Connect with us

интервју

Енергичен инвестициски циклус е мојот „Маршалов план“ за зачувување на секое работно место – кризата е шанса

објавено

на

Кочо Анѓушев
претседател на групација „Фероинвест“

„Освен жичната програма, возилата за чистење улици, производство на мали хидроелектрани, имаме и производи од делот на медицината, каде што соработуваме со големи светски брендови. На пример најсофистицираниот болнички кревет што може да го најдете на пазарот е дански бренд, достигнува цена од 4-5.000 евра, и тој се произведува во ‘Брако’. Гледаме дека таа програма добро оди, па ја почнуваме соработката и со шведската компанија ‘Arjo’, исто така голем производител на болничка опрема во светот. Овој период кога имаме намалени нарачки го искористивме да направиме комплетна реорганизација во производството, затоа што Ковид – 19 кризата ќе го смени ликот на светската економија, и за нас како мала и отворена економија, дефинитивно ќе нема друг излез освен создавање на конкурентни извозни производи.“

Откако се повлече од позицијата вицепремиер за економски прашања околу новогодишните празници, претседателот и сопственик на групацијата „Фероинвест“, проф. д-р Кочо Анѓушев имаше контакт со јавноста во 2-3 наврати досега, и тоа претежно преку активностите на неговите компании во насока на донирање медицинска опрема, или пак изградбата на монтажната инфективна болница која што беше подигната за рекордно време. Можеби не поради некој среќен повод, но пандемијата на коронавирусот којашто од средината на март практично ја затвори целата земја во карантин и доведе до замирање на голем дел од економијата, и не остави простор за комуницирање во некаков поинаков контекст. Деновиве пак, г-дин Анѓушев е актуелен и како еден од бизнисмените што искористил државна помош од пакетите антикризни мерки, во неговиот случај конкретно за субвенционирање на платите за дел од работниците во „Брако“, најбитната компанија во неговата групација. Оваа вест предизвика и реакции кај дел од медиумите и јавноста, во смисла дека не било баш морално и етички, оваа, а и други големи профитабилни компании да користат државна помош во услови кога буџетот е и онака тешко се полни поради кризата. Ова беше како еден повод само да поразговараме со Анѓушев околу оваа ситуација, но и околу многу други работи поврзани со неговите бизниси во моментов, а не пропуштивме да го прокоментираме и периодот на неговото активно занимавање со политика како потпретседател на Владата од средината на 2017 до крајот на 2019 година, задолжен за економски прашања.

-Деновиве со особено внимание од јавноста беше проследена веста дека вашата компанија „Брако“ искористила државна помош од антикризниот пакет на мерки, за исплата на плата, во износ од 14.500 по вработен. Заедно и со други фирми што работеле профитабилно изминативе години, ве критикуваа дека не било етички да посегнете по државна помош. Како ги коментирате овие ставови на дел од јавноста?

Кај нас е сега предизборен период, со се’ се политизира, па и со информацијата дека „Брако“ добил 106 илјади евра државна помош. Пред се’, тоа е помош за вработените со примања под 39.900 денари, таква беше уредбата. Јас не сум ја правел уредбата, не сум повеќе вицепремиер и не сум можел да влијаам врз неа. Сметам дека како што е „Брако“ еднаков си сите други кога треба да се платат даноци, тогаш треба да е еднаков и во можноста да искористи законска можност што за компанијата има некакво позитивно влијание.
Парите од помошта не ги земам јас како сопственик, тие одат кај вработените, а на компанијата ѝ помагаат да ја исплати целосната плата за април месец. Зарем мислите дека е подобро една компанија да отпушти половина вработени и да не користи никаква помош од државата, или да искористи помош и да ги сочува сите работни места?! Освен тоа, уредбата вели дека сите оние фирми што ќе покажат профит за 2020 година, ќе ги вратат потоа парите од помошта за плати. Јас искрено се надевам дека годинава „Брако“ ќе ја заврши со профит, па и ние ќе ѝ ги вратиме тие пари на државата.

