интервју
Елена Димовска: „За подобар свет“ е хуманата димензија на работењето на А1 Македонија
Елена Димовска, раководителка на Секторот за корпоративни комуникации во А1 Македонија

Остануваме да дејствуваме според нашата филозофија „За подобар свет“, да креираме и да имплементираме проекти што ќе значат чиста и здрава животна околина, да ставиме на располагање ресурси за едукација на дигиталните вештини и секако да ги интегрираме различностите.
Ќе продолжиме да го потврдуваме својот хуман карактер и дух, како и грижата и стремежот за подобро општество.
Објаснете им ја на нашите читатели стратегијата за општествена одговорност на А1, кои се нејзините клучни столбови?
Одржливиот начин на работа во А1 Македонија е длабоко втемелен во стратегијата на Групацијата A1 Телеком Австрија, а со самото тоа истото се пренесува и на нејзините членки во сите земји во кои таа има свои операции, па така и во А1 Македонија.
Стратегијата позната под кратенката ESG, која се однесува на environmental, social and corporate governance, се залага за грижа за животната средина, за социјалното и за корпоративно управување. Имено, сите овие сегменти ги претставуваат фокус подрачјата на одговорност што компаниите, кои се дел од Групацијата А1, преку своите активности ја носат внатрешно во својата организација и во своето опкружување. Групацијата А1 Телеком Австрија е свесна за оваа одговорност и затоа поставува специфични цели за животната средина, за општеството и за нејзините луѓе. Покрај тоа, компанијата ги смета овие сегменти како двигатели на долгорочна вредност, кои носат не само еколошки и социјални придобивки, туку и економски предности.
Како дел од амбициите за климатска одржливост во рамките на ESG, А1 Македонија работи за реализација на целите за достигнување нето неутралност на јаглерод диоксид со намалување на емисијата на штетни гасови и постепено префрлување на енергија од обновливи извори. Рециклирање на околу 50.000 стари уреди годишно.
Социјалната амбиција до 2023 година има за цел едукација на повеќе од 100.000 луѓе – особено фокусирани на деца и млади – во сегментот на дигитална писменост, а со тоа на јавноста да ѝ се даде доверба и вештини за активно обликување на дигиталните светови. Амбицијата, пак, за корпоративно управување 2023 година има за цел да се зголеми процентот на жени на раководни позиции и да се подигне и да се одржи процентот на жени во компанијата над 50%, да се одржи најдобрата практика и надворешно сертифициран усогласен систем за управување, со цел да се заштити интегритетот и доверливоста на Групацијата А1 Телеком Австрија.
Кои се позначајни проекти и кампањи што А1 ги спроведе во последно време како општествено одговорна компанија?
Под мотото „За подобар свет“ воведовме низа проекти токму во оваа насока на ESG, каскадирана од Групацијата А1 Телеком Австрија. Во сегментот на социјалното управување и грижа за заедницата, во февруари 2018 година во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија го започнавме проектот „Интернетот не e само игра… Кликај безбедно!“, програма наменета за четвртоодделенците, со која вработените во А1 Македонија, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Проектот досега има опфатено повеќе од 35 училишта ширум земјата и едуцирано близу 4.000 четвртоодделенци. Особено сме горди на оваа програма, а дека сме на вистинскиот пат се многубројните признанија и благодарници што ги добиваме, меѓу кои е и признанието во категоријата „Однос кон заедницата“, што го доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и Министерството за економија.

Успешната реализација на едукативната програма нè охрабри да размислуваме понатаму и ја лансиравме и „A1 Academy“ која е продолжување на активностите за едукација на младите. Пристап до бесплатната академија имаат сите млади на возраст од 18 до 25 години, кои по завршување на секој модул, добиваат сертификат за стекнатото знаење. По успешното лансирање на „A1 Academy“ со првиот модул на тема Дигитален маркетинг, нашата иницијатива за неформално образование ја продолживме со предавања на нова атрактивна тема – Бизнис аналитика. Учесниците добиваат можност да ја реализираат својата пасија за учење и стекнување дигитални вештини, да слушнат реални бизнис примери и да учат од професионалци што активно работат во оваа област. Академијата е придонесот на А1 Македонија кон младите и кон заедницата за реално практикување на дигиталните вештини неопходни за современ и модерен живот. Големиот одѕив ни укажува на потребата кај младите од учење на вештините на иднината и подготвени сме да ги споделиме знаењата со младите луѓе на кои им е потребно детално познавање од модерните тематики.
