економија
Закрепнувањето на извозот одложено до пролет
Cover story

Влошувањето на епидемиолошката состојба во Европа, особено во Германија, и продолжувањето на таканаречениот локдаун во повеќето западноевропски земји најверојатно до пролет, го одложува закрепнувањето на извозот годинава. Германија која што важи за мотор на европската економија, штотуку воведе уште построги мерки за движење на граѓаните и според некои епидемиолошки проценки, тешко веројатно е дека ќе може да се ослободи од нив до април или мај годинава. Овие прогнози се исклучително загрижувачки за нас, бидејќи речиси половина од целиот македонски извоз завршува токму на германскиот пазар, а околу 85% во ЕУ. Странската побарувачка за македонските производи е неизвесна бидејќи во вакви услови луѓето вообичаено трошат само за неопходни работи. Меѓународните финансиски институции имаат позитивни прогнози за сите наши најголеми извозни пазари годинава, меѓутоа, забрзувањето на економската активност најверојатно ќе се пролонгира до пролет, се додека не се укинат карантините.
Додека ширењето на коронавирусот кај нас полека стивнува, барем според официјалните потврдени случаи на заразени, поголем дел од Европа е во многу полоша епидемиолошка ситуација, евидентирајќи секој ден нови рекорди на инфицирани граѓани. Тоа наметна продолжување на таканаречениот локдаун во повеќето западноевропски земји најверојатно до пролет.
Германија која што важи за мотор на европската економија, штотуку воведе уште построги мерки за движење на граѓаните и според некои епидемиолошки проценки, тешко веројатно е дека ќе може да се ослободи од нив до април или мај годинава. Овие прогнози се исклучително загрижувачки за нас, бидејќи речиси половина од целиот македонски извоз завршува токму на германскиот пазар.
Странската побарувачка за македонските производи е неизвесна бидејќи луѓето вообичаено трошат само за неопходни работи.
Германската автомобилска индустрија веќе го сподели песимизмот сумиран во проценката на состојбата, која поради продолжениот локдаун падна на минус 5,4 поени. За споредба, месецот претходно овој индикатор беше во позитива и изнесуваше 5 поени.
Останатите извозни пазари се далеку помали така што продажбите во странство се исклучително зависни токму од побарувачката од Германија.
„Ако инфекциите не забават и сегашните ограничувања на економската активност продолжат или дури да се заострат, може да има значителен економски пад“, предупреди германската централна банка, Bundesbank.
Во Извештајот се посочува дека германската економија најверојатно стагнирала, но не се намалила во последните три месеци од 2020 година, бидејќи растот во индустријата и градежништвото го надоместил падот на угостителството и малопродажбата.
„Овие охрабрувачки сигнали за отпорноста на германската економија даваат надеж дека ограничувањата на економската активност, продолжени и засилени на почетокот на новата година, не треба премногу да го одложуваат закрепнувањето“, образложија од германската централна банка.
Според прогнозите на меѓународните финансиски институции, се очекува германската економија да оствари солиден раст од 3,5% до 4,2% но откако ќе спласне пандемијата односно со укинувањето на карантинот што е на сила. Според последните проценки на ММФ, германскиот увоз годинава ќе порасне 7,7% споредено со лани, додека пак извозот ќе се зголеми за 9%. Овие индикатори влеваат надеж дека од пролет кога се очекува да се олабават мерките и животот полека ќе почне да се враќа во нормала, македонскиот извоз би можел годинава да надмине 2,5 милијарди евра и да ја надомести загубата од околу 15% лани.
Втор најголем извозен пазар на земјава од којшто зависи закрепнувањето годинава е бугарскиот, но неспоредливо помал односно само десеттина од германскиот.
Според статистичките податоци за првите 11 месеци лани, во Бугарија сме извезле стоки во вредност од речиси 250 милиони евра, што е за 14,9% помалку отколку истиот период во 2019 година. За годинава, ММФ проценува дека бугарската економија ќе порасне 4,1%. Увозот во Бугарија се проценува дека ќе се зголеми за 12,3%, додека пак извозот 12,5%.
Трет по големина пазар на кој што најмногу се извезува од Македонија е Косово, со извоз од 210 милиони евра за 11 месеци лани. Во тој период статистиката забележала пад од речиси 23% на годишно ниво. Но, ММФ е голем оптимист за закрепнувањето на косовската економија годинава и прогнозира раст од дури 6%. Увозот во Косово се очекува да порасне за 14%, а извозот дури 26,7%.