-Но, не успеавте да ги сочувате работните места во „Каст инвест“, една од фирмите во состав на вашата групација „Фероинвест“. Зошто мораше да се затвори оваа компанија?

Ќе ви објаснам подробно за овој случај. „Фероинвест“ има 17 фирми во рамки на групацијата, една од нив беше и „Каст инвест“, каде што „Брако“ всушност беше малцински сопственик, со нешто под 40%, а јас лично имав околу 16% од сопственоста. Тоа е всушност бившата Леарница во рамки на металуршкиот комбинат МЗТ во Скопје, којашто практично беше жртва на две работи: прво, таа произведуваше водоводна инфраструктура – цевки, вентили, итн. – а јас додека бев вицепремиер не можеше да продава производи во ниту едно комунално претпријатие во земјава, поради конфликтот на интереси, нели. И тогаш, овие претпријатија купуваа водоводна инфраструктура произведена во Србија, Хрватска и други земји, по цени од 4,5 или 6 евра за килограм, а ние го произведувавме по цена од 1,7 евра, и можевме, се разбира, многу поевтино да продаваме на комуналните претпријатија, коишто се сите државни. И не можевме да продаваме во странство. Кога вака непринципиелно ќе се постават работите, кога некој мисли дека штити јавен интерес, а всушност не го штити, државата ќе плаќа поскапо за набавки на производи, само за да не дојдат од фирмите на Кочо Анѓушев.
И второ, кога почна кризата поради корона пандемијата, изгледите „Каст инвест“ да продолжи да опстојува едноставно исчезнаа сосема. Немаше повеќе резон да продолжи со работа компанија којашто само црпеше финансиски ресурси од нас, загрозувајќи го со тоа работењето на здравиот дел од компаниите на групацијата. За ваша информација, „Брако“ го помагаше работењето на “Каст инвест“ со по стотина илјади евра секој месец и не доби ништо, туку загуби 1,3 милиони евра, во компанија каде што бевме малцински сопственици.

Корона – кризата ќе го смени ликот на светската економија: ни нема спас ако не направиме конкурентни извозни производи!
За да бидете поконкурентни на светскиот пазар мора да бидете попродуктивни, а за продуктивност има три начини: да имате најсовремена технологија, да имате и кадар што ќе го обучите да работи со таа технологија, но мора да имате и менаџмент што ќе знае да ги спроведе тие операции. Но, и тоа не е доволно, туку мора да имате и поставеност на организацијата со што ќе имате минимални трошоци, т.н. lean производство,современ проток на материјалите и мора да имате учинок по норма, следливост на производите, високо ниво на контрола на квалитетот. Ковид – 19 кризата ќе го смени ликот на светската економија, и за нас како мала и отворена економија, дефинитивно ќе нема друг излез освен создавање на конкурентни извозни производи


