свет
Зошто снема гориво во Британија?

Причината за оваа криза со бензините не е недостигот на гориво во земјата и сл., туку едноставно, нема доволно возачи на камиони/цистерни што би го дистрибуирале горивото до бензинските станици.
Деновиве светот го обиколуваат сликите од британските бензински станици, каде што луѓето чекаат во редици, панично обидувајќи се да купат гориво, како да утре ќе биде крај на светот.
Причината за оваа криза со бензините не е недостигот на гориво во земјата и сл., туку едноставно, нема доволно возачи на камиони/цистерни што би го дистрибуирале горивото до бензинските станици.
Според BBC, се проценува дека на В. Британија во моментов ѝ фалат околу 100 илјади возачи на камиони, а дистрибуцијата на горива е меѓу најновите индустриски гранки што е погодена од овој проблем. Недостигот на квалификувани возачи веќе направи проблеми во повеќе бизнис сектори – од супермаркети до синџири за брза храна.
Повеќе причини има за недостигот на возачи, и повеќе богати земји од западна Европа се соочуваат со овој проблем, но Британија е особено погодена. Зошто? После Брегзит, многу возачи од ЕУ членките, како Бугарија, Полска, Романија, итн., коишто работеа на островот, се вратија во своите земји, или се преселија на друго место, затоа што работењето во Британија значеше и дополнителни бирократски процедури што ги намалува нивните приходи. Поради пандемијата, уште повеќе возачи се вратија дома, а многу малку од нив повторно дојдоа во Обединетото Кралство.
Во меѓувреме, некои од постарите возачи заминаа во пензија, а не беа заменети со нови, затоа што има голем застој во возачките тестови за камиони, поради Ковид кризата.
Британските власти се обидуваат да ја смират ситуацијата, со тоа што и армијата е ангажирана да помогне, со тоа што ќе позајми преку 150 свои возачи, на коишто ќе им треба кратка обука за да може да ги возат цистерните со гориво, како и дополнителни 150 луѓе да им помагаат.
Владата реши и да понуди по итна постапка 5.000 работни визи за странски возачи на камиони, за да се избегне тотален крах на логистичкиот синџир непосредно пред шопинг треската што ќе почне за божикните празници. Меѓутоа, од Британската стопанска комора ова го искритикуваа како недоволно.
Исто така, и процесот за добивање возачка дозвола за камион ќе биде забрзан, а испратени се речиси еден милион писма до возачи коишто не ја работат веќе оваа дејност, со покана да се вратат во браншата.
Како почна хаосот со горивата? Минатата недела, нафтената компанија British Petrol предупреди дека ќе мора привремено да затвори дел од своите бензински станици, затоа што нема доволно возачи што ќе го дистрибуираат горивото.
Веднаш по оваа објава, почнаа да се создаваат редици од купувачи пред бензинските станици низ цела Британија, од страв дека ќе снема бензин.
Во неделата, Асоцијацијата на бензински станици, којашто претставува околу 5.500 од вкупно 8.000 вакви станици во Британија, соопшти дека околу две третини од нејзините постројки веќе имаат недостиг на гориво, а остатокот многу наскоро ќе пресушат.
Урбаните делови на Британија беа најмногу погодени, додека само Северна Ирска остана нечепната од оваа криза.
Истовремено, поради глобалните случувања на пазарот за горива, цените на бензините се највисоки во последниве осум години, како во Британија, така и во цела Европа. Цената на гасот, пак, денеска на холандската берза за енергенси достигна за првпат во историјата 1.000 долари за 1.000 метри кубни, што значи дека цената на гасот во Европа е за преку 1.000% повисока од рекордно ниските нивоа во мај месец 2020 година, што се должеа на корона – кризата и затворањето на економиите.