македонија
ЕУ бара од ЕУ да си го одржи зборот
Европски извештај за напредокот на Македонија

Исклучителната комплицираност во начинот на којшто функционира Европската Унија уште еднаш се гледа најдобро преку Извештајот за напредокот на Македонија. Таму едно од телата на ЕУ – Европската комисија недвосмислено бара одржување на Првата меѓувладина конференција со официјално Скопје веднаш, оти земјава ги има исполнето сите услови. Проблемот е во другото тело – Европскиот совет, каде што поради принципот на консензус, која било од членките од каква било причина може да каже дека барањето или ставот на Комисијата не важи и дека нема зелено светло за официјален старт на преговори. Во нашиот случај таа членка е Бугарија, а причините се далеку од европски.
Редакција Капитал

Исклучителната комплицираност во начинот на којшто функционира Европската Унија уште еднаш се гледа најдобро преку Извештајот за напредокот на Македонија. Таму едно од телата на ЕУ – Европската комисија недвосмислено бара одржување на Првата меѓувладина конференција со официјално Скопје веднаш, оти земјава ги има исполнето сите услови. Проблемот е во другото тело – Европскиот совет, каде што поради принципот на консензус, која било од членките од каква било причина може да каже дека барањето или ставот на Комисијата не важи и дека нема зелено светло за официјален старт на преговори. Во нашиот случај таа членка е Бугарија, а причините се далеку од европски.
Оттука, легитимни се коментарите на многумина дека извештаите за напредокот стануваат само глас на немоќ на самата Комисија пред Советот (ЕУ пред ЕУ) и дилемите дали ваквите наоди воопшто имаат веќе кредибилитет и во земјите за коишто се однесуваат и во самата Унија.
Македонските власти, сепак, немаат дилема – велат дека оценките од Брисел се потребни и полезни за подобро детектирање на слабостите дома, мапирање на реформскиот пат и исполнување на задачите, што првенствено се прават за подобрување на животот на самите граѓани.
Во Извештајот се вели дека Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по европскиот пат.
„Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето во делот на европските реформи и ги зголеми своите напори за испорачување на конкретни резултати и натаму“.
Но, таму нема само пофалби, туку и загриженост за земјата. Европската Комисија е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Но, таа предупредува дека „одлагањето на официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ.
Поради тоа, билатералните прашања меѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.“
Комисијата наведува дека со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни.
Што всушност содржи Извештајот?
Во однос на политичките критериуми, Брисел нотира дека Северна Македонија ги продолжила своите напори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, како и со активирање на постојните механизми на проверка и контрола и преку опфаќање на клучните политички и законодавни прашања. Земјата ја покажала својата посветеност да постигне резултати во клучните области на фундаменталните права, вклучително и преку агендата „Европа дома“ и „Акциониот план 21“ за борба против корупцијата.
Во документот се наведува дека Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка, наместо да започне спорадични нови иницијативи. Навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целина.
Се препорачува земјата да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби.
Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и воведува нов Закон за врвни менаџерски услуги. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за обезбедување на подобра почит за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги, вклучително и на високо ниво на менаџмент.
Во однос на уште еден комплициран систем – оној на судската власт, се забележува исто така умерена подготвеност. Се вели дека е постигнат одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се разгледале препораките од Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сѐ уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството.
„Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии“, се наведува во извештајот.
Во Извештајот се наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата. Постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжила да го консолидира својот учинок за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Случаите иницирани од поранешното СЈО продолжија да напредуваат, со што се утврди одговорност за незаконските прислушувања. Голем број случаи беа предмет на првостепени пресуди и беа отворени нови случаи врз основа на истражен материјал од поранешното Специјално обвинителство. Државната комисија за спречување корупција беше проактивна во спречувањето на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и против службеници на високо ниво. На Државната комисија ѝ беа доделени нови простории. Како и да е, напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање стручен кадар“, се вели во извештајот.
Во извештајот се додава дека треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Во него се нотира и дека е постигнат одреден напредок и во борбата против тероризмот и спречување насилен екстремизам.
„Забележано е подобрување во однос на вклучувањето на родот и правата на жените, иако жените се меѓу категориите што се најтешко погодени од пандемијата. Препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во врска со третманот на притворените и осудените лица мора целосно да се спроведат без одлагање. Исто така, е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говор на омраза и националниот акционен план за спроведување на одредбите од Истанбулската конвенција. Цивилниот механизам за надворешен надзор над полицијата не е целосно функционален, а отсуството на вистински независни иследници ги попречува напорите да се одговори на неказнивоста на полицијата и ефективното гонење. Земјата треба да продолжи да ја подобрува состојбата во затворите и дополнително да ги зголеми алтернативите на притворот“, се вели во извештајот.
Во областа на медиумите се потенцира значењето на саморегулацијата заедно со конкретни резултати за напредок во професионалните стандарди на новинарството. Треба да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Властите треба да ги зголемат своите напори за реформа на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост.
Во однос на економските критериуми, се оценува дека С. Македонија постигнала одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Владата, се наведува, спровела силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголемил на 8,2 % од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголемил на 60,2 % од БДП, бидејќи требало да се покријат дополнителните финансиски потреби. Капиталните расходи биле намалени при ревизија на буџетот за да се создаде простор за трансфери поврзани со кризи, но сепак тие биле многу недоволно извршени.
Во него се наведува дека е потребен поголем напредок во наредната година во однос на внатрешниот пазар, имено слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција, бидејќи е релевантен за подготовките на С. Македонија да ги исполни барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на Заедничкиот регионален пазар.

