коментари
Со АмЧам на тема…ЕУ Регулативата во полето на ESG и можните ефекти врз македонските друштва
Со АмЧам на тема…

Компаниите во ЕУ се обврзани да се усогласуваат со сè поголемите обврски кои произлегуваат од ESG регулативата. А напорите кои треба да ги вложат за да можат нивните деловни активности да ги класифицираат и прилагодат на дефиницијата за “одржливи бизниси“, и оттука да бидат препознаени како такви од инвеститорите на пазарот на ЕУ, се сами по себе, голем предизвик. Од аспект на македонските друштва важно е да се потенцира влијанието кое промените во ESG Регулативата на ЕУ може да ги имаат врз нив уште пред формалниот влез на Северна Македонија во ЕУ.

Адвокат во Адвокатско друштво ‘Папазоски и Мишев’, независно адвокатско друштво во соработка со PwC
Член во ESG Комитетот на АмЧам
Минатата, 2021 година се смета за исклучително продуктивна година за Европската Унија (ЕУ) во развојот и прецизирање на ESG регулативата, а истиот потенцијал се отсликува и во 2022 година.
Компаниите во ЕУ се обврзани да се усогласуваат со сѐ поголемите обврски кои произлегуваат од ESG регулативата. Напорите кои треба да ги вложат за да можат нивните деловни активности да ги класифицираат и прилагодат на дефиницијата за “одржливи бизниси“, и оттука да бидат препознаени како такви од инвеститорите на пазарот на ЕУ, се сами по себе, голем предизвик.
ЕУ обрнува особено внимание и активно работи и на креирање на правни механизми кои ќе обезбедат ефикасна примена на ESG регулативата, а не само формално правно исполнување на обврските од страна на друштвата.
Од аспект на македонските друштва важно е да се потенцира влијанието кое промените во ESG Регулативата на ЕУ може да ги имаат врз нив уште пред формалниот влез на Северна Македонија во ЕУ. Понатамошниот текст ќе опфати краток осврт на главните предлози за промени во ESG Регулативата на ЕУ за кои се очекува дека ќе имаа ефект врз македонските друштва.
Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии
Повеќе од очигледно е дека ЕУ зазема агресивен настап во непосредната борба со климатските промени и оттука поставува амбициозни климатски политики кои вклучуваат индустриска декарбонизација.
Индустриската декарбонизација во суштина значи постепено намалување на јаглеродните емисии на индустријата по пат на различни механизми. Еден од тие механизми е и дополнителното оданочување на компаниите кои при нивното работење ги испуштаат јаглеродните емисии и со тоа се јавуваат како загадувачи на животната средина.
Оттука, со залагањето за индустриската декарбонизација, директно се афектираат производството, потрошувачката и инвестициските одлуки на територијата на ЕУ.
Имајќи го ова во предвид, лесно може да се заклучи дека компаниите со седиште во ЕУ, а кои влегуваат во доменот на јаглеродно интензивни индустрии, би биле мотивирани да ги пренесат своите бизниси во држави кои што нема да им предизвикуваат финансиски обременувања врз сопствените деловни активности.
Во оваа насока, Европската комисија поднесе предлог за усвојување на регулатива за воспоставување на „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), кој треба да обезбеди заштита од протекување на јаглеродни емисии (carbon leakage), односно да го спречи или да го намали преместувањето на јаглеродно-интензивните економски активности од ЕУ во трети држави, како Северна Македонија.
Очекувањата се дека оваа регулатива треба да се усвои до крај на оваа година, а да стапи во сила од 2023 година со преоден тригодишен период и целосно да се применува почнувајќи од 1 јануари 2026 година.
Првично ќе се применува на пет сектори: енергија, железо и челик, ѓубрива, алуминиум и цемент (CBAM стоки), но примената може да се прошири и во разни други сектори. CBAM е мерка која ќе гарантира дека за увезените CBAM стоки во ЕУ ќе се плаќа надоместок за вградените емисии на јаглерод споредлив со надоместокот кој што го плаќаат производителите во ЕУ согласно барањата на Емисиониот Трговски Систем на ЕУ (ЕУ ЕТС).
Плаќањето ќе се врши по пат на купување на CBAM сертификати. Цената на сертификатите ќе се пресметува во зависност од просечната неделна аукциска цена на емисионите дозволи тргувани на ЕУ ETС. Ако увозниците на ЕУ пазарот можат да докажат дека е платен надоместок за јаглеродна емисија во земјата на потекло (пр. Северна Македонија), бројот на потребни CBAM сертификати може соодветно да се намали, со тоа што ќе се земат предвид платените износи за јаглеродни емисии во конкретната држава не-членка на ЕУ, бидејќи земјата има сопствена давачка за јаглеродни емисии.
По усвојувањето на регулативата, ЕУ ќе започне разговори со трети земји чија трговија би можела да биде засегната од овие мерки. Со оглед на тоа дека давачката за јаглеродни емисии е извесно дека ќе биде неизбежна, Македонија треба добро да размисли за имплементација на систем за задржување на овие средства во земјата, со цел да ги искористи за финансирање на декарбонизацијата во државата и да им помогне на друштвата во нивната климатска и еколошка транзиција.
Во однос на последиците врз приватниот сектор во Македонија, секое македонско друштво кое е дел од засегнатите сектори и притоа извезува во ЕУ, ќе биде директно засегната од овој механизам, што навестува потреба да преземаат итни подготвителни активности, почнувајќи од имплементација на механизми за пресметување на јаглеродни емисии кои произлегуваат од нивното работење и поставување на стратегии и активности за намалување на јаглеродните емисии, како би можеле да превенираат високи давачки согласно CBAM механизмот.

