македонија
Заев: Очекувам Сашо Мијалков да биде пронајден и ставен во притвор

Премиерот тврди дека нема политички договор за бегството на поранешниот шеф на тајната полиција за кого беше одредена мерка куќен притвор во пресрет на пресудата што треба да се донесе во петок, 26.02., во врска со случајот „Таргет – Тврдина“.
„Народот бара правда, а се случи уште едно бегство. Исто како и целиот наш народ така и јас секако сме разочарани од тоа што сѐ уште не е пронајден и не е приведен, односно не е однесенo во домашен притвор лицето Сашо Мијалков“, истакна премиерот Зоран Заев во изјавата за медиумите, и ја изрази својата, како и загриженоста на граѓаните што сѐ уште не е лоциран човекот за кого вчера е изречена мерка домашен притвор за случајот „Таргет-Тврдина“.
„Барам веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детално информации од надлежните институции под извршната власт, а тоа е МВР, како и очекувам комплетно детали со истрага за самиот случај од судот, од ЈО и од МВР. Целосно нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај и секако понесување одговорност доколку не се спроведе судското решение“, нагласи премиерот Заев.
МВР и официјално распиша потерница за екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој од вчеравечер е недостапен и во бегство. Мијалков се бара со национална потерница, а не се исклучува можноста против него да биде распишана и меѓународна потерница
„Мијалков Сашо, од татко Јордан , мајка Милка, роден на 15.09.1965 во Скопје, со живеалиште на ул.Народен Фронт бр.5-31 во Скопје, се бара по наредба за распишување на потерница на Основен суд Скопје 1 КОК – КР бр.56/21, а врз основа на решение на судот со кое му е определена мерка куќен притвор, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – “Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353 , кривично дело “Злосторничко здружување “ од член 394 и кривично дело “Примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од КЗ.“, стои во потерницата на МВР.
Во петок треба да се изрече пресудата во случајот „Таргет – Тврдина“ – масовното нелегално прислушување на граѓаните каде Мијалков е првообвинет.