Следна на листата најголеми извозни пазари на земјава е Србија каде што лани нашите компании продале стоки и услуги во вредност од 202 милиони евра, односно 12,2% помалку отколку во 2019 година. За годинава, прогнозите се дека српската економија ќе закрепне со стапка на раст од 5,5%, при што увозот се очекува да се зголеми за 11,2%, а извозот за 8,3%.
Првите пет најголеми извозни пазари на Македонија ги заокружува Грција каде што лани нашите компании извезле производи во вредност од 160 милиони евра, и е единствен пазар каде што не е евидентирано намалување на извозот, односно има само благ раст од 0,5%.
Проценките за грчката економија годинава според ММФ се исто така позитивни, со очекувана стапка на раст на бруто домашниот производ од 4,1%, раст на увозот за 6,1% и зголемување на извозот од 17,3%.
Останатите извозни пазари според големината се исто така неколку земји од Европската Унија, каде што всушност оди дури 85% од целиот наш извоз.
Иако се проценува раст од 4,7% годинава во рамките на ЕУ, сепак постои голема неизвесност околу овие прогнози отсега гледано бидејќи голем дел од земјите се соочуваат со огромен бран на пандемијата.

Според Народната банка која што пред околу еден месец ги објави своите последни прогнози, се очекува странската побарувачка за нашите стоки и услуги во следните две години за закрепнува по огромниот пад од речиси 6,3% лани. Па така, за годинава се проценува растот на побарувачката да биде 4,6% додека пак догодина 3%.
„Ризиците за проекциите за растот на странската побарувачка се главно надолни (условени од времетраењето на пандемијата, мерките за справување со вирусот, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирање на очекувањата). Постојните капацитети ориентирани кон извоз, коишто се дел од глобалните синџири на производство, по застојот во вториот квартал лани, се очекува дека ќе го зголемат извозот и ќе даваат солидна поддршка кон растот“, објаснија од Народната банка.
Колку се погодени извозниците од пандемијата?!
Пандемијата несомнено предизвика пресврт во стабилниот раст на извозот од Македонија поставувајќи значајни предизвици пред извозниците и креаторите на политиките да ја оживеат економијата во наредниот период.
Најновата студија на Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, „Потенцијалот на извозно ориентираните компании да придонесат за економското закрепнување по Ковид-19 во Северна Македонија“, открива дека економските ефекти од корона – кризата се хетерогени така што некои компании се поранливи во зависност од ограничувањата со кои се соочуваат во текот на кризата.
Според оваа студија, иницијалните истражувања покажуваат значајни нарушувања во глобалната трговија како резултат на пандемијата. Kако што владините мерки за спречување на ширењето на вирусот се затегаат, негативните ефекти се прелеваат од една земја во друга, од еден сектор во друг преку синџирите на набавки. Степенот на поврзаност на компаниите го зголемува значењето на индиректните шокови во однос на директната загуба предизвикана од пандемијата.
„За да се ограничи ефектот од нарушувањата на синџирите на набавки, компаниите се потпираат на должничките пазари за да ја подобрат својата ликвидност. Малите и финансиски ограничените компании се соочуваат со поголеми предизвици како што корона – кризата се развива. Дополнително, Ковид – 19 импактот е комбинација на шокови на страната на понудата и побарувачката отсликувајќи ги хетерогените секторски ефекти низ земјите околу светот. Од една страна, карантините и ширењето на заразата ги ограничуваат понудата на труд и менаџирањето со работната сила влијаејќи врз капацитетите за производство на добра и за давање услуги, посебно на компаниите позиционирани подалеку од финалниот потрошувач во синџирот. Од друга страна, затворањето на неесенцијалните сектори и порастот на невработеноста креираат шокови на страната на побарувачката правејќи притисок врз приходите на компаниите кои се позиционирани поблиску до финалниот потрошувач во синџирот. Конечно, пандемијата предизвика долгорочни ефекти во однос на конкурентноста на компаниите. Губењето на пазарниот удел, падот на профитабилноста и несолвентноста стануваат реална опасност за компаниите како што пандемијата се развива“, заклучува Институтот Finance Think.
Резултатите од студијата на Finance Think покажуваат движењата во стапките на раст на приходите, профитабилноста, инвестициите и вработеноста зависат од различниот пристап до финансии, проблемите во синџирите на набавки, ограничувањата на пазарот на труд, шоковите на страната на побарувачката и конкурентноста.
