Connect with us

интервју

Емилија Нацевска: Пролонгирањето на пандемијата би можело да го намали проектираниот економски раст

Емилија Нацевска, вицегувернер на Народна банка

објавено

на

„Сведоци сме дека дојде до повторно влошување на епидемиолошката ситуација, што услови враќање на дел од рестриктивните мерки како во глобални рамки, така и кај нас. Сепак, треба да имаме предвид дека мерките и натаму се помалку рестриктивни од оние коишто беа преземени во вториот квартал од минатата година. Во  моментов, тешко е да се процени дали тие ќе предизвикаат поголема промена на нашите очекувања. Секако дека сме свесни за непредвидливоста со којашто се соочуваме, бидејќи оваа криза по својата генеза е од неекономски карактер. Токму затоа правиме и алтернативни сценарија, во кои ја нагласуваме исклучително високата неизвесност околу ефектите од продолжената здравствена криза врз економијата.“

Г-ѓа Нацевска, пандемијата не само што не спласнува туку напротив, третиот бран на ширењето на заразата е огромен во поглед на бројот на активни случаи со корона-вирус, а масовната имунизација во земјава сѐ уште не ни почнала. Колку оваа состојба може да ги промени прогнозите на Народната банка за заздравувањето на економијата годинава и очекуваниот раст од 3,9%?

Како што посочувате, нашите последни проекции предвидуваат раст на домашната економија од 3,9% во 2021 година, во чија основа е претпоставката за постепено исцрпување на неповолните ефекти од здравствената криза во текот на првата половина од годината и стабилизација и економско закрепнување во следниот период. Сведоци сме дека во меѓувреме дојде до повторно влошување на епидемиолошката ситуација, што услови враќање на дел од рестриктивните мерки како во глобални рамки, така и кај нас. Сепак, треба да имаме предвид дека мерките и натаму се помалку рестриктивни од оние коишто беа преземени во вториот квартал од минатата година. Во  моментов, тешко е да се процени дали тие ќе предизвикаат поголема промена на нашите очекувања. Засега остварувањата во однос на економската активност се во рамките на проекциите, без поголеми промени во оцените за надворешното окружување, домашните политики и однесувањето на економските субјекти. Наскоро започнува и новиот циклус проекции, во кој ќе се направат повторни согледувања и оценки за движењето на економијата за оваа година, но и на среден рок.

Инаку, секако дека сме свесни за непредвидливоста со којашто се соочуваме, бидејќи оваа криза по својата генеза е од неекономски карактер. Токму затоа правиме и алтернативни сценарија, во кои ја нагласуваме исклучително високата неизвесност околу ефектите од продолжената здравствена криза врз економијата. Неповолното алтернативно сценарио, објавено во рамките на последните проекции, претпоставува понизок раст на странската ефективна побарувачка, поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции, пониска извозна активност, помали приливи од дознаки и странски директни инвестиции, како и поизразени негативни ефекти врз пазарот на труд. При вакви претпоставки, закрепнувањето на македонската економија во 2021 година би било побавно, односно економскиот раст е помал за околу 2 процентни поена во однос на основната проекција.

Во вакви услови, Народната банка ја намали основната камата на историски најниско ниво од 1,25%, Какви се очекувањата од овој потег? Што ќе промени ова? 

Одлуката за натамошно монетарно олабавување ја донесовме во услови на стабилни движења на девизниот пазар, умерена и стабилна динамика на инфлацијата, како и постојан раст на депозитите во банкарскиот систем. Засега, и покрај неизвесноста од здравствената криза, тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски параметри во однос на очекувањата. Во вакви услови, натамошното олабавување на монетарната политика придонесува за дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата. Поконкретно, очекуваме дека овој чекор ќе придонесе кон намалување на цената на финансирање на домаќинствата и претпријатијата преку кредитите од банките, заради полесно надминување на кризната состојба. Досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на Народната банка. Секако, не можеме да очекуваме инстантна реакција, односно вообичаено е потребно извесно време за да можат банките да ги направат соодветните прилагодувања и во нивните каматни стапки. Но, би напоменала дека финансискиот сектор е мошне важен посредник во успешното одржување на стабилноста на домашната економија во тековната криза и поттикнување на економскиот раст.