Директива за длабинска анализа на корпоративна одржливост
Своевремено се покажа дека регулативата со која ЕУ ги постави ESG целите како и механизмите за постигнување на истите, сами по себе не се доволни алки во транзициониот процесот, чија крајна цел е да се постигне зелена економија.
„Однесувањето на компаниите“ е третата алка која се јавува како клучна за постигнување на зелена економија во ЕУ и исполнување на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации.
Со оглед на тоа дека иницијативата за преземање на активности на доброволна основа, не резултирала со подобрување во големи размери, Европската Комисија проценила дека е неопходна нова регулатива во рамките на ЕУ со која ќе ги постави и стандардите на однесување на компаниите, овој пат во законски рамки.
Оттука, Европската Комисија во февруари оваа година, создаде предлог – Директива за длабинска анализа на корпоративна одржливост, врз основа на која ќе се бара од засегнатите компании да ги идентификуваат и превенираат негативните влијанија врз животната средина и човековите права, а кои произлегуваат од нивните деловни активности како и од деловните активности на други компании кои влегуваат во нивниот ланец на добавувачи.
Иако датумот на усвојување на оваа Директива се’ уште е не може да биде прецизно утврден, опсегот на компании врз кои оваа Директива ќе се применува е дефинитивно извесен.
Оттука, покрај големите компании и компаниите кои влегуваат во високо-ризични сектори со седиште во ЕУ, опсегот вклучува и компании надвор од ЕУ, а кои остваруваат нето промет поголем од 150 милиони евра во ЕУ; или нето промет од 40 до 150 милиони евра во ЕУ, од кој најмалку 50% е генериран од „високо-ризичен“ сектор (на пример, текстил, агрикултура, ископување на минерални суровини).
Согласно последните анализи, Директивата индикативно би се применувала на 4,000 компании со седиште надвор од ЕУ, кои ќе бидат обврзани да назначат ЕУ-базиран претставник за контакт со супервизорските тела на ЕУ. Оттука, истата би се аплицирала и на сите друштва во Северна Македонија кои ги исполнуваат овие критериуми.
Меѓутоа, битно е да се спомне дека, и покрај тоа што малите и средни компании би биле изземени од обврските за длабинска анализа утврдени во Директивата, јасно е дека, доколку се дел од ланецот на добавувачи на засегнатите компании, и тие ќе го поднесат товарот од оваа Директива. Ова од причина што, засегнатите компании ќе бидат принудени да соработуваат исклучиво со компании кои ги исполнуваат стандардите за заштита на животната средина и човекови права при своето работење.
Директивата ќе предвидува и санкции за непочитување на утврдените обврските, кои ќе се базираат на принципот на „ефективност, пропорционалност и одвраќање“, а може да вклучуваат парични казни во зависност од прометот на компанијата.
Се очекува Директивата да воведе и нов режим на граѓанска одговорност, на начин што компаниите ќе бидат одговорни за штети доколку неисполнувањето на обврската за задолжителна длабинска анализа доведе до штета. Ова ќе им даде подобри можности за правна постапка на потенцијалните жртви, а може да значи и зголемување на судските спорови поврзани со човековите права и животната средина.
Вака поставениот предлог на оваа Директива, неминово го најавува преминот од „меко право“ во „задолжително (тврдо) право“ на кое компаниите мора да обрнат особено внимание и да започнат со своите активности за усогласување со истото, доколку сакаат да избегнат било какво неусогласување и уште побитно, несакани последици по своето работење.
Директива за известување за корпоративна одржливост (CSRD)
Залагањата на ЕУ да наметне транспарентност од страна на компаниите во однос на нивниот придонес во корпоративната одржливост, се веќе транспонирани во Директивата за нефинансиско известување која датира од 2014 година. Врз основа на оваа Директива, големите јавно котирани компании со седиште во ЕУ имаат обврска да објавуваат информации поврзани со еколошки прашања, социјални прашања и третман на вработените.
Сепак, оваа Директива не поставува стандарди за начинот на известување на наведените прашања, поради што јавно обелодените информации не може да бидат лесно анализирани, споредливи и верификувани како од инвеститорите на компаниите, така и од останатите засегнати страни од работењето на соодветната компанија.
Со цел да се надмине оваа неконзистентност, Европската Комисија во април 2021 година, создаде нов предлог – Директива за известување за корпоративна одржливост со кој предвидува дека компаниите ќе треба да ги објавуваат релевантните информации за одржливост, врз основа на стандарди за известување за одржливост. Овие стандарди, ќе треба да бидат создадени од страна на Европската советодавна група за финансиско известување, а се очекува да бидат усвоени во октомври оваа година.
Врз основа на истите, извештајот за одржливост ќе биде дел од годишниот извештај за работењето на компанијата, ќе подлежи на ревизија и, ќе треба да обезбеди конкретни информации за деловниот развој и резултатите на компанијата, како и да содржи информации за влијанијата од нејзините активности врз луѓето и животната средина. Извештајот ќе вклучува и обелоденувања за поставените цели на компанијата и каков е напредокот во постигнувањето на овие цели.
Со овој предлог-Директива, Европската Комисија го прошири и опсегот на компании кои ќе бидат директно засегнати од истата, на начин што сега ќе ги зафаќа:
-сите големи компании со 250 или повеќе вработени, без оглед дали се или не се котирани на берза и имаат промет од 40 милиони евра за да се активира обврската за известување и
-сите котирани мали и средни компании на европските регулирани пазари.
Со вака поставениот опсег, би значело дека сите друштва и подружници кои се основани во ЕУ од страна на македонски друштва, а кои ги исполнуваат поставените критериуми, ќе подлежат на обврската за известување. Истото ќе важи и за македонските друштва кои своите акции би ги котирале на европски берзи, без разлика на нивната големина.