Со A1 Green Call, платформа за рециклирање на старите мобилни уреди, корисниците покажаа навистина голема свест за рециклирање и доставија илјадници парчиња во специјалните кутии поставени во продажните салони на А1 ширум земјата. Тргнувајќи од премисата дека нов, зелен, подобар свет е можен, од неодамна 50% од снабдувањето со електрична енергија е обезбедено од обновливи извори на енергија за потребите на А1.
Работиме на адаптација и на имплементација на хибридни модели на напојување на нашите базни станици. Во тек е реализација на нашиот стратегиски план за зелени базни станици, со цел да ја достигнеме бројката од 165 до 2025 година, а намалувањето на CO2 се трудиме да го постигнеме преку менување на возилата со гориво со електрични возила.
Колку пандемијата и другите кризи што таа ги продуцира ја направија А1 поотпорна на идни шокови, но и посвесна за компаниското влијание врз општествената благосостојба?
Како што веќе кажав, општествено одговорните практики во А1 Македонија не се случуваат стихијно, туку се составен дел од корпоративнaта стратегија што ни дава прецизен фокус на проектите и на активностите што ги подготвуваме и реализираме. Одржливоста и резултатите на долг рок се наш приоритет. Имајќи ја предвид нашата посветеност кон креирање работна средина во која вработените се во центарот на нашето внимание, во време на пандемија ги засиливме мерките за превенција и заштита на здравјето и продолживме фокусирани на грижата за балансот меѓу работата и приватниот живот, понудивме уште повеќе можности за едукација и ги ставивме на располагање компаниските ресурси за учење нови вештини.
Општествено одговорните компании ги инспирираат и ги мотивираат своите вработени, ја зголемуваат нивната лојалност, морал и продуктивност. Кои практики ги спроведува А1 во оваа насока?
Вклученоста на колегите во општествено одговорни проекти е уште еден доказ за високата свест и хумана димензија што ја негуваме во А1. Тргнувајќи од топ менаџментот и нивните одлуки, па сè до сите вработени, кои општествената одговорност ја имаат инкорпорирано во извршувањето на своите секојдневни работни задачи. Корпоративниот волонтеризам отсекогаш бил дел од нашата ДНК, за што говорат волонтерите во програмата „Кликај безбедно“ каде што колегите несебично и со многу посветеност се вложуваат себеси, со цел на што поедноставен начин да го пренесат материјалот на дечињата како безбедно да користат интернет. Волонтерски се вклучуваме сите и во активностите што се однесуваат на заштита на животната средина во програмата A1 Green month, рециклираме, преку енергетски ефикасно изградениот објект на управната зграда штедиме електрична енергија, користиме превозни средства што не ја загадуваат околината какви што се електрични тротинети итн. Спроведуваме проекти што се дел од стратегијата бидејќи сметаме дека најважно е примерот да тргне од самите нас, па понатаму истото да го пропагираме во јавноста. Оттука можам да констатирам дека aктивностите се испреплетени, но сепак се однесуваат токму на овие три главни носечки теми.
Почитувајќи ја еко-определбата, одевме чекор понапред и ја прекинавме употребата на пластични чаши и пластични галони за вода на сите работни локации на А1 Македонија, селектираме отпад и тоа не само електронски туку и хартија и пластика. Преку специјална процедура што ги дефинира правилата за селектирање отпад, склучен е договор со две компании за електронски отпад, еден што вклучува рециклирање и продажба на отпад од метал, алуминиум и дрво, и втор што вклучува селектирање отпад од батерии и од електрични апарати.
ESG е, како што велат, новиот престолонаследник во корпоративното управување, па како А1 се вклопува во оваа парадигма на општествената одговорност?
Секоја етаблирана компанија на пазарот која еднаш го востановила општествено одговорното работење во својата компаниска филозофија, тешко е дека ќе се врати чекор назад. Остануваме да дејствуваме според нашата филозофија „За подобар свет“, да креираме и да имплементираме проекти што ќе значат чиста и здрава животна околина, да ставиме на располагање ресурси за едукација на дигиталните вештини и секако да ги интегрираме различностите.
Ќе продолжиме да го потврдуваме својот хуман карактер и дух, како и грижата и стремежот за подобро општество.