Каква е кредитната активност од банките кон фирмите и населението според првичните податоци за годинава? Какви се очекувањата за 2021 година со оглед на неизвесноста што произлегува од пролонгирањето на пандемијата?

Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Поради здравата, солвентна и ликвидносна позиција на банките, надополнета со мерките на Народната банка, тие ѝ дадоа солидна кредитна поддршка на домашната економија во 2020 година и со слично темпо продолжија и во почетокот на 2021 година. Согласно со последните податоци за февруари, вкупните кредити бележат годишен раст од 4,4%, којшто засега е во рамките на нашите очекувања од последната проекција. Кредитната поддршка на банките и понатаму во поголем дел е насочена кон домаќинствата, а во еден дел и кон корпоративниот сектор, а кредитите кон овие сектори заклучно со февруари бележат годишни стапки на раст од 7,1% и 1,4%, соодветно. Со последните проекции се очекува дека банките ќе продолжат со својата солидна кредитна активност и во текот на оваа година, а растот на кредитите ќе достигне околу 6%. Би напоменала дека овие оценки се засноваат на очекувања за стабилизирање на состојбите во домашната економија до крајот на 2021 година. Евентуалното посериозно пролонгирање на кризата и засилување на нејзиниот интензитет би можеле да имаат неповолен ефект врз квалитетот на кредитното портфолио на банките, а со тоа и врз остварувањето на проектираниот кредитен раст. Сепак, поконкретни оценки за оваа година би имале по завршувањето на пролетниот циклус проекции.

Како ги коментирате обидите на некои банки коишто побараа да се испита уставноста и законитоста на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда? Можно ли е Народната банка да се премисли?

Со Одлуката донесена од Советот на Народната банка се штити јавниот интерес –стабилноста на банкарскиот систем, а истовремено Одлуката е и во насока на поголема кредитна поддршка на граѓаните и компаниите. Како што и претходно соопштивме од Народната банка, Одлуката, којашто е од привремен карактер и со којашто се делува превентивно во постојните услови на криза, е донесена согласно со Законот за Народната банка, заради остварување на законската цел за одржување на стабилноста на финансискиот систем. Согласно со Законот, стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес.

Пандемијата и синхронизираноста на мерките ширум светот за спречување на ширењето на заразата повлекоа и синхронизирано делување на носителите на политиките за ублажување на негативните ефекти врз економијата и зачувување на стабилноста. Во тој контекст, централните банки овозможија т.н. времен мораториум на отплатите на населението и компаниите погодени од кризата, односно извршија регулаторни измени со што на банките им се овозможи да ги пролонгираат побарувањата без тоа да има одраз на нивото на капиталот, а воедно ја ограничија и распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите, до создавањето услови и обезбедувањето на потребните податоци и информации за негативните ефекти од пандемијата. Нема централна банка што не ги презеде овие мерки, а одлуките на Советот на Народната банка се во истата насока.

Имајќи ја предвид неизвесноста од корона-кризата којашто сѐ уште трае, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо треба да ги планираат своите капитални потреби и да му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Оваа одлука е токму во тој контекст и таа е во нивен долгорочен интерес и во долгорочен интерес на нивните акционери: со зачувувањето и натамошното јакнење на капиталните ресурси и со зајакнување на својата поддршка за домаќинствата и корпоративниот сектор, банките ефикасно ја штитат својата вредност и вредноста на инвестициите на акционерите.

Која е целта на оваа одлука ако претходно во неколку наврати претставници на НБМ истакнуваа дека банкарскиот сектор во земјава е високо капитализиран?

Целта на одлуката како што во повеќе наврати посочивме од Народната банка е зачувување и натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на неговата стабилност, а во време кога сѐ уште постои неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза. Оттаму, одлуката има превентивен карактер. Истовремено, оваа одлука ќе придонесе за натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, што е исклучително значајно за справување со кризата. И најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Но, во вакви времиња, неопходна е постојана, дополнителна внимателност. Тековната криза е од здравствен карактер, којшто подразбира тешка предвидливост, а нејзините натамошни ефекти врз економијата ќе зависат од рестрикциите за контрола на вирусот, но и од можните трајни промени во навиките и однесувањето на економските субјекти. Сѐ уште е тешко да се оцени прецизно какви ќе бидат натамошните ефекти од кризата. Затоа е од исклучително значење банките претпазливо да ги планираат капиталните потреби.

