Connect with us

интервју

Зоран Заев: НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ВЕТОТО ОД БУГАРИЈА ДА ГИ ЗАКОЧИ ВНАТРЕШНИТЕ РЕФОРМИ

Зоран Заев, премиер на Република Северна Македонија

објавено

на

Концептот на „Акција 21“ и планот за нејзино спроведување дојде како наш јасен став и определба дека нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се прифатени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива аспирација и остварување на целта за членство во ЕУ. Свесно ги прифативме евроинтеграциите како макотрпна патека со крајна цел европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме нема да запреме како што нема да дозволиме ветото од Бугарија да предизвика застој на внатрешните реформи.

Премиере, да почнеме со она што е светска тема бр. 1, здравствената криза. Сметате ли дека треба да има политичка одговорност за тоа што се уште нема ниедна вакцина во земјава додека во соседството веќе се врши процесот на имунизација?

Темата за вакцините, со право, го окупира целиот свет не само нас и јас целосно го разбирам чувството на граѓаните колку што е можно побргу да започне процесот на вакцинација и во нашата земја.

Ние уште од стартот кога започнаа да се наѕираат резултатите од производството и тестирањата на вакцините го ставивме во функција целиот капацитет на Владата за да ги пласираме издвоените средства од КОВИД програмата, како и средствата што доаѓаа од ЕУ или Светска Банка за набавка на вакцината.

Ние секако се приклонивме во очекувањата кон механизмите на Брисел за испорака на потребните количини од вакцината и преку КОВАКС системот. Но, треба да ги земеме предвид и објективните околности дека некои од производителите од западноевропските земји потфрлија прво во проценките кога ќе завршат целосните тестирања на вакцините, а потоа и во производство на количините кои на глобално ниво надминуваат неколку милијарди дози.

Потфрлањето на производителите е кон речиси сите земји, при што доделени се само 10 до 15 проценти од очекуваните количини во првиот или вториот турнус и тоа е причината зошто некои од европските земји кои ветија дека ќе споделат дел од вакцините со земјите од Западен Балкан не можеа да го направат тоа како што беше замислено.

Затоа ние веднаш преминавме кон интензивна комуникација со сите производители  и сите можни влади и контакти кои би можеле да ни помогнат. И затоа денес можам да кажам дека обезбедуваме вакцини на сите можни начини и од сите можни извори кои светот ги користи и кои несомнено покажуваат резултати и се докажано безбедни. Очекуваме во текот на февруари во земјава да пристигнат вакцини од повеќе производители достапни за граѓаните, а првите верувам ќе бидат вакцината на Фајзер и вакцината на Синофарм. 

Ние сме целосно подготвени за првите количини од аспект на нивното складирање во соодветни услови, од аспект на правно – процедурални постапки и се разбира од аспект на организациски план за вакцинирање. Затоа ја направивме и измената на Законот за лекови од причина што глобална политика на производителот на вакцини „Фајзер“ со кој имаме договор, бара да аплицира како меѓународно претставништво, а не преку фирма регистрирана во нашата држава.

Дополнителни позитивни промени најавува и одлуката на „Фајзер“ да се врати на првичниот распоред на испораки на вакцините во Европската Унија со обврска зголемените испораки да започнат на 15 февруари за да се исполни договорот за испорачување на договорените количини.

Она што треба да се истакне е дека пандемијата покажа дека земјите во развој и развиените земји се меѓусебно зависни. Во таа насока неопходно е мултилатерално координирање и работа за еднаков пристап и дистрибуција на вакцини, тестови и терапија. Ниту една економија не може целосно да закрепне се додека немаме глобален правичен пристап до вакцини, терапија и дијагностика. Економската активност нема да се врати во нормала се’ додека сите земји не ја стават под контрола пандемијата.

