економија
ЕЦБ ја качи каматната стапка за првпат по 11 години, поради високата инфлација

Депозитната каматна стапка на Европската централна банка сега е 0%, со што по 8 години излезе од негативната зона.
Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ја зголеми основната каматна стапка за првпат по 11 години во обид да ја ублажи растечката инфлација во еврозоната.
ЕЦБ, централната банка на 19 држави што го вовеле еврото како валута, ги изненади пазарите со тоа што ја качи каматната стапка за 50 базични поени односно 0,5 процентни поени, со што ја доведе депозитната стапка на нула.
Економистите очекуваа помало покачување, односно 0,25 процентни поени. Институцијата со седиште во Франкфурт ја држеше подолго време каматната стапка на историски минимум, во негативна зона од 2014 година, за да се соочи со должничката криза во еврозоната , а потоа и со последиците од пандемијата на коронавирус.
Еврото веднаш порасна после новостите за поагресивниот раст на каматната стапка, и се тргуваше по курс од 1,0257 долари. Приносот на 10-годишната италијанска обврзница исто така скокна по новостите, и се поврати по падот како реакција на веста претходно за оставката на италијанскиот премиер Марио Драги.
ЕЦБ изминатиов период сигнализираше дека би можела да ја зголеми каматната стапка во Јули и Септември поради растот на цените, но не беше извесно дали ќе оди до таму што ќе ја доведе до нула проценти.
Аналитичари за CNBC денеска изјавија дека ЕЦБ не ја затегнува својата политика поради прегреана економија и дека со овој потег само ќе ја забави економијата на еврозоната, ризикувајќи шок од стагфлација што тешко ќе го контролира. Згора на се’, се надвиснува италијанската политичка криза со товарот на задолженоста на оваа голема економија од ЕУ.