-Вашите две и пол години како вицепремиер за економски прашања ги следеа контроверзии во врска со наводните злоупотреби на функцијата во корист на вашите бизниси (случајот со царините за батериите, итн.). Вие пак, напуштајќи ја функцијата пред неколку месеци рековте дека, напротив, вашите бизнис интереси трпеле поради вашето вклучување во политиката. Каде е вистината?
Ќе ви одговорам максимално искрено, иако можеби малку поопширно, затоа што оваа тема е прилично комплексна. Прво, да се биде член на влада е привилегија и чест. Многу е важно од кој аспект ќе ѝ пристапите на таа позиција. Мојот мотив беше чист, искрен, бев поканет да бидам вицепремиер за економски прашања како човек кој претходно постигнал извесен успех во бизнис сферата, а таа оценка ја дале други луѓе, не јас самиот. Но, проблемот беше што во нашето општество перцепцијата на луѓето во ваквите случаи е дека мора да има некој скриен мотив, дека политичката функција е прифатена за да се искористи за личен интерес, односно во интерес на бизнисите што јас конкретно ги водам.
И тука доаѓаме до прашањето за заштитата на јавниот интерес, дали како човек што влијае врз креирањето на економските политики, тоа го правите на начин тие да се во интерес на општеството или во ваш личен, бизнис интерес.
За да управувате со еден економски систем, каде што има донесување на многу одлуки, вие треба да имате искуство. Доколку на таква позиција дојде човек со претходно искуство во бизнисот, односно самиот е човек од бизнисот, сопственик, менаџер и сл., тој секогаш ќе биде во опасност да се судри со конфликт на интереси. Ако сакате да нема никаков конфликт на интереси, да, може да донесете и човек без никакво искуство во бизнисот, но дали тој ќе знае што и како треба да работиили како држава ќе ризикувате допрва да се учи како се менаџираат процеси, што на крајот може да донесе огромна штета на државата и економијата.
Јас како што налага законот, ги напуштив управителските функции во моите компании откако станав вицепремиер, но дали тоа треба да значи дека тие фирми треба да застанат со работа или да имаат помалку право на бизнис во однос на другите фирми? Во тој случај ги оштетувате производството, развојот, вработените.
Еве, да го спомнам случајот со мрежата од поцинкувана жица што „Брако“ ја имаше продадено на „Македонија пат“ за 36.000 евра. Се крена прашина во јавноста, еве, како вицепремиерот ја користи својата позиција во корист на неговите бизниси. Но, јавноста можеби не знае дека таква поцинкувана жица, во регионов на Западен Балкан и пошироко, ја прави само „Брако“. И може да ја продаде по најповолна цена, директно од фабрика, на секој што е заинтересиран. Но, бидејќи сега имало конфликт на интереси, „Брако“ не може повеќе да учествува на тендери, туку сега ќе дојде друга фирма, која пак ќе купи од „Брако“, затоа што нема друг производител во близина, нели, но бидејќи набавката е веќе од втора, или трета рака, се разбира цената на крајот ќе биде повисока. И како тука сме го заштитиле јавниот интерес?!
Или, еве примерот со укинувањето на царините за литиум – јонските батерии што се вградуваат во електрични возила. Се направи врева во јавноста дека со укинувањето на оваа царина се помага на производството на електрични возила за чистење улици што излегуваат од погоните на „Брако“. Која е фактичката состојба сега кога оваа мерка е повторно укината? „Брако“ ги користи механизмите од царина кои се на сила и се само покомплицирани административни постапки, а со укинувањето беа избегнати овие административни бариери, а ефектот е ист секако. Практично, корист имаше царината да се куртули од дополнителна работа и дел од странските инвеститорите беа задоволни дека им е олеснет административниот процес. Но знаете, дури бев во Владата, определба беше да сме воздржани од промоција дека стопанствениците ги поздравуваат мерките и се задоволни… Но верувајте, нам ни треба суштинска дебата и здрави економски фундаменти за раст и развој, а не пи-ар спектакли.
Сепак, вистинско економско прашање е што штитиме со царинските давачки, кога како држава немаме фабрика за литиум – јонски акумулатори? Тие се произведуваат во само неколку фабрики во светот и во секоја земја каде што се произведуваат електрични возила, а нема свое производство на вакви батерии, се увезуваат без царина. Тие батерии не се произведуваат во Македонија и царината за нив е 15%, што ја поскапува на крајот цената на чинење на овие возила и ја намалува нивната конкурентност на светскиот пазар. Но, нашиот царински систем не го препознава тоа, затоа што е уште од времето на социјализмот, па ние се’ уште ги штитиме Алуминка, Стаклара, итн., коишто одамна веќе не постојат. Кај нас поради притисокот што се создаде во јавноста, царината повторно се врати после само шест месеци.
На крајот на денот, општеството треба да се одлучи дали сака на државните функции да види луѓе коишто нешто постигнале во животот и имаат искуство и малку повеќе да им верува дека имаат искрена намера да направат нешто добро за државата. Но, мајндсетот не треба да оди во екстремна насока во смисла сега пак, бизнисите на тој човек, да трпат штета. Проблем е ако јас измислувам нови бизниси сe’ со цел да искористам нешто од позицијата, но мене фабриката ми работела 15 години пред да станам вицепремиер и јас не сакав да дозволам таа да биде оштетена заради моето ангажирање во политиката, како што и се случи. Колку за илустрација, од 2003 до 2016 во „Брако“ имавме континуиран раст на производството и приходите со просечна стапка од 10% годишно, додека во 2017 и 2018 година, не само што немаме раст, дури имаме и пад. Комбинацијата од тоа да се повлечеме од сите тендери за јавни набавки и сл., иако за волја на вистината бизнисот во земјава е минимален процент од приходите на „Брако“, и моето отсуство – јас сум сепак менаџер на моите фирми – доведе до тие резултати.