Објаснете ни повеќе за “Акција 21″… Дали државата има капацитет да ги спроведе сите тие реформи без ЕУ ако знаеме дека досега токму членството во Унијата ни се претставуваше како моторот и рефлекторот во процесот на внатрешни промени?

Концептот на „Акција 21“ и планот за нејзино спроведување дојде како наш јасен став и определба дека нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се прифатени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива аспирација и остварување на целта за членство во ЕУ.

Дополнително, со „Акција 21“ сакаме да нагласиме дека неодобрувањето на преговарачката рамка нема да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома. Сите приоритети издвоени во „Акција 21“ се секако дел од реформската агенда на Владата и со тоа само продолжуваме да ја водиме Северна Македонија напред во коалиција со развиените западни демократии, водејќи се од мотивот да им служиме на граѓаните на најдобар можен начин и да обезбедиме што е можно подобра иднина.

Ние немаме претензии да бидеме членка на ЕУ само заради членство. Патот кон членството, низ преговорите, низ поглавјата е, всушност, тоа што нам ни треба – европеизација дома. Некој ќе рече дека не ни треба ЕУ за да се европеизираме, ама не е така. Ни треба во голем дел и тоа најдобро се гледа низ примерот на источноевропските земји. И тие можеле да си речат не ни треба ЕУ за да се европеизираме, ама изодувањето на европскиот пат со чекирање на поглавјата од „акито“, со адаптирање на законодавството на ЕУ и европските пракси и со остварување не европските стандарди дома е усовршување на сопствениот систем, на сопствените перформанси.

Да не заборавиме, извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата во септември минатата година потврди дека земјата има капацитети и дека оствари степен на реформи и усогласувања со ЕУ законодавството за да добиеме чиста и безусловна препорака дека можеме да преговараме по поглавја и да влеземе во последната фаза од нашиот евроинтеграциски процес.

Неколкупати јасно порачавте дека идентитетот не е и никогаш нема да биде на маса во преговорите со Бугарија. Како го гледате процесот со Софија во моментов?

Разговорите со Бугарија нема да запрат и ние нема да се откажеме од намерата да дадеме конструктивен придонес и да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Очекувам да се постигне усогласување на ставовите поврзани со акцискиот план за забрзување и реализација на конкретни точки од Договорот за пријателство. Ние дадовме наши идеи, а бугарската страна возврати со нивни идеи и сега се работи на усогласување.

Акцискиот план е практичен и ги адресира реалните можности за соработка како транспортот, комуникациите, изградбата на инфраструктура, граничните премини, гасната мрежа, патиштата, железниците и сето тоа што подобро нé поврзува со Бугарија и носи подобар живот и за македонските и за бугарските граѓани. Потоа тука станува збор и за соработката во образованието, културата, спортот, дигитализацијата.

Веруваме дека целиот овој процес е во интерес на нашиот народ, во интерес е и на бугарскиот народ и убедени сме дека преку вакви реализации ќе создадеме не само поголемо пријателство, туку и убава атмосфера за отворените политички прашања.

Комисијата за историски и образовни прашања одржа подготвителен состанок за редовната седница која што треба да се одржи во февруари и од таа подготвителна седница имаме исчекор во позитивна насока на усогласување на дел од извештаите од претходните седници.

Посветени сме на барањето решение со соседна Бугарија кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет.

Свесно ги прифативме евроинтеграциите како макотрпна патека со крајна цел европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме нема да запреме како што нема да дозволиме ветото од Бугарија да предизвика застој на внатрешните реформи.

Многумина граѓани се загрижени околу најавите за реформи во образованието. Што за Вас значат тие реформи и што е нивната цел?

Реформите во основното образование се неопходни и требаше да се случат уште пред десетина години и со нив не се брза туку напротив веќе доцниме. Реформата е во најдобар интерес на децата и со неа овозможуваме секое дете преку образовниот процес да го постигне својот максимален потенцијал.

