економија
ЕУ ќе им дава енергетски сертификати и на податочните центри
Зелена дигитализација

Европската унија најави дека до 2025 година ќе ги сертифицира центрите за податоци, коишто се инаку огромни потрошувачи на енергија, според енергетската ефикасност, слично како што е означена енергетската класа на фрижидер, шпорет или машина за перење. Тие мора да станат јаглеродно неутрални до 2030 година.
До 2025 година, центрите за податоци ќе носат ознака за енергетска класа како апарати за домаќинство. Европската унија ќе ги сертифицира овие огромни потрошувачи на електрична енергија според енергетската ефикасност, исто како што е означена енергетската класа на фрижидер или машина за перење, со цел да се намали нивното негативно влијание врз животната средина.
Имено, со постојаното зголемување на количината на податоци за обработка и складирање, потрошувачката на енергија во центрите за податоци станува се’ поголем предизвик за одржливост. До 2030 година се предвидува центрите за податоци да покриваат 3,2 отсто од побарувачката на електрична енергија во ЕУ. Инаку, на глобално ниво се проценува дека дигиталните технологии денес трошат меѓу пет и девет проценти од вкупната количина на електрична енергија. Оваа потрошувачка се очекува да се зголеми со примена на вештачката интелигенција (AI), Интернет на нештата (IoT) и блокчејн технологијата, што ќе предизвика зголемување на емисиите на стакленички гасови доколку не се преземат соодветни мерки.
Иновативен, зелен и безбеден облак
Европската комисија спроведе студија за енергетски ефикасни технологии за складирање и обработка на податоци во облак (cloud computing), како и за политики за еколошки прифатлив „пазар на облаци“, којашто се занимава со прашањето за зголемување на потрошувачката на енергија поради проширувањето на овие услуги.
Беше одлучено дека центрите за податоци мора да станат енергетски поефикасни и да користат повеќе обновливи извори на енергија и да станат јаглеродно неутрални до 2030 година. Оваа уредба усвоена во јули 2021 година, исто така поставува рамка за одржливи инвестиции во центрите за податоци и ќе го поддржи воведувањето на иновативен, зелен и безбеден облак.
Со позеленување на работата во облак и на електронските комуникациски услуги и мрежи, треба да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година. Но, пред таа уредба, првиот чекор во енергетското зауздување на центрите за податоци беше Кодексот на однесување за енергетска ефикасност на центрите за податоци (CoC) од 2008 година.
Станува збор за доброволна иницијатива чија цел беше да ги информира и охрабри сопствениците на центрите за податоци за потребата од намалување на потрошувачката на енергија и да препорача најдобри практики и цели за енергетска ефикасност. Но, сега Европската унија нема избор: во нејзиниот зелен план, центрите за податоци исто така мора да станат зелени. Затоа, вистинското прашање е каква ќе биде иднината на центрите за податоци кои нема да можат да ја спроведат зелената транзиција, односно нема да добијат сертификат?