Го купивме брендот „Green Machines“, а наскоро ќе промовираме и возило за чистење јавни површини на водороден погон
„Брако“ минатата година инвестираше во купување на брендот „Green Machines“, под кого што произведувавме машини за вакуумско чистење на улици и јавни површини, изминативе 5-6 години. Тоа беше изворно американски бренд, чиешто производство се одвиваше во Шкотска, а потоа продолжи во нашите погони во Велес. Тој е сега македонски бренд, а „Брако“ има свои компании – ќерки во Романија, Холандија и Англија и комплетната продажба се одвива преку меѓународна мрежа на дилери. Освен возилата на дизел и електричен погон, наскоро ќе го претставиме и новитетот – првото возило од овој тип во светот на водороден погон.



-Дали исклучиво поради тоа се повлековте од позицијата во Владата?
Тоа е едната клучна причина, втората е тоа што некаде пред Нова година кога стана јасно дека ќе има техничка влада што треба да ги организира изборите коишто требаше, нели, да се одржат во април, јас сфатив дека не ми е местото во техничка влада. Јас суп пред се’ човек од бизнисот, а не политичар, и како што споменав претходно, во политиката влегов затоа што навистина сакав нешто да сторам за македонската економија. Техничката влада во принцип не носи битни економски одлуки и сметав дека немам со што веќе да придонесам во такви околности. Се разбира, во тие моменти никој не можеше да знае дека набрзо ќе дојде пандемијата Ковид – 19 и кризата што таа ја предизвика и дека техничката влада ќе биде соочена со многу големи предизвици одошто само подготовката на изборите. Да знаев што ќе следува, секако дека ќе останев и јас да помогнам колку што знам и умеам.

Како кризата ве погоди како бизнисмен, односно, влијаеше врз работењето на компаниите во рамки на „Фероинвест“?

Можеби е добро да објасниме малку како делува кризава врз индустријата и како таа ќе се одрази врз понатамошното економско живеење, не само во Македонија, туку и во целиот свет. Дефинитивно, најголеми губитници во оваа криза ќе бидат тие што ќе изгубат дел од капиталот, а дел од капиталот ќе изгуби практично целото стопанство: оваа криза покрај тоа што е здравствена, и најважно е здравјето на луѓето да е добро, таа се претвора во економска и така ќе се манифестира понатаму. Здравствената криза веројатно ќе се менаџира на некој начин откако ќе се најде вакцина и сл., или ќе стекнеме колективен имунитет, но економската криза ќе трае малку подолго. Зошто? Затоа што се промени целиот начин на живот во светот, а ќе се промени и начинот на којшто економијата функционира.
Погодени се сите сектори, некои најтешко, како туризмот, угостителството, транспортот, затоа што нивните активности беа забранети со одлуки на владите во светот, но исто така и сите останати сектори се погодени, затоа што еден добар дел од активностите замре. Замре потрошувачката, индустријата исто така не може да произведува ако нема клиенти, во овој период многу малку се купуваше гардероба, никој не мислеше да купи автомобил, мебел, итн. Ако нема потрошувачка, автоматски се намалува и потрошувачката во индустријата.
Па така, индустријата има сериозно намалување на своите активности. А, кога, ќе се намалат активностите во индустријата, а притоа сакате да ги задржите бројот на вработени и да поделите цели плати, во тој случај јасно се соочувате со проблем на ликвидноста во сите компании. Бидејќи компаниите се соочуваат со тоа да немаат продажба, немаат приходи, а нивните расходи остануваат исти во делот на фиксните трошоци. Уште похрабар чекор е ако вие донесете одлука да не го намалите ниту производството. Така направи „Брако“. Храбра одлука е затоа што јасно ви е дека тоа производство нема да го продадете веднаш, туку ќе работите за залиха и во тој случај ви требаат многу повеќе обртни средства, затоа што трошоците ви останале исти, сте купиле репроматеријали и ресурси за да го направите тоа производство, а произведувате за залиха, а не за пазар.
Со други зборови, ако ви требала една количина обртен капитал во нормални услови, сега ви треба многу повеќе. Дополнително, работите се отежнуваат затоа што сега вашите клиенти што ќе решат да купуваат од вас среде кризава ќе бараат пролонгирани рокови за плаќање, бидејќи и тие се соочуваат со проблеми во ликвидноста. Што значи, вие ќе треба да ги финансирате вашите клиенти, и тогаш ќе ви требаат уште повеќе обртни средства.

Колку обртен капитал ви требаше вам во „Брако“ за да го задржите нормалното ниво на производство, како што велите?

И за тоа, но и поради фактот што ние практични и не продававме во втората половина на март и април откако се случија затворањата на сите економии во светот, а и со тоа малку што го продававме моравме да ги кредитираме практично нашите клиенти, нам ни беше потребен обртен капитал од 6-7 милиони евра. Еве сега гледате колку релативно малку значајни се оние 106 илјади евра државна помош во споредба со вкупните средства што нам ни се потребни. Да, секоја помош е добредојдена, но поентата ми е дека ние самите моравме да си ги обезбедиме парите што ни требаат за непречено производство и зачувување на секое работно место. Но, што е уште позначајно, ние не само што не застанавме со производството, туку ние во „Брако“ донесовме одлука и да не застанеме со инвестициите.

За какви инвестиции се работи?

Прво, да спомнам дека „Брако“ минатата година инвестираше во купување на брендот „Green Machines“, под кого што произведувавме машини за вакуумско чистење на улици и јавни површини, изминативе 5-6 години. Тоа беше изворно американски бренд, чиешто производство се одвиваше во Шкотска, а потоа продолжи во нашите погони во Велес. Откако го купивме брендот лани, со се’ сите права за интелектуална сопственост и сл., тој е сега македонски бренд, а „Брако“ има свои компании – ќерки во Романија, Холандија и Англија и комплетната продажба се одвива преку меѓународна мрежа на дилери.
Во моментов имаме три типа на вакви машини, варијанти со дизел и електрични мотори, но не застануваме тука. Брендот сега го развиваме со нашите инженери и останатите вработени во „Брако“, и со помош на Машинскиот факултет при УКИМ. Развиваме неколку нови производи: првиот е комплетно механички т.н. “свипер“ од 5,5 кубици, и првото тест возење го направивме минатата недела. Исто така, заедно со холандска компанија специјализирана за развивање возила на водороден погон, развиваме прво вакво возило во светот, наменето за чистење улици, коешто како гориво ќе користи водород (хидроген). Тоа возило се работи специјално за нашиот бренд, готово е, и ја користам оваа прилика да најавам дека наскоро ќе направиме промоција, заедно со уште три нови возила во гамата на „Green Machines“. Холандската компанија што го развива хидрогенското возило за нас, работи за сите големи компании во светот што развиваат хидрогенски возила. Се обидуваме Брако да биде еден од главните носители во тој т.н. niche пазар за возила за чистење на улици. Ние комплетно го правиме возилото, од почеток до крај. Тоа е инвестиција што е поголема во „Брако“, некаде 5-6 милиони евра, понатаму имаме нова инвестиција од околу 3 милиони евра, комплетно нова линија за поцинкувана жица по најнова технологија, првобитно развивана за само една американска компанија, а сега за првпат ќе биде пренесена во Европа. Тоа ќе биде првата линија комерцијална производна линија за тој тип на поцинкувана жица, за што ние градиме три халиво моментов, а опремата е веќе нарачана и треба да стигне за 10 месеци.
И во делот на мали хидроелектрани, во делот на турбините, направивме голема инвестиција, односно комплетно го направивме машинскиот парк прилагоден да може да произведуваме мали хидроелектрани од почеток до крај: дизајн, производство, монтирање, мониторинг, итн., се’ да е под капата на „Фероинвест“, а целокупното производство се случува во „Брако“.
Така што „Брако“ е насочен кон меѓународните пазари. Ние во оваа криза гледаме и шанса, треба прво да се издржи кризата, а за среќа „Брако“ и „Фероинвест“ групацијата имаат доволно финансиски капацитет за да може да го даде овој оперативен капитал.