Реформата значи осовременување на нашето образование и внесување нов модел на настава којшто веќе постои во образовните системи на развиените земји во светот и во Европа, врз основа на кој треба да создадеме наш македонски национален модел на основно образование.

За прв пат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни. Сетете се кога последен пат јавноста разговарала и била вклучена со ваков интензитет по однос на сериозна образовна реформа. Никогаш, затоа што ваква реформа никогаш не била подготвена и никогаш немало вакво ниво на темелни консултации со сите заинтересирани. И тука нема да запреме со јавната расправа – ќе побараме од Собранието, таму, во македонскиот Парламент, домот на дебатата, да обезбедиме настан за јавна консултација на највисоко ниво, со вклученост на сите релевантни страни кои имаат што да кажат по однос на подобрување на концептот на реформата.

Со новата концепција создаваме школо што нé учи да учиме, со што ќе го напуштаме стариот пристап на учење “на памет” и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети.

Инклузивноста, родовата рамноправност, мултикултурализмот… се сегменти на концептот едно општество за сите. Образованието е стожер на тоа какво општество сакаме да имаме.

Презентацијата на нацрт – концептот јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Македонската историја задолжително ќе се изучува – секоја друга вест поврзана со ова прашање не е точна и има за цел да штети на македонските национални интереси.

Новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

Ги вложуваме сите напори за да креираме модерни образовни политики фокусирани на грижата за индивидуалните потреби на учениците за да му овозможиме на секое дете да го развие својот потенцијал.

Никој не е изоставен од овој широк консултативен процес во оваа фаза, бидејќи целта ни е да обезбедиме целосна транспарентност на носењето на концепцијата и вклученост на сите страни.

Ве загрижува ли силната политичка поларизација помеѓу граѓаните? Односите со опозицијата се константно тензични…

За жал,  голем дел од постапките што ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и надвор од него, се блокади, лажни вести и манипулации кои се опасни и штетни по државните и национални интереси, по интересите на граѓаните. Застануваат буквално против секој важен процес за државата, од напредокот во НАТО и ЕУ, преку борбата со коронавирусот, па еве деновиве гледаме дека се и против Пописот. Мицкоски се обидува да ги минира сите напори за развој на државата, но на другата страна се силната и отворена Влада заедно со македонските граѓани. Оваа, демократската страна веќе четврта година по ред ги победува ретроградните и опасни политики на Груевски и Мицкоски.

За сите прашања од интерес на граѓаните можеме да продискутираме, но тоа бара одговорно однесување, а не постојано повторување на мантрата „колку полошо за државата, толку подобро за ВМРО“.

Ако имаат алтернатива нека ја покажат на конструктивен и аргументиран начин наместо со ситно политиканство да ја отежнуваат состојбата. ДПМНЕ има и обврска и одговорност да не ги блокира заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја како што е членството во ЕУ, подинамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование, внатрешна кохезија, успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19.

Најавивте силна борба со лажните вести. Како планирате да го изведете тоа без да навлезете во цензура?

Оваа влада е демократска и никогаш нема да посегне кон цензура, против лажните вести се бориме со вистината и со нашите чекори досега не сме се ни доближиле до црвената линија чие преминување би значело посегнување кон цензура.

Лажните вести, односно дезинформациите ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес, на благосостојбата на граѓаните, и ја загрозуваат безбедноста на населението.

Владата на дневно ниво се справува со дезинформациите, преку својот воспоставен систем за кризни комуникации, со кој во многу брз рок одредена сомнителна вест се проверува и доколку истата е лажна, веднаш се дефинираат начин и канали на реакција со цел да се оневозможи натамошно ширење.

Во таа насока воведовме и активна транспарентност на институциите со цел точните информации постојано да бидат на дофат и увид на јавноста, со што се намалува просторот за маневар на дезинформаторите.

Наоѓањето модел за справување со овој штетен феномен и најголема опасност за демократиите е врвен предизвик со кој се соочуваат сите демократии низ целиот свет, бидејќи ризикот од овие мерки е властите намерно или ненамерно да посегнат кон цензура или кон контролирање на делови од јавниот етер.

Но, потенцирам: Ние сме тие кои заедно со стотици илјади граѓани го ослободивме општеството од стегите на режимот, и ние сигурно нема да бидеме тие кои ќе посегнат кон цензура, ние тоа ниту можеме, ниту сакаме, ниту знаеме, ниту имаме намера да го изведеме.

Наместо тоа, Владата застана одлучно да се спротивставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите. За жал, меѓу медиумите се појавуваат и такви кои се нарекуваат медиуми, а во суштина не се ништо друго освен алатки на дезинформаторите, односно квази -портали кои не можат да се најдат на ниту еден од регистрите на медиум кои постојат во државата и не се препознаени како професионални од ниту еден релевантен чинител од медиумскиот еснаф.

Владата поддржува саморегулација во медиумскиот еснаф. Тоа е најдобриот начин кој ги штити медиумите од надворешни влијанија, при регулирање на професионалните стандарди, а во исто време ја јакне новинарската фела.

Ние веќе имаме еден добар пример на саморегулација во Северна Македонија – тоа е регистарот на веб портали кои ги исполнуваат стандардите на професионално новинарство, изработен од ЗНМ и СЕММ.

Владата го препозна и поддржа овој процес како вреден уште кога беше во фаза на идеја, а денес и го користиме како ресурс за да препознаеме и одвоиме професионални од непрофесионални медиуми, односно да одвоиме веб портал што е медиум според стандарди од веб портал што е класичен извор на манипулации и дезинформации.

Најавивте и интензивирање на процесот на дигитализација. До каде е тој процес?

Во тој дел не почнуваме од нула. Напротив. Со порталот е – услуги поставивме единствен електронски систем на кој се поврзани сите државни институции за давање јавни услуги за граѓаните, преку едно централно место. Уште на стартот на порталот беа достапни 127 електронски услуги, кои во меѓувреме се дополнија со уште десеттина други како што се нострификација на дипломи, апликација за студентски и ученички стипендии, упис во училиште, упис во градинка, апликација за грант за реновирање на училишта и многу други.

Ова е уште еден чекор кон остварување на една од најважните реформски зафати, а тоа е реформата во јавната администрација, за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права.

Паралелно создаваме политики за развој и поддршка на македонскиот ИКТ сектор кој во последните години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите и стана најбрзо растечка индустрија во земјата. Генералниот приход на индустријата во 2016 година бил 752 милиони евра, додека во 2019 година бил 880 милиони евра. Тоа е раст од 17% за три години, а бројот на компании регистрирани во ИКТ секторот од 2016 година кога биле 1,296 пораснал на 1,957 во 2019 година, што е пораст за околу 700-тини компании за само 3 години.

Нашите заложби се насочени кон натамошно подобрување на условите за работа, кои треба да ја раздвижат ИКТ индустријата и да овозможат забрзана дигитализација на компаниите.

За таа цел еден од приоритетите во Владината програма е намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто во 2023 година. Тоа треба да биде доволен поттик за натамошен развој на оваа индустрија, која ја продуцира суштинската инфраструктура за дигитализацијата.

Премиере, амбициозно најавивте „квантен скок“ во економијата во периодот што следи… Кои ќе бидат главните носители на економскиот раст што допрва треба да го очекуваме?

Кризата со пандемијата ни укажа дека вложувањата во инфраструктурата, болниците, градинките, училиштата, патиштата и пред сѐ вложувањата во човечкиот капитал, е одлична економска стратегија. Едно без друго не може. Градењето патишта, железници, и друга „хардвер“ инфраструктура  се и тоа како потребни, но нема да го дадат посакуваниот ефект ако не инвестираме во човечкиот потенцијал. 

Затоа Буџетот за 2021 е значаен придонес кон Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст кој се состои од четири столба: економско заздравување од КОВИД-19, второ – забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, трето зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и четврто – развој на човечките ресурси и еднакви можности, преку кои ќе се обезбеди макроекономска стабилност и финансиска одржливост, заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст.  Сите овие сегменти се меѓусебно поврзани и би рекол условени.

Дополнително од голема важност е имплементација на проектите предвидени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија. Веќе направивме ревизија на единствената листа на проекти за да се утврди кои од нив соодветствуваат со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за Западен Балкан во рамките на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III. Средствата ќе бидат насочени за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција како и развој на човечки ресурси за да се обезбеди одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот. Досега се реализирани преку 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Верувам дека Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, ќе даде силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, поддршка на зелена и дигитална транзиција и поттикнување на регионална интеграција кон Европската Унија.

Ги искористуваме можностите за креирање на соодветен деловен амбиент  каде  неизвесноста ќе биде намалена,  а предвидливоста зголемена. Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување, владеење на правото, а ние како Влада се стремиме тоа и да го овозможиме. Самиот влез во НАТО носи забрзан раст на инвестициите, раст на економијата и намалување на невработеноста и веруваме дека со стабилизирање на состојбата од пандемијата ефектите ќе бидат видливи.

Капиталните инвестиции пред корона – кризата беа ставка што повеќе години по ред се реализираше далеку послабо од планираното, додека за 2020 година остварувањето на капиталните расходи е дури 82%. Како се постигна ова ниво на реализација и какви се плановите за 2021? Кои ќе бидат клучните капитални проекти во следниот период?

Бездруго сте забележале дека јас инсистирам на тоа дека инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економија. Затоа покрај актуелните мерки за ублажување на ефектите од кризата, големо внимание посветивме  на реализација на капиталните инвестиции. Кризата предизвикана од пандемијата на површина ги извади клучните области каде треба да се насочува капиталот, а тоа се областите кои имаат трајна вредност.  Јасно е дека спомениците не се трајни добра, како што се патиштата, училиштата, болниците, студентските домови, градинките, спортските објекти, функционални апарати за здравството, опрема… Продолжуваме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетика, гасификација, градинки, болници, училишта и животната средина, комунална инфраструктура како и во изградба на социјални станови. Јавните инвестиции со приоритет на капитални инфраструктурни проекти.

Во годината која измина капиталните расходи имаат 80% од планираната реализација на капитални инвестиции што е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6% од планираните капитални расходи.

Во Буџетот за годинава,  капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година.

Клучен капитален проект е Коридорот 8, главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското Море. Дополнително се градат и рехабилитираат магистрални и регионални патишта на територијата на целата држава.

Во периодот до 2025 година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,2 милијарди евра. И во следните години нашите заложби ќе бидат насочени кон максимална реализација на капиталните инвестиции со воспоставен и нов механизам за следење на нивната реализација.

Во последната предизборна кампања истакнавте дека за три години имате обезбедено директна и индиректна финансиска помош за земјоделците од 430 милиони евра и дека ќе продолжите понатаму со 200 милиони евра годишно поддршка. Какви се резултатите од оваа помош за земјоделството, во смисла на обем на производство и извоз на земјоделски производи? Покрај најавите за продажба на државно земјоделско земјиште, кои ќе бидат клучните точки на земјоделската политика што ќе ја води Северна Македонија?

Земјоделството и производството на храна се шанса за успех, а пандемијата со вирусот КОВИД-19 уште повеќе ја нагласи потребата населението да биде обезбедено со здрава,  квалитетна и разновидна храна од македонско производство.

Треба да ги прифатиме како добар тренд податоците на статистика за откупот и продажбата на земјоделски производи во третото тримесечје од 2020 изнесува во висина од скоро 5 милијарди денари, што е 15,7 отсто зголемување во однос на истиот период лани.

Владата продолжува со стимулирачки мерки како „Млад земјоделец“ со поддршка до 20 илјади евра , „Рурална жена“ со 3.000 евра како и за нов агробизнис со 10.000 евра. Од голема важност е и искористување на мерките од ИПАРД програмата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Ќе следат и повици за земјоделско земјиште, инвестиции, зелена нафта и за мерка од ИПАРД која ќе финансира инвестиции во рурални средини како сместувачки и угостителски капацитети, старечки домови, капацитети за обработка на дрво, пчеларство итн.

Годинава заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агросекторот и руралниот развој. Имаме ресурси. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и  Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничката цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата.

Она што ќе донесе дополнителен стимул во земјоделското производство е приватизацијата на државно земјоделското земјиште во функција на развојот. Приватизацијата ќе се одвива согласно одредени услови. Првиот услов е да не смее да се урбанизира, поточно се забранува да биде пренаменето за било која друга намена освен земјоделска.  Дополнително, ако новиот сопственик на земјоделското земјиште истото не го обработува или не го изнајми, ќе плати три пати поголем данок.

Земјоделството е голем потенцијал за државата и ако го ставиме во функција и земјоделското земјиште ќе се повлечат кредитни линии, ќе се инвестираат заштедени пари, што ќе значи и отворање на работни места, ќе се поттикне зголемување на извозот, на домашната продукција, а преку тоа ќе се зајакне конкурентноста на националното земјоделско производство.  

Согласно анализите, земјоделското земјиште по пазарни цени што е во државна сопственост вреди повеќе од 2 милијарди евра, а ние очекуваме 200 до 300 милиони евра или 10 до 12% од тоа што би се продало согласно интересот на граѓаните и на домашните компании.

Планот е до крајот на јуни 2021 година да ја завршиме дебатата за законските решенија, а со завршувањето на кризата најдобро е да  влеземе во прогрес на оваа иницијатива. Имаме и национални големи компании кои сакаат да инвестираат. Во оваа прилика сакам да напомнам дека нема да се дозволат злоупотреби за што државата има соодветни алатки за да си го заштити јавниот интерес.

До каде е процесот на гасификација на македонската економија и домаќинства? Кога се очекуваат првичните резултати од неодамна најавените амбициозни планови за вклучување на земјава во значајни регионални енергетски проекти, конкретно за редистрибуција на гас што треба да доаѓа од Грција?

Реализацијата на гасификацијата е една од најважните стратешки интереси на државата. Посветени сме на целосна имплементација на одредбите од Законот за енергетика со кој се обезбедува заштита на имотот и имотните права и интереси на земјата и се елиминираат пречките кои го попречуваат или оневозможуваат развојот на Северна Македонија во делот на изградбата на гасоводната мрежа.

Сите граѓани се сопственици на националниот гасовод, што е огромна придобивка за граѓаните и за националните можности на државата. Наместо да биде присутен само еден извор на гас, со што државата, со години, се држеше во монополска позиција, сега е отворена можноста да влезе и азербејџанскиот гас како и течен гас од Америка и од други земји. Го изразивме нашиот интерес за учество во сериозен, би рекол геостратешки и европски проект. Сегашните анализи велат дека можеме да инвестираме во гасните терминал и централа во Александрополис за да имаме сопствеништво на меѓународен гасен терминал и гасна централа со локација во Грција. Со оваа инвестиција конечно ќе букираме капацитети за сигурно и стабилно снабдување на земјата со гас, без ризици. Изградбата на Интерконекторот со Грција е проект вреден 54 милиони евра, од кои 14 милиони се грант од инвестициската рамка за Западен Балкан.

Нашите очекувања се дека сите овие проекти ќе постигнат 30 процентно намалување на цената на природниот гас во државата, што како евтин и еколошки енергенс ја отвора големата еколошка и енергетска можност за државата. Ова ја развива и можноста за изградбата на гасни централи за производство на електрична енергија, како и ревносно да ја следиме еколошката агенда на државата, согласно Европската зелена агенда, односно ефикасна транзиција од јаглен во еколошки енергенси за производство на електрична енергија.

Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи во регионот.

Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава. Идната година завршуваме со кракот до Битола, до Тетово и до Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.

Оваа година ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во повеќе македонски градови со што цевките за гас ќе почнат да стигаат кон домаќинствата.

Каков е стратешкиот план во врска со експлоатацијата на енергетски ефикасните извори на енергија во следните 4 години? Кои клучни инвестиции ги планира државата во овој сектор, а колкав дел од моќноста е планирано да се добие од приватни инвестиции?

Го зголемуваме интересот за инвестиции во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Тоа првенствено значи постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошки извори на енергија како вода, сонце и ветер за намалување на употребата на јагленот како извор на енергија. 

Во услови на здравствено – економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.

Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. Термоцентралата ТЕЦ „Неготино“ ќе се трансформира во гасна централа преку јавно – приватно партнерство или ќе се продаде. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови 100 мегавати зелена енергија.

Обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола. Во 2020 година успешно беа спроведени првите транспарентни постапки за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.

Годинава ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра. Дополнително започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Кога може да се очекува почнување на реализација на веќе историскиот проект ХЕЦ Чебрен? 

Заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик за пројавување интерес пристигнаа повеќе понуди од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех.

Туристичкиот бизнис е меѓу најпогодените од пандемијата, а голем број туристички агенции, хотели и останати компании од овој сектор се затворени или пред затворање. Дали сметате дека државата даде доволно поддршка на овие бизниси и што планирате како мерки за заздравување и враќање на овој сектор на солидната динамика на раст од пред корона – кризата?

Туристичко угостителскиот сектор е еден од најпогодените во моменталните услови на пандемија, пред сѐ како резултат на рестриктивните мерки кои го затворија светот, патувањата се сведени на минимум, а дополнително и самата посета во угостителските објекти е редуцирана. По големото затворање изминатата пролет, Владата речиси за сите дејности каде условите дозволуваа во консултација со Комисијата за заразни болести и релевантните чинители од секторот,  изготви и посебни протоколи за работа.  Покрај мерките за финансиска поддршка за исплата на плата на вработените, предвидовме и директна поддршка на секторот туризам и угостителство, а на располагање се и кредитите од Развојната банка. Заврши рокот за аплицирање на петте јавни повици кои ги објави Министерството за економија, а се однесуваат за мерките за поврат на платена туристичка такса за 2019 година, како и директни грантови за туристички агенции, туристички водичи, игротеки и ноќни клубови. Во Министерството за економија согласно крајниот рок пристигнаа над 1.000 апликации и сите кои што аплицирале ќе добијат финансиска помош.

Со претставниците од туристичко – угостителскиот сектор веќе се работи на креирање на програмите и мерките за поддршка за оваа година, за што веќе се предвидени буџетски средства.

Очекуваме следната година по стивнувањето на пандемијата секторот туризам и угостителство полека да се врати на стапките на раст кои што ги имавме во 2019 година. Во континуиран дијалог со овој сектор се креираат мерки кои ќе имаат најдобар резултат.

Сепак, ако  внимателно ги читаме податоците ќе видиме и позитивни трендови. Кампањата „Дома си е дома“ даде резултати. Податоците за Маврово – Ростуше, односно за Националниот парк Маврово, и покрај затворањето во април, мај и дел од Јуни кога не работеа сместувачките капацитети, ќе видиме дека 2020 година во првите десет месеци се остварени 22.453 ноќевања и 11.098 туристи, а за истиот период 2019 година 20.563 ноќевања и 10.394 туристи во сместувачките капацитети. Ова е раст од 6% и 8%  домашни туристи во споредба со 2019 година и показател дека дневните туристи кои ги посетуваат националниот парк се покачија за поголем процент.

Во Берово во однос на домашните туристи за истиот период имаме покачување  од 29% додека се остварени 37% повеќе ноќевања во однос на истиот период 2019 година.

Ова укажува дека еко – туризмот и руралниот туризам се повеќе треба да се развиваат.

Отворањето на новата линија Киев – Скопје овозможи поголем број на Украински туристи во нашите зимски центри кои се полни до крајот на месецот благодарение и на зелените коридори кои Северна Македонија ги воспостави со соседните Србија и Албанија.

Поддршката треба да продолжи и понатаму со насочени мерки во туризмот за зачувување на сите работни места во туристичката индустрија која се очекува во 2021 година да биде во многу подобра кондиција со справувањето на пандемијата со вакцините и со овозможувањето на патувањата.

Опозицијата ги минира сите напори за развој на државата

Мицкоски се обидува да ги минира сите напори за развој на државата, но на другата страна се силната и отворена Влада заедно со македонските граѓани. Оваа, демократската страна веќе четврта година по ред ги победува ретроградните и опасни политики на Груевски и Мицкоски. За сите прашања од интерес на граѓаните можеме да продискутираме, но тоа бара одговорно однесување, а не постојано повторување на мантрата „колку полошо за државата, толку подобро за ВМРО“. Ако имаат алтернатива нека ја покажат на конструктивен и аргументиран начин наместо со ситно политиканство да ја отежнуваат состојбата.

Ставањето на нерегистрираните пари во оптек ќе го правиме во целосна координација со ЕУ

До каде е иницијативата за легализација на „црните“ пари и колку кеш прогнозира Владата дека ќе се слеат на легални сметки во земјава по тој основ? Како планирате да се изведе проверката на тоа кои пари се нелегално стекнати и да се избегне едноставно перење на пари во државава?

Особено внимание ќе биде посветено во овој дел на комплетно спречување на ризици за манипулации и изигрувања на системот, а од друга страна овие ресурси да се стават во функција на развој.

Подготвени сме да креираме политики, да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој „мртов капитал“ во финансиски промет, поточно да инвестираат.

Средствата што ќе се легализираат ќе се оданочат за да се полни граѓанскиот буџет и да се реализираат проекти за граѓаните.

Потеклото на парите ќе се проверува и оваа можност нема да важи за оние за кои се водат судски постапки, има обвиненија за нелегален бизнис, криумчарења и слично. Сето ова постои во европските земји.

Оваа мерка ќе се реализира во целосна координација со делегацијата на ЕУ со цел да се искористи и овој ресурс за развој.  

Граѓаните кои располагаат со готовина која не влезена во системот, ќе може да ги стават парите на сметки со плаќање на 10% данок или таквите пари да ги инвестираат во државна обврзница.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

македонија8 часа ago

Анѓушев: Нема никаква основа за ограничување на мојот влез во САД, одлуката ќе ја обжалам

македонија11 часа ago

Кочо Анѓушев се најде на „црната листа“ на САД

македонија2 дена ago

Една година стратешко партнерство на Алкалоид и СОС Детско село

банки4 дена ago

Комерцијална банка прогласена за „Банка на годината во 2023“ од магазинот The Banker

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

економија5 дена ago

Анѓушев: Потребно е обединување на бизнисите, силни партнерства и градење кадри!

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Кристина Камчева – Стојческа: Женското лидерство во подем – тие умеат како да создадат тим од доверба

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Јелена Спасова: Се бориме занаетчиите да го добијат заслужениот статус во македонската економија

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

интервју5 дена ago

Родовата еднаквост, инклузивностa и еднаквите можности се темели на нашата корпоративна култура

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

економија5 дена ago

Повеќе жени во тимот, повеќе профит

македонија1 недела ago

Реализирани повеќе заеднички хуманитарни активности на „Алкалоид“ и на Црвен крст на Град Скопје