економија
Зголемените цени го „набилдаа“ растот на извозот лани, за годинава поумерени прогнози
Извозот излезе од карантин

Речиси седум милијарди евра е вредноста на сите производи и услуги што ги продале македонските компании лани на странските пазари. Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, вкупниот извоз во 2021 е зголемен за 19,8% споредено со 2020 година. Меѓутоа, ако се анализира количински, извозот на производи во 2021 година е зголемен значително помалку, односно за 10,5%, што се објаснува со големиот раст на цените на многу суровини и влезни инпути кои ја зголемуваат вредноста на извозот. Со тоа, извозот минатата 2021 година го надмина нивото од претпандемиската 2019 година и е поголем за 7,6%. Прогнозите за извозната активност на домашните компании годинава се раст од 8,3% како резултат на понатамошно стабилизирање на глобалните синџири на производство и растот на надворешната побарувачка во услови на зголемената економска активност кај најзначајните трговски партнери, пред сѐ, Германија. Позитивно влијание ќе има и зголемената искористеност на производните капацитети како и зголемувањето на извозниот потенцијал во земјата преку странските инвестиции. Капитал анализира каква е економската перспектива на најголемите извозни пазари на Македонија и со тоа колкав е потенцијалот за раст на нашиот извоз.
Речиси седум милијарди евра е вредноста на сите производи и услуги што ги продале македонските компании лани на странските пазари. Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, вкупниот извоз во 2021 е зголемен за 19,8% споредено со 2020 година.
Увозот пак во изминатата година се зголемил за 26,9% и достигна 9,64 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит на крајот на 2021 година достигна 2,71 милијарда евра и е за 49,5% поголем во споредба со 2020 година. Покриеноста на увозот со извозот во 2021 година изнесува 71,8%, што е намалување во однос на 2020 и 2019 година кога покриеноста на увозот со извозот изнесувала 76,1%, односно 76,2%.
Меѓутоа, ако се анализира количински, извозот на производи во 2021 година е зголемен значително помалку, односно за 10,5%, што се објаснува со големиот раст на цените на многу суровини и влезни инпути кои ја зголемуваат вредноста на извозот.
Со тоа, извозот минатата 2021 година го надмина нивото од претпандемиската 2019 година и е поголем за 7,6%, додека споредбата на извезените количини покажува дека ланскиот извоз е за 1,4% понизок во споредба со количините извезени во 2019 година.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо учество лани имале катализаторите, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот биле најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените деривати, платината и легурите на платина, необработени или во прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во 2021 година во сите сектори бележи раст во споредба со 2020 година. Најмал раст има кај извозот на пијалаци и тутун, од само 0,8%, кој лани надмина 195 милиони евра и кај извозот на храна кој лани пораснал за 7,2%, достигнувајќи 389,5 милиони евра.
Извозот на нафта и минерални горива лани бележи раст од 56,6%, достигнувајќи 127,5 милиони евра. Извозот на хемиски производи, каде влегуваат и катализаторите на најголемиот извозник Џонсон Мети, лани бележи раст од 36,2%, надминувајќи 1,87 милијарда евра.
Ако се гледа по региони, најголем извоз лани е остварен традиционално на пазарите во ЕУ, каде во текот на целата 2021 година биле извезени стоки вредни 5,35 милијарди евра или 77,3% од вкупниот македонски извоз, што е раст од 19,5% во споредба со 2020 година.
Извозот во земјите од Западен Балкан, пак, растел повеќе од оној во ЕУ, и лани достигнал 817,5 милиони евра, што е годишен раст од 28,5%.
Гледано по земји, Германија и понатаму останува најголем извозен пазар за македонската економија, каде лани биле извезени стоки во вредност од 3,2 милијарди евра, што е раст од 19% во споредба со 2020 година. Втор најголем пазар останува Бугарија со извоз вреден 336 милиони евра (+23,4%), следуваат Косово со извоз од 302,7 милиони евра (+29,6%), Србија со извоз од 292 милиони евра (+30,9%) и Унгарија со извоз од 212 милиони евра (+23,8%).
Поумерен раст годинава
По падот на странската побарувачка од околу 5% во 2020 година, што е сличен пад како и во кризната 2009 година, се очекува закрепнување, со раст од 4,3% годинава, проценува Народната банка.
Нагорната ревизија е одраз на очекувањата за поголем економски раст кај речиси сите земји, наши позначајни трговски партнери, а најмногу Италија, Србија, Грција и Бугарија, а во најголема мера се должи на очекувањата за поголема економска активност во Германија (раст од 4,6% наместо 3,9% проектирано во април).
Во однос на извозот, по падот од 11% во екот на кризата во 2020 година и растот од речиси 20% лани, НБМ очекува на среден рок во просек да расте 6,8%, во услови на закрепнување и раст на странската побарувачка, постепено закрепнување на извозот на домашните компании со странски капитал и позитивен придонес од страна на традиционалниот извозен сектор, при поволна ценовна конјунктура на странските пазари. Растот на извозот и домашната побарувачка (коишто имаат голема увозна компонента) ќе доведат и до раст на увозот во просек од околу 9% во 2021 ‒ 2023 година, со што нето-извозот ќе има негативен придонес.

