регион
ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас
Енергетска војна на континентот

Топлата зима 2022/2023 и напорите на европските влади заедно со населението да штедат гас и да ги диверзифицираат изворите, за среќа ја спасија Европа од пострашна енергетска криза поради блокадата на евтиниот руски гас. Во моментов дури залихите на гас во ЕУ се високи 90%. Меѓутоа, и покрај овие напори, официјални лица и аналитичари стравуваат дека европската енергетска ситуација не е сигурна на долг рок, колку и да се импресивни овие постигнувања.
Од моментот кога руската инвазија на Украина изгледаше неизбежна, Европа знаеше дека наскоро ќе мора да си постави многу компликувани прашања.
Високо на таа листа беше прашањето дали континентот би можел да се одвикне од рускиот гас што лакомо го голташе со децении и да избегне да биде препуштен на милост и немилост на рускиот претседател Владимир Путин доколку тој го прекине снабдувањето како одговор на поддршката за Украина, пишува Си-Ен-Ен.
За Европа, енергетската безбедност отсекогаш била компромис: евтината, увезена енергија доаѓа со ризик од зависност од земјите од кои потекнува.
Во случајот со Русија и нејзиниот природен гас, тамошните официјални лица првично шпекулираа дека долгата и студена зима 2022/2023 година ќе може да ја принуди Европа да ги ублажи санкциите кон Москва. На крајот на краиштата, за развиените земји како оние во Европската унија не беше разумно да ги остават своите граѓани да останат без греење поради Украина.
Комбинацијата на среќа, планирање и европска поддршка за Украина, сепак, спречи енергетска војна – која што некогаш се сметаше за адут на Путин. Европа имаше особено блага зима, а од друга страна владите и граѓаните вложија заеднички напори за да користат помалку гас.
Таа комбинација на топла зими и помала потрошувачка на гас создаде можност Европа да се оддалечи од својата политика на „Wandel durch Handel“(Промена преку трговија), која претпоставуваше дека Русија ќе се приближи до западните вредности во замена за готовина.
Намалување на увозот

Првиот чекор беше да се намали увозот од Русија. Во текот на 2021 година, пред инвазијата на Украина, 45 отсто од целиот гас увезен од ЕУ доаѓаше од Русија. Во Германија оваа бројка беше 52 отсто. Тие бројки оттогаш драстично паднаа. Според податоците на ЕУ, само 17,4 отсто од целиот увезен гас дошол од Русија во првиот квартал од 2023 година.
Вториот чекор беше да се искористи топлата зима и да се пополнат резервите на гас како подготовка за студената сезона 2023/2024 година.
Европските залихи на гас се веќе толку високи оваа година што постои консензус дека Кремљ нема да може да ја претвори енергијата во оружје на начин што би ја променил европската решеност против Москва и поддршката за Украина. ЕУ како целина ја исполни својата цел за резерви од 90% до средината на август, неколку месеци пред крајниот рок од 1 ноември.
Покрај тоа, Европа значително ги диверзифицираше своите извори на енергија.
Лоши вести
А сега лошите вести. И покрај овие напори, официјални лица и аналитичари стравуваат дека европската енергетска ситуација не е сигурна на долг рок, колку и да се импресивни овие случувања. Додека се вели дека Европа го диверзифицирала увозот на гас, постои загриженост дека најголемиот дел од она што моментално се наоѓа во резерва е природен гас во течна состојба (ЛНГ).
„ЛНГ е толку очигледно решение што стана приоритет, но бидејќи ЛНГ е исто така флексибилен и може да се тргува, малку е потешко да се следи потеклото. Ова индиректно значи дека дел од ЛНГ сè уште може да дојде од Русија и на тој начин да придонесе за рускиот приход“, вели Милан Елкербаут, научен соработник во Центарот за европски политички студии.
Додека ЕУ вели дека го купува најголемиот дел од својот ЛНГ од САД, Катар и Нигерија, тој често се продава на берзи каде што договорите се однесуваат на обемот без никаква референца за потеклото. Втората и веројатно поважна област на загриженост е долгорочна.
Иако Европа можеби делумно се откажа од промените преку трговската политика со Русија, таа сè уште е зависна од други земји за енергија. И кога станува збор за енергетската безбедност, зависноста на крајот нè враќа на оној класичен компромис: економија наспроти ризик.
Зелен договор
Еден од начините на кои ЕУ се надева дека ќе се ослободи од енергетската зависност е Зелениот договор, возвишен план Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година, кој според сегашните проекции ќе чини над еден трилион евра и ќе може да се постигне преку бројни средства, од засадување три милијарди нови дрвја до реновирање на зградите за да бидат енергетски ефикасни. Секако, голема улога ќе имаат и големите инвестиции во обновливите извори на енергија и чистиот транспорт.
Првата голема пресвртница во Зелениот договор е намалувањето на емисиите на стакленички гасови во ЕУ за 55% пред 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Критичарите се’ повеќе се загрижени дека бавниот напредок кон оваа цел, покрај огромните трошоци за одделни членки, ќе доведе до тоа некои да бара друг странски извор во енергетската транзиција – Кина.
Малкумина во Брисел ќе кажат дека односот на ЕУ со Пекинг во моментов е задоволителен. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна го заостри својот став за Кина, зборувајќи за потребата од намалување на ризикот од односите на Европа со таа земја. Сепак, таа исто така прифаќа дека многу од долгорочните планови на Европа најдобро ќе се постигнат во партнерство со Кина, вклучувајќи ги и амбициите за зелена Европа.
Позицијата на Фон дер Лајен ги одразува различните позиции меѓу 27-те членки на ЕУ. Некои ја гледаат Кина како авторитарен насилник и егзистенцијална безбедносна закана; другиот како очигледен извор на евтини соларни панели, турбини на ветер и батерии. Третите не гледаат алтернатива за соработката со Кина, но сакаат да продолжат со претпазливост.

