Connect with us

економија

Економско заздравување и раст по Ковид

Прва годишна конференција на Министерството за финансии

објавено

на

Економската криза како последица на здравствената криза предизвикана од глобалната ковид – пандемија остави и се’ уште ќе остава  длабоки траги во сите држави во светот, вклучително и Северна Македонија. Како се справивме како држава со последиците од кризата, дали можело подобро, што треба да направиме допрва за закрепнување и понатамошен развој – беа главните точки околу коишто се дискутираше на првaта Годишна конференција на Министерството за финансии.

Креаторите на политиките, претставниците на меѓународните институции, на граѓанското општество, академици, експерти, деловната заедница, како и сите засегнати страни што можат да делуваат врз подобрување на политичкиот дијалог за економски и финансиски теми од национален и регионален интерес ги собра на едно место првата Годишна конференција на Министерството за финансии, што се одржа на 6 и 7 септември во Скопје.

Конкретните резултати од оваа конференција се пораките да бидат дел од креирањето на политиките.

„Оваа иницијатива не е брзо да сработиме нешто, туку имаме шанса сите заедно и успешно да стигнеме далеку и не еден или друг, туку сите да ги собереме резултатите“ , порача на Конференцијата министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во двата дена високи гости дебатираа на тема „Глобални и регионални предизвици и изгледи за закрепнување  и раст“, „Макроекономските политики и јавните финансии во време на пост-пандемија“, „Добро владеење и социјална кохезија“, „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“,„Паметен и зелен раст на економијата“ и „Човечки капитал и инклузивен раст“.

Конференцијата  официјално ја отворија со обраќања премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, а вториот ден воведни обраќања имаа претседателот на државата Стево Пендаровски и градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

„Денес сме тука да кажеме дека ковидот нема да нѐ победи. Ние сме дел од една глобална алијанса за борба против коронавирусот и денес тука ќе зборуваме за закрепнување и не само за тоа, туку и за повеќе од закрепнување, ќе зборуваме за раст, развој, подобар, забрзан развој, зелен развој“, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на отворањето на Конференцијата.

Тој потенцира дека учиме од минатото, да делуваме во сегашноста, а се подготвуваме и за иднината.

„За годинава проектиравме раст од 4,1% и просечен годишен раст од 5,4% за наредните пет години. Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, подготвивме финансиски план за забрзување на економијата со цел нејзино закрепнување  по ковид и да се овозможи забрзан и одржлив развој, истовремено со одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот“, истакна Бесими.

Знаци на стабилизација на економијата

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање, оцени дека националната економија е стабилна и ќе расте, упатувајќи на последните статистички податоци за раст на БДП во вториот квартал од 13,1 отсто, според кои може да се каже дека кризата и официјално одминува, а економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.

Потенцира дека владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата и ги посочи Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 кој ги опфаќа сите инвестиции предвидени да почнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашни и странски инвеститори.

„Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како што се вредност на инвестиции, клучни инвестициски области, инвестициски пристап итн. Како комплементарен план на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, е подготвен и Планот за здравување и финансирање забрзан раст“. Основна цел на Планот е да го финансира закрепнувањето на економијата од ковид-19, како и да поддржи забрзан одржлив раст, при едновремено одржување фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата, рече премиерот.

Планот дефинира прецизно поставена владина структура на единици и поделба на ингеренции што ќе водат до успешна имплементација.

 „Првпат велиме да воспоставиме Delivery Unit, Monitoring Unit и PIM преку кои ќе имаме навремен, целосен увид за одредени приоритети, реализација, слабости, пречки и најургентни задачи. Јас искрено верувам дека ова е начинот со кој ќе ги совладаме институционалните слабости и ќе ги зајакнеме нашите капацитети“, потенцира премиерот Заев.

Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на конференцијата посочи дека глобалната економија се уште е ранлива, а предизвиците се големи и порача дека во овој момент за жал не можеме да дадеме соодветна проценка уште колку ќе трае оваа состојба и какви ќе бидат економските консеквенции на крајот.

„За разлика од лани општата економска прогноза е подобрена иако закрепнувањето според очекувањата се одвива бавно. И нашата економија не е исклучок од светските трендови. При носењето на сите мерки за заштита на населението, примарна цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да се помогне на најзагрозените сектори, се  разбира тоа колку што беше возможно во тие услови. Во тој контекст компаниите се бореа да продолжат со својата дејност, а при тоа да ги зачуваат своите вработени, и да го задржат квалитетот на производите и услугите што ги испорачуваат. Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за закрепнување на македонското стопанство кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба, но она што е значајно дека имаме информации и анализи да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“, порача претседателот Пендаровски.

Потенцира дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека со  индивидуални напори не може да се спротивставиме на опасноста која и се заканува на целата човечка цивилизација и затоа е потребно заедничко делување на глобален план.

„Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика или нерамномерна дистрибуција на вакцините. Во кризни времиња сме уште поупатени еден на друг. Верувам дека нашата заедничка цел е да изградиме побезбеден свет во кој приоритет ќе бидат благосостојбата, здравјето и среќата на луѓето, истакна претседателот Пендаровски.