Холандското „не“
Иако Зеволде, град во близина на Амстердам, го одобри планот на Meta, поранешен Facebook, да изгради најголем центар за податоци во таа земја од којшто Facebook, Instagram и Whatsapp би ги опслужувале корисниците низ Европа, ништо од тоа. Гневните активисти ги попречија плановите на Meta со тоа што покажаа дека среде голема енергетска криза, климатските свесни граѓани не гледаат благонаклоно на технолошката инфраструктура која црпи големо количество енергија од електричната мрежа, но и вода.
Центрите за податоци кои опслужуваат апликации што ги користат милиони Европејци се гладни за енергија и вода, кои ќе им требаат се’ повеќе и повеќе во иднина. Според проценките, потрошувачката на електрична енергија на центрите за податоци ќе се зголеми до 2030 година за 18,5 отсто во однос на 2018 година, а Европската комисија при носењето на регулативата за сертификација на центрите за податоци се водеше од фактот дека владите не треба да бидат во ситуација кога треба да избираат помеѓу центрите за податоци од една страна и обезбедување доволно количество електрична енергија за стопанството и населението од друга страна.
Но, тоа нема да биде едноставно. Аналитичарите на Gartner предвидоа дека 50 отсто од податоците генерирани во компаниите ќе бидат обработувани надвор од традиционалниот центар за податоци или облак до 2025 година, а неодамнешното глобално истражување покажа дека 78 отсто од носителите на ИТ одлуки сметаат дека приоритет е преместувањето на ИТ инфраструктурата во дигиталната сфера.
Екстремните лета го отежнуваат проблемот
Како што се’ повеќе и повеќе податоци се складираат во облак, центрите за податоци стануваат критична точка на пресекот на зелената и дигиталната транзиција, а дискусијата за нив станува понеопходна како што летата во ЕУ стануваат се’ пожешки и суви.
Што ќе се случи во иднина ако веќе сега центрите за податоци тешко работат поради екстремните летни горештини?! Минатото лето, поради многу високите температури во Обединетото Кралство, престанаа да работат две единици за ладење во центарот за податоци на Oracle. Слични проблеми имаше и Google, а две водечки лондонски болници имаа проблеми со своите ИТ системи, поради што термините за операции и прегледи беа одложени за неколку недели. Многу високите температури и недостигот на електрична енергија ја доведуваат во прашање и безбедноста на центрите за податоци, бидејќи секој степен над стандардот за кој е дизајниран центарот за податоци може да значи губење од 10 до 15 отсто од капацитетот.
Во обид да ги спасат податоците, вработените во центрите за податоци во Обединетото Кралство летово ги полеваа крововите на единиците за ладење, иако беа на сила мерките за штедење на водата во некои делови на Европа. Струјата и водата се два меѓусебно поврзани ресурси, особено кога станува збор за ладењето. Поголемиот дел од енергијата во центрите за податоци се користи за напојување на серверите, но огромните капацитети исто така генерираат топлина и треба да се ладат.
Ова бара или енергија кога се користи традиционално воздушно ладење или вода кога серверите се ладат со испарување на вода, што е енергетски поефикасно. Но, изградбата на ветерници и соларни паркови во корист на центрите за податоци, наместо на локалните жители, не е секогаш популарна кај граѓаните и поттикнува активизам како оној во Зеволде. Сето ова ја натера Европската комисија да побара од корисниците посебно обелоденување на индиректните емисии на стакленички гасови кои произлегуваат од купувањето на услуги на центарот за податоци и на крајот нивно сертифицирање.
Најдобри практики
Аналитичарите сметаат дека најавата на Европската унија за сертификација на центрите за податоци според енергетската ефикасност до 2025 година е важна и позитивна иницијатива која ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на јаглерод диоксид во Европа.

Рационализацијата на потрошувачката на енергија е секојдневна грижа на сите кои се трудат што поефикасно да управуваат со еден центар за податоци. Инаку, ваквите центри веќе се едни од најголемите потрошувачи на енергија во светот, а нивната потрошувачка и емисиите ќе продолжат да се зголемуваат во наредните години, особено со напредокот на вештачката интелигенција. Затоа е исклучително важно да се преземат чекори кои би овозможиле намалување на нивната потрошувачка на енергија и емисиите на стакленички гасови.
Дополнително, сертификацијата за енергетска ефикасност ќе ги поттикне центрите за податоци да ги применуваат најдобрите практики во енергетската ефикасност, вклучувајќи примена на напредни технологии за ладење и термичко управување, оптимизација на користењето на просторот и опремата, употребата на обновливи извори на енергија и многу други мерки. Исто така, оваа иницијатива ќе ги диверзифицира квалитетните и одговорно управуваните центри за податоци од оние што некои провајдери ги чуваат во несоодветни простории на деловни објекти и домови.