Кои други монетарни мерки ги размислува Народната банка доколку пандемијата, односно корона-кризата се пролонгира во текот на цела оваа година?

Од почетокот на здравствената криза, Народната банка води олабавена монетарна политика, заради поддршка на економијата и ублажување на негативните ефекти. Минатата година, основната каматна стапка беше намалена во три наврати, за вкупно 0,75 процентни поени, а на последната месечна седница сега во март, за дополнителни 0,25 процентни поени, заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае. Цениме дека намалувањето на каматната стапка на историски најниско ниво од 1,25% е во полза на подобар пристап до финансирање. Исто така, преку инструментот благајнички записи, минатата година, ослободивме и значителен износ на ликвидност во системот, вкупно 15 милијади денари, а и останатите мерки коишто ги презедовме досега – олеснувањата во делот на задолжителна резерва, регулаторните олеснувања и сл. се привремени и целни и треба да помогнат за полесно надминување на кризната состојба. Засега тие даваат добри резултати, а состојбите будно се следат.

Како централна банка ние секако имаме инструменти за дополнителна реакција доколку е потребно. Како и секоја друга централна банка располагаме со портфолио на инструменти преку коишто можеме да делуваме за да се обезбеди ликвидност во системот, како на пример репо-трансакциите, а на располагање ни е и макропрудентниот инструментариум за поцелно делување. Поволно е тоа што кај нас основата каматна стапка е сѐ уште позитивна, што остава простор за натамошно делување на Народната банка преку овој инструмент, доколку е потребно. Дали и понатаму ќе се намалува каматната стапка, ќе зависи се разбира од понатамошните промени во оние параметри коишто се клучни за нашата монетарна политика.

Колку се Вашите мерки ограничени од експанзивната фискална политика што ја води Владата во услови на криза – рекордно висок буџетски дефицит лани и оваа година, јавен долг над црвената линија од 60% од БДП. Колку Ве загрижуваат овие индикатори?

Во однос на буџетскиот дефицит минатата и оваа година, би напоменала дека тоа е одраз на контрациклично делување на фискалната политика. Имено, при пад на економската активност, јавната потрошувачка во принцип се зголемува, за да ја поддржи економијата. Се разбира дека за тоа треба да постои доволно фискален простор и цврста определба за привремен карактер на фискалниот импулс и брзо враќање кон патеката на консолидација и градење на просторот по исцрпувањето на шокот. Високите буџетски дефицити се тековно глобален, но и очекуван феномен, бидејќи секоја држава во светот се соочува со истиот проблем и го решава на сличен начин. Како што веќе споменав, синхронизираноста на преземените мерки за спречување на ширењето на заразата, повлече и синхронизирано стимулативно делување од страна на носителите на политиките во глобални рамки.

Секако, потребата за финансирањето на дефицитите се одразува и врз нивото на јавниот долг, што упатува на потреба од внимателност во следниот период и она што е важно, буџетските расходи да се целно насочени кон поддршка на растот и потенцијалот на економијата. На таков начин ќе се овозможи и побрзо стабилизирање на нивото на јавниот долг како учество во бруто домашниот производ, на среден рок.

Колку фискалниот стимул од страна на државата, според Вас, ги даде очекуваните резултати? Како ги гледате ефектите врз економијата од антикризните мерки. Сметате ли дека е соодветно време за укинување на некои антикризни мерки како што неодамна најавија властите?

Со оглед на тоа што сѐ уште се справуваме со ефектите од пандемијата врз економијата и таа сѐ уште трае, тешко е да се даде прецизна и детална оценка за успешноста на преземените мерки. Сепак, би можело општо да се каже дека природата на мерките коишто ги преземаат носителите на политиките кај нас е слична со мерките коишто се преземаат и во другите економии, а и се во согласност со препораките на главните меѓународни финансиски институции. Јачината на мерките зависи од просторот којшто го имаат носителите на политиките. Она што е клучно во однос на мерките е општиот став тие да не бидат повлечени предвреме, односно мерките треба да продолжат сѐ додека не се достигне одржливо закрепнување на реалниот сектор од економијата.