Мерки за поддршка во кризата, но и за развој по кризата

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на еден од панелите зборуваше за економските мерки што ги донесе Владата за поддршка на компаниите и граѓаните во справувањето со последиците од ковид – кризата, како и за ефектите од спроведените мерки.

„Подготвивме мерки кои се вкупна вредност од 1,1 милијарди евра или околу 11% од БДП, тоа се јавни средства кои се наменети за справување со последиците од корона – кризата, а тоа резултираше да бидеме една од земјите со најмал пад на нивото на БДП, некаде околу 4,5% на крајот на 2020 година. Според нашите проекции и анализи, доколку не ги спроведевме шесте пакета мерки, БДП би бил за 8,7% понизок во однос на 2019 година и мислам дека тоа што го направивме е навистина значаен успех”, рече Битиќи.

Битиќи ги посочи и активностите кои ги презема Владата за да се намали притисокот врз јавниот долг и да се одржи ликвидноста на буџетот.

„Сите економски мерки кои Владата ги креираше во изминатата година, покрај за поддршка на компаниите во текот на кризата, се наменети и за закрепнување по кризата, со оглед на тоа колку нашата економија е кревка. Треба да признаеме дека се соочивме со повеќе глобални предизвици; првиот се синџирите на производство на виталните индустрии, кои беа силно погодени. Тука размислувавме дали да подготвиме мерки за поддршка на локалната економија, да биде поконкурентна, или да работиме на мерки за поддршка на регионалната економија да стане поконкурентна. Ние во Владата се одлучивме да работиме на двете. Да работиме на подигнување на конкурентноста на локалните компании да бидат што е можно поконкурентни на регионалниот и на меѓународните пазари. Единствениот пат кон побрзо економско заздравување во пост-ковид периодот е регионалниот пазар, земјите од Западен Балкан да станат важен дел од глобалните синџири на производство.“, рече Битиќи.

Ана Бјерде, заменик – претседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, истакна дека пандемијата нема да заврши се’ додека сите не добијат пристап до вакцинацијата, вклучително и неразвиените земји. Забавувањето на вакцинацијата ќе го забави и економското закрепнување, истакна Бјерде.

„Вакцинацијата не само што спасува животи, туку претставува и единствена можност за економско закрепнување. Еден од клучните предизвици за побрзо економско закрепнување е да се вакцинира што е можно поголем број од населението. “, рече Бјерде.

Одржливото закрепнување е неопходно, подвлече Бјерде, а пандемијата не предизвика само пречки, туку даде и можности.

„Климатските промени и социјалните нееднаквости се клучни предизвици за кои се потребни акции и политики. Фокус треба да се стави и на зелената економија. Тоа значи забрзување на енергетските транзиции и инвестиции за подобрување на квалитетот на животот и здравјето на луѓето. До нови работни места, раст и продуктивност може да доведат и инвестициите во образованието“, рече Бјерде.

Таа потсети и на прогнозите кои годинава предвидуваат раст на глобалната економија од 5,6%.

Огромен дел од компаниите планираат инвестиции во следниот период

Од претставниците на бизнис секторот, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија Јелисавета Георгиева – Јовевска истакна дека инвестициите се клучот за заздравување на македонската економија во периодот на пандемијата, но подолгорочно и за остварување на неопходните стапки на раст на БДП од над 5%, со цел да се оствари побрза конвергенција со дел од земјите од ЕУ.

Таа сподели дека според анкетата на Комората на тема “Инвестиции на компаниите членки на СКСМ во следните 12 месеци“, 94% од анкетираните бизниси планираат инвестиции.

„Вкупниот планиран износ на инвестиции на овие компании изнесува 600 милиони евра. Според видот на инвестициите, најголем број од анкетираните компании планираат инвестиции во машини и опрема (35%), во информациско -комуникациска технологија и опрема и софтвер (25%), истражување и развој (15%), згради и земјиште (15%), додека 10% од компаниите планираат инвестиции во други капитални инвестиции.“, објасни Георгиева – Јовевска.

Но, за да може приватниот сектор да ги реализира најавените инвестиции, освен внимателното дизајнирање на мерките за борба против пандемијата, потпретседателката на СКСМ истакна дека треба да се решат и децениските системски слабости кои влијаат врз конкурентноста на македонската економија: висината на парафискалните давачки, недоволната ефикасност на администрацијата и на централно и на локално ниво, посебно во однос на издавање на одобренија за градба и разни други документи од кои зависи реализацијата на инвестициските проекти, подобрувањето на патната и железничката инфраструктура, како и олеснувањето на протокот на камиони низ границите.

„Дел од овие предизвици се во тек на решавање, но значајно е посебно во овие тешки услови за фирмите, да се забрзаат овие процеси за да се реализира потенцијалот за приватни инвестиции.“

Претседателот на СКСЗМ, г. Неби Хоџа, нагласи дека приватниот сектор докажа дека нивната улога е клучна во тешките и турбулентни периоди како што е кризата КОВИД-19.

„Нашите бизниси докажаа дека имаат храброст и со одговорност се справуваат со кризата во клучните моменти за нашата земја, инвестирајќи во периодот кога сите мислеа дека не е вистинското време. Нивната професионалност и знаење им овозможува  на бизнисите да се соочат со  било каква пречка, без оглед на природата на предизвикот.“, рече Хоџа.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка