Connect with us

политика

Ефикасни истраги за криминалот се главен тест за реформите

Раздвижувања на полето на правдата

објавено

на

Крупни процеси се отворија во Македонија на полето на правдата – крупни ѕверки се во притвор, крупни случаи чекаат своја завршница. Меѓу нив и сомневања за криминални поведенија на високи функционери од власта. Но, дали ова значи дека правдата е (конечно) неселективна, или пак е само доказ дека криминалот е навлезен во највисоките структури на власта?

Крупни процеси се отворија во Македонија на полето на правдата – крупни ѕверки се во притвор, крупни случаи чекаат своја завршница. Меѓу нив и сомневања за криминални поведенија на високи функционери од власта. Но, дали ова значи дека правдата е (конечно) неселективна, или пак е само доказ дека криминалот е навлезен во највисоките структури на власта?

Претседателката на Транспаренси Интернешнал Македонија, Слаѓана Тасева смета дека за борба со корупцијата потребни се дела, не заложби и декларации. Таа вели дека од една страна имаме јасни ветувања за битка со криминалот, а од друга страна високи функционери за кои веќе се водат истраги и се сомничат за криминал. Тасева смета дека се уште има висок степен на недопирливост на високите функционери во однос на санкциите за коруптивно или криминално дејствување.

„Ако се преземат потребните мерки за да се намали ризикот од корупција при вработување на пример или во спроведување на јавните набавки или да се зајакне капацитетот за истраги во Јавното Обвинителство и работата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и почитување на нејзините наоди, ако се има една ефективна заинтересираност и вистински мерки, тогаш ќе видиме и ќе почувствуваме дека нештата се движат напред. Не треба да се зборува многу за конкретни работи од кои веднаш може да се почувствува ефект, да се видат промени во коруптивните практики. За жал, и оваа Влада не отстапува од тоа функционерите во бројните агенции и јавни институции да ги назначува врз основа на клиентелизам и партиска припадност, а не врз основа на компетенција и квалитет.“ вели Тасева.

Таа додава дека се уште тендери добиваат луѓе поврзани со власта, а на оставките кои се најавуваат откако некоја афера ќе излезе во јавноста всушност треба да им претходи разрешување.

„Всушност, најдобро би било воопшто да не се именуваат функционери за кои има сомневања за вплетканост во криминал“ вели Тасева и додава:

„Кај нас зборуваме за системска корупција, но највидлива и највпечатлива промена е да се решаваат случаите до највисоко ниво за таму да се покаже дека сите одлуки се носат врз законитост и интегритет“.

Тасева смета дека точно е оти сепак има раздвижување во процесите на правдата, но за да се оцени дали тоа навистина е реално треба да се почека:

„Ние имаме ситуации кога правосилни пресуди не се извршени оти застарел предметот, имаме такви случаи за високи функционери, затоа велам дека има висок степен на недопирливост од која било власт. За да кажеме дека овие процеси сега навистина се во насока на ослободување и пробив треба да почекаме да ги видиме финалните резултати“.

Од таканаречениот процес на прочистување на судството досега се разрешени 12 судии. Тасева вели дека таа лично смета оти ништо не е доволно без ветинг

„Ние имаме тенденција да гледаме само процеси и случаи само во кривичното право и во Кривичниот суд, разни небулози, одлевања на информации, подигнување на решение од Обвинителство и така натаму. Но, забораваме дека во граѓанските судови каде што се решаваат правата на граѓаните, права на имот и слично на пример, има постапки, што траат и над 30 години  и постојано имаме спротивставени одлуки од исти инстанци  во судството. Што е тоа ако не корупција?“

Во меѓувреме Советот на Европа повика на сузбивање на корупцијата особено во време на Ковид пандемијата. Тасева вели дека предизвиците во пандемија се уште поголеми:

„Имавме случаи во итна постапка да се склучуваат многу директни договори за активности кои навистина беа потребни и одговорни, од амбулантни возила, модуларни болници, набавка на кислород, лекови, итна и интервентна реакција и набавка, сето тоа мораше да се стори, но факт е дека има недоволна транспарентност“.

Тасева се осврнува и на аферата „Мафија“ каде се откриени злоупотреби со издавање на  215 македонски пасоши на членови на меѓународни криминални групи.

„Организиран криминал не е можен без соработка на мафијата со институциите, но овој пример овде каде се овозможува безбедно движење на криминалци од други држави и од светот е големо загрозување за позицијата на Македонија во сферата на безбедноста. Сме имале случаи за криминални вмрежувања во МВР, Царина, лица од внатре, но ова е скандал од светски размери. Затоа е важно да се потенцира дека овој скандал мора да се расчисти како што треба, оти покрај овие обвинети сигурно има уште барем три пати по толку за да се обвинат и истражат и да се дојде до врвот на таа пирамида.“

Маричиќ: На вистинскиот пат сме со правдата

Министерот за правда вели дека си ја исполнува задачата – правдата  да се испорачува, таа да важи еднакво за сите и да биде видлива за граѓаните.

„Фактот што имаме крупни случаи, особено оние од поранешното СЈО за коишто јавноста долго очекува исход, (некои од нив имаат своја разрешница во прв, а некои и во втор степен) говори многу за нашата трансформација и европеизација како клучен процес. Зборувам за фактот што имаме пресуда за Таргет Тврдина, мајка на сите случаи на СЈО, плацевите на Водно, но и други случаи, заедно со овие против актуелните функционери. Ова значи дека сме на вистинскиот пат, ја комплетира мисијата и пораката дека испорачувањето на правдата важно е да биде преку судството и професионалните институции“, вели тој.

Прашан дали ова значи дека Законот за јавно обвинителство си ја врши работата тој одговара:

„Ако некои се прашуваа зошто беше тешко да се донесе овој Закон сега еве одговор. Ни требаше двотретинско мнозинство и жолчно се боревме со поддршка и од граѓаните и од Меѓународната заедница за да се продолжи животот на оние случаи, без прејудицирање на пресудите се разбира, но важно е да има институционална завршница“.

Маричиќ коментирајќи ги случаите на корупција во редовите на власта вели дека корупцијата ја има секаде и во регионот и во земји членки на ЕУ:

„ Еве во Хрватска двајца судии се среде афера за поткуп. Корупцијата ја има секаде и сериозно во регионот, но кај нас различно од претходно е што се градат и на дело функционираат механизми за битка. Гледаме крупни функционери и директори на власта, заедно со поранешен владин секретар дека се товарат за криминал и тоа е порака дека никој не е недопирлив. Важна е оваа порака од институциите до граѓаните, за да знаат дека времето кога се апсеа само тие кои краделе салати или ќебапи е зад нас. Сега гледаме дека системот функционира за секого. Сепак, освен неселективноста треба и да се почитува пресумпцијата на невиност, да не се делат  преку медиуми пресуди и преку социјалните мрежи, ама и не преку партиски прес конференции. Секој заслужува фер постапка, особено ако се работи за јавни личности со јавен углед и политички кариери.“ вели тој.

Маричиќ објаснува дека и судовите и обвинителствата се многу внимателни и секогаш се донесуваат само оние мерки што мора, за да нема злоупотреба на притворот. Тоа некогаш прави тие да се и преблаги, па имаше случаи со бегства што создаваат целосна недоверба и нарушување на угледот на судската власт, како и отворени сомнежи дека на некое ниво има договор на власта со опозицијата за „спас“ на некои осомничени.

За разрешувањето на судиите, Маричиќ вели дека тоа е процес што треба да го зајакне системот.

„Донесени се Законот за судови, Судски совет и после и за ЈО, се конкретизираат критериумите за судии и обвинителки да можат да бидат разрешени и таа оценка мора да биде мерлива. Претходно сите разрешувања беа поради нестручно и несовесно работење и сите беа разрешувања од иста причина, оваа причина што е општа и генеричка, сега мора да има конкретен наод и прекршување“ вели тој.

Процесот на разрешување на судиите е силно поздравен од Европската Унија, со став дека се одвива професионално и правилно, низ институциите и рамките на судската власт, без да се остава простор за сомнежи за политички реваншизам.

Преку дигитализација до повеќе правда

Во меѓувреме усвоена е Стратегија за дигитализација на судството која се однесува на оперативниот план за дигитализација на правосудниот систем.

„Ова е сериозен чекор, еден клучен столб за целосна дигитална трансформација во нашиот систем. Клучните елементи се засновани од потребата за развој на информатичката технологија и нови ресурси за користење а технологијата во правосудството, ефикасност, ажурност и економичност на постапките и да се подобри пристапот до правдата заедно со зголемување на владеење на правото.“ вели Лазар Нанев, претседател на Комисијата за дигитализација во правосудството.

Оперативниот план предвидува активности што вклучуваат набавка на нова хардверска и софтверска опрема за да се подобрат услугите кон граѓаните од судовите, интероперабилност или процес на поврзување на правосудните институции со сите други органи и институции, брза, економична и двонасочна комуникација со сите органи и користење на податоците неопходни во постапките, како и алатки и систем на дигитални докази, ама и електронски документи и услуги, што ќе значи дека сите уверенија потврди и слично што се неопходни во една постапка ќе се користат дигитално.

„Формирана е работна група за измени и дополнувања на законските решенија и истовремено се отвора важното прашање за електронска достава што беше една клучна кочница, како и воведување на можност за онлајн судења за зголемување на ефикасноста. Процесот на воспоставување на систем е еден од аспектите за цел во исклучителни ситуации кога има вистински пречки да се овозможи хибридно или онлајн судење, значи да не се физички присутни странките или само дел се дел се.“ објаснува Нанев.

Тој вели дека безбедносната заштита е исто еден од столбовите на планот, утврден во динамиката на самиот планот, преку воведување на посебни информатички системи што ќе гарантираат заштита

Предизвик во имплементацијата на овој процес ќе е зајакнување на капацитетите на човечки ресурси за воведување на овие решенија и за користење на овие ресурси и алатки и мониторингот на одржливоста на опремата што ќе биде обезбедена.

„Ова е еден сериозен државен проект, ќе чини многу, не можеме да прецизираме точно финансиска рамка, само поврзување со еден орган е 40 милиони евра, а  мораме да се поврземе со најголемиот дел на институции“ вели Нанев.

Прогнозите се до крајот на годинава доволно поврзаноста да биде со 15  до 20 државни институции.

македонија5 дена ago

Бајден ги стави на црна листа противниците на Охридскиот рамковен и на Преспанскиот договор

македонија4 дена ago

„Чукни во дрво“: Алкалоид со хуманитарен видеоспот по повод 85-тиот јубилеј

регион15 часа ago

Крајот на ерата “Пеевски“

економија2 дена ago

САСА одбележа 15 години од повторното отворање на рудникот

економија6 дена ago

Ангелоска Бежоска: Двојни предизвици – поддршка на економиите и ненарушување на рамнотежата

македонија5 дена ago

Туристичките бизниси ќе може да добијат „Знак за безбеден туризам“ од ССК

економија3 дена ago

Развојна банка го продолжува грејс – периодот и рокот на отплата на кредитите од Ковид – 2 линијата

економија3 дена ago

Буџетот се наполни со пари и оптимизам

банки3 дена ago

Речиси 80% од домашните банки очекуваат зголемување на профитабилноста годинава

интервју3 дена ago

Стево Пендаровски: Партизацијата и етнизацијата се рак-рана на општеството