економија
За заштита од коронавирусот државата „итно“ потрошила 6,7 милиони евра
Итни јавни набавки во време на пандемија

Државните институции за шест месеци потрошиле 6,7 милиони евра за производи наменети за заштита од коронавирусот, преку итни јавни набавки без вообичаените фази на постапката, туку директно со преговарање со компаниите, покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации. Според наодите од овој мониторинг, третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР), кое со 2,2 милиони евра води според износот на склучените договори. Државните институции купувале производи од вкупно 186 фирми, но сепак речиси половина од вредноста на тендерите, односно 43% ја поделиле само пет компании. На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, а Центарот за граѓански комуникации открил и значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици од една до друга институција.
Државните институции за шест месеци потрошиле 6,7 милиони евра за производи наменети за заштита од коронавирусот, преку итни јавни набавки без вообичаените фази на постапката, туку директно со преговарање со компаниите, покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации.
Според наодите од овој мониторинг, третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР), кое со 2,2 милиони евра води според износот на склучените договори. Државните институции купувале производи од вкупно 186 фирми, но сепак речиси половина од вредноста на тендерите, односно 43% ја поделиле само пет компании.

На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, а Центарот за граѓански комуникации открил и значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици од една до друга институција.
„Истовремено со избивањето и раширувањето на кризата со коронавирусот се наметна и потребата од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и спречување на ширењето на заразата од овој вирус. Поради ова, ваквите јавните набавки, наместо по редовните, се спроведуваат по скратени и забрзани процедури, имајќи ја предвид итноста во обезбедувањето на потребните средства за заштита и лекување. Брзањето и фокусот врз другите работи, како здравјето и животите на луѓето, ги зголемуваат и ризиците од случајни и намерни грешки и злоупотреби и на двете страни – и кај тие што набавуваат, и кај тие што продаваат. Поради ова, сè побројни се повиците од домашните и од меѓународните институции за зголемена транспарентност, отчетност и одговорност на властите при итните набавки поврзани со коронавирусот, како и за зголемен мониторинг и контрола од страна на државните органи и граѓанскиот сектор“, објаснуваат од ЦГК за спроведениот мониторинг на итните јавни набавки.
Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот според објавените известувања за склучените договори, освен МВР со речиси 2,2 милиони евра, се и Министерството за здравство со склучени 22 договори во вредност од околу 730 илјади евра, потоа Универзитетска клиника за трауматологија со склучени 48 договори од 700 илјади евра, Градска општа болница „8 Септември“ Скопје со 35 тендери во вредност од 430 илјади евра и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со склучени 24 договори од 260 илјади евра.
Од март до август годинава се склучени вкупно 447 договори за итни набавки.
Вакви итни набавки имале 97 државни институции.
Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот според објавените известувања за склучените договори, освен МВР со речиси 2,2 милиони евра, се и Министерството за здравство со склучени 22 договори во вредност од околу 730 илјади евра, потоа Универзитетска клиника за трауматологија со склучени 48 договори од 700 илјади евра, Градска општа болница „8 Септември“ Скопје со 35 тендери во вредност од 430 илјади евра и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со склучени 24 договори од 260 илјади евра.
По одделни компании, прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана.
Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-Ком МС“.
Големи разлики од цени до цени
Мониторингот на итните јавни набавки открива големи разлики во цените од институција до институција кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери.
Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.
Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.
И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.
Понатаму, дури две третини од склучените договори за итните набавки се објавени по законскиот рок од десет дена.
За 68% од склучените договори институциите директно го прекршиле Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори, заедно со примерок од договорите, во рок од десет дена од нивното склучување.
Значаен дел од институциите не ги наведуваат во договорите ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерите.
Третина од итните набавки биле само со една понуда.