„Извозниците ги користат должничките пазари не само да ги покријат потребите за ликвидност туку и да ги подобрат своите парични резерви за да го зголемат пристапот до финансии подоцна доколку пандемијата се пролонгира. Поголемата задолженост ќе го ограничи растот во пост-пандемискиот период. Второ, географската изложеност и нарушувањата на увозот значајно ги објаснуваат варијациите во стапките на раст во текот на Ковид – 19. Увозниците од ЕУ страдаат повеќе како што пандемијата ескалираше низ Европа, но тие очекуваат забрзување на нивните инвестициски активности во посткризниот период. Трето, ограничувањата на пазарот на труд и трудоинтензивноста ја влошуваат магнитудата на импактот на Ковид – 19 врз стапките на раст. Капитално – интензивните извозници ќе го водат посткризниот раст на инвестициите. Четврто, покрај значајните шокови на страната на побарувачката, извозниците имаат оптимизам дека потрошувачката ќе забрза во наредниот период. Конечно, попрофитабилните извозници подобро се справуваат во текот на кризата индицирајќи дека конкурентноста им помага на извозниците да ги амортизираат шоковите, но можна е загрозена конкурентност на среден или долг рок“, анализираат од Finance Think.
Врз основа на анализата и идентификуваните ограничувања во рамките на секој сегмент, Finance Think има неколку препораки до креаторите на политиките за поддршка на извозниците да ги надминат ограничувањата во посткризниот период.
Според студијата, важноста на факторите во рамките на синџирот на набавки отвора простор за делување во две насоки: прво, доколку останатите сегменти од синџирот одлучат да реалоцираат со цел да го ублажат глобалниот проблем, тогаш политиките можат да бидат насочени кон привлекување на такви реалокации; и второ, доколку само некои сегменти можат да бидат заменети на домашниот пазар, тогаш поврзувањето со домашната економија треба да биде охрабрено иако самото поврзување бара време и труд.
„Побрзо закрепнување ќе биде постигнато со достапноста на соодветен кадар која треба да се зголемува на систематски начин и оваа потреба отвора простор за делување каде извозниците ќе поддржат креирање на човечки капитал на начин врзан за нивните сегашни и идни потреби. Просторот за делување, клучен во фазата на закрепнување, треба да биде пополнет со мерки со цел да поддржи (брзо) воведување на нови машини, опрема или практики кои би го зголемиле технолошкото ниво на извозниците. Извозниците во текот на кризата се потпираат на своите ликвидносни резерви како и на должничките пазари со цел да ги задржат работните места. Ова значи дека потребата за дополнителна ликвидност не се зголемила веднаш, веројатно поради искористувањето на мерките на владата за поддршка на ликвидноста, но таа потреба може да се зголеми во фазата на закрепнување. Тоа значи дека поддршката на кредитната активност треба да постои во соодветно макроекономско окружување во кое монетарната политика останува релаксирана додека фискалната политика не ги поткопува приватните инвестиции“, пишува во студијата на Finance Think.
Мали знаци на заздравување

Анализата на податоците за извозот од земјава по месеци, покажува дека во ноември лани имало благо закрепнување споредено со истиот месец во 2019 година. Македонските извозни компании во ноември на странските пазари продале производи вредни 578 милиони евра, што е 2,3% повеќе на годишно ниво.
Увозот, пак, во ноември изнесувал 694 милиони евра и бил помал за 5,8%.
Но во споредба со претходниот месец октомври, извозот бележи пад од 3,1%, додека, пак, увозот е помал за 9,2%.
Ако се погледнат податоците сумарно за првите 11 месеци од 2020 година, извозот е уште помал. Изнесува 5,1 милијарди евра што е за 684 милиони евра или 11,3% помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Увозот, пак, во текот на периодот од јануари до ноември лани изнесувал 6,8 милијарда евра и е помал за 853 милиони евра во споредба со истиот период во 2019 година, што е пад од 10,9%.
Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во периодот од јануари до ноември 2020 година во сите сектори е помал во споредба со истиот период лани. Најмал пад има кај извозот на метали од 2%, извозот на храна е намален за 2,4% и тутун и пијалаци пад од 11,4%.
Најголем пад од дури 39,4% има кај извозот на нафтени деривати, кое се должи на намалената потрошувачка за време на карантините, но и на намалената цена на нафтата на светските берзи.
Извозот на компаниите од автомобилската индустрија иако почнува да заздравува, се уште во првите 11 месеци е помал во споредба со истиот период претходната година. Така извозот на хемиски производи, каде влегува пред се извозот на катализаторите на Џонсон Мети е помал за 13% во споредба со 2019 година.
Извозот на машини и транспортни уреди во првите единаесет месеци од 2020 година, каде исто така доминира производството на автомобилски делови, е помал за 12,2% во споредба со истиот период од 2019 година.