Моите мотиви да влезам во политика беа чисти: сакав да помогнам
Најодговорно тврдам дека „Брако“ и останатите мои бизниси од групацијата немале корист од моето извршување на вицепремиерската функција, напротив, во 2017 и 2018 година имавме пад на производството и приходите, после 15 години континуиран раст со просечна стапка од 10% годишно. Понудата да влезам во политика ја прифатив со најискрена намера да придонесам со моето знаење и искуство во подобрување на состојбата во бизнисот, и економијата генерално. Жалам штодел од јавноста имаше перцепција дека мотивите се поинакви.

-Во каква кондиција е бизнисот на „Брако“ со медицинската опрема? Пред неколку години почнавте и со производство на болнички кревети и друга опрема…

Да, освен жичната програма, возилата за чистење, производство на мали хидроелектрани, имаме и производи од делот на медицината, каде што соработуваме со големи светски брендови. На пример најсофистицираниот болнички кревет што може да го најдете на пазарот е дански бренд, достигнува цена од 4-5.000 евра, и тој се произведува во „Брако“. Гледаме дека таа програма добро оди, па ја почнуваме соработката и со шведската компанија „Arjo“, исто така голем производител на болничка опрема во светот.
Овој период кога имаме намалени нарачки го искористивме да направиме комплетна реорганизација во производството, затоа што Ковид – 19 кризата ќе го смени ликот на светската економија, и за нас како мала и отворена економија, дефинитивно ќе нема друг излез освен создавање на конкурентни извозни производи.
Како да го постигнеме тоа? Со години, децении веќе, зборуваме дека на извозот му треба додадена вредност, дека немаме практично што да извеземе освен земјоделски производи, метали, руди, текстил, еве и нешто кондиторија…Се разбира, ако не го вклучиме извозот од ТИРЗ каде што се лоцирани странските инвеститори, претежно од секторот автомобилски делови.
За да бидете поконкурентни мора да бидете попродуктивни, а за продуктивност има три начини: да имате најсовремена технологија, а „Брако“ на пример, ја има. Се’ што е најнова технологија ние го имаме: роботи, ласери, ЦНЦ машини. Мора да имате и кадар што ќе го обучите да работи со таа технологија, но мора да имате и менаџмент што ќе знае да ги спроведе тие операции.
Но, и тоа не е доволно, туку мора да имате и поставеност на организацијата со што ќе имате минимални трошоци, т.н. lean производство,современ проток на материјалите и мора да имате учинок по норма, следливост на производите, високо ниво на контрола на квалитетот..
Во принцип, ова ќе бидат условите што мора да ги исполни секоја фабрика од било која индустрија, за да биде конкурентна на светскиот пазар.
Значи, мораме да се ориентираме кон светот, затоа што кај нас мал е пазарот и нема никаква смисла да се развива индустрија само за македонски пазар.
И не можеме да постигнеме повисоко ниво на развој со овошје, зеленчук, минерали, итн. Таму нема додадена вредност. Од земјоделските производи треба да се форсираат преработки, значи повторно индустрија. Па и туризмот, еве на пример, и тоа е еден вид на индустрија. Туристите што доаѓаат во Македонија се всушност извоз за нас. И тука ако не бидеме конкурентни, тие ќе отидат во Грција, Србија, Бугарија, Албанија… Но, за да доаѓаат туристи треба да им понудите пристојно сместување, добра инфраструктура, вонпансионски содржини, љубезен третман, и сето тоа за конкурентна цена.