На 30% од итните набавки се преговарало само со една фирма.
Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда.
Во 10% од известувањата за склучен договор, договорните органи го промениле првобитно објавениот број на понудувачи од 1 во 2 и повеќе, при промената на известувањата што од нив ја побара Владата, за да додадат дека станува збор за набавки поврзани со КОВИД-19.
Мониторингот открива и дека дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.
„Во дел од договорите непрецизно се опишани стоките што се набавуваат, на пример, дали станува збор за респираторни или заштитни маски, или скафандери за една или за повеќекратна употреба итн., што остава простор да се наплати цената за поскапиот од овие производи, а да се испорача поевтиниот“, велат од ЦГК.
Што се однесува до владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици, нема јавно објавени информации за исходот. За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски (во март 2020), а другата за ракавици (во април 2020).
Досега нема информација за нивниот епилог.
Најмногу тендери во март и април
ЦГК забележува дека по првите месеци и почетните укажувања и препораки, се зголемил бројот на фирми со којшто се преговараше и зачести навременото објавување на договорите.
Најмногу итни договори за заштита од коронавирусот се склучени во април.
Иако најмногу договори за итни набавки за заштита од коронавирусот се склучени во април, сепак, според вредноста – најскапите договори се склучени на самиот почеток од кризата, односно во март 2020 година.
Се забележуваат два брана на набавки, од кои едниот кулминира во април, а другиот кулминира во јули.
„За разлика од почетокот на кризата, кога речиси половина од набавките беа само со еден понудувач, по постојаните апели и укажувања институциите почнаа да вклучуваат повеќе понудувачи во преговорите. Исто така, институциите ги применуваа и препораките за навремено објавување на склучените договори и за разлика од почетните 19%, до крајот дури 75% од договорите беа објавени навремено. Сепак, останатите 25% од договорите се објавени по законскиот рок од 10 дена по склучувањето на договорот“, објаснуваат од ЦГК.
Итните да се заменат со редовни тендери
Имајќи предвид дека кризата со коронавирусот трае веќе шест месеци и е извесно дека таа ќе продолжи и во наредниот период, ЦГК сугерира јавните набавки поврзани со заштита од коронавирусот да се спроведуваат со примена на редовните постапки, наместо по пат на итни набавки со преговарање.
Освен тоа, за да се зголеми конкуренцијата и да се постигнат пониски цени и повисок квалитет на набавките, институциите коишто и натаму ќе ја применуваат постапката со преговарање без објавување оглас да настојуваат во преговорите да вклучат што е моќно повеќе фирми.
За да се подобри планирањето на набавките поврзани со коронавирусот, институциите да спроведуваат истражување и анализа на пазарот имајќи предвид дека досега се спроведени доволен број набавки што можат да послужат за оваа намена е исто така една од препораките на Центарот за граѓански комуникации.
Потоа, институциите навремено да ги објавуваат на Електронски систем за јавни набавки –ЕСЈН и на своите веб-страници известувањата за склучените договори и примерок од договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот, и тоа најдоцна десет дена од денот на склучувањето.
За поголема транспарентност, институциите да го користат законскиот инструмент за т.н. доброволна транспарентност и да ги објавуваат на ЕСЈН одлуките за избор на најповолна понуда истиот ден кога за тоа го информираат и понудувачот со најповолна понуда.
„Договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот да ги содржат поединечните цени на набавените производи и услуги, како и детален опис на предметот на набавка. Потребите за итните набавки поврзани со коронавирусот треба детално да се образложуваат во одлуката за јавната набавка, со објаснување на причините за набавка на потребниот производ или услуга, количините и квалитетот на набавките. Надлежните институции да изработат насоки или прирачник за набавка на производи за заштита и спречување на ширењето вируси, водејќи сметка за различните потреби на институциите“, се исто така дел од препораките за потранспарентно и поефикасно трошење на народните пари преку јавни набавки во услови на пандемија.
Итноста носи голем ризик од корупција
Состојбата со коронавирусот односно прогласената вонредна состојба во земјава, наметнаа потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и спречување на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваа со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им беше потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.
„Поради сево ова, притоа имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста врз други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова важи уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин“, велат од ЦГК и доадаваат дека вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваа набавките го зголемија ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка.
Од друга страна, велат дека и добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можеа да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните.
За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки.
„Освен тоа, три други прашања особено се наметнуваат во услови на итни набавки. Првото е дали цените по коишто се набавуваат производите се разумни и одредени според пазарните услови, бидејќи во вакви услови постои зголемен ризик тие да бидат неразумно високи. Второ, дали се почитува рокот на испораката на набавените стоки, услуги и работи бидејќи навременоста на испораката е клучен фактор во услови на криза, како и причина за итната набавка. Трето, дали секој договорен орган детално ја образложил причината за набавката со сите елементи – вид, количина, квалитет и рок, како што тоа го бара законот“, велат од ЦГК.
Лани потрошени 900 милиони евра
Сите јавни институции минатата година потрошиле вкупно 873 милиони евра преку јавни набавки, за купување на производи, услуги и за работи. Тоа значи дека преку тендери лани се потрошени една четвртина од целиот државен буџет. Податоци за лани покажуваат дека биле склучени вкупно 26.109 тендери, поништена била секоја четврта набавка, а 5% од вкупната вредност на парите се потрошиле преку директна спогодба, односно со договор во четири очи. Ваквата слика за 2019 година не отстапува од трендовите забележани и во претходните години, иако од април лани почна да се применува целосно нов закон за јавните набавки, со кој што се замени стариот и често критикуван закон, а се хармонизираше со европската директива за да се поправи долгата листа на проблеми. Сепак, и по примената на новиот закон, јавните набавки се спроведуваат според старата и лоша практика, како ништо да не се променило.