Според проекциите на Министерството за финансии, растот на глобалната економија во 2022 година се очекува да изнесува 4,9%, согласно октомвриските проекции на ММФ. За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 4,4% за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 4,6% во 2022 година.
„Во 2022 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 4,6%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка. Бруто -инвестициите се очекува да се зголемат за 8,5% на реална основа, и се очекува да бидат значаен фактор за растот во 2022 година, но и на среден рок, во услови на поинтензивен прилив на странски инвестиции и зголемени капитални расходи за подобрување на физичката инфраструктура, придружени со мерки и активности за нивна поголема реализација предвидени со Планот за забрзан економски раст“, очекува Министерството за финансии.
Според властите, зголемувањето на довербата на деловните субјекти се очекува да придонесе кон раст на приватните инвестиции како и државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање што е еден од клучните аспекти на Планот.
Прогнозите на Министерството за финансии за извозната активност на домашните компании се раст од 8,3% во 2022 година, како резултат на понатамошно стабилизирање на глобалните синџири на производство и растот на надворешната побарувачка во услови на зголемената економска активност кај најзначајните трговски партнери, пред сѐ, Германија.
„Позитивно влијание ќе има и зголемената искористеност на производните капацитети како и зголемувањето на извозниот потенцијал во земјата преку странските инвестиции. Зголемената домашна побарувачка и растот на извозната активност во 2022 година условуваат зголемен увоз на интермедијарни, инвестициски и потрошувачки добра, со што реалниот раст на увозот на стоки и услуги е проектиран на 7,7%“, прогнозира Министерството за финансии.
Економски раст на сите извозни пазари
Според прогнозите на меѓународните финансиски институции, се очекува германската економија да оствари солиден раст од 4,6%. Според последните проценки на ММФ, германскиот увоз годинава ќе порасне 6,9% споредено со лани, додека пак извозот ќе се зголеми за 5,9%. Овие индикатори влеваат надеж дека од пролет кога се очекува Германија и цела Европа да влезат во мирен период со стивнување на пандемијата, македонскиот извоз би можел годинава да надмине 3,5 милијарди евра.
Втор најголем извозен пазар на земјава од којшто зависи закрепнувањето годинава е бугарскиот, но неспоредливо, помал односно само десеттина од германскиот.
За годинава, ММФ проценува дека бугарската економија ќе порасне 4,4%. Увозот и извозот од Бугарија се проценува дека ќе се зголеми со иста стапка од 6,6% годишно.
Трет по големина пазар на кој што најмногу се извезува од Македонија е Косово. ММФ за годинава прогнозира економски раст од 4,5%. Увозот во Косово се очекува да порасне за 3,2%, а извозот 6,8%.
Следна на листата најголеми извозни пазари на земјава е Србија а прогнозите се дека српската економија ќе закрепне со стапка на раст од 4,5%, при што увозот се очекува да се зголеми за 7%, а извозот за 6,7%.
Првите пет најголеми извозни пазари на Македонија ги заокружува Унгарија за каде што според ММФ исто така има позитивни прогнози, со очекувана стапка на раст на бруто домашниот производ од 5,1%, раст на увозот за 6,5% и зголемување на извозот од 6,8%.
Останатите извозни пазари според големината се исто така неколку земји од Европската Унија, каде што всушност оди речиси 80% од целиот наш извоз.
Иако се проценува раст од 4,4% годинава во рамките на ЕУ, сепак постои голема неизвесност околу овие прогнози отсега гледано поради неколку ризици поврзани со пандемијата и растот на цените што потекна од енергетската криза.
Нови рекорди од индустриските зони
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски очекува рекордното ниво на извоз да се надмине во 2022 година врз основа на договорите што се потпишани во 2021 година или се во фаза на формално одобрување во Владата за отворање на нови капацитети во зоните во вредност од 188 милиони евра со планирани над 2.700 вработени.
Во наредните 7 години просечната нето плата на овие 2.700 вработени треба да достигне до 843 евра, а вкупните приходи во Буџетот во наредните 10 години од овие вработувања се очекува да достигне до 150,8 милиони евра и извоз од 3,2 милијарди евра.
„Заедно со овие 2.700 работни места во наредните 3 години очекуваме раст на вкупниот број на вработени од 19,3% и зголемување на нивото на извоз во следните 10 години од 106,7%. Тоа значи дека ќе го удвоиме нивото на извоз само од овие капацитети за кои имаме постигнато договори во 2021 година и од моментното ниво од 3 милијарди евра, во 2031 година очекуваме нивото на извоз без растот на постојните компании и новите инвестиции, значи само со тоа што е постигнато како договор во 2021 година да се искачи на некаде над 6 милијарди евра“, изјави Деспотовски неодамна.
Во фаза на преговори, како што кажа, се инвестиции од околу 300 милиони евра со кои треба да се отворат нови 1.500 работни места, за кои очекува да се реализираат во тековнава година.
Според анализата на ТИРЗ за 2021 година, бројот на вработени во ТИРЗ е нешто над 14.000 што е за 8,1% повеќе отколку во 2020 година. Се очекува да продолжи трендот на пораст на бројот на вработени во ТИРЗ и во тековната година, како и да се зголеми просечната плата од сегашните 480 евра на 843 евра во 2025 година.
Лани во целата година во позитива бил нето извозот кој бил најголем во ноември и се очекува трендот да продолжи и годинава.