Во однос на фискалните антикризни мерки, слично како и во други земји, нивниот фокус првично беше ставен на субвенции заради зачувување на работните места и спречување поголем пад на платите. Исто така, одложено е плаќањето на одредени обврски кон државата, а беа активирани и поволни кредитни линии преку Развојната банка. Покрај ова, со дел од мерките се обезбеди и поткрепа на потрошувачката моќ на делот од населението со пониски приходи. Финансиската поддршка на приватниот сектор во еден дел придонесе и за постојан раст на депозитите во банкарскиот систем, којшто во 2020 година беше солиден и над очекувањата. Во следниот период, согласно со најавите, антикризните мерките ќе бидат фокусирани пред сѐ на поддршка на најпогодените сектори/бизниси, преку повеќе механизми.

Со оглед на карактеристиките на самата криза, потребно е постојано следење, реоценка на првичните ефекти од мерките и нивно приспособување на состојбите во реалниот сектор, како во однос на обемот, така и во однос на нивното времетраење.

Една година од почетокот на пандемијата, како го оценувате влијанието на здравствената криза врз економијата? Низ кои параметри се гледа најголемиот удар, а каде негативните последици се поблаги одошто очекувавте?

Слично на состојбите во глобални рамки, пандемијата на ковид-19 и мерките преземени за заштита на јавното здравје во текот на 2020 година имаа силно негативно влијание врз домашната економија, но коешто по интензитет и канали на пренос беше во согласност со нашите очекувања. Економската активност забележа силен пад од 4,5%, при висок пад на домашната побарувачка и извозот, но и надолно приспособување на увозот. Пандемијата се одрази и врз пазарот на труд, но ефектите се релативно поумерени кај овој пазарен сегмент. Бројот на вработени лица забележа мал годишен пад од 0,3%, при мало надолно поместување кај стапката на вработеност за 2020 година, за што, како што напоменав претходно, одреден ефект имаат и антикризните мерки. Инфлацијата беше умерена, на нивото од 1,2%, што во еден дел веројатно е одраз на ограничувањата на страната на понудата поради пандемијата, како и на зголемувањата на цените од административна и регулаторна природа. Екстерната позиција беше стабилна во текот на целата година и овозможи натамошен раст на девизните резерви. Дефицитот во тековната сметка од 3,5% од БДП беше во рамките на очекувањата и забележа сосема мало продлабочување во однос на 2019 година, коешто во целост произлегува од пониските готовински дознаки, како еден од позначајните канали на пренос на здравствената криза.

Имено, рестриктивните мерки за спречување на ширењето на вирусот значително го намалија меѓународното движење на патници и следствено, значително ги намалија приливите на девизи преку неформалните канали. Во однос на трговската размена, таа беше сериозно погодена на почетокот на пандемијата, но сепак релативно брзо започна да закрепнува. Така, извозот на стоки забележа остар пад во второто тримесечје, но веќе во втората половина на годината, со постепеното олабавување на рестриктивните мерки и повторното активирање на капацитетите вклучени во глобалните синџири на производство и снабдување, забележа брзо закрепнување и поволни движења. Ова секако е предност за нашата економија, којашто е извозно ориентирана, со доминација на извозот на стоки. Кредитните текови беа исто така солидни и соодветно поддржани од мерките на монетарната политика. Вкупните кредити се повисоки за 4,7%, при солиден раст и на вкупните депозити од 5,7%, којшто ги надмина очекувањата. Засега тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања во однос на очекувањата, но неизвесноста и ризиците од пандемијата и натаму постојат, што бара голема внимателност и будно следење на развојот на настаните од макроекономското окружување.

Continue Reading
економија7 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

банки7 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

економија6 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

македонија6 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија6 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште

технологии / компании2 дена ago

ПроКредит Банка прва банка во земјата со 70% електричен возен парк

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Управување со ликвидноста и cash gap

свет6 дена ago

Како еден град станува паметен?

македонија6 дена ago

Амбициозен инвестициски план: ќе бидат вложени преку 105 милиони евра во нови маркети и други содржини

lifestyle6 дена ago

Марк Кјубан: Станете експерт во тоа што го работите. Тоа ќе ви даде предност затоа што повеќето луѓе не го прават тоа.