За властите Извештајот е потврда за реформскиот курс
За претставниците на власта, наодите од Извештајот се доволна потврда дека земјава го држи реформскиот курс и останува посветена на својата европска агенда – во некои области дури и со подобри оценки од некои држави коишто веќе преговараат (Црна Гора и Србија). На денот на презентацијата на Извештајот, евроамбасадорот Дејвид Гир го повтори ставот од Европската комисија дека првата Меѓувладина конференција би требало да се одржи кон крајот на годинава, оти наодите на Европската Комисија се јасни:
„Јасно е дека има одлука да се почнат преговори и сите треба да се потрудат сега работиме на тоа до крајот на годината и во иднина да продолжиме со работа како што се отвораат групи и поглавја и како што се водат преговорите. Целта останува целта е да се отворат преговори што поскоро, во надеж дека тоа ќе биде до декември“, истакна Дејвид Гир.
Вицепремиерот Никола Димитров рече дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите дури и повеќе од некои земји кои веќе ги почнале преговорите. Сепак потсетува дека за почеток на преговорите потребен е консензус од сите земји членки на Унијата. Блокадата од Бугарија на тој пат, според него нема влијание само врз меѓусебните однос, туку и на кредибилноста на самата Унијата:
„Тоа се разбира влијае на нас, влијае на македонско-бугарското пријателство и влијае на политиките на целата Европска унија кон целиот регион. Кога една земја членка поради прашања што немаат тесна поврзаност со копенхашките критериуми ќе го стопира процесот, а Европската комисија вели време е да се направи чекор тоа се разбира влијае на релевантноста“, посочи Никола Димитров.
Изминатата недела на темата поврзана со македонските евроинтеграции во јавноста се предизвикаа и бурни реакции по изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеи, кој одговарајќи на прашања на европратеници на Комитетот за надворешни работи рече дека Андреј Ковачев му е таен советник во решавањето на прашањето со Македонија. На ова еврокомесарот Гир се обиде да најде објаснување со коментар дека изјавата на Вархеи е во насока дека одржува контакти со сите за да се реши ова прашање. Вицепремиерот Димитров деликатно одби да ги толкува зборовите на Вархеи, но не пропушти да каже дека за нас е важно што во моментов во однос на Бугарија вклучени се самата Урсула Фон дер Лајен и Шарл Мишел, инсинуирајќи дека дипломатското ниво е кренато над Вархеи и дека позициите на ЕУ секако не зависат од личните ставови на еврокомесарот.