коментари
За минималецот

Може ли еж кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е тоа мотор со внатрешно согорување …!? Не може нели! Е па таков е статусот на залутаниот македонскиот приватен сектор и компании во однос на се што се случува во светот, па ако сакате и во некои земји од регионот! Споредете ги приходите на топ 20 домашни компании во Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, анализирајте, и ќе сфатите што сакам да кажам. Драматични разлики се во прашање по 30 години независност. За какви плати ние всушност зборуваме …? Голема е оваа тема за платите! Оти ако некој работник можеш да го плаќаш САМО 14.000 денари минималец и за тој минималец што сега треба да биде 18.000 дебатираш до бесвест, тогаш размисли … тој можеби и не ти е потребен …!? Тој можеби ти е прескап!? Можеби твојата индустрија е на пропаѓање, а со тоа и твојата компанија … Тогаш зошто воопшто се мачиш?!? Што правиш за да ја направиш сопствената компанија пристојна средина за среќни работници кои ќе ја однесат твојата компанија во небесните височини!?
Многу дебати во оваа земја завршуваат пред да почнат. Она што е иманентно за времето по власта и режимот на Никола Груевски, па се’ до денес, е фактот дека во последниве четири до пет години … со оваа власт се инсистира на дебата за секое прашање (се разбира во голема мерка ваквата пракса е „китка на реверот„ на оваа власт како длабоко демократско остварување. Таа смета дека со било каква дебата се подобрува квалитетот на владината или општествената нова акција)!? Но, овде не се има предвид кои се актерите на дебатата и со какви намери влегуваат во неа. Оти во многу вакви демек дебати влегуваат лица „човек бомба„ колку да експлодира во дебатата и таа да заврши. А, се сеќавате дека во времето на Груевски никој не се осмелуваше да си го каже ставот по важни прашања ниту во колумни ниту на Фејсбук. Тивок телефонски повик ќе ве побараше или незгодна порака ќе добиевте на месинџер …
Денес секако е друго време, слобода насекаде, па затоа и прилично „чавки„ се појавија! Со други зборови дебатите во Македонија даваат многу мал ефект за подобрување на решенијата и акциите за реализација за реформи, промени, имплементација на решенија. Причините се дека овде имаме „зналци за се’„ кои едноставно дебатата ќе ја преселат на Фејсбук, а тука веќе таа е утепана. Преземена од лица кои до моментот кога ќе налетаат на неа, на социјалната мрежа, претходно коментирале фудбал, ракомет, временска прогноза, па некоја заебанција за премиерот, лидерот на опозицијата, па се изјасниле и за руско – украинската ситуација, го опцуле Бајден со се’ Макрон, се изјасниле и за Гоце Делчев, а дента пуштиле и некоја фотка од некоја софра запиени, па јагнето на маса унесреќено за кое телевизискиот прилог оди дури и пред темата за минимална плата …
Новинарите веќе немаат сектори. Преземаат и крадат од веб порталите, не читаат, само пренесуваат и се тепаат за лајкови повторно на истиот тој Фејсбук, на кои се закачени маркетинг агенциите и врз основа на тие „празни лајкови„ ги распределуваат буџетите. Е такви ликови дебатираат овде, а сите ние очекуваме длабока и корисна дебата која ќе резултира со решенија и реформи …
Нормално тие што нешто разбираат сакаат да се приклучат на дебатата ама се двоумат оти ќе бидат „хејтани“ од овие првите. Тука се и ботовите од едната и другата страна и тоа е … На крај дебатата ја снемува пред да започне …!?
Ете така, драги мои, таква е и дебатата за минималната плата во земјата. Ајде да се обидеме да издебатираме … иако после вчерашниот мој статус на темава на фејзбукот најсилно од се беше „хејтањето”, отворено навредување од страна на „слабичите“ кои едноставно ништо не знаат, не следат, не читаат. Таа крајно деструктивна и примитивна маса на луѓе без работа која цел ден дреме на компјутерот, и се храни со сопствениот „измет„ што ќе го опишат и напишат во статус.
Сега да одиме на конкретната тема
Кога зборуваме за минималната плата во Македонија треба да знаеме дека само таа е законски пропишана. Тоа значи дека за неа преговараат во трипартитна форма – работниците (синдикатите), работодавачите (бизнисот) и Владата. Во некои држави минимална плата не постои, се’ се дефинира пазарно … некаде постои, како во Македонија … Сите други плати се формираат пазарно … слободно.
Она што не знаеме овде (барем јас уште не можам да проценам) е опфатот на лица кои се дефинирани со минимална плата. Кои се тие лица …? Колку се? Каде работат? Кои се тие сектори и компании? За кого ние всушност дебатираме!? Ова е важно прашање затоа што една економија од година во година се менува. Таа не е иста. Или барем треба да се менува. Се менува ли македонската економија, или секоја година дебатираме едно те исто?
Има сектори и компании кои уназадуваат и пропаѓаат (ниска продуктивност, големи трошоци, немаат нови пазари, нема извоз, увоз на многу поевтини производи на домашниот пазар …). Од друга страна има компании и цели сектори кои драматично растат.
Малку за јавната администрација пред да прејдам на главното – приватниот сектор! На примерот на Македонија, имаме една по малку несреќна ситуација каде секторот на јавна администрација е со ниво на плати далеку над минималната (имаат колективни договори со синдикатите, имаат солидни систематизации на работни места, заштитени се со дузина закони во Парламентот каде сите 120 пратеници гласале ЗА, оти по пола семејства им работат во администрацијата) Топ не ги бие, под честа им е да работат во македонска компанија чиј газда го презираат оти некако нејасно работел во деведесеттите години кога фирмата се приватизирала!? Во администрацијата законски е создадена една цела каста на таканаречени професионалци во јавната администрација. Во овој сектор никој не мери продуктивност, рентабилност, ефективност и ефикасност. А сите тие перформанси се многу слаби. Овде вечно се зборува за реформа на јавната администрација и таа, како и дебатата за неа завршува пред и да почне … И затоа сите се буткаат да влезат во јавна администрација. Прво влегуваат во партиите па од таму катапулт во администрација! Платите во администрацијата се повисоки од платите во одредени гранки во приватниот сектор!? Ова е лошо и треба да се посвети внимание! Важно е за оваа дебата ова да се има предвид.
За приватниот сектор…
Овде имаме различни аспекти! Има сектори на кои им треба комплетно реструктурирање што би го направила државата во партнерство со банкарскиот сектор. Македонската пазарна економија и компаниите во неа дефинитивно ќе мора да се менуваат. Едноставно денес постои новата ера на индустрии и компании … Информатичката, високо технолошко опремено производство на храна, енергетски сектор, финансиски и не финансиски услуги, медицина и фармација, образование и едукација, туризам … Можеби некои сектори ги пропуштив, но во овие што ги набројав имаме шанси. Шанси имаме, но фокус немаме …
Треба да се работи многу преку програми за нови инвестиции, нови технологии и технолошки процеси, иновации, овде го гледам инвестирањето во дуалното образование со најголем ефект, инвестирање во специфичното образование и во нови специфични вештини … Воведување на нови организациони форми и партнерства, јавно приватни партнерства. Инвестиции во подигање на сите нивоа – образовни центри, институти (може да се донесат веќе светски етаблирани овде). Сето тоа со крајна цел извоз, зголемување на капацитетите на таквите македонски компании, инвестиции на сопствениците на компаниите во тие капацитети и пак зголемување на извозот и отворање на се’ поинтелигентни работни места … Сакате примери … Нема многу овде, но сепак има … Алкалоид, Брако, Макпрогрес, Витаминка, ИГМ, многу компании во ИТ секторот … Знаете, важен е моментот и правецот …
Знаеме ли каде одиме? Имаме ли менталитет на победници или губитници … Оти во компаниите што ги набројав погоре многу малку денес се зборува за минималната плата. Може ли еж кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е тоа мотор со внатрешно согорување …!? Не може нели! Е па таков е статусот на залутаниот македонскиот приватен сектор и компании во однос на се’ што се случува во светот, па ако сакате и во некои земји од регионот! За какви плати ние всушност зборуваме …? Инвестираат во такви работници …
Порака
Пак ќе прашам. За кого ние зборуваме кога дебатираме за минималната плата!?
Оттука, мојата порака до бизнис заедницата, особено онаа покрупната, е дека ако можат да издржат 16.300 денари минимална плата (како што вели Димитров), тогаш можат да издржат и 18.000 денари … Но, за кого! Оти ако некој работник можеш да го плаќаш 14.000 денари минималец, тогаш размисли … тој можеби и не ти е потребен … Тој можеби ти е прескап. Можеби твојата индустрија е на пропаѓање, а со тоа и твојата компанија … Тогаш зошто воопшто се мачиш?!?
Како да го сменат пристапот! Едноставно …
Ќе ја зголемат продуктивноста, ќе намалат профитите кои ги прават и без многу “растривање” од работа, помалку непотребни трошоци, повеќе приходи (нови пазари и гранде извоз, потоа воведување нови производи, а не само плачење над сопствената судбина – “Седев крај реката Педра и плачев”), малку и државата ќе помогне секако и ете 18.000.
Треба да се има предвид дека поголем минималец кај работниците ќе ја зголеми и потрошувачката во трговијата и тоа ќе биде добро за економија … Не е тоа некоја кој знае каква промена, ама важно е правецот да се задржи …
Вака бизнисот, оној покрупниот, (кој и не е така крупен што е проблем, оти некои сопственици дремеа триесет години и ништо важно не правеа со сопствените бизниси па дојде ден да се замараат со минималецот, хахаха), е такви од нив дел оставаат впечаток дека и не им е многу до тоа колку ќе биде минималецот …!?!?
Се’ си мислам дека повеќе ги интересира која од двете партии (власт и опозиција) каков став застапуваат … И пак фаќаат некаков приклучок … Нема иднина со ваков менталитет.
Мислам дека се во офсајд …
Ајде да се затвори прашањето за минималецот. На 18.000, се разбира … Има други поважни прашања што ги опишав на почетокот од овој текст.