Ако се анализира по региони, најголем дел од извозот во првите 11 месеци или 77,6% од вкупниот извоз бил насочен кон земјите од ЕУ, каде се продадени производи вредни 4 милијарди евра. Извозот во ЕУ во првите 11 месеци од 2020 година бележи пад од 11,6 % или на европските пазари годинава извезени се 594 милиони евра помалку производи.
Увозот од ЕУ во истиот период е намален за 853 милиони евра или за 11,2%.
Во земјите од Западен Балкан од јануари до ноември лани биле извезени производи во вредност од 574 милиони евра. Тоа е за 99 милиони евра помалку или пад од 14,8% во споредба со истиот период во 2019 година.
Поголем извоз за 2% или за 2,6 милиони евра во првите 11 месеци од 2020 година има во Азискиот регион, главно во Кина, каде во овој период биле извезени производи во вредност од 136 милиони евра.
Половина од извозот од зоните

Извозот од зоните во текот на изминатата 2020 година изнесувал 2,58 милијарди евра, што е пад од 8% во споредба со претходната година, информираше директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
„Не треба да не радува падот, но имајќи предвид дека падот на извозот од зоните заклучно со април беше 91%, забележителен е силен тренд на закрепнување на економската активност во зоните”, вели Деспотовски.
Во делот на увозот, најновите податоци од Дирекцијата покажуваат поголем пад на увозот од 14%, со што вкупниот износ достигна 2,2 милијарди евра во текот на 2020 година.
Според тоа, произлегува дека нето извозот од зоните во 2020 година изнесувал 370 милиони евра, што е зголемување во споредба со 2019 година, кога заради поголемиот увоз, нето извозот изнесуваше 231 милион евра.
Покриеноста на увозот со извоз во 2020 година изнесувала 117%, односно извозот лани бил за 17% поголем од увозот, што според Деспотовски е исклучително важно бидејќи има позитивен придонес кон растот на економијата. За споредба, во 2019 година извозот во зоните бил за 9% поголем од увозот. На ниво на цела држава, покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари – ноември 2020 година изнесувала 75%.
Според Деспотовски, иако економските последици од пандемијата се значителни и сигурно ќе се одразат и врз компаниите од зоните, податоците покажуваат дека повеќе од половина од компаниите кои доставиле извештaи до Дирекцијата бележат раст на бројот на вработени. Просечно, растот на бројот на вработени во 2020 година изнесува 0,64%.
Со тоа, бројот на вработените во компаниите во зоните во 2020 година изнесувал 14.076.
Деспотовски најави дека во следниот период Дирекцијата ќе ја следи внимателно реализацијата на договорите со странските инвеститори во поглед на преземените обврски за отворање на работни места. Имено, согласно досегашните договори инвеститорите во зоните се обврзале да отворат 21 илјада работни места, што наспроти сегашниот број на вработени од 14.100 е реализација од околу 60%.
„За да ги поттикнеме инвеститорите побрзо да ги креираат работните места се развива и посебна мерка за поттикнување на вештини за продуктивност, која што ќе ги поттикне да одат со побрза динамика со примање на нови вработени, но ќе поттикне и зголемување на просечната плата на вработените во зоните за 30% до 50% до 2024 година”, вели Деспотовски.
Во поглед на реализацијата на инвестициите кои инвеститорите ги имаат преземено со договорите, согласно потпишаните договори со државата инвеститорите во технолошките зони се обврзале да инвестираат 353 милиони евра, а заклучно со 2020 година се реализирани инвестиции од 305 милиони евра, што е реализација од 86,4%.
Според Деспотовски, има потенцијал од уште околу 50 милиони евра инвестиции да се реализираат согласно преземените обврски од договорите за инвестирање.
„Дирекцијата во следниот период, покрај на привлекување на нови инвеститори, ќе работи поблиску со постојните инвеститори на тоа да се најдат начини да ги поттикне инвеститорите побрзо да ги реализираат овие инвестиции и да ги прошират инвестициите со нови”, вели Деспотовски.
Тој го потенцира новиот пристап на работењето на Дирекцијата за ТИРЗ со фокус кон привлекување на и реализација на инвестиции со повисока додадена вредност, нов концепт на организација за aftercare и профилирање на инвеститорите, нов модел на пристап кон инвеститорите и програма за технолошко прилагодување и усвојување на стандарди за домашните компании со цел нивно вклучување во синџирите на вредности и снабдување на големите производители и поттикнување на конкурентноста.