Connect with us

интервју

Иван Штериев: Новиот стратешки инвеститор и влезот во ЦДХВ за дополнителни развојни можности

Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза

објавено

на

Со влегувањето на Загрепска берза во сопственичката структура на Македонска берза, добивме оптимален сопственички микс: најголем поединечен акционер којшто е од бизнисот и којшто успешно го управува пазарот во Хрватска што е доста поразвиен, но истовремено со многу сличности со нашиот. Стратешкиот инвеститор има искуство и know-how да го насочи нашиот развој; плус ги имаме големите домашни банки како најголеми акционери и членки на Берзата. Очекуваме овој сопственички микс да придонесе за отворање нови реални развојни можности.

Г-дин Штериев, да почнеме од она со коешто сте најмногу преокупирани во моментов во институцијата, претстојната Годишна берзанска конференција. За жал, ја организирате во многу тешки моменти за економијата и државата, па кои се темите што ќе се дискутираат овој пат?

Најпрвин да кажам дека сме среќни што после две години, поради добро познатите причини околу пандемијата, повторно ја организираме нашата традиционална годишна конференција во живо, во Охрид, на 23 септември. Свесни за тековните економски и геополитички моменти, се потрудивме темите на овогодишната конференција да бидат максимално актуелни. Покрај воведните обраќања на највисоко ниво, ќе имаме два централни панела и повеќе презентации. Едниот панел е посветен на енергетиката, го насловивме „Ќе има ли долга и студена зима?“, на којшто ќе зборува странски инвестициски аналитичар специјализиран за енергетскиот сектор, наш гостин ќе биде директорот на словенечката берза за струја, како и реномирани македонски говорници за оваа тема.

Вториот панел е фокусиран на банките и насловен „Банките во новата реалност“. На Македонската берза има доста котирани банки, најмногу во споредба со другите пазари во регионот, и тие ни се еден од главните инструменти што се тргуваат на пазарот, а сите најнови случувања – инфлација, промени на каматни стапки итн. – секако, кај банките имаат повеќекратно влијание. Ќе имаме прилика од претставници на четирите најголеми македонски банки да слушнеме што се случува во секторот и кои се нивните размислувања и предвидувања. Генерален спонзор на конференцијата е PricewaterhouseCoopers и имаме нивен висок претставник кој ќе зборува за моменталниот геополитички контекст и како тоа се одразува на светската економија.

Со оглед на тоа што изминатиов период додека немаше конференции, Берзата реализираше неколку битни стратешки проекти, како што е новиот Кодекс за корпоративно управување и Водичот за ESG известување на котираните компании, на настанот обезбедивме учество на креаторите на овие стратешки документи, водечки консултанти од В. Британија и од Холандија. Тие ќе зборуваат за овие теми генерално и ќе објаснат подетално за нашите проекти. Значи, да сумирам во една реченица – геополитика, банки, енергетика и нашите нови проекти – тоа ќе биде фокусот на овогодишната берзанска конференција.

Во однос на позицијата и идниот развој на Македонска берза: Загрепска берза влезе во сопственичката структура на Македонска берза, зошто се случи тоа и што ќе значи за идниот раст и развој на институцијата?

Подолго време Македонска берза како компанија, односно главните акционери и раководството, има визија дека треба да се интегрираме со некоја поголема берза или берзанска алијанса. За тоа еден обид постоеше ако се сеќавате некаде во 2008 година, но се случи големата светска финансиска криза. Потоа имавме низа тешки години, но и сосема добри резултати последниов период, и еве сега повторно се актуелизираше ова прашање. Почнувајќи од 2019 година постепено се ефектуираше интересот на Загрепска берза за сопственички влез кај нас и тие во моментов се стратешки инвеститор во Македонска берза со 30% учество.

Стратешката определба на Берзата за сопственичко интегрирање со поголема берза произлегува од едноставна причина што не може да имаме подинамичен развој како пазар на капитал во локално окружување полно со низа објективни развојни ограничувања. Имаме мала понуда на пазарот: котираните компании со години се исти, пазарната капитализација на Берзата е околу 26% од БДП, за разлика од развиените пазари каде што кај некои земји е и преку 100%, во ЕУ е околу 70%, итн.