Кина станува клучен играч
Заканата е дека Кина стратешки веќе стана клучен играч во многу технологии и критични суровини кои се клучни за зелената транзиција.
„Кина ја започна својата индустриска стратегија за зелена енергија пред околу 15 години. Тие го направија тоа прилично добро, обезбедија природни ресурси како литиум за батерии, челик за турбини на ветер и тие веќе изградија производствени капацитети за изработка на сета таа опрема“, вели Адам Бел, поранешен функционер за енергетика на британската влада, и додава: „Во меѓувреме, Европа попушти и сега веројатно е неизбежно Кина да игра значајна улога во зелената иднина на Европа“.
Каква врска има сето ова со геополитиката и безбедноста?
„Кинескиот државно субвенциониран капитализам, заедно со контролата врз значителна количина клучни суровини, ѝ дава на кинеската индустрија значителна конкурентска предност на која што европските компании сè потешко ќе ѝ парираат“, вели Велина Чакарова, водечки европски експерт за безбедност.
„Кинеската тактика за поделби и слабеење на единството меѓу европските сојузници на Америка заедно со нејзините регионални амбиции на места како Тајван може да станат точка на притисок каде Кина го користи своето гео-економско влијание преку зависност од минерали и ретките метали за да постигне геополитички цели“, вели Чакарова.
Неколку западни функционери укажаа на подиректни безбедносни закани од Пекинг доколку Европа на крајот се потпре на Кина за сопствената зелена транзиција. Овие закани се движат од ранливости во снабдувањето, како што доживеа Европа со Русија, до директни сајбер напади преку технологија создадена во Кина. Иако на европските функционери често им е непријатно јавно да зборуваат за тоа, високи безбедносни извори од ЕУ претходно изјавија за Си-Ен-Ен дека Кина сè уште е примарен извор на сајбер напади во ЕУ, главно насочени кон корпоративна шпионажа. Кина постојано негираше вмешаност во сајбер напади.
Кина не е единствената закана кога станува збор за енергетската безбедност во Европа. ЕУ увезува енергија од многу земји чиишто ниту демократски ниту геополитички цели не се совпаѓаат со оние на Брисел: Катар, Саудиска Арабија, Казахстан, Либија и секако Русија.
Европа направи многу за да го реши ова, а брзината со која одговори на руската криза е импресивна, имајќи предвид дека некогаш се сметаше дека тоа е невозможно. Сепак, населението во Европа се’ повеќе старее и во комбинација со стагнантните економии сè уште бара огромни количини на енергија ако сака да го одржи сегашниот начин на живот.
Како што рече еден дипломат на ЕУ: „Една од животните иронии е тоа што земјите што ги држат адутите во енергијата понекогаш се оние кои се во најдобар случај несигурни партнери, а во најлош идни непријатели“.