 месеци

коментари3 дена ago

Благојче Котески: Совршена енергетска бура или дел од „новото нормално“???!!!

економија2 дена ago

Дигитализацијата бара нови вештини – неформалното образование станува сè поважно

технологии / компании4 дена ago

На „Стартапувај 3“ обезбедена најголема финансиска поддршка за стартапите во историјата на ФИТР

македонија4 дена ago

Македонските угостители сакаат своја крипто валута

економија2 дена ago

Развојната банка објави јавен повик за корисниците на ,,Ковид 3” кредитната линија, за дополнителен грејс период од 12 месеци

политика6 дена ago

Ковачевски: Не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ

економија6 дена ago

Пешев: Компаниите нема да издржат уште еден локдаун

економија2 дена ago

ДДВ-то го наполни буџетот за четвртина повеќе од лани

економија5 дена ago

Просечната каматна стапка на кредити за компании се спушти до 3,55%, а за домаќинства до 5,23%

македонија3 дена ago

Панел дискусија на УАКС: ЕУ е нецелосна без Западен Балкан