Значи, дополнителниот развој на берзанската динамика треба да произлезе или од нови инструменти или со овие што ги имаме треба да се зголеми тргувањето. Патем речено, заблуда е дека кај другите мали и средни берзи има многу повеќе хартии од кај нас. Ситуацијата и на Запад и во регионот е слична со нашата – концентрацијата на топ 10 акциите е 80 – 90% од прометот. Нашиот предизвик е како од овие главни 3-4 блу чипа да дојдеме барем до двоцифрена бројка. Сето ова укажува дека треба да се најде канал за врзување со некоја поголема странска берза и да се изгради интеграциски модел што ќе ни ја подобри пазарната понуда и ќе ни донесе нови инвеститори.

Имајќи ја Загрепска берза како стратешки инвеститор, покрај замаецот за развивање на локалниот пазар на страната на понудата, би требало да ни ја зголеми веројатноста за подобрување и на страната на побарувачката, особено за привлекување на странски инвеститори кои со години ни недостасуваат. Дополнително, со сопственичкото влегување во ЦДХВ и неговите управувачки структури, ни се овозможи полесно насочување на стратешките одлуки на оваа институција, во функција на обостран развој на среден и долг рок.

Со оглед на тоа што Загрепска берза како пазар е поразвиен од нас, нивното искуство, нивното know-how  може да го презентираме, да го „продадеме“ во позитивна смисла на нашите успешни домашни претприемачи, па некои од нив конечно да одлучат да издадат нови акции или други хартии. Мора да направиме некој позначаен исчекор на овој план – инаку нема да имаме нов развој – со години имаме многу малку котирани компании што вистински и континуирано се тргуваат, нема ИПО-а , некои друштва се тргаат од берзата од различни причини… Воедно, имајќи ја Загрепска берза како стратешки инвеститор, покрај замаецот за развивање на локалниот пазар на страната на понудата, би требало да ни ја зголеми веројатноста за подобрување и на страната на побарувачката, особено за привлекување на странски инвеститори кои со години ни недостасуваат. Секако, ние како компанија може да делуваме и во спротивна насока, односно да се инволвираме и во тргувањето на нашите инвеститори во странство и да имаме некоја корист од тоа во смисла на зголемени приходи.  

Сега имаме оптимален сопственички микс: најголем поединечен акционер којшто е од бизнисот и којшто успешно го управува пазарот во Хрватска што е доста поразвиен, но истовремено со многу сличности со нашиот. Стратешкиот инвеститор ќе знае да го насочи нашиот развој; плус ги имаме големите домашни банки како најголеми акционери и членки на Берзата. Очекуваме овој сопственички микс да придонесе за отворање на нови реални развојни можности.

Како овие настани влијаат врз развојот на соработката помеѓу берзите во регионов?

Од она што го гледам во регионот, може да кажам дека се дефинира извесна “берзанска геополитика“, односно се создаваат неколку „алијанси“ или „полови на влијание“. Еве, ние сме сега со најголем поединечен акционер Загрепска берза, којашто е и 100% сопственик на Љубљанската берза од пред неколку години. Потоа, Истанбулска берза од времето кога настапуваше поагресивно во регионов стекна значајни удели во берзите во Подгорица и во Сараево, што може да го сметаме за некаков втор пол на концентрација на влијание. Трето, Атинска берза влезе лани со 10% удел во Белградска берза и ја сподели својата софтверска платформа со нашите колеги во Србија. Исто така, во берзата во Бања Лука има некои кинески инвестициски фондови во сопственоста.

Со сопственичкиот влез на Загрепска берза во Македонска берза, ние сме задоволни што успеавме на овој начин регионално да се позиционираме, односно со стратешки партнери од земји членки на ЕУ кои имаат поразвиени пазари на капитал од нас, но не се премногу поголеми и се со слични економски прилики, култура, јазици, што значи можност за полесно разбирање на нашите проблеми и предизвици и воедно, нивно решавање и подобрување на состојбите. Затоа што се покажало досега дека е голема веројатноста за неуспех кога берзанската интеграција се случува помеѓу пазари коишто се неспоредливо различни по големина и по приоритети. Добар пример за ова во историјата на берзанските интеграции е своевременото купување на берзата во Лисабон од страна на Euronext (тогаш алијанса на берзите од Париз, Брисел и Амстердам, подоцна интегрирана со Њујорк), при што се покажало дека стратешкиот партнер е едноставно преголем како пазар за да може да се посвети на развојот и да ги сфати особеностите на берзата во Португалија што влегла во неговото портфолио.

Од друга страна, вие влеговте со удел во ЦДХВ, па какви се плановите тука, зошто Берзата го стори тоа, кои се намерите?

Идејата за влегување со сопственички удел во Централниот депозитар не е нова, затоа што ние сме на некој начин сестрински институции, а во формирањето на нашиот депозитар голема улога имаше токму Берзата. Сопственост на берзите во депозитари е доста вообичаена појава на многу пазари, вклучително и развиените. Сметавме дека со цел рационализација на трошоците во услови на циклични пазарни движења и приходи, не би било економично ние да инвестираме во ИТ опрема и софтвер, а и ЦДХВ да го прави истото. Истото важи и за други вложувања и трошоци што со години претходно ги правевме поединечно. Остварувањето на ваков тип синергии е една од главните причини за нашето инвестирање во ЦДХВ.

Освен тоа, се оцени дека од аспект на можноста за инвестирање на слободните средства што ние ги имаме како компанија, во услови на прилична ограниченост што законот ја наметнува во овој домен, добра прилика е истите да ги пласираме во компанија чијашто работа многу добро ја разбираме и можеме да ја унапредиме. Дополнително, со оваа наша аквизиција ја зголемивме вредноста на Берзата како компанија, што опипливо се виде и од повисоките цени на последните пакети акции што Загрепска берза ги купи неодамна. Воедно, што е можеби и најбитно, со сопственичкото влегување во ЦДХВ и неговите управувачки структури, ни се овозможи полесно насочување на стратешките одлуки на оваа институција, во функција на обостран развој на среден и долг рок.

Гледаме дека  на големите светски пазари на капитал ситуацијата не е добра…напнатоста е голема, никако да се земе здив и да се случи подолг нагорен тренд. Што очекувате да се случува допрва, со оглед на тоа што на проблемите -инфлација, геополитика, војни, елементарни непогоди – како да им нема крај?

Оваа 2022 година според многумина аналитичари ќе биде историска од аспект на движењата во глобалната економија, а следствено на тоа и на пазарите на капитал. Се менуваат парадигмите за тоа што е нормала и во водењето на макроекономските политики и за финансиските вложувања. Ги имаме економските предизвици и проблеми што произлегоа и/или ескалираа претходните две пандемиски години, како што се деглобализацијата и нарушувањата во синџирите за снабдување. Тоа предизвика пораст на цените во комбинација со енергетската криза што започна уште лани, а се засили поради војната во Украина годинава. Сето ова доведе до ситуација, најголемите и највлијателни централни банки да „пресечат“ и да решат одлучно да се борат против инфлацијата, за која до пред некое време тврдеа дека е транзиторна. Стравот од инфлација, нормално, надвладеа. Почнаа да се зголемуваат каматните стапки, по цена на економскиот раст и можна рецесија. Не треба да се заборави дека долгогодишниот раст на акциите на светските берзи, особено на американскиот пазар, беше предизвикано од повеќедецениската политика на постојано вбризгување евтини пари во економијата од коишто добар дел завршија во финансиските инструменти. Инвеститорите сега се нервозни и загрижени, а префрлањето во побезбедни инструменти не е лесно како порано. Сентиментот на инвеститорите се промени за неколку месеци оваа година – се сфати дека времето на левтерни монетарни политики неповратно заврши (т.н. Fed put). Пазарите, по се судејќи, ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност и високи нивоа на инфлација. Вредноста на најпознатите и најрепрезентативни американски и европски акциски индекси најдобро го илустрира ова, со пад од 15, 20 и повеќе проценти од почетокот на годинава.

Оттука, за очекување е дека ќе гледаме промена на инвеститорската парадигма во светски рамки, односно релативно намалување на т.н. пасивно инвестирање – масовно вложување во инструменти базирани на индекси и сл. – и повторно враќање на тоа што се нарекува stock picking, или избирање поединечни акции на компании во коишто се верува, а тоа ќе бидат претежно индустрии од секторите логистика, суровини, класична енергетика и обновливи извори, инфраструктура, одбрана, банки… Очигледно е дека некои други сектори коишто беа хит повеќе години наназад во новонастанатите услови нема да бидат толку атрактивни.

Како го оценувате движењето на домашниот пазар на капитал годинава, во една повторно исклучително тешка година,  на светско ниво? Каква е состојбата во овие месеци досега во смисла на промет, движење на индексот и сл.? Што може да очекуваме до крајот на годинава?

Оваа година нашиот главен акциски индекс МБИ10 е во минус речиси 7%. Ако го гледаме регионот, Словенија е минус 10%, Хрватска и Бугарија се со помал пад, од околу 4%, а Србија е плус 3,3%. Значи кај нас ценовната перформанса е во корелација со развиените пазари. Инаку, заклучно со крај на август имаме околу 88 милиони евра вкупен промет, од кои на тргување со акции отпаѓа 51 милион евра. Ако ги екстраполираме овие промети на годишно ниво, доаѓаме до бројки коишто ќе бидат послаби од последните неколку години. Сепак, треба да се има предвид дека последниве две пандемиски години ни беа најдобрите последнава деценија. Оттука, личи дека што се однесува до нивото на овогодишниот промет ќе се позиционираме пониско од последните добри години, односно во некоја „златна средина“ за наши прилики, гледано според остварените промети последните десет години. Заклучно со август, во споредба со лани вкупниот промет е намален за 40%, но ако го анализираме само прометот со акции во БЕСТ системот, намалувањето е сепак прифатливи 12%, со оглед на се’ што ни донесе оваа 2022 година. Најголемиот пад е забележан кај блок трансакциите, но тоа е нормално кога има толку неизвесности и тензии, поради што поголемите сопственички поместувања во компаниите не се толку присутни.

За очекување е дека ќе гледаме промена на инвеститорската парадигма во светски рамки, односно релативно намалување на т.н. пасивно инвестирање – масовно вложување во инструменти базирани на индекси и сл. – и повторно враќање на тоа што се нарекува stock picking, или избирање поединечни акции на компании во коишто се верува, а тоа ќе бидат претежно индустрии од секторите логистика, суровини, класична енергетика и обновливи извори, инфраструктура, одбрана, банки… Очигледно е дека некои други сектори коишто беа хит повеќе години наназад во новонастанатите услови нема да бидат толку атрактивни.

Во рамки на даночните промени, најавено е враќање на оданочувањето на капиталните добивки.  Како според вас ова ќе влијае врз интересот за вложување во акции, обврзници и сл.?

Ние како Македонска берза имаме јасен став дека капиталните добивки од тргувањето со акции не треба да се оданочуваат.  
Прво, тајмингот овој вид оданочување да започне е апсолутно неповолен. Како што веќе објаснивме, оваа година се влошени состојбите на пазарот и со евентуално оданочување на капиталните добивки можеме само уште повеќе да ги одвратиме домашните инвеститори од вложување на Берзата. Физичките лица креираат повеќе од 60% од овогодишниот куповен промет и овој данок ќе биде значаен удар за и онака кревкиот и плиток пазар.

Второ, законските решенија што се моментално на сила и кои никогаш не се тестирани во пракса, имаат простор за доработка и за подобрување. На пример, според актуелната легислатива, за секое купи-продај на Берзата, односно после трансакција со којашто остварувате капитална добивка, вие треба веднаш да пријавите и да платите аконтативен данок. Тоа значи, доколку сте поактивен трејдер на Берзата, вие, настрана данокот којшто ви го намалува приносот, ќе имате и голем товар со административно – бирократски работи. Дополнително, во вака замислената даночна постапка има оптоварувања и одговорност за брокерите кои не се соодветно екипирани за ова. Ако веќе воведуваме вакво оданочување, мора да најдеме поелегантни, поедноставни и централизирани решенија за даночната постапка.
Трето, што важи кога и да се воведе оданочување на капиталните добивки, треба да се направи адекватна дистинкција помеѓу краткорочно, или т.н. шпекулативно тргување и долгорочно инвестирање. Според сегашното решение капиталната добивка не се оданочува единствено ако ги држите хартиите од вредност дури 10 години. Во многу јурисдикции овој период е многу пократок, на пример,12 или 24 месеци, а долгорочните капитални добивки имаат преференцијален даночен третман.
И на крај, според нашите пресметки што базираат на податоците од последните неколку години, евентуалната фискална корист од ова оданочување би била релативно мала и не толку значајна за државниот буџет, а би предизвикала штета за домашниот пазар, токму кога истиот според повеќе параметри стана водечки во регионот т.н. Западен Балкан.
Берзата и Групацијата за работа со хартии од вредност при МБА веќе реагираа и комунициравме со Министерството за финансии и се надеваме дека нашите аргументи за продолжување на неоданочувањето на капиталните добивки ќе биде земено предвид при конечното „пеглање“ на регулативата.

Што очекувате од новата регулатива што се подготвува за финансискиот пазар? Кој дел од неа ја засега Македонската берза?

Базично се работи за два нови закони што се подготвуваат доста долго. Едниот е Закон за финансиски инструменти и пазари, а другиот е Закон за проспекти и транспарентност на издавачите. Се очекува да се донесат скоро. Тие би требало да го подобрат имиџот на нашиот пазар на капитал во очите на странските инвеститори, затоа што регулативата во областа на хартии од вредност ќе биде максимално усогласена со ЕУ законодавството. Но, од друга страна, бидејќи објективно знаеме дека нема брзо да станеме членка на ЕУ, како Берза апелираме дека во рамките на таа хармонизација имаме маневарски простор што сметаме дека треба да се искористи во две насоки. Прво, да не се препишат апсолутно сите решенија од европските директиви коишто генерално се обмислени за големите европски пазари. Оваа нормативна реформа и на малите пазари во земјите членки на ЕУ, како Бугарија, Хрватска или Словенија, во минатото направила потреси, па дури се затворале брокерски куќи и сл. Вториот апел ни е, кога веќе авансно се хармонизираме со ЕУ регулативата, некои решенија што можеби ни личат како авангардни да ги воведеме веднаш, ако процениме дека се во функција на развој. На пример, како Берза, ние се залагаме решението за т.н. далечинско членство да се воведе веднаш. Тоа значи ние како Берза да може да имаме членки, брокерски куќи од други држави, без тие да имаат седиште во Македонија. Тоа ЕУ регулативата го дозволува, а искуствата на многу помали европски берзи од ова е многу позитивно.

Пазарот на акции си остана со хроничните болки: концентрација на прометот во неколку акции, неразвиен примарен пазар, отсуство на странски инвеститори… Што се случува со Стратегијата за развој на финансиските пазари, усвоена во февруари годинава? Ќе донесе ли нејзината примена зголемена динамика на Берзата?

Стратегијата за развој е сеопфатен документ и беше иницирана во неколку наврати од Македонска берза изминатава деценија. Пред извесно време ваков документ се подготви под покровителство на Министерството за финансии, а со лидерство на Комисијата за хартии од вредност. Сега, како и за секоја стратегија, клучно е носителите на политики да имаат волја да се имплементираат предложените мерки и активности, односно во конкретниот случај да се има навистина верба дека е добро да се работи на развој на пазарот на капитал, не заради берзата или брокерите, туку заради целата економија. Стратегијата се направи и таа е многу квалитетен документ. Од друга страна, очигледно немавме среќа оваа стратегија да се промовира во тајминг кога државните институции ќе можат целосно да се посветат на нејзината имплементација, затоа што се случија многу проблеми во меѓувреме: пандемија, војна во Украина, инфлација…
Во Стратегијата има доста решенија кои ги поздравуваме, за фискални стимулации; за потенцијално котирање на јавните претпријатија; за издавање зелени обврзници; за олеснување на ИПО-а, за поголема активност на пензиските фондови на пазарот итн. Останува да се види каков приоритет ќе добијат овие работи и колку брзо овие добри решенија ќе се спроведат во пракса.

економија2 дена ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија2 дена ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании2 дена ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет2 дена ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион2 дена ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија2 дена ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија2 дена ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки6 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет5 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

македонија2 дена ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал