start up
Запознајте ги творците на првото мотоциклистичко сако во светот
Нина Левиќ и Нино Карас, Brummell

Разговаравме со двајцата „стартапџии“, партнери во компанијата Brummell, којашто стои зад креацијата на првото сако во светот наменето за мотоциклисти. Има милиони луѓе во светот коишто користат мотор во секојдневното одење до работа или на состаноци, но немаат соодветна гардероба којашто ќе ја запази функцијата на заштита при возењето, а ќе ја задржи деловната елеганција. Барем досега. Со иновацијата на Нино и Нина, овој проблем е решен.
Како дојдовте до идејата за креирање на сако за мотоциклисти, како што велите, прв ваков производ во светот?
Нино: Идејата за Brummell сакото дојде од мој личен проблем. Имено работам во канцелариско опкружување и секојдневно (8 од 12 месеци во годината J) патувам до работа и состаноци надвор од канцеларија со мојот мотор. Со години не можев да го искомбинирам деловниот изглед потребен за мојата секојдневна агенда со заштитната мото опрема достапна на пазарот. Се обидов на многу различни начини да останам безбеден додека возам, а сепак да изгледам соодветно за во канцеларија, но искрено не постоеше соодветно решение.
По долго истражување, сфативме дека проблемот го делат милиони мотоциклисти во светот, кои секојдневно се принудени да изберат помеѓу соодветен бизнис изглед и заштита при возењето. Во тој момент дојде идејата да го креираме првото сако за мотоциклисти во светот, кое ќе им овозможи на мотоциклистите да пристигнат на нивното работно место, состанок или на кој било друг настан соодветно облечени и заштитени во исто време.
Како одеше процесот на дизајн, изработка, кој се’ е вклучен во креирање на сакото?

Нина: Процесот на креирање на Brummell сакото почна пред нешто повеќе од две години. Иако изгледа навидум едноставен, станува збор за многу комплексен продукт. Пред се, конструкцијата на едно класично сако го лимитира слободното движење на рацете и грбот, па притоа ги и лимитира движењата и позицијата на телото потребни при возење на мотор. Дополнително, сакото вклучува и многу безбедносни механизми за да го заштити возачот (на пример штитници на лактите, рамената и грбот) кои треба да се незабележителни однадвор со цел да се постигне елегантниот бизнис изглед. Поради големиот број на предизвици кои требаше да се решат, ни беа потребни нешто повеќе од десет циклуси на дизајн и прототипирање додека стигнавме до крајниот продукт. Целата иновација е развиена интерно од тимот на Brummell.
Кои се главните карактеристики на ова сако, односно главните причини поради кои мотоциклистите би го купувале?
Нино: Brummell сакото е високо иновативна заштитна опрема, која го задоволува и деловниот изглед и заштитата, истовремено обезбедувајќи целосна удобност при возењето. Сакото е изработено со премиум швајцарски заштитен материјал schoeller®-keprotec, кој содржи DuPont TM Kevlar® арамидни влакна. Тоа значи дека при незгода и лизгање на асфалт нема да се искине со цел да се заштити кожата на мотоциклистот. Уште повеќе, инкорпорирани се штитници со највисоко ниво на заштита за рамена, лакти и грб, заштитувајќи го возачот од фрактури и несакани повреди. Сакото има посебни фалти на рамената за максимална удобност при возење на различни типови на мотоцикли, а сите материјали содржат еластин за дополнителна удобност. Инкорпориран е и посебен систем за вентилација со цел одржување на пријатна температура при возење. Понатаму, има посебен безбедносен систем за закопчување како и околувратник кој го штити градниот кош на возачот со цел да го заштити од хипотермија.
До која фаза на производство е стигнато сакото (гледам на вебсајтот веќе има опција за преднарачки)? Како го организирате процесот на продажба и дистрибуција? Каде е централата на фирмата, шивалницата, магацините и сл.?
Нина: Првата лимитирана серија на Brummell мотоциклистичкото сако е веќе испорачана и се вози на над 20 различни локации во светот.
Нашата компанија има канцеларии на две места. Brummell претставништвото во Америка се грижи за продажба и маркетинг на продуктот, додека претставништвото во нашата држава се грижи за производство и логистика.
Brummell сакото во целост се произведува во нашата држава, па од тука се дистрибуира низ целиот свет. Во моментов продажбата се одвива онлајн преку нашата e-продавница, но веќе работиме и на склучување на договори и формирање на дистрибутивна мрежа во повеќе држави низ светот.
Со колкава инвестиција влезе Х фактор акцелераторот во вашиот стартап и за што ќе ги искористите овие пари?

Нино: X Фактор ацкелераторот инвестираше 100.000 Евра во Brummell. Инвестицијата на Х Фактор Акцелераторот ќе се искористи за понатамошен развој на компанијата, и воведување на нови производи на пазарот како дел од понудата за првата елегантна заштитна мото опрема.
Каква глобална кампања за адвертајзинг ќе покренете за Brummell блејзерот, какви алатки ќе искористите, со оглед дека веројатно немате големи буџети на располагање за реклами со селебрити и сл.?
Нина: Маркетингот во целост ни е навистина круцијален при градење на brand awareness за нашиот бренд и продуктите кои ги нудиме. За изработка на нашето продукт видео работевме со врвна видео продукција која работи за Netflix, а на крајот на минатиот месец се претставивме со штанд и на најголемиот саем за мотори во светот EICMA кој традиционално се одржува во Милано, Италија. Сепак, бидејќи располагаме со ограничени буџети во многу погледи мораме да бидеме креативни и да користиме growth hacking техники.
Кои се всушност најголемите предизвици со коишто се соочувате на патот кон лансирање на сакото на светскиот пазар?
Нина: Предизвици има навистина многу, од набавка на репро-материјали, логистика, дистрибуција па се’ до регулативи и стандарди.
Раскажете ни накратко за вашето претходно претприемачко искуство, кои успешни проекти се зад вас? Имате ли и неуспеси од коишто сте научиле многу?

Нино: Ние сме тим чија пасија се две работи: мотоцикли и мода. Цврсто веруваме дека можеме да ги поврземе овие два света кои навидум немаат ништо заедничко, така што мотоциклистите веќе никогаш нема да избираат меѓу изглед и соодветна заштита. Нашиот core тим има повеќе од 35 годишно комбинирано работно искуство во развој и дизајн на продукт, моден дизајн, прототипирање и сл.
Јас имам досега лансирано неколку IT компании и воедно сум страстен мотоциклист. Нина е магистер по правни науки со пасија за дигитален маркетинг и е креатор на @CafeRacerRide, една од најголемите мото заедници на Instagram која во моментов ја следат над 195.000 луѓе.
Како го оценувате развојот на македонскиот стартап екосистем последниве 5-6 години, каде сме напреднале најмногу, а кои ни се најголеми слабости?
Нино: Македонскиот стартап екосистем има навистина многу напреднато во последните години. Веќе имаме програми за поддршка на стартап компании, извори до финансирање, успешни стартапи и претприемачи кои веќе направиле “exit”. Како најголеми слабости би ги издвоил: достапност до квалитетен кадар (кој за жал се помалку го има), присутност на повеќе VC фондови со цел финансиска поддршка на стартапите во подоцнежната фаза на раст, како и недостаток на правни механизми за олеснување на работата на стартап компаниите (поедноставени equity модели и можност за incentive шеми за вработените, даночни ослободувања, поедноставени процедури за увоз/извоз, итн).