– Сега, од позиција на бизнисмен, како ги оценувате пакетите мерки што ги носи техничката влада за ублажување на последиците од Ковид – 19 кризата? Нешто од нив и искористивте во „Брако“, но еве, какво е вашето мислење за другите мерки, фалат ли некои мерки, што уште треба да се направи според вас?

Антикризните мерки ги следам како и секој стопанственик, јас сум и потпретседател на Стопанската комора на Македонија, па разговараме и на коморско ниво околу нив. Владата веројатно прави се’ што ѝ е во рамките на можностите, можеби недостасува малку поинтензивно да ги објаснува тие процеси што ги прави. Ние во моментов имаме и здравствена и економска криза, агилноста на министерот за здравство Филипче создава перцепција дека здравствената криза се менаџира прилично успешно, а за економијата има широка лепеза мерки. Сега се потребни мерки за индустријата, кои ќе бидат долготрајни, кои нема да бидат за акутно, туку за хронично решавање на проблемите. Затоа што економскава криза нема да заврши за месец, два или три, туку ќе има подолготраен период на чувствување на последиците, што ќе трае следните 2-3 години.
Како држава мора да го зголемиме инвестициониот циклус, да се свртиме кон македонските производи и зголемување на нивната додадена вредност, да се финансираат проекти кај што ќе има повеќе македонска компонента.


„Со градењето на монтажната болница за 14 дена покажавме за што сe’ е способен Брако“


-Голем интерес во јавноста побуди и информацијата дека „Брако“ успеа да ја изгради монтажната болница пред Инфективната клиника во Скопје за само 14 дена. Дали планирате да ги проширите вашите бизнис активности и во вакво нешто во иднина?

Да, тоа беше една убав предизвик за „Брако“, барањето од здравствените власти да се направи колку што може побрзо монтажната болница за доколку, не дај Боже, дојде до преоптоварување на капацитетите на Инфективната клиника. „Брако“ во принцип не прави вакви проекти, но имаме технологија, роботи што заваруваат, машини што брзо произведуваат,итн. па успеавме за 14 дена ја проектираме, произведеме панели и да ја монтираме болницата. Тоа е болница од 1300 м2, има капацитет од 72 легла, во неа е инсталирана целата потребна инфраструктура, климатизери, тоалети, значи направена е по сите стандарди за тоа како треба да изгледа една монтажна болница. Иста како што во Кина направија за 10 дена, ние успеавме за 14. „Брако“ има кадар, од над 600 вработени 60-70 се инженери, се работеше интензивно, и за Велигденските празници и успеавме во предизвикот. За нас е тоа добра референца за докажување на капацитетите на фабриката и да се надеваме дека нема да има потреба да се користи, но еве, за секој случај нека биде тука.

Continue Reading
менаџмент / маркетинг1 ден ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг1 ден ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг1 ден ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании1 ден ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија1 ден ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија1 ден ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија1 ден ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет1 ден ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија4 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок